Навредливите книги за Албанците не можат да се коригираат, ќе потикнеле „етнички тензии“


Скопје, 11 февруари, 2019 - 15:36 (META) 

Сé уште не е познато кога ќе се коригира делот со навреди кон Албанците во книгите по историја и географија, за втора година средно образование. Со користењето на овие книги, „Порталб.мк“ напиша, дека се прекршува Законот за основно и средно образование.

Но, според министерот за образование и наука, Арбер Адеми сега не е време да се направи корекција.

„Јас велам дека сега не е време, ниту постои атмосфера за да поттикнеме етнички тензии. Тоа се стари теми, и тоа стари рани од порано, од пред неколку години“, рече министерот Адеми за „Порталб.мк“.

Тој не дава гаранции дека ова ќе биде направено за време на ревидирањето на книгите во Мешовитата комисија Македонија – Грција – Бугарија, процес кој што веќе е во тек.

„Треба да се завршат некои процеси со нашите соседи, кога ќе имаме конечни резултати таму, и овде ќе го разгледаме ова прашање, а потоа ќе се донесе најсоодветното решение. Не можеме да го предвидиме исходот. Кога ќе имаме конечни резултати со нашите соседи, тогаш ќе видиме како ќе дејствуваме“, рече Адеми.

Инаку, спорната содржина на овие книги беше истакната во рамките на Форумот на балканските граѓански организации „Градење мостови помеѓу земјите од Западен Балкан“ што се одржа во октомври 2018 година.

По форумот „Порталб.мк“ го праша премиерот Зоран Заев, дали ќе побара од министерот за образование и наука да ги повлече книгите.

„Не ги знам деталите. Ќе разговарам со Адеми. Подетално ќе ви одговорам, дали е така како што велите, и доколку е така, ќе ви кажам кога ќе бидат повлечени, како ќе се повлечат и слично“, рече Заев во октомври 2018 година.

Тој посочи дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за коригирање на некои од школските учебници. Меѓутоа, меѓу нив не се навредливите учебници, туку учебници по предметот музика.

Учебниците по предметите географија и историја, препечатени во 2009 година, имаат политичка позадина, навредлива содржина и ја искривуваат историјата на државата и на етничките групи кои живеат во Македонија. Беше побарано да се изработи нова наставна програма, но дотогаш книгите треба да се отстранат од употреба. Книгата „Географија на Република Македонија“, за втора година средно образование, има седум контроверзни моменти од историјата на Македонија.

На страна број 99 се вели дека „Албанците биле Македонци, но во времето на османлиското владеење станале Албанци. Албанците од Македонија се потомци на Черкези, Роми и Турци“. Во многу делови од книгата, вклучувајќи ја и страна број 104, се вели дека „Албанците во Македонија се дојдени во различни временски периоди, почнувајќи од 1780 година“.

На страна 104 има заеднички точки со „Сердарот“ на Глигор Прличев, каде се вели дека „Албанците се доселиле во Македонија, малтретирајќи ги физички, крадејќи, киднапирајќи и убивајќи локални Македонци“. Пишува дека за ова на Албанците им помагала турската влада. На страна 103 „Албанија се претставува како окупатор на Западна Македонија“.

Грешки има и за потеклото на малцинствата, бидејќи таму се ставаат сите како дојденци, создавајќи впечаток дека во Македонија нема автохтони народи. Според Законот за учебници за основно и средно образование, член 14 наведува дека ако грешките се над 30 проценти, се подготвува нова наставна програма.Повлекување на учебникот побара и групата ученици на средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во рамки на Унијата на ученици Албанци, но и покрај ветувањето на членовите Албанци во Министерството за образование и наука, книгата сè уште е во рацете на учениците.


ДУИ оцени дека изборите биле демократски и граѓаните слободно ја изразиле волјата


Тетово, 29 октомври, 2017 - 19:38 (META) 

Оценката на ДУИ е дека изборите беа демократски, а граѓаните слободно ја изразија својата волја, изјави шефот на изборниот штаб на партијата, Арбер Адеми, по затворањето на гласачките места во 19 часот.

– Владата на Македонија покажа капацитет за организирање на демократски избори. Гласањето веќе е завршено и процесот на броење на гласовите е почнат – рече Адеми и додаде дека кога партијата ќе ги има првите резултати, ќе ги сподели со јавноста.


Алтхаузер: Кризата трае долго и е длабока, очекуваме формирање функционална влада


Скопје, 27 април, 2017 - 12:52 (META) 

Меѓународната заедница очекува формирање функционална влада која ќе се посвети на спроведување на итните реформи за евроинтеграциите, истакна германската амбасадорка Кристине Алтхаузер на Меѓународната конференција „Добри практики за обука во земјите членки на ЕУ“, која се одржа во Секретаријатот за европски прашања.

– Кризата во Македонија трае долго и е длабока. Поминаа четири месеци од изборите, па сите, и меѓународната заедница очекуваат да се формира влада, но прво треба да се избере спикер во Собранието. Приоритет во процесот на пристапување кон ЕУ се реформите, кои треба интензивно да се спроведуваат, а за тоа е потребна функционална влада. Тоа е она што го чекаме – рече Алхаузер, одговарајќи на новинарско прашање.

Според вицепремиерот за евроинтеграции, Арбер Адеми, кризата трае предолго и од политичка прерасна во институционална криза.

– Очекуваме да се најде решение за кризата, бидејќи проектите и реформите мора да се реализираат. Политичката криза мора да се реши, а институциите да профункционираат оти нема друга алтернатива – рече Адеми.


Адеми: Извесно е дека и оваа година ќе добиеме условена препорака поради политичката криза


Скопје, 16 октомври, 2016 - 11:18 (META) 

„Целосно сме свесни за последиците што може да произлезат од евентуалните компликации околу изборите, но и околу работата на СЈО. До тоа никој не сака да дојде, а одговорноста ќе биде на политичките партии“, вели вицепремиерот за евроинтеграции, Арбер Адеми, во интервју за „Радио Слободна Европа“.

– Најголемиот предизвик е пред нас, а тоа е да покажеме и да докажеме дека имаме капацитет и посветеност да организираме избори што ги исполнуваат меѓународните стандарди и чии резултати ќе бидат широко прифатени. Во однос на извештајот на Европската комисија, како и секогаш, јас верувам дека ќе добиеме објективен извештај, коректен извештај, каде што ќе се нотира нашиот напредок, позитивните активности особено напредокот во политичкиот дијалог, но секако истиот ќе содржи забелешки и препораки, пред сè за областите што се опфатени со реформските приоритети – вели Адеми.

Вицепремиерот е оптимист дека нема да ја изгубиме препораката и дека Македонија сè уште ја има европската перспектива. Според Адеми, извесно е дека Европската комисија ќе ја повтори условената препорака што ја добивме минатата година, поради политичката криза и неколкупати одложуваните избори.

– Македонија одамна ги исполни условите за почеток на преговори со ЕУ, но не смееме да заборавиме дека евроинтегративниот процес е и политички процес и зависи од одлуките кои се донесени од сите земји-членки на ЕУ, односно одлуките кои се донесуваат во рамки на Советот на ЕУ. Нека нема сомнеж дека ние како политички чинители и како Влада не само што сме заинтересирани за содржината на извештајот и за одлуките на Советот на ЕУ, туку ние сме ангажирани и максимално посветени да ја исполниме нашата крајна стратешка цел, а тоа е членството на земјата во ЕУ – додава Адеми.


Адеми и Дезир разговараа за политичката ситуација и за Договорот од Пржино


Париз, 27 септември, 2016 - 17:08 (META) 

За време на неговата посета на Париз, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, на средбата со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи, Арлем Дезир, разговарал за политичката ситуација во земјава и за обврските што произлегуваат од политичкиот договор.

Адеми, како што се наведува во соопштението, ја нагласил оценката на политичките лидери дека се исполнети условите за организација на парламентарните избори како позитивен исчекор напред.

– Во претстојниот период потребно е да се вложат напори за да се организираат демократски, веродостојни и инклузивни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени – рече Адеми и додаде дека за Македонија е од клучно значење да ја задржи европската перспектива.

Во однос на реформските приоритети, Адеми нагласил дека е потребно да се продолжи со реализација на предвидените мерки и активности, со оглед на тоа што станува збор за области кои се од суштинско значење за реформите поврзани со процесот на европска интеграција на земјата.

– Имајќи ја предвид значајната историска улога на Франција во процесите на носење одлуки во ЕУ, за нас е од исклучителна важност да ја имаме вашата отворена поддршка за евроатлантските интегративни процеси, која беше потврдена и за време на Парискиот самит – истакнал Адеми.

Дезир ја истакнал важноста на договорот од 20 јули, како и на исполнувањето на другите обврски од Договорот од Пржино во делот на медиумите и на судството за на декемврискиот европски совет да се даде соодветна оценка за земјата.

Во однос на миграцијата, соговорниците се согласиле дека е потребен координиран пристап и соработка меѓу земјите од регионот и ЕУ за да се намали појавата на нелегална миграција.


Адеми и Даниелсон разговарале за изборите, реформските приоритети и за ИПА-фондовите


Брисел, 16 септември, 2016 - 11:10 (META) 

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување и за соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, со кој разговарал за актуелната политичка состојба во земјата, претстојните парламентарни избори, реформските приоритети, како и за ИПА-фондовите.

„Двајцата соговорници констатираа дека оценката на политичките лидери дека се исполнети условите за организација на парламентарните избори е позитивен исчекор. Во претстојниот период потребно е да се вложат напори да се организираат демократски, веродостојни и инклузивни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени. Од аспект на реформските приоритети, Адеми нагласи дека е потребно да се продолжи со реализација на предвидените мерки и активности, имајќи предвид дека станува збор за области кои се од суштинско значење за реформите поврзани со процесот на европска интеграција на земјата“, соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот Адеми.

Соговорниците, исто така, се согласиле дека треба да продолжи поддршката за работата на Специјалното јавно обвинителство, како и практиката на блиска соработка и координација меѓу државните институции и Европската комисија.


Адеми во Братислава: ЕУ не треба да ја заборави политиката на проширување


Братислава, 25 јули, 2016 - 13:34 (META) 

Вицепримерот задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, на покана на Словачкото претседателство со Европската Унија, учествувал на неформалниот состанок на министри за европски прашања, организиран во рамките на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржал во Братислава на 24 и на 25 јули.

На состанокот, како што информираат од кабинетот на вицепермиерот Адеми, учествувал и евокомесарот за проширување Јоханес Хан и сите министри за европски прашања и нивни претставници од земјите кандидати од Западниот Балкан и Турција.

Претседавачот на состанокот, Иван Корчак, во име на Словачкото претседателство со ЕУ, истакнал дека проширувањето останува во фокусот на Европската Унија, додека комесарот Хан посочил дека во „последните неколку недели има сериозен напредок во процесот речиси во сите земји од регионот“.

За Македонија, Хан нагласил дека добрите вести за постигнатиот политички договор сега „треба да се материјализираат преку целосна имплементација на договореното, без одложување“.

Вицепремиерот Адеми, во своето обраќање на состанокот, се задржал на сериозните предизвици со кои се соочува Европската Унија во моментов, како Брексит, настаните во Турција, терористичките и безбедносните закани и можноста за ескалација на мигрантската криза.

„Вицепремиерот Адеми нагласи дека не треба да се заборави на политиката на проширување, која може и треба да биде дел од решението за овие предизвици. Во поглед на актуелната политичка ситуација во државата, вицепремиерот Адеми подвлече дека несомнено позитивен чекор во насока на смирување на политичката криза во земјата е постигнувањето на договорот меѓу политичките партии, но дека во овој момент е круцијална целосната имплементација на договореното. При тоа вицепремиерот Адеми информираше подетално за планираните и преземни чекори во последните неколку денови“, стои во соопштението од кабинетот на Адеми.

Тој, исто така, меѓудругото посочил дека унапредувањето и зајакнувањето на односите и соработката со соседните земји остануваат приоритет на Македонија и оти се очекува регионалната соработка, особено низ Берлинскиот процес, да даде и конкретни резултати како поттик за економскиот развој и за просперитетот на регионот.

Вицепремиерот за европски прашања остварил средби и со шефовите на делегациите на Германија, Рајнхард Силберберг, и на Австрија, Михаел Линхард, на кои се дискутирало за евроинтегративните перспективи на Македонија.


Адеми и Орав го поздравија постигнувањето на договорот меѓу партиите


Скопје, 22 јули, 2016 - 14:38 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Арбeр Адеми, и евроамбасадорот во заминување Аиво Орав го поздравиле постигнувањето на политичкиот договор меѓу четирите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино. Двајцата соговорници, како што информираат од кабинетот на вицепремиерот, изразиле согласност дека сега од круцијално значење е целосната имплементација на договореното и дека и понатаму останува важноста на спроведувањето на итните реформски приоритети низ инклузивен процес.

На прошталната средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, Адеми му се заблагодарил на Орав за неговиот ангажман и за поддршката околу спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, како и за користењето на ИПА и на другите ЕУ-фондови.

„Адеми му посака успех на неговата нова позиција со надеж дека и понатаму ќе остане пријател и поддржувач на нашата земја. За време на средбата, вицепремиерот Адеми истакна дека и покрај тоа што Европската Унија се соочува со сериозни предизвици, како Брексит, настаните во Турција, последните терористички напади во Ница во Франција и продолжената мигрантска криза кои ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од европските институции и од земјите членки, тоа не би требало да се одрази на процесот на проширувањето и на интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Во таа насока, Адеми нагласи дека Македонија треба да се третира како дел од политичката мапа на Европската Унија, од економски и од геополитички причини, но исто толку, ако не и поважно, од безбедносни причини заради обезбедување на стабилност на југоистокот на Европа“, стои во соопштението од кабинетот на вицепремиерот.

На крајот на средбата, се додава во соопштението, Адеми уште еднаш истакнал дека од суштинска важност е земјава да ја задржи препораката за отворање на пристапните преговори со ЕУ, бидејќи Македонија нема друга алтернатува освен целосна интеграција во ЕУ и во НАТО.

Амбасадорот Орав заминува на чело на делегацијата на ЕУ во Црна Гора, а на негово место во Македонија доаѓа Словенецот Самуел Жбогар.


Арбер Адеми ја презеде должноста вицепремиер од Фатмир Бесими


Скопје, 8 април, 2016 - 13:59 (META) 

Новоназначениот заменик претседател на Владата на Република Македонија, Арбер Адеми денеска и официјално ја презеде должноста од неговиот претходник Фатмир Бесими.

Бесими на примопредавањето го запознал Адеми со тековните проекти на Секретаријатот и му посакал успешно продолжување на патот кон европска интеграција на земјата.

Новиот вицепремиер Адеми е доктор на правни науки на Правниот факултет во Тирана.