Во Антикорупциска засукаа ракави, но не знаат од каде попрво да почнат


Скопје, 13 февруари, 2019 - 16:05 (META) 

Новиот состав на Антикорупциска (Државна комисија за спречување на корупција – ДКСК) денеска почна со работа, но сè уште без дефиниран приоритет, туку ќе се разгледаат сите случаи, па тогаш новите антикорупционери ќе решат по кој редослед ќе ги решаваат.

Како што објасни претседателката Билјана Ивановска, за новата комисија сите случаи се подеднакво важни, пренесува „Порталб“.

– Ќе ги разгледаме сите случаи, без исклучок. Би рекла, по азбучен ред. Нема јасен критериум од каде да се почне, оти сите се важни и сите се од најголема важност рече Ивановска.

Таа појасни дека ќе се разгледуваат и новите случаи со непотизам, за вработување на блиски роднини на пратеничката од СДСМ Мира Стојчевска. Иако до нив не е стигната претставка, сепак по службена должност Комисијата може да покрене постапка.

– Ќе ја побараме целата документација во однос на вработувањата на овие лица. Ќе постапиме и за сите други случаи за вработувања кои изминатиов период предизвикаа сомнеж во јавноста. Многу работи се насобрани, прво ќе работиме на оние кои се најактуелни  – рече претседателката на Антикорупциска, Ивановска.


„Транспаренси“ го честиташе транспарентниот избор на новите антикорупционери


Скопје, 8 февруари, 2019 - 16:33 (META) 

Транспаренси Интернешенел Македонија (ТИМ) му честита на Собранието „за ефикасното спроведување на постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата“ и на претседателката Билјана Ивановска и на другите членови им посака  успешна работа во справувањето со корупцијата „како еден од најголемите проблеми кој го нагризува македонско општество“.

– Ја добивте довербата во една транспарентна и отворена постапка, во која беше спроведен и делумен ветинг за проверка на вашиот интегритет. Сега ја имате нашата поддршка вашето знаење, искуство и интегритет да ги ставите во функција на справување со големиот проблем на корупцијата. Нашата поддршка и соработка секогаш ќе ја имате на располагање  – рече претседателката на ТИМ и прв претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата д-р Слаѓана Тасева.

Таа порача дека постапката за избор на членови била транспарентна и дека избраните кандидати имаат личен интегритет и компетенција вршење на за оваа многу важна функција во општеството.

– Транспарентната постапка за избор на членови на ДКСК, која обезбедува да се натпреваруваат личности кои навистина ги исполнуваат формалните услови, кои имаат компетенција  и кои манифестирале личен интегритет, за првпат е утврдена со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвоен во јануари оваа година. Собранието на Република Македонија покажа подготвеност да го прифати предизвикот и да овозможи постапка за избор во која ќе учествиваат и претставници на институции и невладини организации, а во интервјуто да учествуваат и претставници од невладините организации и медиумите. Ова е првпат ваков модел на избор да се применува било каде во светот и затоа очекуваме истиот да биде прифатен како позитивен пример и добра практика – порача Тасева.


Изборот на новите антикорупционери денеска на комисија, па на собраниска пленарка


Скопје, 8 февруари, 2019 - 10:40 (META) 

Во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе се утврди предлог-листата за именување на претседател и членови на Државната  комисија за спречување на корупцијата, односно за новите антикорупционери.

Потоа таа листа ќе оди на гласање во Собранието.

Во Законодавно-правната комисија ќе се дискутира и за предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации, по скратена постапка, во второ читање, а во таа комисија  и во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во второ читање, ќе биде Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по скратена постапка.

Се очекува и денеска претседателот на Собранието да ги распише претседателските избори.


Со помали глоби „поуспешно“ против корупцијата


Скопје, 21 јануари, 2019 - 12:25 (META) 

Целосно новиот главен антикорупциски закон, и покрај значителните измени на подобро во однос на досегашниот, е со вградени фалинки добиени при последната амандманска расправа, особено во делот политички партии и незаконско финансирање. Зачудува и генерално намалената прекршочна политика, со значително помали суми за прекршоци од овој закон, пишува „Вистиномер“.

Собранието на Република Македонија на 17.01.2019 година со 81 глас за го донесе сосема новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси, кој, иако на прв поглед драматично ги зголемува овластувањата на идните антикорупционери, во старт беше „затапен“ со прифаќањето на добар дел од амандамните на опозицијата.

Во новиот закон веднаш се гледа дека глобите за веќе постоечките прекршоци, но и за новите се значително намалени во споредба со претходното решение.

На пример, санкцијата за непријавување на имот и на судир на интереси по стапувањето на функцијата, за време на функцијата или ако има промени, досега изнесуваше од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност (член 63 од стариот закон). Сега законодавецот во новиот закон, член 109, за неисполнување на ваквата обврска предвидел изрекување глоба во висина од 300 до 500 евра!

Такви се и сите останати глоби. На пример, во членот 101 од новиот закон пишува дека на финансиска институција ќе ѝ се изрече глоба од 1.000 евра, доколку до Државната комисија не ги достави бараните податоци во рок од 15 дена. Што значат 1.000 евра за некоја од банките во РМ, макар и најмалата, па дури и за штедилница, макар и најмалата, јавноста може сама да извлече заклучок.

Целата статија прочитајте ја на „Вистиномер.мк“.


По договорот вчера, пратениците денеска ќе гласаат за законот за Антикорупциска


Скопје, 17 јануари, 2019 - 9:58 (META) 

Собранието денеска во 16 часот треба да гласа за Предлог на закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по скратена постапка, односно за законот за ново уредување и ингеренции на Државната комисија за спречување корупција (Антикорупциска).

Проблемот околу давањето директен увид во сметките на носителите на јавни функции е затворено, откако владиното мнозинство и опозицијата вчера се усогласија, па Државната комисија за спречување на корупцијата ќе има право до директен пристап до банкарските сметки на функционерите, но и во над 60 други бази на податоци, изјави Снежана Калеска –Ванчева, пратеничка од СДСМ и коалицијата.

Таа рече дека од 40 амандмани кои беа доставени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ прифатени се 20 коишто, како што рече, се во функција на зајакнување на текстот Законот за спречување корупција.

Калеска –Ванчева нагласи дека не било прифатено да се дозволи воспоставување на паралелен систем, односно орган кој што беше предлог од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, преку барањето за формирање на формирање на национален совет.


Собранието е институција која е најмалку вклучена во борбата против корупцијата


Скопје, 13 декември, 2018 - 11:59 (META) 

Собранието како орган досега најмалку беше вклучено во борбата против корупцијата, смета Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнел -Македонија“ и прва претседателка на Антикорупциската комисија. Со слична констатација е и пратеникот Павле Богоевски, кој вели дека иако законодавниот дом има надлежности врз законите и врз изборот на членови на Државната комисија за спречување корупција (Антикорупциска), како и надзорна функција преку расправа за извештаите за нејзината работа, нема капацитет ефикасно да спроведе надзор.

Обајцата  вчера дебатираа на конференција „Итни приоритетски реформи: Јакнење на институционалната рамка во борбата против корупцијата: Има ли напредок?“ во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, по повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата.

– Компаративно, во многу собранија постојат тела кои ги поддржуваат другите органи за борба против корупцијата. Системот за борба против корупцијата не е целосен ако не се вклучат сите – нагласува Тасева.

Богоевски оцени дека новиот закон за спречување корупција и судир на интереси, кој е во собраниска процедура, е подобрена законска рамка и одличен почеток во борба против корупцијата, но неопходно е да се подобри комуникацијата на Антикорупциската комисија и Собранието.

– Собранието ги избира членовите на комисијата и ги разгледува нејзините извештаи за работа. Во периодот кога пристигнуваат извештаите, пристигнуваат и мал милион други, а темпото со кое се разгледуваат е толку големо, што нема време темелно да се расправа за секој од нив поединечно – вели Богоевски.

Надзорната функција на Собранието, според пратеникот, е и во надзор над законската регулатива воопшто, за да утврди дали некои закони оставааат простор за коруптивно однесување.

– Сегашните услови не дозволуваат надзорна функција на Собранието. Ретки се надзорните расправи, не се навлегува суштински, туку се разгледуваат само фрагменти – вели тој.

Затоа, смета Богоевски, Антикорупциската може да доставува и периодични извештаи, а на Собранието му треба стручно тело кое ќе им помогне на пратениците во подготовка на расправата за извештаите.

– Има многу простор и во постоечката законска регулатива да се интензивира соработката. Веќе подолго време се зборува за буџетска канцеларија, која ќе дава стручни услуги за пратениците. Може да има голема улога во надзорот над финансирањето на институциите. Собранието мора да преземе улога на активен креатор, но и надзор на  борбата против корупцијата – вели Богоевски.

Идеја во зародиш, според пратеникот, е и формирање на интерпарламентарна група за надзор над мерките за борба против корупцијата.


Додека се гради нов антикорупциски систем, Македонија „се снаоѓа“


Скопје, 9 декември, 2018 - 20:41 (META) 

МВР, кое треба да гони корупција, е разорена институција и и треба реформа, тврди Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи. Антикорупциската комисија, со години обвинувана за партизираност, и формално не функционира од крајот на март.

По две кривични пријави за примање и за давање поткуп бил резултатот на Македонија во борбата против корупцијата минатата година, покажуваат податоците на МВР. Тоа е најслаб резултат на полицијата во гонење на тоа кривично дело, а лани бил најслаб резултатот и во откривање на другите кривични дела од областа на организираниот криминал – трипати помалку од 2010 и три и пол пати помалку од 2015 година.

– Во Македонија многу повеќе криминал открија истражувачките новинари и истрагите на СЈО, отколку државните органи задолжени за тоа, пред се МВР,  институција која треба да се бори против корупцијата и криминалот. МВР е разорена институција. Таа е комплетно надвор од системот за борба против корупцијата – смета Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, поранешен министер за внатрешни работи и долгогодишен оперативец во МВР.

Минатата година полицијата открила и помалку кривични дела „злоупотреба на службената положба“, „даночно затајување“ и „фалсификување исправа“.

Трајанов смета дека на МВР му е потребна темелна реформа.

– Не можат само да се правдаат дека чекаат наредба од јавен обвинител. Во МВР има неколку илјади луѓе со многу високи плати и треба да се изборат со корупцијата. Се истражува, се пишуваат колумни, но додека отсуствува ефикасна борба против корупцијата од надлежната институција, тешко дека може да се постигне позначаен резултат – смета Трајанов.

Состојбата наскоро ќе се смени, убедена е власта, пред се со новиот закон за спречување корупција, кој е во собраниска процедура.

– Наскоро целиот институционален и законски систем за превенција и борба против корупција ќе биде во функција, а во меѓувреме го правиме тоа што можеме – рече премиерот Зоран Заев на отворањето на конференцијата „За општество ослободено од корупцијата“.

Заев нагласи дека еден од приоритетите на Владата е транспарентното водење на политиките, правилното функционирање на судскиот систем, ефикасна борба против корупцијата, но и почитувањето на човековите права.

– Веќе се разгледуваат резултатите од имплементацијата на нашиот концепт за отворена и транспарентна Влада. Според индексот на отвореност Владата како централно-извршно тело е на прво место во регионот со 76 отсто исполнување на индикаторите – рече Заев и додаде дека ова го потврдило истражувањето за отвортеност на институциите за извршаната власт во ЈИЕ и во Македонија.

Ефикасноста на полицијата и работата на Државната комисија за спречување корупција, меѓу другите фактори, се одразуваат и на Индексот за перцепција на корупција, што од 1995 година го објавува „Транспаренси интернешнел“, според кој Македонија минатата година, со индекс 35 била најслабо рангирана од 2010 година. Македонија лани се пласирала во ранг на Виетнам и Етиопија.

data-viz-korupcija-MK1

Индексот рангира 180 земји и територии според забележаното ниво на корупција во јавниот сектор. На скалата индексот 0 е многу корумпирана, а 100 е земја чиста од корупција. Минатата година две третини од земјите имале индекс понизок од 50. Највисоко котирале Нов Зеланд и Данска со индекс 89 и 88, и регионот на Западна Европа. Најлоши региони биле Подсахарска Африка и Источна Европа (просечен индекс 34).


Нови 3.000 предмети ја чекаат новата Антикорупциска комисија


Скопје, 29 ноември, 2018 - 11:53 (META) 

Речиси 3.000 нови барања, пријави и обрасци стигнале на адресата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) од март, кога таа формално го изгуби мандатот да постапува по предметите, до крајот на септември. Поради бројни нерегуларности во работата на последниот состав на Антикорупциската комисија, Собранието на 19 март разреши пет од седумте членови на Комисијата, со што таа формално ги изгуби своите овластувања. Во меѓувреме, функционира само стручната служба, односно Секретаријатот на ДКСК.

– Согласно со податоците со кои располага Државната комисија за спречување на корупцијата во периодот од март до 30 септември 2018 година до Архивата на Комисијата се доставени:  40 пријави за корупција, 19 барања за мислење во врска со спроведување на референдумот, 50 предмети од областа судир на интереси, 450 изјави за интереси, 2.196 Обрасци за имотна состојба (анкетни листови за именување или избор и престанок), 203 обрасци за промена на имотната состојба, 1 пријава која се однесува на надлежностите на ДКСК по однос на евидентирањето и следењето на имотната состојба и  11 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер – информираше Антонија Андонова Тасевска, одговорно лице во ДКСК за односи со јавноста, одговарајќи на прашање на „Мета“.

Секретаријатот на ДКСК на 30 март соопшти дека „со оглед на тоа што на 19 март 2018 година од страна на Собранието на Република Македонија е донесена Одлука за разрешување членови на ДКСК, со која се разрешени од функцијата пет членови на ДКСК, во претстојниот период нема можност да одлучува и решава по однос доставените барања и пријави од странките, во согласност со начинот на работа на ДКСК утврден во член 51 од Законот за спречување на корупцијата. Секретаријат како стручна служба на ДКСК, не може да донесува одлуки и постапува само во врска со вршење на административните и техничките работи на ДКСК. Вработените во Секретаријатот на ДКСК кои се административни службеници преку архивата и службената електронска пошта на ДКСК ја примаат и администрираат целокупната документација што пристига на адреса на ДКСК. “

Покрај доставените документи, новиот состав на Антикорупциската комисија ќе треба да ги провери и сомнежите за судир на интереси и други коруптивни практики за кои во меѓувреме известуваат медиумите.

– Со конституирање на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата сите пристигнати пријави ќе се земат во работа, а сите информации во јавните гласила кои се од делокругот на работата на Комисијата ќе се разгледаат и ќе се преземат соодветни дејствија согласно законските норми – наведе Андонова Тасевска.


Секоја година ќе се проверува имотот на членовите на Антикорупциската комисија


Скопје, 30 август, 2018 - 12:26 (META) 

Со новиот закон за изменување на Законот за спречување на корупцијата, кој од денеска е на јавна расправа, ќе се зајакне Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и поефикасна борба против корупцијата, соопшти министерката за правда Рената Дескоска, презентирајќи ги предложените измени.

Се предвидува во иднина и нотарите и извршителите да поднесуваат Анкетен лист до Антикорупциска и до Управата за јавни приходи и изјава за откажување од банкарска тајна.

Антикорупциска ќе биде составена од претседател и четири члена, а при нивниот избор ќе се врши интервју што ќе се пренесува на Собранискиот канал, во кое ќе учествуваат и претставници на граѓански и новинарски организации. Исто така, еднаш годишно ќе се врши контрола на имотната состојба на претседателот и членовите на комисијата.

Предлог-законот предвидува ДКСК да ја утврдува законитоста на финансирањето на политичките партии, а во случај на сомневање, по своја иницијатива да презема активности. Дополнително, ќе мора да донесува национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и акционен план и ќе треба да прави анализи за ризици.


Јанкулоска влијаела Антикорупциска да отвори предмет за имотот на Јасна Црвенковска


Скопје, 17 август, 2018 - 15:54 (META) 

Дел од прислушуваните разговори кои денеска беа објавени на рочиштето за случајот „Титаник“ на СЈО, покажуваат дека Мартин Протоѓер за време на изборната кампања во 2011 година и наложува на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да провери дали сопругата на тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, има куќа на хрватскиот остров Корчула.

„Ова е многу важно, ќе направи пресврт во кампањата. Провери преку матичен број дали е на име на жена му. Ме чекаат ’Дневник‘ да им ја дадам приказната“, ѝ вели Протоѓер на Јанкулоска.

Откако таа се јавила во Србија, по што ѝ било потврдено дека таму живее семејство со исто презиме, на Иво Котевски му вели да и нарача на Антикорупциска да отвори предмет за овој случај.

„Ај кажи Антикорупциска да си имаат предмет за имотот на Б.Ц. Јави им се на Борче и на Љубинка, охрабри ги“, му вели Јанкулоска на Иво Котески и му потенцира да му се јави на тогашниот претседател на комисијата Воислав Зафировски.

Од следниот разговор меѓу двајцата сопартијци се дознава дека Антикорупциска ја послушала партиската наредба, односно „се охрабриле да постапуваат“.

„Отворија предмет, а сега да ги притиснеме да објават дека има корупција“, му вели Јанкулоска на Протоѓер.