Седум дуќани од Старата охридска чаршија ќе добијат нов изглед


Охрид, 12 октомври, 2018 - 15:51 (META) 

Општина Охрид  и Министерството за економија наредниов период ќе реализираат проект за уредување на излозите во Старата охридска чаршија и враќање на нејзиниот автентичен изглед.

При потпишувањето на Договорот за соработка, министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека проектот се однесува и на разубавување на чаршијата и привлекување поголем број посетители и гости од земјава и странство.

„За реализација на овој проект годинава обезбедивме буџет од 16,5 милиони денари, а преку јавен повик беа поканети општините Чаир, Центар, Битола, Охрид и Струга да аплицираат, притоа запазувајќи ги условите од самата техничка документација и предмет-пресметките, кои ги дистрибуиравме до нив. На повикот пристигнаа вкупно 182 апликации, а од услови согласно повикот исполнија 160 дуќани, од кои 115 од скопската, 38 од битолската и седум од охридската чаршија. За жал, од струшката чаршија не добивме апликации“, рече Бектеши.

Предложените проектни решенија на огласот треба да го сочуваат главниот влез на дуќаните, да ги оформат фасадите со натпис сразмерен на нивната површина, влезот на дуќаните да го оплеменат со зеленило и да предвидат натстрешница во склоп на излогот. Проектот „Ревитализација на излозите  во старата чаршија“, покрај во Охрид, ќе се реализира и во општините Чаир, Центар и Битола.

Овие општини ќе имат рок од една година за имплементација на споменатите активности, а дуќанџиите немаат никаква обврска да партиципираат нивни средства, односно сите средства се обезбедени од Министерството за економија.


Манчевски: Отворените податоци може да создадат иновативни бизниси и подобар живот на граѓани


Скопје, 26 јули, 2018 - 15:42 (META) 

Отворените податоци можат да бидат силен поттик за социјален и економски развој. Тие може да се искористат и за подобрување на управувањето преку зголемување на транспарентноста, отвореноста, интегритетот и јавното учество во централната и локалната власт, порача денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Тој ги презентираше Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци.

-Ова ќе доведе до подобрување на испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Ќе го зголеми на учеството на граѓаните. Особено треба да се нагласи дека директно ќе влијае позитивно во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси. Наша главна заложба е да ги донесеме услугите до граѓаните. Тоа е многу полесно отколку да ги носиме граѓаните до услугите. Отворањето на податоците е еден од механизмите да го постигнеме тоа – рече министерот за информатичко општество и администрација.

Тој посочи пример како со отворените податоци може да се развие бизнис. Односно, како што рече од објавувањето на податоците од сензорите поставени на раскрсниците, ќе може да се направи апликација која корисникот ќе го известува каде има сообраќајна гужва и ќе му нуди други правци за да не заглави во метеж. Друг пример е случајот на Британија, односно со апликацијата за квалитетот на услугата што ги нудат болниците или училиштата.

– Одлуката во кое училиште да го запишат своето дете британците ја носат според, отворените податоци за училиштата кои даваат јасна слика за услугите што го нудат училиштата. Тоа што како позитивен пример од кај нас ќе биде исто така дел од порталот е и софтверот за трошоците на функционерите – рече Манчевски, посочувајќи дека МИОА во моментов МИОА го доработува порталот за отворени податоци.


Општините ќе може да апицираат за 5 милиони евра за подобрување на услугите


Скопје, 11 јуни, 2018 - 15:34 (META) 

Општините ќе може да аплицираат со капитални проекти за средства од Проектот за подобрување на општинските услуги, информираше министерот за финансии, Драган Тевдовски  на отпочнувањето на градба на општинската зграда на Oпштина Арачиново.

Тој најави дека ќе биде објавен јавен оглас за 5 милиони евра заеми преку проектот и ги повика градоначалниците кои што имаат добар проект да аплицираат за средствата.Општинската зграда во Арачиново e финансирана со грант средства од ИПА во износ од 260.000 евра.

– Голема благодарност до Светската банка и Европската унија, кои финансиски го поддржуваат Проектот за подобрување на општинските услуги. Станува збор за вкупен фонд за заеми од 81,1 милиони евра од Светска банка и 20,6 милиони евра грант-средства од ЕУ преку ИПА-фондовите – рече министерот.

Проектот за подобрување на општински услуги е наменет за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во општините. Тој поддржува проекти од типот на локална патна инфраструктура, изградба на детски градинки, зелени пазари, водоснабдување, енергетска ефикасност, комунални како и други општински услуги.

Досега се склучени 72 договори со 56 општини за заем преку проектот, додека за ИПА грантовите се склучени договори со сите 78 општини за 133 проекти.


Барања за земјоделски субвенции може да се поднесуваат до 15 мај


Скопје, 23 март, 2018 - 13:40 (META) 

Земјоделските стопанства ќе можат да поднесуваат барања за субвенции за 2018 година до 15 мај, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во програмата се предвидени 6 милијарди и 210 милиони денари кои се наменети за директни плаќања.

Барањата се поднесуваат по електронски пат, а доколку барателите имаат потреба од помош или не се во можност самите да го креираат барањето, за помош може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Агенцијата на својата веб-страница www.ipardpa.gov.mk ги објави упатствата за корисниците, телефонските броеви и електронската адреса каде ќе може да поставуваат прашања за поднесување на барањата.


За проектот „Купи куќа за млади“ ќе може да се аплицира од утре


Скопје, 14 јануари, 2016 - 15:57 (META) 

Собранието ги усвои измените на Законот за субвенционирани станбени кредити, со кои се создадоа услови за спроведување на проектот „Купи куќа за млади“.

Заинтересираните граѓани може да ги поднесат апликациите во една од осумте банки што учествуваат во проектот – НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка, Стопанска банка Битола, Шпаркасе, Охридска банка, ТТК, Алфа и Прокредит банка.

„Купи куќа за млади“ е нов проект што Владата ќе го почне од 1 февруари, а целта, како што најави премиерот Никола Груевски, е младите до 35 години полесно да дојдат до свој дом.

Проектот опфаќа два модели за финансиска помош за апликантите.

Првиот модел е субвенционирање на 80 проценти од ратата за кредитот (главнина и камата) во првите осум години, а во следните три години субвенцијата ќе изнесува 50 проценти. Субвенционираниот период за ратите е 11 години.

Вториот модел на субвенционирање е стопроцентна исплата на неповратни средства за учество во кредитот.


Апликациите на „Мајкрософт“ ќе бидат прединсталирани на уредите со „андроид“


Вашингтон, 25 март, 2015 - 15:36 (META) 

Компанијата „Мајкрософт“ објави дека најдоцна до крајот на годинава ќе почне да ја применува практиката за таблетите на „Самсунг“ и на „Дел“ со оперативен систем „андроид“ да доаѓаат со прединсталирани апликации како што се „ворд“ „ексел“, „пауер поинт“, „ван ноут“, „ван драјв“ и „скајп“.

Уште во февруари „Мајкрософт“ потврди дека „скајп“ „ван ноут“ и „ван драјв“ доаѓаат прединсталирани на телефоните „samsung galaxy S6“ и „galaxy S6 edge flagship“.

Корисниците, кои од некоја причина не сакаат да ги користат овие апликации, ќе бидат задоволни со информацијата од „Самсунг“ дека ќе постои можност за отстранување на прединсталираните апликации.


„Блекбери“ понуди пристап до апликациите „андроид“


Ванкувер, 9 март, 2015 - 14:36 (META) 

Компанијата „Блекбери“ лансираше нова верзија на својот оперативен систем, кој на корисниците на мобилните уреди на овој произведувач ќе им овозможи пристап до апликации „андроид“. Оперативниот систем 10.3.1, исто така, носи и унапредување на постојниот кориснички интерфејс и уште многу нови опции, со кои се надградуваат постојните софтверски решенија.

Новиот оперативен систем е достапен за уредите Z30, Z10, Q10, Q5, P’9983 и P’9982, додека новата верзија на оперативниот систем од октомври минатата година постоеше само на телефоните „паспорт“. Постојните корисници на овие уреди можат да го инсталираат новиот оперативен систем со едноставна надградба, која е голема околу еден гигабајт.

Новата верзија на оперативниот систем донесува помодерен визуелен приказ на целокупниот интерфејс и нови додатоци и опции, меѓу кои е и најважната „амазон епстор“, „бленд“ и „асистент“. Исто така, новиот оперативен систем овозможува едноставно користење на самиот уред низ „блекбери хаб“, преку кој на почетниот екран може да се пристапи кон најчесто употребуваните апликации.


„Ај-Би-Ем“: Апликациите за интернет-запознавање се небезбедни


Вашингтон, 12 февруари, 2015 - 19:30 (META) 

Американската компанија „Ај-Би-Ем“, која се занимава со компјутерска технологија, објави резултати од истражување што укажува на недостиг од безбедност кај апликациите за запознавање преку интернет.

„Ај-Би-Ем“ соопшти дека испитал 41 најпопуларна апликација за средби кај оперативниот систем „андроид“, од кои 26 се покажале дека претставуваат опасност.

Групата објаснила дека при анализата регистрирала повеќе проблеми. Подложност на негативни влијанија, умерени или поголеми, не се присутни само во тие услуги, туку некои од нив овозможуваат и пристап до функции како што се фотоапарат, ГПС или микрофон.

За да се минимизираат опасностите, препораката е, меѓу другото, за секоја услуга да се прави посебна лозинка, што ќе ги отежни хакерските напади.


Абу Даби: Доделени годинешните награди за најдобрите мобилни апликации во светот


Абу Даби, 3 февруари, 2015 - 14:57 (META) 

Четириесет меѓународни тимови кои победија на минатогодишната манифестација „Награда на светскиот самит“ (НСС) и осум од годинешниот НСС-шампионат на глобални мобилни содржини, ги добија наградите за пионерски иновации на полето на мобилни содржини за време на тридневниот настан „ИКТ споделување на знаење“, кој од вчера почна во Абу Даби.

За време на тридневниот настан, беа презентирани 500 мобилни апликации од 178 земји, а апликациите беа распределени во осум главни категории, како што се економија, социјални и бизнис-области, трговија и владеење со животната средина, здравје и едукација.

НССЖирито составено од ИТ-експерти, чиј член е и Бардил Јашари, директорот на македонската Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, се фокусираше на оригиналноста, разновидноста и на креативноста на содржините.

– Настанот беше одлична можност да се сретнат и да се разменат знаења и искуства со признати експерти во оваа област. Имав можност да се запознаам за најновите случувања на полето на создавање содржини за мобилни телефони. Во Македонија има потенцијал за развој, имајќи предвид дека употребата на мобилни телефони во Македонија е на високо ниво, како и користењето паметни телефони во секојдневневието – изјави Јашари за „Порталб“.

Јашари истакна дека македонските програмери можат да учествуваат во натпреварот и додаде дека како дел од жирито, имал можност да биде дел од интересни дебати и да ги чуе мислењата на светските експерти за перспективите на оваа поле.

За време на тридневниот настан, кој секоја година се организира, покрај промовирање на новите мобилни содржини, се организираат работилници, изложби на најнови иновации на полето на мобилните технологии, како и предавања на светски реномирани експерти.