!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Платите во АРМ ќе се зголемат за 10 отсто од јануари 2018 година


Штип, 10 октомври, 2017 - 16:43 (META) 

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која заедно со министерот за финасии, Драган Тевдовски, ја посети касарната во Штип, информираше дека сите припадници на Армијата на Република Македонија од јануари 2018 година ќе добијат зголемување на платите за 10 проценти.

Таа посочи дека изминатите години не се инвестирало доволно во условите за работа во Армијата и дека со право припадниците на Армијата критикувале дека биле заборавени и занемарени.

„Членството во НАТО значи вистинска стратегија, добри политики и нова опрема, но значи и мотивиран кадар. Ова е еден од начините како Македонија ќе покаже дека е многу сериозна во своите напори“, рече Шекеринска.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, посочи дека членството во НАТО е важно и за економијата, бидејќи значи безбедност, а со тоа и повеќе инвестиции.

– Во сите земји во регионот веќе е јасно дека влезот во НАТО значеше раздвижување на економијата и повеќе можности, што е особено важно за Македонија. Исто така, порастот на платите во АРМ е дел од нашата борба за зголемување на општото ниво на плати – рече Тевдовски.


Дождот го изгасна големиот пожар во Хрватска кај Омиш, предизвикувачот е приведен


Омиш, 8 септември, 2017 - 13:50 (META) 

Дождот кој заврна утринава, помогна да биде речиси изгаснат големиот пожар кај градот Омиш во Хрватска, кој бил подметнат, јавуваат хрватските медиуми. Екипите од пожарникари, војници и локално население уште се борат со поединечни жаришта, односно внимаваат да не почне ново разгорување.

Припадници на хрватската армија беа испратени како помош на пожарникарите во гаснење на големиот пожар во близина на Омиш, а вклучени беа и четири канадери и еден хеликоптер.

Пожарот беснееше и вчеравечер и ноќеска, а на а терен се наоѓаа 143 пожарникари со 44 возила од сплитското, шибенското, задарското и дубровничкото подрачје.

Како виновен за предизвикување на пожарот претпладнево бил приведен 29-годишен маж, соопшти хрватската полиција.


Припадници на Армијата се вклучија во гаснење на пожарот кај Македонски Брод


Македонски Брод, 26 јули, 2017 - 18:31 (META) 

Армијата на Република Македонија се вклучи во гаснење на пожарот во атарот на селото Требовље, општина Македонски Брод, каде беше зафатена шумска површина од околу 200 хектари, информираат од таму.

„Два хеликоптери од воздухопловната бригада на АРМ почнаа со интервенција веднаш по барањето за вклучување во акцијата за гаснење и извршените потребни подготовки. Во текот на изминатите неколку часа пилотите на АРМ исфрлија 28 тони вода, кои според известувањата веќе придонесуваат за намалување на интензитетот на пожарот и за запирање на понатамошното ширење“, се вели во соопштението на АРМ.


Турција: Уште 460 отпуштања од армијата и од полицијата


Анкара, 28 октомври, 2016 - 16:07 (META) 

Турските власти обвинија уште 460 лиц вработени во војската и во полицијата во рамките на истрагата за неуспешниот пуч, извршен на 15 јули годинава.

Како што објави турското министерство за одбрана на „Твитер“, војската од должност разрешила 195 свои припадници, меѓу кои 158 офицери.

Министерството за внатрешни работи, пак, денеска отпушти 153 припадници на жандармеријата и 112 припадници на крајбрежната стража.

Од воведената вонредна состојба во Турција по неуспешниот државен удар, министерството за одбрана отпушти 4.243 вработени.

За организирањето на пучот, Анкара го обвини поранешниот исламски имам Фетулах Ѓулен, кој негира дека има каква било врска со неуспешниот државен удар.


Русија почна големи воени вежби на копно и во Црно Море


Москва, 25 август, 2016 - 19:04 (META) 

Русија денеска соопшти дека почнала големи воени вежби на копно и во водите на Црното и на Каспиското Море, јавуваат светските агенции. Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, изјавил дека вежбите почнале во 7 часот по московско време, во јужните, западните и во централните воени области, каде силите на армијата биле ставени во состојба на борбена готовност.

Вежбите, како што пренесуваат агенциите, се изведуваат во воените области што ги опкружуваат анектираниот полуостров Крим, на југот на Украина, на границите со земјите членки на НАТО, Естонија, Летонија и Литванија, како и на териториите што се простираат од Урал до Централен Сибир.

Руските воени маневри ќе траат до крајот на август, а во нив ќе учестуваат разни воени единици.

Воените вежби следат по информациите дека Русија ја користела воената база во Иран за воздушни напади на територијата на Сирија и по обвинувањата од рускиот претседател Владимир Путин дека Украина се обидува да изведе саботажа на анектираниот полуостров Крим, во Црното Море.

Анексијата на Крим во 2014 година предизвика сериозна загриженост кај источноевропските земји за нивната безбедност.


Иванов „ги искара“ институциите: Не може АРМ да ги извршува и задачите на ЦУК и ДЗС


Скопје, 18 август, 2016 - 14:40 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов во своето денешно обраќање на централната свеченост по повод Денот на Армијата, ги „искара“ надлежните институции од системот за управување со кризи и за заштита и спасување поради нивната реакција околу поплавите во Скопје и ставањето на поголем дел од товарот на Армијата и полицијата во справувањето со штетите.

Тој посочи дека ангажирањето на Армијата при елементарни непогоди не трајно решение и треба да биде исклучок, а не правило.

– Се создаде навика при речиси секоја елементарна непогода прво да се ангажира Армијата. Тоа е, секако, израз на доверба дека Армијата успешно ќе ја изврши дадената задача. Како врховен командант можам со гордост да кажам дека Армијата секогаш ја оправдала оваа доверба. Но, што зборува оваа практика за подготвеноста на другите надлежни институции? Постојаниот ангажман на Армијата при елементарните непогоди не е трајно решение. Употребата на Армијата за справување со елементарните непогоди треба да биде исклучок, а не правило. Но, по сè изгледа дека се дозволи исклучокот да стане правило – рече Иванов.

Претседателот упати повик до посочените институции да постапуваат во согласност со своите законски надлежности.

– Не може да се дозволи целиот товар во справувањето со елементарните непогоди да паѓа врз Армијата и полицијата, кога во исто време имаат распоредени сили за заштита на државната граница. Неодговорно е да се трошат ресурсите на Армијата за да се штедат сопствените ресурси. Катастрофалните поплави се отрезнувачка опомена. Опомена дека не е доволно само да ги санираме катастрофалните последици. Неопходно е да изградиме култура на отпорност кон ризиците од катастрофи. По оваа катастрофа во Скопје, ништо не смее да биде како порано. Не смееме да чекаме катастрофата да се случи за да дејствуваме реактивно. Мора да дејствуваме превентивно. Не можеме да си го дозволиме луксузот на пасивност. Неопходна е зголемена институционална соработка меѓу институциите на централно и локално ниво – посочи Иванов, кој информираше дека Армијата ангажирала над 2.600 припадници и над 200 моторни возила.

Иванов рече дека и покрај заслугите на Армијата постои „еден парадокс“, односно дека од година во година се повеќе се намалува буџетот за војската, а се „зголемуваат предизвиците“.

– Истакнувајќи ги овие заслуги, не можам, а да не посочам на еден парадокс што се случува во континуитет. Имено, колку повеќе се зголемуваат предизвиците, колку повеќе Армијата се ангажира, толку повеќе, од година во година, се намалува нејзиниот буџет. Притоа се очекува, со веќе намалениот буџет, Армијата de facto да ги извршува задачите на другите институции, вклучително и во справувањето со последиците од природните и од човекот предизвикани катастрофи. Во оваа пригода ќе го повторам она што го потенцирам неколку години наназад. Многу е важно да се води сметка за буџетот на Армијата и за животниот стандард на припадниците на Армијата. Бидејќи Армијата ја штити и границата, и сувереноста, и безбедноста и унитарноста на Република Македонија – рече Иванов во своето обраќање по повод Денот на АРМ.


Ангажирани сите капацитети на АРМ за помош на настраданите во невремето


Скопје, 7 август, 2016 - 16:28 (META) 

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов издал наредба за ставање на располагање на сите потребни капацитети на армијата во справување со последиците од невремето што вчера го погоди Скопје и околината, соопштија денеска од генералштабот на АРМ.

Истовремено и началникот на ГШ на АРМ, Методија Величковски наредил ангажирање на дел од специјалните единици на армијата за помош во загрозените подрачја.

„Тимови за пребарување и извлекување опремени со специјална опрема и товарни возила во текот на ноќта, но и во текот а денешниот ден, сè уште, се ангажираат во околината на Стајковци, село Сингелиќ, населба Ченто и обиколницата на град Скопје, каде заедно со екипите на МВР и останати субјекти го пребаруваат теренот, се ангажираат во извлекување на загрозено население, добиток и заглавени моторни возила. Во раните утрински часови транспортен хеликоптер на АРМ заедно со претставници на МВР го надлетуваа погодениот реон од невремето заради комплетно извидување на теренот и увидување на потребите за понатамошно ангажирање. Армијата на Република Македонија ги стави на располагање сите потребни сили и материјални средства во справување со последиците на невремето. Во моментот е ангажиран дополнителен персонал, потребен број на моторни возила и материјални средства за пребарување на теренот, извлекување и помагање на месното население, како и достава на вода за пиење и останат неопходен материјал од собирните пунктови во град Скопје до погодените населени места каде тоа е најпотребно. За таа цел претставник на АРМ се наоѓа во кризниот штаб на град Скопје заради непосредна координација за пројавените потреби и понатамошно ангажирање на потребен број на персонал и материјални средства“, стои во соопштенето од генералштабот на АРМ.


Стотици бегалци од Грција навлегле кај гевгелиското село Моин, АРМ и МВР на готовс


Гевгелија, 14 март, 2016 - 16:30 (META) 

Околу 600 до 700 мигранти од илјадниците кои изминативе десетина дена се заглавени во кампот кај Идомени од грчката страна на границата, попладнево успеале нелегално да ја преминат границата со Македонија и да влезат во гевгелиското село Моин, потврдија за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму додаваат дека групата била задржана од полицијата и во моментов се преземаат мерки за враќање на мигрантите на територија на Грција.

Претходно телевизијата „Канал 5“ јави дека илјадници мигранти од Идомени ја минале границата и влегле во селото Моин, каде се распоредени голем број припадници на полицијата и армијата, кои се обидуваат да се справат со толпата луѓе и да ги вратат назад.

Според информациите во Грција, непознат човек од изутринава делел флаер во кампот кај Идомени со текст дека границата е херметички затворена и дека доколку пропешачат само пет километри од Идомени ќе може слободно да преминат во Македонија.

Попладнево и британскиот национален сервис „Би-би-си“, јави дека стотици мигранти се движат кон реката на грчко – македонската граница, обидувајќи се да најдат пат низ оградата долж граничната линија кај Гевгелија.

Според „Би-би-си“, голем број на мигранти и бегалци биле забележани како го напуштаат кампот кај Идомени и се движат кон реката. Групата, според информациите била обиколена од грчката полиција. Нема информации за евентулани судири меѓу мигрантите и полицијата.

Утрово, како што потврдија од македонската полиција, тројца мигранти, од кои една жена и двајца мажи, биле најдени удавени во Сува река. Уште 23 лица, со помош на полицијата и на екипи на гевгелиската територијална противпожарна бригада биле спасени од надојдените води на Сува река и пренесени дел во болница, дел во Прифатниот центар на македонско – грчката граница.


Јолевски од Хојт Ји побара поддршка за членство во НАТО


Скопје, 4 март, 2016 - 13:26 (META) 

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, и заменикот помошник на државниот секретар на САД за Европа и за Евроазија, Брајан Хојт Ји, на денешната средба во Министерството за одбрана заклучија дека Македонија е нераскинливо поврзана со НАТО и има целосна поддршка од САД на патот кон полноправно членство во Алијансата .

На средбата министерот Јолевски, како што информира Министерството за одбрана, побара поддршка од САД, како стратегиски партнер, на претстојниот самит на НАТО во Варшава.

„Продолжуваме со реформите во одбраната, а почнува и процес на модернизација кој е исклучително важен за Армијата. Со модернизацијата, АРМ ќе стане силна армија, гарант за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, а воедно ќе стане целосно интероперативна со армиите на другите членки на НАТО. Со модернизацијата ќе бидат исполните обврските од партнерските цели, кои се усогласени со НАТО. Работиме на постојано обучување и оспособување на припадниците на АРМ, со што ја одржуваме и ја унапредуваме интероперативноста со нашите партнери од НАТО“, додаде министерот.

Хојт Ји посочи дека САД ги препознаваат добрите практики во процесот на реформи на Армијата и на одбраната и дека земјата дава целосна и континуирана поддршка за членството на Македонија во Алијансата.

Тој изрази исклучително задоволство од билатералната соработка во областа на одбраната, која, рече, е пример за соработка меѓу две пријателски земји, кои се стратегиски партнери.

Разговарајќи за мигрантската криза што го зафати европскиот континент, министерот го информираше соговорникот за ангажманот на Армијата на јужната граница. Притоа истакна дека е потребно Европската Унија, но и пошироката меѓународна заедница да усогласи сеопфатна стратегија за решение на конфликтот во Сирија и за да се справи со мигрантскиот бран.


Иванов: Состојбата на јужната граница е високоризична


Скопје, 2 декември, 2015 - 15:25 (META) 

„Во моментов има 110 македонски граѓани кои се во Сирија, 69 се вратени, а досега 25 го загубиле животот. Наместо полицијата да ги користи ресурсите за следење и за превенирање на можни непосакувани акти од такви лица, нашите ресурси се на границата, да се справуваат со мигрантската и бегалска криза“, изјави претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во синоќешното интервју за телевизијата „Канал 5“.

Коментирајќи ја состојбата на јужната граница, по инцидентите од викендот, кога група мигранти се судрија и фрлаа камења кон полицијата кај кота 59, Иванов оцени дека таа е со висок ризик, бидејќи станува збор за насилни акти врз полицијата и врз армијата.

На средбата со германската канцеларка, Ангела Меркел, македонскиот претседател соопшти дека ја запознал со информациите што ги има од надлежните институции на Македонија, дека се зголемува бројот на мигранти што доаѓаат од Африка и од Азија, додавајќи дека има денови кога на границата има повеќе од 1.000 мигранти од Мароко, Бангладеш и од Иран.

„Тоа беше новина бидејќи тие ги имаат информациите за тоа што влегува во коридорот и кој пристигнува на крајните дестинации, а една од земјите кои се крајна дестинација е Германија. Од Меркел добив уверување дека Македонија мора да има поддршка не само од земјите што се на линијата на коридорот, туку и од сите членки на Унијата. Ние баравме, пред сè, опрема за да можеме да вршиме регистрација на сите бегалци што влегуваат на наша територија и да имаме контрола на границата. За жал, таа помош сè уште не е добиена. Навистина загрижувачка е информацијата што беше дадена од француското обвинителство дека двајца од учесниците во терористичкиот акт во Париз поминале низ нашата територија“, рече Иванов.