Објектот на Архивот во Тетово се осовременува со лим, граѓаните реагираат


Тетово, 8 октомври, 2018 - 16:28 (META) 

Одлуката на Архив на Македонија зградата од првата половина на 20. век во кој е сместена неговата Регионална единица во Тетово да добие нова фасада од лим, предизвика бројни реакции од граѓани и од политичка партија. По негодувањето дека со ваквата постапка се деградира архитектонската вредност на овој стар објект, инспекторите на Општина Тетово го посетија Архивот со цел да вршат увид во документацијата, но немаат надлежност да ги прекинат работните активности, бидејќи за тоа надлежност има единствено Државниот градежен инспекторат, пишува Порталб.мк.

„Груевизмот пристигна и во Тетово“, напиша на својот Фејсбук-профил екоактивистот Арианит Џафери, споделувајќи го написот на сограѓанинот Нгадњим Мемети, кој што порачува: „Зградата на објектот на градскиот архив, некаде од почетокот на 20. век, денес ќе биде завиткан со алкубонд-лим. Обезличување на градот. Скандалозно“. Реагираше и Алијанса за Албанците, која што порача дека наместо да се конзервира и зачува автентичноста на објектот, еден од симболите на Тетово, тој се претвора во една обична зграда.

„Во Тетово се осакатуваат и оние малку преостанати архитектонски вредности коишто го карактеризираа Тетово како древен град. Тоа се случува со Архивот, кој се „изолира“ со алуминиумска фасада, бришејќи ги трагите на одредени историски периоди. Каде остана заштитата на културното наследство, за што Владата доделува приближно 1 милион евра на годишно ниво за заштита, конзервирање и реставрирање на старите објекти под заштита? Наместо да се конзервира и да се зачува нејзината автентичност, овој објект се претвора во обична зграда. Министерството за култура и Општина Тетово треба да преземат одговорност!“, се вели на реакцијата на Алијанса за Албанците.

„Порталб“ ја посети зградата и разговараше со раководителот на Регионалната единица на Архивот во Тетово, Мален Матовски, кој вели дека поседуваат документи од кои се гледа дека зградата не се води како објект на културното наследство, туку е државен објект.

– Имаме имаме документи дека овој објект не е објект од културното наследство, туку е државна сопственост и се води под Државниот архив на Македонија, кој донел решение и доделил свои средства за фасадата. Ништо повеќе не можам да кажам – изјави Матовски.

Додека екипата на „Порталб“ се наоѓаше во просториите на Архивот, таму беа и претставници на Инспекторатот на Општина Тетово, кои вршеа увид во документацијата. Од Општината велат дека отишле за да ја проверат документацијата, но немаат надлежност да ги прекинат работните активности, бидејќи такви ингеренции има само Државниот градежен инспекторат.

„Инспекторатот на Општината, во рамки на спроведување на законот, има право да врши инспекција во објекти од втора категорија. Предметниот објект се води како објект од прва категорија (национална институција). Владата има усвоено програма за целосна реконструкција на таквите објекти. Ние како инспекторат, имајќи ги предвид барањата на граѓаните, излеговме во терен, но што се однесува до прекинување на работните активности, таква надлежност има единствено Државниот градежен Инспекторат. Имајќи го предвид овој факт, се обративме до сите надлежни институции да го разгледаат нашето барање како институција. Не сме против реконструкцијата, меѓутоа стоиме на ставот дека треба да се зачуваат архитектонските вредности како културно наследство“, порачаа од Општина Тетово.

 


Објавени нови документи за убиството на Кенеди


Вашингтон, 4 ноември, 2017 - 11:16 (META) 

Американскиот Национален архив објави нови 676 владини документи поврзани за убиството на некогашниот претседател на САД, Џон Ф. Кенеди, во 1963 година. Тоа е трето објавување на документи од Националниот архив годинава.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела нареди преостанатите податоци да станат достапни за јавноста и им нареди на федералните агенции повторно да ги проучат предложените интервенции и што помал број информации да останат тајни.

Поголемиот број од денешните документи опфаќаат 553 податоци на ЦИА, кои досега не биле објавени.  Документите за убиството на претседателот Кенеди беа ставени под ознаката „строго доверливо“ во 1992 година со одлука на тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот, со која се воведе 25-годишна забрана за објавување на овие податоци поврзани со атентатот врз Кенеди.

Таквата одлука на Буш уследи по прикажувањето на филмот „Џ.Ф.К.“ на Оливер Стоун во 1991 година, во кој беа изнесени тврдења за заговор на американските власти за убиство на Кенеди.


До понеделник целата документација фирмите треба да ја достават до Државниот архив


Скопје, 29 ноември, 2014 - 16:43 (META) 

Целата своја документација од работењето, сите фирми до понеделник треба да ја достават до Државниот архив, а ако не го сторат тоа, ќе плаќаат казни од 1.000 до 2.000 евра за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице на компанијата.

Ова е предвидено со измените во Законот за архивско работење, а одредбите не важат само за приватните бизниси, туку и за државните органи, институции, јавните установи, единиците на локалната самоуправа и за Град Скопје.