Одбиени првите барања на Груевски, сега се бара изземање на судијката-известител


Скопје, 31 август, 2018 - 16:12 (META) 

Откако по два и пол часа заседавање Врховниот суд попладнево го одби барањето на адвокатите на Никола Груевски за изземање на судечкиот совет и в.д. претседателката на Апелациски суд, одбраната повторно побара изземање, овојпат на судијката – известител, Тања Милева.

Апелацискиот суд денеска на јавна седница треба да решава за жалбата на Никола Груевски и на поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, за затворските казни што Кривичен суд им ги досуди во случајот „Тенк“. Поповски доби шест и пол години затвор, а Груевски две години.

На почетокот на денешната седница, адвокатите на поранешниот премиер побараа одложување на седницата, со образложение дека мора да одат на други судења кои се приоритетни, бидејќи станува збор за притворски предмети. Судечкиот совет во Апелација не го прифати ваквото барање на адвокатите. Тогаш тие побараа да се изземат судечкиот совет и претседателката на Апелација, Лидија Димчевска.

Како образложение на денешното трето барање, адвокатот Стерјо Зиков ја наведе поврзаноста на сопругот на судијката – известител, Игор Милев, со СДСМ, како и изборот на судијката откако е започнато судењето за случајот „Тенк“.

Поради најновото барање беше прогласена пауза од 30 минути, за претседателката на Апелација да донесе одлука.


Во судовите функционирал двоен АКМИС – рачен и компјутерски


Скопје, 13 јули, 2018 - 10:33 (META) 

Извештајот за користењето на информатичкиот систем за автоматска прераспределба на предмети (АКМИС) открива дека тој во голема мерка не функционирал, како и дека повторно во движењето на предметите решавал човечкиот фактор, открива извештајот на Работната група формирана од Министерството за правда.

Актуелната министерка Рената Дескоска го објави извештајот на групата вчера и од него се гледа дека во Основен суд Скопје 1 (Кривичен суд), освен во 2013 година, не се правел годишен план за управување со движењето на предметите во судовите и спречување на создавање и намалување на нерешени предмети. Поради тоа дури 860 предмети не биле завршени, се констатира во извештајот за увидот извршен на 26 октомври минатата година, кој јавноста го дознава дури сега.

Во овој суд, инаку, завршија речиси сите случаи на Специјалното јавно обвинителство и тамошните судски совети решаваа за прифаќање на обвиненијата од СЈО.

При средбата со работната група, тогашниот в.д. претседател Стојанче Рибарев кажал дека во огромен дел распределбата на предметите се вршела рачно, односно како што тој го нарекол тоа „дупли АКМИС“. Тој на 3 јули минатата година формирал работно тело за управување со движење на предметите во Судот. Претходно немало такво нешто, но и откако Рибарев формирал своевидна комисија, не бил формиран Годишен план за управување со движењето на судот, ниту се донесени внатрешни процедури.

Работната група формирана од министерот за правда утврдила дека грубо била повредена и процедурата за донесување на Годишниот распоред за работа на Судот и тој бил често менуван.

Така, често одредени предмети се префрлале од еден на друг судија, а поради честото менување на годишниот распоред за работа, бил ограничен изборот на судии на кои автоматски ќе им се прераспредели предмет. Но честопати, како што се напоменува на повеќе места во извештајот, распределувањето сепак не било компјутерски, туку рачно.

АКМИСОТ не се користел за распределба на предмети на судиите на претходна постапка и на кривичните совети во одделите Кривично полнолетни и организиран криминал, каде што беа предметите од СЈО. АКМИС-от немал дури ни внесени  параметри за автоматска распределба според уписниците. Уписничарот вршел избор на стручен соработник кој треба да го направи изборот на кривичниот совет пред кој го изнесувал предметот.

Како што утврдила работната група, некои судии биле исклучувани од автоматската распределба на предмети по основа на известувања за отсуство по различни основи, најчесто во времетраење пократко од пет дена. Но и во овие случаие немало писмена одлука со наредба и образложение, туку само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување.

Уписниците најчесто се правеле на хартија, а електронските се речиси празни.

Работната група препорачува веднаш да се почне со целосна примена на АКМИС-от во Кривичен суд.

Исклучувањето на судии од автоматската распределба се вршела со наредба на претседателот на судот, заедно со наведени причини за исклучувањето и со барање итните предмети да бидат прераспределени на друг судија преку АКМИС.

Во 2017 година имало 200 случаи на изземање на судија, но тоа се правело на законска основа, се вели во извештајот на работната група. Причините биле блиски роднински врски со судија од првостепената постапка или со адвокат од првостепената постапка или кога судијата постапувал во првостепената постапка.

Работната група препорачува, поради бројот на изземања, предметите од основните судови да се распределуваат по случаен избор во сите апелациски судови.

И во Врховниот суд, слично како во скопска Апелација, имало изземања на судии поради истите причини како во второстепениот суд. Исто така, спротивно на правилата, автоматската прераспределба на предмети се одвивала повеќе пати во денот, наместо еднаш.

Работната група формирана од Правда препорачува веднаш да се преземат мерки за целосно да профункционира АКМИС-системот и да се зајакнат контролите.


Ивона Талевска вели дека не била виновна, ама морала така да каже


Скопје, 10 јули, 2018 - 10:05 (META) 

Иако пред само пет месеци призна вина, новинарката Ивона Талевска вчера на јавна седница во Апелацискиот суд во Скопје негираше каква и да е нејзина виновност за милионското даночно затајување за коешто беше осудена во предметот наречен „Тифани“, јави ТВ 24.

– Јас и ден-денес не чувствувам вина, но поради медиумската хајка, која што трае повеќе од една година, сметав дека признание на вина е најдобро решение. И пред пресудата, јас веќе бев осудена поради јавните и медиумските притисоци, но и од социјалните мрежи. Не сум задоволна со условната казна – вели Талевска.

Одбраната на Талевска се обиде да докаже дека во случајот со даночното затајување имало и застарување на кривичното дело, но и тоа дека имало вулгаризирање на приватноста и интимата на Талевска, со јасна алузија на нејзината долна облека од 500 евра.

Ивона Талевска, за затајување на данок по неколку основи и како физичко лице, но и како сопственичка на фирмите „Смарт центар“ и „Смарт груп“, на 19 февруари оваа година, беше осудена на казна затвор во траење од две години кој нема да го издржи доколку во следните четири години не стори ново кривично дело. Со пресудата таа е обврзана да го врати целиот износ од повеќе од 3,5 милиони денари (57.000 евра).


Судењето за „Тортура“ одложено за 23 март, се чека одлуката на Апелација за Мијалков


Скопје, 28 февруари, 2018 - 10:41 (META) 

Првото рочиште од судскиот процес за случајот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство, кое требаше да се одржи денеска е одложено, бидејќи како што соопшти судијката Александра Ристеска, Апелацискиот суд сè уште не донел одлука по жалбата на СЈО дали и на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков ќе му се суди за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година.

Советот за оценка на обвинителен акт во декември само делумно го прифати обвинението на СЈО за „Тортура“ и одлучи на Мијалков да не му се суди за апсењето на Бошкоски, туку само на шестмината полицијаци, на чело со поранешниот командант на едницата „Алфа“, Ивица Анчевски-Пуки. Поради ова СЈО, поднесе жалба до Апелацискиот суд.

Судијката Ристеска додаде дека против Мијалков нема правосилен обвинителен акт и следното рочиште го закажа за 23 март.

Инаку, во Кривичниот суд во Скопје денеска дојдоа Љубе Бошкоски и шестмината обвинети припадници на единицата „Алфа“. Од СЈО присутни беа обвинителите Љубомир Лапе и Гаврил Бубевски.

СЈО ги товари Мијалков и шестмината полицајци за кривичното дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, а се однесува на апсењето на Бошкоски еден ден по предвремените парламентарни избори во 2011 година пред ресторанот „Воденица“ во Скопје.


ВМРО-ДПМНЕ: Правдата ќе има кога судот ќе ги ослободи сите притворени за 27 април


Скопје, 22 февруари, 2018 - 11:13 (META) 

Правдата ќе биде задоволена само тогаш кога судот ќе ги ослободи и останатите неосновано притворени патриоти кои без никакви аргументи веќе трет месец се држат во затвор, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Правната држава ќе почне да функционира само тогаш кога ќе бидат укинати и домашните притвори и кога ќе бидат отфрлени неоснованите обвиненија за тероризам. Судот мора да биде на висина на одговорноста што ја има и да утврди дека нема никаква правна основа да бидат задржани во истражен затвор и останатите притворени во врска со настаните од 27 април.‬ Притворените лица не се терористи, туку жртви на еден недемократски, политички монтиран случај“, стои во соопштението.

Вчера, Апелацискиот суд потврди дека ги прифатил жалбите на организаторите на протестите на „За заедничка Македонија, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и на пратеникот Љубен Арнаудов, и дека мерката притвор во истражен затвор им ја заменил со куќен притвор и одземање на пасошите. Покрај нив тројца, Апелација им одреди куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски и на Оливер Радулов.

Во истовреме, Апелацискиот суд одлучила поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.

Според најавите, Апелацискиот суд денеска на јавна седница треба да одлучува по жалбите за продолжените притвори на пратеникот Крсто Мукоски, актерот Владо Јовановски и на разузнавачот Мунир Пепиќ.


Дамовски, Илиевски и Арнаудов излегуваат од „Шутка“, Апелација им одреди куќен притвор


Скопје, 21 февруари, 2018 - 13:03 (META) 

Организаторите на протестите на „За заедничка Македонија, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и пратеникот Љубен Арнаудов, излегуваат од истражниот затвор „Скопје“, откако Апелацискиот суд Скопје им ги прифатил жалбите и им ја заменил мерката притвор со куќен притвор и да им бидат одземени пасошите, потврдиле за „Телма“ од судот.

Дамовски, Илиевски и Арнаудов се меѓу 35-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Покрај нив тројца, Апелација им одредила куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски, кој работел во кабинетот на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски и на Оливер Радулов од УБК.

Во истовреме, Апелацискиот суд одлучила поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.


Апелација ја потврди четиригодишната затворска казна за напаѓачот на Шекеринска


Скопје, 27 јануари, 2018 - 16:13 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја отфрли жалбата на Панче Ангелов за четиригодишната затворска казна што му ја одреди Кривичниот суд за нападот на Радмила Шекеринска, тогашна пратеничка, а сега актуелна министерка за одбрана, за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година, пренесува „Телма“.

Со одлуката Апелацискиот суд ја потврди пресудата и висината на казната што на Ангелов му ја одреди првостепениот суд на 12 октомри, минатата година.

Ангелов и неговата одбрана на јавна седница во Апелација на 16 јануари побараа судот да ја преиспита висината на казната и да определи поблага или условна казна.

Тој пред судот рече дека само ја потегнал Шекеринска за коса, но не ја повредил.


Од утре нов круг на одлуки за притворите на осомничените за 27 април


Скопје, 25 јануари, 2018 - 16:10 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја отфрли жалбата и го потврди решението на Кривичниот суд со кое му беше продолжен притворот на режисерот Борис Дамовски, кој е еден од осомничените за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Со ова, Апелација ги одби жалбите и им го потврди притворот на сите осомничени на кои им беше продолжена мерката, меѓу кои, покрај Дамовски се и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, актерот Владо Јовановски, поранешниот директор на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен и на уште 24 лица.

Кривичниот суд им го продолжи притворот на осомничените за насилствата во Собранието на 27 декември, минатата година што значи дека утре истекуваат 30-те дена од продолжената мерка.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска не одговорија на нашето прашање дали ќе бараат продолжување на притворите за нови 30 дена.


Не сум сторила тероризам, со моето апсење е прекршен Уставот, рече Пешевска во Апелација


Скопје, 22 јануари, 2018 - 15:01 (META) 

Не сум сторила тероризам, не сум ја загрозила безбедноста на македонскиот народ. Повреден е законот и Уставот со моето апсење. За полицијата не важеше мојот пратенички имунитет. Бев држена 16 часа со лисици на рацете, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска на денешната јавна седница на Апелацискиот суд во Скопје за продолжувањето на куќниот притвор кој и беше изречен, пренесе „Макфакс“.

-Не можам да повторам дело кое не сум го ни извршила. Не мислам да бегам и да влијаам врз сведоци. Ги понудив и двата пасоша, ако има потреба. Немам ниеден ден отсуство во Собранието. Мајка сум на три малолетни деца. Живеам со стари свекор и свекрва за кои се грижам. Загрозена ми е здравствената состојба, како и на моите деца кои се под третман на психолози – рече Пешевска.

Таа се произнесе дека не е виновна и бараше да и се укине куќниот притвор.

Според адвокатот Боро Тасевски, решението на кривичниот суд за куќниот притвор не содржи факти и докази. Тасевски пред тричлениот судски совет рече дека во постапката за продолжување на притворот биле прекршени нејзините права.

-Се прашуваме кое кривично дело би го повторила или би сторила ново дело? Настаните за кои е обвинета се случувале пред повеќе од 6 месеци. Таа дури пред два дена беше повикана да даде исказ во Обвинителството – рече Тасевски.

Вишото јавното обвинителство бара да остане мерката куќен притвор. Сметаат дека со оваа мерка не се повредени законите и меѓународните конвенции.

-Неоснована е жалбата дека на семејството не може да им укаже лекарска помош – рече вишата јавна обвинителка.


И Мукоски останува во притвор, одлучи Апелација


Скопје, 17 јануари, 2018 - 14:45 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата за продолжувањето на притворот и на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, осомничен за минатогодишните насилства во Собранието од 27 април.

Второстепениот суд за жалбата на Мукоски одлучувал на затворена за јавност седница.

Со одлуката на Апелација Мукоски останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, кој на 27 декември, минатата година му беше продолжен за нови 30 дена.

Судот дополнително треба да решава и за жалбите на пратениците Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски, на кои им е продолжен куќниот притвор.

Од Апелација информираат дека сè уште се чекаат одговорите на жалбите од Вишото јавно обвинителство за овие два предмети.

Инаку, Апелацискиот суд досега ги одби сите жалби за продолжените притвори на осомничените за 27 април, меѓу кои и на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, на актерот Владо Јовановски, на Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен и на пратениците Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љубен Арнаудов.

За насилствата во Собранието се осомничени 36 лица, кои се товарат за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.