Претседателот на ЕП, Тајани, против предлогот за Нобелова награда за Ципрас и Заев


Атина, 8 февруари, 2019 - 12:08 (META) 

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани и заменик – претседател на Европскaта народна партија (ЕПП) во која членуваат партиите на европската деница –  не ја поддржува кандидатурата на Алексис Ципрас и Зоран Заев за Нобелова награда за мир, јави грчка „иЕфимерида“.

Тој на седница на Бирото на ЕПП во Атина објасни дека како заменик – претседател на ЕПП не може да ја потпише кандидатурата, како што тоа го направија претседателите на Социјалдемократите, Уду Булман и Грен Скелер, и на Левицата, Гиби Цимер, бидејќи на Ципрас му претстојат избори во Грција.

– Нема да потпишам кандидатура за Нобелова награда за премиер пред избори – рече Тајани.

Номинацијата на Заев и Ципрас на 18 декември минатата година во Скопје ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи на церемонијата што се одржа на Универзитетот ФОН. Бушамауи рече дека Договорот од Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, да преговараат и да постигнат договор.


Заев до Тајани: Посветени сме и имаме енергија да испорачаме резултати


Брисел, 6 декември, 2017 - 13:37 (META) 

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска се сретнаа со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.

На средбата Заев нагласил дека сега е време да се искористат напорите и во првата половина на 2018 година, Советот на ЕУ да усвои одлука за почеток на пристапните преговори, за која се очекува да пристигне од страна на Европската комисија.

– Нашиот пристап во политиката, и во домашната, и во меѓународната политика, е без скриени агенди и искрено решавање на сите прашања, без разлика колку се тие лесни или тешки. Драго ни е што нашата амбиција и подготвеност за вистински чекори во процесот на пристапување во ЕУ се совпаѓаат со обновениот импулс и интерес за проширување во ЕУ – истакнал Заев.

Тој нагласил дека кај Владата постои јасна и неспорна посветеност и енергија за да се испорачаат резултати.

– Испораките на вистинските резултати од реформите како наш аргумент, се нашиот билет, без кој не можеме да побараме и да очекуваме одлука за почнување на преговорите за пристап. Вложуваме напори за повторно воспоставување на Македонија како кредибилен партнер на своите меѓународни пријатели – истакнал Заев.

Од владината прес-служба информираат дека Тајани изразил честитки за резултатите од реформскиот процес, дека искажал отворена поддршка од Европскиот парламент за Република Македонија и најавил интензивирање на соработката на Собранието.

Тој изразил очекување дека во новата стратегија за проширување на ЕУ ќе биде испратена јасна порака дека Република Македонија и другите земји од Западен Балкан се во приоритетите на таа стратегија.


Заев ќе се сретне со Јункер, Тајани, Могерини и со Хан во Брисел на 5 и 6 декември


Скопје, 2 декември, 2017 - 14:50 (META) 

Премиерот Зоран Заев ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за време на својата дводневна работна посета на Брисел на 5 и 6 декември, информираат од кабиентот на премиерот.

По средбата, која е прва меѓу македонски премиер и актуелниот претседател на Европската комисија, предвидени се заеднички изјави на Заев и на Јункер.

„На 6 декември, Заев ќе се сретне со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, веднаш по молитвениот појадок во Европскиот парламент. Истиот ден, попладнето, премиерот ќе има состанок со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини. Премиерот Заев ќе има средба и со комесарот за соседска политика на ЕУ и за преговори за проширување, Јоханес Хан, со што завршува работниот дел од посетата на највисоките институции на ЕУ“, се вели во соопштението од Владата.

За време на оваа посета на највисоките институции на ЕУ во Брисел, Заев и делегацијата на Владата, во состав вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Никола Димитров, министер за транспорт и врски, Горан Сугаревски и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, ќе имаат средби и со други високи претставници на Европскиот парламент и на Европската комисија.

Во рамките на оваа дводневна посетата на Брисел, премиерот Заев ќе учествува на дебатата на тема „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската Унија“ во организација на Центарот за европски политички студии (CEPS), како и на трибината „Македонија по Шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Брисел.


Следната недела во Брисел, Заев ќе се сретне со Јункер, Тајани, Могерини и со Хан


Скопје, 29 ноември, 2017 - 12:53 (META) 

Премиерот Зоран Заев на 5 и на 6 декември ќе престојува во дводневна посета на Брисел, каде што ќе учествува на повеќе настани и ќе се сретне со високи претставници на европските институции, информираат од владината прес-служба.

Во рамки на посетата, Заев ќе присуствува на Европскиот молитвен појадок, на покана на европратеникот Алојз Петерле, а ќе учествува и на настани организирани од Центарот за европски политички студии и од Фондацијата „Фридрих Еберт“.

На вториот ден од посетата, Заев ќе се сретне со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, со високата претставничка за надворешна и за безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и со еврокомесарот Јоханес Хан.


Брексит ќе чини до 60 милијарди евра, потврди Тајани


Лондон, 18 октомври, 2017 - 12:28 (META) 

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, денеска изјави дека сметката за излегувањето на Велика Британија од Европската Унија (Брексит) изнесува меѓу 50 милијарди и 60 милијарди евра, колку што беше и претходната неформална проценка на Брисел.

– Треба да бидеме реални, но британската влада не е реална. Се споменуваа 20 милијарди, но тоа е бесмислено. Сметката ќе биде меѓу 50 милијарди и 60 милијарди евра, а тоа е реално – рече Тајани во емисија за британската телевизиска мрежа „Би-би-си“.

Тој истакна дека е неопходно да се стави сметката на маса, притоа критикувајќи го „нејасниот став“ на британските власти во преговорите со Брисел за Брексит.

– Сакаме да знаеме што сака Велика Британија. Во тоа е проблемот. Не е јасно – рече Тајани.


Претседателите на стопанските комори од регионот се сретнаа со Тајани


Подгорица, 19 јули, 2017 - 20:36 (META) 

Претседателите на стопанските комори на земјите од Западен Балкан, денеска во Подгорица се сретнаа со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.

Состанокот, на кој присуствуваа и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и претседавачот на собранието на комората, Антони Пешев, се одржал во просториите на Стопанската комора на Црна Гора.

„Констатирано е дека со донесувањето на повеќегодишниот акционен план за Регионалната економска област, Европската Унија ги насочува земјите од Западен Балкан да се фокусираат на меѓусебната соработка, а понатамошниот развој ќе се реализира преку структурите на ЦЕФТА“, информираат од Стопанска комора.

Тајани порачал дека земјите од Западен Балкан треба да ги подобрат економските реформи и владеење на правото.


Јункер до Тајани: Смешен си!


Брисел, 4 јули, 2017 - 18:10 (META) 

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска го нарече претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, „смешен“, по малата расправа за присуството на мал број европратеници на пленарната седница на Европскиот парламент.

Јункер им се заблагодари на пратениците за присуството и рече дека малиот број е одраз на тоа дека „парламентот е несериозен“.

Од повеќе од 700 европратеници, на седницата присуствувале неколку десетици.

Тајани побара „поголемо почитување“ и додаде дека Комисијата не го контролира Парламентот, туку обратно.

– Само неколку членови на парламентот ја контролираат Комисијата. Смешен си! – возврати Јункер.

И Тајани и Јункер припаѓаат на Европската народна партија.


Тајани: Во некои земји од Западен Балкан нарушени се демократијата и стабилноста


Брисел, 9 март, 2017 - 19:53 (META) 

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, на почетокот на дводневниот самит на Европската Унија во Брисел, изјави дека во некои од земјите на Западен Балкан нарушени се демократијата и стабилноста.

Тајани во својот говор на почетокот на заседанието на шефовите на држави и на влади на земјите членки на ЕУ рече дека „Европската Унија во минатото била светилник за многу земји“ и дека „тоа мора и понатаму да биде така за сите земји од Западен Балкан“.

„Но, во некои од тие земји се забележуваат знаци кои алармираат дека стабилноста и демократските процеси се нарушени. Тука Европа мора да го покаже своето водство, да остане норма и да искаже голем степен на единство“, истакна Тајани.

Европскиот парламент, наведе тој, е целосно посветен на политичката и на економската соработка со тие земји.

„Наша цел и понатаму останува овие земји да станат членки на Унијата“, нагласи Тајани.


По реакциите во Атина, Тајани на грчки преку „Твитер“ рече дека Александар Велики е Грк


Атина, 27 јануари, 2017 - 11:44 (META) 

Грчката политичка и дипломатска јавност се крена на нозе поради стари изјави на новиот претседател на Европарламентот, Антонио Тајани, во кои тој ја именува Македонија под уставното име и вели дека Александар Велики е предок на македонскиот народ. Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, го обвини Тајани за извртување на историјата, Грција испрати протестна нота до претседателот на ЕП, а голем број грчки европратеници го критикуваа за непознавање на историјата и за голема грешка.

Тајани на „Твитер“ по грчките реакции напиша дека одлично ја познава историјата и знае дека Александар Велики бил Грк. Реакција дојде и од неговиот кабинет, од каде велат дека претседателот на Европскиот парламент го застапува ставот на ЕП дека единственото име под кое е признаена Македонија е привремената референца БЈРМ.

„Живееме во време кога некои ја пишуваат историјата на свој начин. Од Рама кој го откри Акропол и вели дека Али-паша го направи востанието во 1821 година, до новиот претседател на Европарламентот. Историјата е воено поле и треба да се користи како училиште за да се учи, а не како затвор за да се ограничи умот“, истакна Коѕиас во коментар за изјавата која Тајани ја даде пред една година при посетата на Македонија и пред да биде избран за претседател на Европарламентот.

Европратеникот на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, испрати протестна нота до Тајани, во која бара да се избегнуваат изјави што може да создадат конфликт меѓу двете држави и дека со избегнувањето на такви изјави се придонесува за одржување на добрососедските односи меѓу двете страни. Пападимулис во писмото истакнува дека ЕУ и Обединетите нации ја признаваат Македонија под привремената референца БЈРМ и бара Тајани и сите надлежни да се држат до тоа име.

„Како што знаете, преговорите за спорот за името се одвиваат под капата на Обединетите нации, како единствена прифатлива и договорена меѓународна рамка за оваа процедура. Користењето на кое било друго име нема никаква правна основа и ги става под знак прашалник одлуките на ЕУ и на ОН. Очекуваме од сите, вклучувајќи ве и Вас како претставник на Европскиот парламент, да ги почитувате одлуките на ЕУ и на ОН“, се вели во нотата на Пападимулис.

Тајани остро го критикуваа и ред други грчки европратеници од сите грчки политички партии, оценувајќи го како непознавач на историјата и на географијата и како несериозен. Европратеничката на Нова демократија, Марија Спираки, на „Твитер“ забележа дека е ова голема грешка на Тајани и посочи дека Македонија каде се родени Александар Велики и Филип Втори е дел од Грција.

Поумерена реакција имаше пратеникот и одговорен за надворешна политика на десничарската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, кој забележа дека се работи за постари изјави, пред Тајани да дојде на чело на ЕП.

„Уверен сум дека на својата нова функција Тајани ќе ги почитува целосно официјалните ставови на сите институционални органи на ЕУ, ОН, НАТО и на сите други меѓународни организации кои ја признаваат соседната држава само како Поранешна Југословенска Република Македонија“, истакна Кумуцакос, додавајќи дека се надева дека Тајани разбира дека историјата на народите не се брише и не се пишува од почеток.

Грчките медиуми, освен реакциите за старите изјави на Тајани, овие два дена интензивно ја пренесуваат и веста дека Македонија и Малта воспоставиле дипломатски односи и тоа кусо откако Малта го презеде претседателството со ЕУ. Медиумите посочуваат дека сега Кипар е единствената членка на ЕУ со која Македонија нема дипломатски односи.


Десничарот Антонио Тајани избран за претседател на Европскиот парламент


Брисел, 18 јануари, 2017 - 10:08 (META) 

Италијанскиот десничар Антонио Тајани синоќа е избран за нов претседател на Европскиот парламент, соопшти претседателот во заминување, Мартин Шулц.

Шеесет и тригодишниот Тајани е избран во четвртиот и последен круг од гласањето, со просто мнозинство од 351 глас, додека неговиот противкандидат и сонародник, социјалистот Џани Питела, освои 282 гласови од европратениците, наведе Шулц.

Тајани заедно со Питела водеше во сите три круга од претходните гласања, но ниту еден од нив не го доби потребното апсолутно мнозинство. Двајцата, како најдобро рангирани кандидати, влегоа во четвртиот круг од гласањето, во кој новиот претседател е избран со просто мнозинство гласови.

Обраќајќи се пред европските пратеници, Тајани порача дека ќе ги почитува сите политички групи, а својата победа ја посвети на жртвите на катастрофалниот земјотрес што минатата година го погоди централниот дел на Италија, како и на жртвите на тероризмот.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, исто така претставник на десниот центар, на „Твитер“ му честиташе на Тајани, наведувајќи дека е подготвен да соработуваат.

„На силна и единствена ЕУ ѝ е потребен конструктивен и ефикасен парламент“, напиша Туск.

Тајани, заедно со Туск и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, е третиот демохристијанин кој се нашол на една од трите највисоки функции во ЕУ.

Покрај Тајани и Питела, во трка за претседател на ЕП беа и Белгијката Хелга Стивенс, Британската Џин Ламберт, Италијанката Елеонора Форенца и Романецот Лаурентиу Ребега.