Таравари негира дека во Гостивар се гради без документација


Гостивар, 10 август, 2018 - 14:56 (META) 

По денешните обвинувања од огранокот на ДУИ во Гостивар дека градоначалникот Арбен Таравари гради без документација куќа на простор предвиден за спортски терен во Осмата зона во Гостивар, Таравари рече дека во општината се работи по прописите, а тоа што фирма на негов роднина ја гради куќата не значи дека станува збор за кршење на законите.

– За тој објект има записник  како и за неколку други кои надлежните инспекциски служби ги направиле и за нив се води постапка. Во Гостивар има четворица инженери и шестмина доктори со презиме Таравари, зарем треба да им забранам да работат. Доколку постои поврзаност или заеднички интерес на фирмите на моите роднини и локалната самоупарва треба веднаш да бидам пријавен кај надлежните институции – порача градоначалникот на Гостивар.


ДУИ: Таравари и негов роднина градат куќа на простор предвиден за спортски терен


Гостивар, 10 август, 2018 - 13:27 (META) 

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој од една страна симулира акции за рушење на дивоизградени објекти, додека во реалноста го стимулира урбанистичкиот криминал и градбата на бесправни објекти, и тој и негов роднина на место предвидено за спортски терен градат куќа кршејќи ги прописите, обвини ДУИ.

Како што рече Башким Хасани, потпретседател на огранокот на ДУИ во Гостивар на прес-конференција, жители од осмата зона во Гостивар реагирале „за дивоградбата која се гради на простор кој според Генералниот урбанистички план, како и Деталниот урбанистички план (блок 24), се предвидени спортски терени“.

Хасани рече дека има реклама на социјалните мрежи од фирмата изведувач која е во сопственост на близок роднина на Таравари.

– Со непреземањето на законски инспекциски мерки на терен, подразбираме дека Таравари го подржува и охрабрува урбанистичкиот каос. ДУИ ги подржува жителите на Гостивар и ги охрабрува таквите случаеви да ги пријават во надлежните институции, затоа што Таравари не ги извршува законските обврски и свесно ја злоупотребува службената должност за материјални придобивки за себе и за своите блиски роднини – порача Хасани.


Таравари: Без Алијансата за Албанците немаше да има влада, жал ми е за Заев


Гостивар, 24 декември, 2017 - 11:25 (META) 

Заев вели дека Министерство за здравство е дадено на Алијансата поради мене како личност. Кога го слушнав ова првпат, ми дојде многу жал за него. Поради недостаток на реално оправдување за насилното одземање на Министерство за здравство тој прати една незрела вест, вели градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари на својата „Фејсбук“ страница.

„На ова оправдување на Заев не верува ни едно петгодишно дете. Сигурно е дека ова министерство и е дадено на Алијансата бидејќи без оваа партија немаше да има Влада. Се сеќавате ли како дојде до ова? Беше тоа време кога во Парламентот крвареше Зијадин Села и без никаков сомнеж јас бев избран од Алијансата да го водам Министерството за здравство. Почнавте и вие да ги делите министерствата на тие кои плачат повеќе или имате некое дете во коалиција што се лути на нас и не не сака? Жал ми е за Владата“, вели Таравари во статусот.

На крај тој го прашува премиерот Заев што има заедничко со Груевски и одговара дека тоа е само Али Ахмети.

Алијансата за Албанците денеска ќе одржи состанок на Централното Собрание во просториите на ресторанот „Арена“ во Гостивар на кој треба да одлучи дали ќе остане во владината коалиција, откако Заев потврди дека Венко Филипче е кандидатот за министер за здравство кој е испратен како предлог до Собранието.


Таравари стана градоначалник на Гостивар, Бејта му ја честиташе победата


Гостивар, 29 октомври, 2017 - 21:49 (META) 

Кандидатот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, според првичните резултати од ДИК, го победи неговиот противкандидат од ДУИ, Невзат Бејта, и стана нов градоначалник на општина Гостивар.

Тој ги критикуваше премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека се мешале во изборите и изјави дека очекува во Владата на неговото место во Mинистерството за здравство да седне некој од Алијансата за Албанците.

– Оливер Спасовски се јавуваше на луѓе што пиеле кафе со мене и со Селa да ги прашува како можеле да пијат кафе со нас. Државата се мешаше во избори. Министерот и премиерот Зоран Заев беа активни во кампањата на ДУИ. Јас се надевам дека ова веќе нема да се повтори во Македонја – рече Таравари, кој му порача на Заев дека ако „толку многу си го сака Бејта, да си го земе во Муртино“.

Членови и симпатизери на Алијансата за Албанците во Гостивар се собраа и слават на градскиот плоштад.

Бејта на прес-конференција му ја честиташе победата на својот политички противник Таравари и им се заблагодари на тие што гласале за него.


Ахмети прогласи победа на ДУИ во Кичево и во Пласница, Таравари води во Гостивар


Тетово, 15 октомври, 2017 - 21:28 (META) 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на прес-конференција во седиштето на партијата прогласи победа на нивните кандидати во Кичево и во Пласница – Фатмир Дехари и Исмаил Јахоски.

– Кандидатите на ДУИ се во водство и во другите општини каде што имаме поднесено кандидатури за градоначалници – рече Ахмети.

Според првичните неофицијални информации од партискиот штаб на Алијанса за Албанците, нивниот кандидат Арбен Таравари, води во битката за Гостивар и има повеќе гласови во однос на Невзат Бејта, кој е актуелен градоначалник и кандидат на ДУИ.


Петте кандидати за Гостивар ветија транспарентност и решенија за проблемите


Гостивар, 6 октомври, 2017 - 17:22 (META) 

На дебатата од карванот „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“, „Вистиномер“ и телевизијата „Арт“, во Гостивар петте кандидати за градоначалник на општината, секој посебно, ветија решавање на сите проблеми на граѓаните.

Во дебатата водена од новинарката Јета Џара, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Асаф Адеми од Беса, Невзат Бејта од ДУИ, Себајдин Изири од ДПА и Шпат Исеини од коалицијата на Национална демократска преродба и Унитети зборуваа за своите решенија за горливите проблеми во општината.

Беше ветено решавање на проблемите со депонијата Русино, но и на инфраструктурните проблеми, а за булеварот Браќа Ѓиновци беше кажано дека ќе се прошири. Беше нагласено и дека на Гостивар, наместо казина на секој чекор, му се потребни библиотека и театар во Домот на културата.

Речиси сите кандидати ветија дека ако го освојат мандатот, ќе работат транспарентно.

Дебатата од карванот „Живот во Македонија“ вечерва ќе се одржи во Кичево.


ВМРО-ДПМНЕ: Таравари да каже кои експерти одлучуваат за изградбата на клинички центар


Скопје, 23 септември, 2017 - 17:12 (META) 

По загубени четири месеци, Владата и министерот за здравство, Арбен Таравари, сфатија дека не можат да градат нов клинички центар на друга локација освен во рамките на веќе постојниот каде што владата на ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за градба и се обезбедија пари, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на министерот за здравство, Арбен Таравари.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека интересно е што и во јуни, Заев и Таравари кажаа дека експерти го гледаат договорот и оцениле дека не треба да се гради, за сега Таравари подготвува терен за промена на одлуката.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат министерот за здравство да ги објави имињата на експертите од јуни и на експертите што сега ќе одлучуваат за градба на овој капитален проект за државата, подготвен од ВМРО-ДПМНЕ според, како што велат, сите законски прописи и по највисоки стандарди.

Околу Советот за јавни набавки, од партијата велат дека оваа институција постои за да спречи местење тендери на државните институции.

„На Таравари, на Заев и на владата ова им пречи. Тие сакаат уште кога ќе излезе тендерот, да се знае кој ќе е победникот, кој се разбира во такви услови ќе понуди лек по повисока цена и со поголема заработувачка во која ќе има вградено провизија за сите што треба“, се додава во соопштението.


Таравари: Советот за јавни набавки е виновен за доцнење на испораката на лекови


Скопје, 23 септември, 2017 - 13:05 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вината за доцнење на испораката на некои лекови ја лоцира во Советот за јавни набавки, а не во Министерството за здравство.

Тој појасни дека кога пред шест месеци една фирма конкурирала за испорака на лекови, немало проблем, а сега, кога истата фирма конкурира со истите стандарди, има проблем пред Советот за јавни набавки.

– Има еден Совет за јавни набавки кој е комплетно политизиран. Фирми кои поминувале низ тој Совет пред шест месеци, сега, кога конкурираат, се спречени и затоа се јавуваат проблеми со лековите – рече Таравари.

Тој нагласи дека секаде каде што требало направиле интервентен увоз, но тоа чинело многу. Таравари информираше дека е побарано од премиерот да најде решение.

Министерот за здравство денеска информираше за сработеното во првите 100 дена и во оваа пригода исто така кажа дека до крајот на ноември ќе се знае дали во Клиничкиот центар ќе се гради новата зграда за интерни клиники за која претходната влада потпиша договор.

Тој рече дека експерти ќе спроведат анализа и ќе одговорат дали може да се изгради клиниката или нејзината изградба ќе го попречува функционирањето на Клиничкиот центар. Според него, доколку нивната одлука е дека може да се организира работата ќе се изгради, но доколку нивната одлука е дека ќе спречи функционирање на Клиничкиот центар тогаш ќе се бара ново решение.

Во однос на неговата кандидатура за градоначалник на Гостивар, додаде дека во Министерството за здравство работи екипа од 15 лица кои се компетентни и кои ја вратија довербата во ова министерство.

– Додека сум јас кандидат за градоначалник нема никакви законски пречки за мојот заменик министер да ја врши мојата функција. Инаку екипата си функционира беспрекорно – рече Таравари.


Таравари: Ако гостиварци не ми веруваат, се враќам на лекарската професија


Скопје, 10 септември, 2017 - 10:59 (META) 

Министерот за здравство во заминување, Арбен Таравари, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“ зборува за проблемите во ресорот што ги затекна и со кои се справуваше, како и за својата кандидатура за градоначалник на Гостивар.

– Сега е моментот да видам колку тежам и вредам во мојот град. Ако тие ми веруваат и ми дадат гласови, ќе знам дека вредам во политиката. Ако не ми дадат гласови и мислат дека не треба да продолжам во политиката, јас си имам златен занает – вели министерот за здравство во заминување.

Арбен Таравари, кој важи за истакнат стручњак во својата професија, верува дека во Министерството за здравство ќе има континуитет по него.

– Точно е дека нема да стигнам да ги видам првите резултати од тримесечното работење на директорите, меѓутоа јас мислам дека во Министерството ќе има континуитет и за тоа гарантирам, и во здравствените политики и во идеите што јас ги почнав во првите 100 дена, така што, кој било да е мој наследник, јас се надевам дека тој ќе продолжи по истиот пат, ќе се трасираат и ќе се очекуваат истите резултати што јас ги почнав во првите 100 дена, така што граѓаните нема да почувствуваат дека има некаква промена, само личноста ќе биде друга – вели Таравари.

Запрашан за смртните случаи во текот на неговото министерување, вклучително и за мртвороденчињата, Таравари вели дека комисијата формирана уште пред неговиот мандат, а потоа преоформена во нов состав, треба да даде решенија, односно препораки.

– Пред јас да дојдам за министер, имаше комисија која требаше да ги разгледува овие случаи и да направи одреден акциски план, меѓутоа, за жал, таа комисија не се имаше сретнато речиси две години. Сега направивме нова комисија која ќе се занимава само со смртта на доенчиња. Комисијата ќе даде одреден акциски план, кој Министерството ќе треба да го спроведе, сè со цел до 2021 година да имаме како предизвик да ја намалиме смртта на доенчињата до 20 отсто. Не само Министерството, туку и повеќе невладини организации во Македонија ни стојат на располагање за ова, бидејќи еден од индикаторите кој кажува колку е добра и стабилна здравствената политика во една држава е смртноста на доенчињата. Комисијата веќе е назначена, тие што поскоро треба да дадат одредени чекори и мерки што треба да ги преземеме ние како администрација за да ја достигнеме таа цел, да ја намалиме смртта на доенчињата за 20 отсто за четири години – вели министерот за здравство во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.


Таравари ќе се кандидира за градоначалник на Гостивар


Гостивар, 3 септември, 2017 - 18:41 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, ќе биде кандидат за градоначалник на Алијансата на Албанците за Гостивар, објави порталот „Сакам да кажам“.

Според извори од партијата на Зијадин Села, по неуспешните преговори со Беса за заеднички да настапат на претстојните локални избори, тие одлучиле во Гостивар да настапат самостојно, а нивен кандидат да биде Таравари.

– Најверојатно, ќе се кандидирам за градоначалник на Гостивар, како кандидат на Алијансата. До почнување на предизборната кампања, останувам во Министерството за здравство. За време на кампањата ќе земам две недели одмор, меѓутоа ќе одам во Министерството за да завршам неопходни работи – изјави Таравари.