Во АРМ две постапки за креаторите на лажни вести, МВР води истрага


Скопје, 25 јануари, 2019 - 15:08 (META) 

Комисии на АРМ го испитуваат случајот со лажните вести за да утврдат дали професионален војник и мајор-офицер за безбедност кои објавувале лажни вести на мрежа на интернет-сајтови и лажни „Фејсбук“ профили го нарушиле угледот на Армијата.

Во зависност од тоа каков прекршок на работната дисциплина, а со тоа и на Законот за служба во АРМ, ќе утврдат комисиите, двајцата можат да добијат санкции од писмено предупредување, до отказ.

Истовремено, во МВР се води истрага која треба да утврди дали двајцата припадници на АРМ, но и еден поранешен питомец на Воената академија, сегашен инспектор во МВР, сториле кривично дело. Истовремено, МВР утврдува и евентуална дисциплинска одговорност за својот вработен.

Тројцата оператори на мрежи на сајтови за лажни вести во две независни истраги ги открил белгиецот Мартен Шенк, истражувач и проверувач на факти кој ја води интернет страницата.


Почната истрага, можна и дисциплинска постапка за војникот – креатор на лажни вести


Скопје, 21 јануари, 2019 - 16:31 (META) 

АРМ чека „специјализирани служби“ да спроведат истрага за војникот Слаѓан Бојковски, посочен како креатор на лажни вести. Во зависност од тоа што ќе утврди истрагата, можно е против професионалниот војник да се покрене дисциплинска постапка за нарушување на угледот на Армијата, што, според Законот за служба во АРМ, предвидува казни од писмено предупредување до отказ.

„Во случајот постапуваме во рамки на своите надлежности, секако дека го испитуваме, но и други, специјализирани служби го испитуваат случајот. Кога ќе заврши таа постапка, и во зависност од нејзиниот исход, ќе следат сите други потребни мерки“, велат во Генералштабот.

Професионалниот војник од Куманово Слаѓан Бојковски е посочен како креатор на лажни вести и сајтови со говор на омраза против мигранти и муслимани во истражување спроведено од холандскиот сервис за откривање лажни вести „Њузчекерс“. Генералштабот потврди дека Бојковски е вработен во АРМ од 2002 година.

Извесно е дека во истрагата за случајот првенствено ќе се утврдуваат елементи на кривично дело.


АРМ со хеликоптер носи помош во завеаните Танушевци, Брест и Малина Маала


Скопје, 17 јануари, 2019 - 13:43 (META) 

АРМ со хеликоптер во два налета вчера и во саботата доставила повеќе од еден тон храна и неопходни продукти во завеаните села Танушевци, Брест и Малина Маала на северната страна на Скопска Црна Гора. Доставата била организирана на барање на жителите на отсечените села, не на општината на чија територија се наоѓаат.

Акцијата ја координирал Центарот за управување со кризи (ЦУК), каде што минатиот петок поради обилните снежни врнежи заседаваше Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи. Комитетот , меѓу другото, ги повика сите граѓани кои се загрозени од снегот да побараат помош на бројот на ЦУК 195.

По јавување на жителите, ЦУК координирал акција за достава во која Црвениот Крст обезбедил помош, а АРМ транспорт. Првата достава била извршена во саботата во Брест и Малина Маала, а поради лошото време хеликоптерот не можел да слета кај Танушевци. АРМ доставила еден тон храна и продукти.

Вчера бил изведен вториот лет, до Танушевци. На жителите им била понудена и медицинска помош, а со војниците дошле и стручни лица од ЕВН Македонија заради проверка на далекуводот, за санирање на проблемите со електричната енергија.


Нема кој да крои капи за АРМ – никој не се пријавил на огласот


Скопје, 15 јануари, 2019 - 9:59 (META) 

Ниту една фирма не се пријавила на огласот на Министерството за одбрана за конфекционирање на капи и ветровки за маскирни теренски униформи за АРМ, објавен на 30 ноември лани. Поради тоа, Министерството минатата недела го поништило огласот.

Министерството за одбрана на 30 ноември лани објави оглас за конфекционирање на ветровки од ткаенина за воено теренска униформа во основна маскирна шара и на капи од ткаенина за воено теренска униформа во универзална маскирна шара. Вредноста на набавката, без ДДВ, била околу 2 милиона денари, од кои околу 1,8 милиони за ветровки, а околу 165.000 денари за капи. Набавката била деллива, а за обата дела на 21 декември требало да се одржат електронски јавни аукции.

Од фирмите се барало по спецификација на Министерството да сошијат околу 1.240 ветровки со влошки од 4.231 метар платно во маскирна шара што Министерството за одбрана ќе му го достави на конфекционерот, со обврска остатокот да го врати.

Во вториот дел од набавката, конфекционерот требало да сошие околу 1.500 капи за борбена униформа од 800 метри платно, доставено од Министерството за одбрана.

Конфекционерот готовите ветровки и капи требало да и ги испорача на АРМ во рок од 60 дена од добивањето на маскирната ткаенина.

АРМ до крајот на март треба да добие 14.000 комплети воено теренска униформа со договор што Министерството за одбрана го склучи на 25 декември. Со набавката, војската за околу 840.000 евра ќе добие комплети од капа, палто и панталони изработени по нејзина спецификација. Платното ќе го изработи и униформите ќе ги шие подизведувач, фирма од Турција.


АРМ си набави вакцини, дијазепами и антибиотици


Скопје, 14 јануари, 2019 - 14:45 (META) 

Министерството за одбрана од трет пат успеало да најде фармацевтски фирми кои на војската ќе и обезбедат вакцини и лекови, откако на претходните два огласи не била поднесена ни една понуда или ниту една прифатлива понуда.

Првиот оглас бил поништен на 17 декември, а вториот на 4 јануари.

Набавката сега е поделена во два дела, а лекови и вакцини на АРМ ќе и доставуваат две фирми од Скопје и Битола, кои за тоа ќе добијат по околу 300.000, односно 241.000 денари.

Војската, меѓу другото, купила антибиотици, витамински таблети, масти, инјекции, креми, антипиретици и аналгетици, антихистамини, но и таблети дијазепам од 2 и од 5 милиграми.

Фирмите треба половина од лековите да ги испорачаат во рок од 45 дена.


„Волците“ и „Тигрите“ на експертска обука со американските „Фоки“


Скопје, 30 декември, 2018 - 11:19 (META) 

Македонските армиски и полициски специјалци имале заедничка експертска обука со американските „Фоки“ – SEAL тимовите на Воената морнарица на САД, информираше Генералштабот на АРМ.

– Обуката се реализираше во периодот од 17 до 21.12.2018 година на полигоните во касарната „Илинден“, касарната „Ѓорче Петров“ и Армискиот Полигон „Криволак“. За време на обуката тимовите се запознаа со најновите тактики, техники и процедури од процесот на планирање, медицинската обука, реализацијата на снајперски задачи, борба во урбана средина итн. – информира АРМ.

На обуката учествувале тимови од составот на баталјонот за Специјални намени на АРМ – „Волци“, и полициските единици за брзо распоредување (ЕБР) и за специјални задачи (ЕСЗ-„Тигар“), заедно со инструкторски тим од морнаричките „Фоки“.

– Како круна на петдневната обука беше реализацијата на заедничка завршна вежба во која беа опфатени сите елементи од експертската обука – наведува АРМ.


Армијата со „Центри за прва поддршка“ ќе се грижи за семејствата на војниците во мисија


Скопје, 26 декември, 2018 - 16:28 (META) 

Министерството за одбрана и АРМ ќе формираат Центри за прва поддршка, кои треба да се грижат за семејствата на војниците додека се на мисија надвор од земјава, најави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа и началникот на Генералштабот генерал-мајор, Васко Ѓурчиновски во Домот на АРМ во Скопје организираа средба со семејствата на припадниците на АРМ кои се во мисии и воспоставија видео-линк со мировниците во мисиите НАТО, ООН и ЕУ во Авганистан, Либан и Босна и Херцеговина.

– Центрите за транзиција кои веќе постојат во Армијата и Министерството за одбрана, ќе направиме да бидат центри за прва поддршка на сите семејства и затоа денеска кога ќе заврши убавиот, ќе продолжи корисниот дел од средбата каде што ќе разговарате со колегите од Министерството и АРМ како семејствата да бидат повеќе помогнати додека вашите блиски се надвор, во мисија. Ние сме свесни дека за еден татко или мајка, сопруг, сопруга, син или ќерка да може спокојно да врши многу тешка работа, прво што треба да му помогнеме е да не се грижи за своите најблиски – рече Шекеринска.

По средбата, стручни лица од Министерството и Армијата разговараа со семејствата на мировниците, им дадоа поддршка во делот на функционирањето на семејството во отсуство на еден родител, како и обединувањето на семејството по враќањето на мировникот од мировна мисија, а го презентираа и Правилникот за начинот на грижа за семејствата на воениот и цивилен персонал упатен во активности надвор од нашата држава.


Досега најголемата меѓународна воена вежба во Македонија ќе се одржи летово на Криволак


Скопје, 26 декември, 2018 - 10:01 (META) 

Досега најголемата меѓународна воена вежба во Македонија, „Одлучен удар“, ќе се одржи во јуни и јули на Армискиот полигон „Криволак“ и во Центарот за обука „Пепелиште“. Таа ќе биде дел од комплексот вежби на Европската команда на вооружените сили на САД „Saber Guardian 19“ во Црноморскиот и Балканскиот регион.

– Станува збор за циклус на вежбовни активности  од големи размери на кој се демонстрира употреба на кредибилна колективна одбрана што вклучува компјутерски поддржани вежби, теренска обука и вежби со боеви гаѓања.кој инволвира повеќе десетици илјади припадници на вооружените сили од најмалку десетина земји членки на НАТО и земји партнери, и  се одвива во земјите од Црноморскиот регион – информираше Канцеларијата за односи со јавност на Генералштабот на АРМ.

Вежбата „Одлучен удар“ ќе биде досега најголема меѓународна вежба во Република Македонија. Во тек е изработка на планот за активностите на вежбата кој го изработуваат претставници на АРМ, вооружените сили на САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија.

– Вежбата „Одлучен удар“  веќе е навлезена длабоко во планирачкиот процес на кој досега заедно со претставници од Националната града на Пенсилванија,  од Армијата на САД за Европа,  од Канцеларијата за соработака во одбраната при Амбасадата на САД во Македонија беа реализирани неколку извидувања на сместувачките капацитети и терените за реализација на обуката и вежбите на АП Криволак, за поблиско запознавање на претставниците на армијата на САД со капацитетите и можностите на АП Криволак – вели потполковник Тони Јаневски, началник на Канцеларијата и портпарол на АРМ.

За вежбата на средината на декември разговараа и началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски и заменик на командантот за прашања на националната гарда на копнените сили на САД за Европа, генерал-мајор Џон Гронски. Ѓурчиновски со подготовките го запозна и Командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол адмиралот Џејмс Фого, кој месецов го посети Скопје.

– Би можеле да кажеме дека како претходница на „Одлучен удар“ беше вежбата „Dragoon Guardian 17“,  која беше дел од „Saber Guardian 2017“ каде на некој начин се утврдија можностите и капацитетите на АП „Криволак“ – додава Јаневски.

Капацитетите на „Криволак“ ги сертифицирала и комисија од 7. Команда за обука на копнените сили на САД, која ја утвдила можноста полигонот да го користат американски воздухопловни единици.

– Подоцна на АП „Криволак“ од 1 до 20 август единици на копнените сили на САД изведоа вежбовни активности со хеликоптери од типот „Блек Хок“, пешадиско оружје од мал калибар, против-тенковско оружје и друго пешадиско оружје – објаснува Јаневски.


Иванов: Против мене се води хајка и линч со нарачани лажни искази


Скопје, 7 декември, 2018 - 20:13 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов демантира дека на 27 април планирал да прогласи воена состојба и дека наводно под притисок на меѓународната не го направил тоа. Претседателот во обраќањето рече дека против него се води хајка и линч со очајно смислено сценарио со нарачани лажни искази и генерирање лажни вести.

– Ако УБК се дрзнува без никакви основи да ги следи активностите на мојот кабинет и да ме става мене како претседател во службени белешки кои опишуваат непостоечки настани, се плашам од помислата што сè се случува во оваа институција и како се креираат извештаи со фиктивни извори за да се постигне определена цел. Со планиран истек на калисфицирани податоци се гради лажна перцепција за на крај да се конструира судско-полициски случај – рече Иванов.

Тој потврди дека генералниот секретар во неговиот кабинет, Борис Јосифовски, на 27 април минатата година бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Кога почнале настаните во Собранието рече дека веднаш го повикал Јосифовски да го свика кабинетот.

За советникот за национална безбедност Синиша Алексовски, пак, рече дека тој ден тргнал на службен пат кон Вашингтон.

– Му реков веднаш да се врати од Истанбул и по полноќ околу 1 часот пристигна, сите извештаи што ги има ги има пратено на обвинителството – рече Иванов.

Тој вели дека во неговиот Кабинет на 27 април никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување воена или вонредна состојба.

– Ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување воена или вонредна состојба. Во овој момент, јавно ги повикувам странските претставници да излезат и да ги посочат тие кои ми вршеле притисок. Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија – рече Иванов.

За сведочењата на дел од обвинетите за настаните на 27 април кои посочија дека наводно во кабинетот на Иванов се разговарало за прогласување воена состојба, Иванов рече дека таквите искази се лажни.

– Деновиве сме сведоци дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април. Прво, сакам да укажам дека за давање лажен исказ пред суд, кривично се одговара. Второ, ги охрабрувам сите оние кои ме обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник. Овие институции треба да одговорат на прашањата каде биле одговорните лица на 27 април или претходно, и дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба – рече Иванов.

Иванов потврди дека поранешните министри Миле Јанакиески и Владимир Пешевски биле во неговиот кабинет за консултации во врска со процесот за помирување.

Иванов не го коментираше бегството на експремиерот Никола Груевски.


Шекеринска: Втора година по ред буџетот за одбраната расте, 135 милиони евра за 2019


Скопје, 23 ноември, 2018 - 14:01 (META) 

Mинистерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес–конференција го образложи буџетот за одбраната за 2019, кој по десетгодишниот пад, втора година по ред е во нагорна линија и оваа година изнесува 135 милиони евра.

„Лани, буџетот за одбрана порасна за 15 процнети, а зголемувањето за 2019 во споредба со ребалансираниот буџет за 2018 изнесува над 33 проценти. Следната година освен петпроцентното зголемување на платите на припадниците на АРМ, исто толкаво зголемување ќе има и на платите на вработените во министерството“, рече Шекеринска.

Таа додаде дека Владата не отстапува од планот за зголемување на буџетот секоја година за 0,2 процентни поени од БДП и дека тоа се покажува и со буџетот за 2019 година.

„Буџетот е развоен и реформски, со намена за подобрувањето на опремата, на условите за работа на припадниците на АРМ, а е и во поддршка на остварувањето на стратешката цел на Македонија, членството во НАТО“, додаде Шекеринска и посочи дека една од поголемите категории во буџетот е ставката за стоки и услуги, односно 30 милиони евра за набавка на униформи што е во тек, но ќе се исплаќа од следниот буџет, делот од испораката на чизми, храна, резервни делови, за обуки и школувања за припадниците на АРМ.

Поголем пораст на средствата е предвиден во делот на капиталните расходи за опремување и модрнизација на Армијата, каде после долги години нивно одржување на ниво од 10 проценти од одбранбениот буџет, следната година тие ќе изнесуваат 15 проценти, односно над 20 милиони евра.

„Зголемениот буџет ќе резултира со квалитативно зајакнување на персоналот, опремување на АРМ согласно НАТО стандардите и подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата“, рече министерката и образложи дека зголемување за 85 проценти има во делот на логистичката поддршка на АРМ, додека цели 59 проценти изнесува зголемувањето на ставката за опрема и модернизација утрвдена со Стратегискиот одбранбен преглед 2018.

Износот за одржување на борбената и неборбената техника на Армијата е зголемен за 125 проценти, со што директно се влијае на подобрувањето на борбената готовност на АРМ.

Министерката информираше дека продолжува придонесот на Македонија во меѓународните мировни мисии и дека за следната година е планирано зголемување на македонското учество за 25 проценти.