!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ: Заради криминални тендери, ВМРО-ДПМНЕ сакаше да го уништи Скупи


Скопје, 16 јули, 2017 - 19:32 (META) 

„Додека ВМРО-ДПМНЕ ги подметнуваше новокомпонираните барокни градби како културно наследство, вистинското културно и историско наследство скапуваше и се распаѓаше. Додека ВМРО-ДПМЕ ги трошеше парите на граѓаните на стиропор и на лажен барок, најзначајните културно-историски објекти, како античкиот локалитет Хераклеја, скопскиот Аквадукт, археолошките остатоци на Плаошник, фреската „Ангелот од Курбиново“ во црквата „Свети Ѓорѓија“ и други, свесно и намерно беа загрозувани и запуштени“, одговори СДСМ на денешната прес-конференција на Владимир Атанасов во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Локалитетот Скупи, за кој денес ВМРО-ДПМНЕ лицемерно прикажува загриженост, беше во опасност од уништување само заради остварување на криминални интереси на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ долго време предупредуваше дека ВМРО-ДПМНЕ преку таканеречена обнова и преку криминален тендер со набилдани цени сакаше противправно да гради сала со 9000 седишта и со тоа да го уништи археолошкиот локалитет Скупи. За разлика од криминалното владење на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ навистина ќе се грижи и ќе го заштити културното и историско наследство. За конкретниот случај со Скупи, одобрени се средства за да се доврши конзервацијата и таа е завршена. Нема да се дозволи остварување на криминални интереси и продолжување во следни фази на таканаречена обнова, бидејќи таков термин не постои во Законот“, се вели во реакцијата.


ВМРО-ДПМНЕ: Алаѓозовски и СДСМ го блокираат античкиот театар во Скупи


Скопје, 16 јули, 2017 - 17:34 (META) 

Со ребалансот на буџетот се спречува изградбата на античкиот театар во Скупи, а овој проект важен за граѓаните го блокираат министерот за култура Роберт Алаѓозовски и СДСМ, обвини Владимир Атанасов на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека со ребалансот се укинати над 80 отсто од парите предвидени за овој проект.

– За жал на граѓаните, а за волја на вистината, ова ќе биде најнеуспешната влада која неинвестирала во културата.Овој антички театар од римско време е еден од најголемите и најзначајните објекти на балканот и пошироко, кој со конзервација и реставрација ќе се возобнови и повторно ќе може да прими од 8 до 10 000 гледачи. СДС очигледно нема елементарни познавања за важноста на овој проект. Тие по секоја цена продолжуваат со деструктивноста, блокирањето и укинувањето на проектите кои се од огромно значење за граѓаните – обвини Атанасов.


Комисијата на УНЕСКО: На Охрид не му се заканува бришење од листата


Охрид, 12 април, 2017 - 15:53 (META) 

Посетата на Охрид е рутинска контрола, односно вршиме увид на бројните проекти. Тоа не треба да се доведува во врска со предупредувањата за бришење од листата на УНЕСКО. Ова е ставот на експертите од комисијата на УНЕСКО кои неколку дена вршат увид на проектите во Охрид, кои додаваат дека никогаш не станало збор за такво прашање.

– Нашата посета е рутинска за да ја провериме состојбата на објектите врз кои се врши  конзервацијата, а се дел од  културното наследство на сите компоненти и за тоа да го известиме комитетот на УНЕСКО. Остваривме средба за да ги видиме прогресот и напорите на локалните и на националните власти во заштитата на културното наследство и во спроведувањето на забелешките на УНЕСКО од лани на 40. седница во Истанбул – изјави Ања Сидоренко од комисијата на УНЕСКО.

Сидоренко додаде дека тие сега вршат само надзор. Подоцна ќе  ги презентираат нивните препораки.

– Во овој момент не можеме ништо повеќе да кажеме. Не сме дојдени само за Националниот парк „Галичица“, туку вршиме надзор на целото културно и природно наследство и како тоа се заштитува, сите активности кои се преземаат. Никогаш не дошло во прашање Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО. Ги разгледавме сите проекти за НП „Галичица“. Комплексните проекти беа на увид кај стручни експерти, дел од комитетот Икомос, затоа што се работи за многу комплексно подрачје богато со културни и природни вредности – прецизираше Сидоренко.

Денеска комисијата на УНЕСКО се сретна со директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, а потоа замина на увид на Плаошник, Античкиот театар, „Богородица Перивлепта“ и во „Света Софија“.

– Мислам дека многу имаме сработено во последниве години и не гледам вооопшто зошто Охрид би се нашол на црна листа на УНЕСКО – категорична е Паскали-Бунташеска.


„Охридско лето“: Вечерва настап на Артуро Сандовал во Античкиот театар


Охрид, 6 август, 2016 - 15:21 (META) 

Вечерва, во стандардниот термин од 21 часот во Античкиот театар во Охрид, во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“, ќе настапи џез-трубачот Артуро Сандовал од Куба.

На програмата се дела од џез-музиката, кои Сандовал ќе ги исполни заедно со својот бенд во состав Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.

Музичкото портфолио на Артуро Сандовал го сочинуваат 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, потоа признанието „Хиспаник херитиџ“, како и Претседателскиот медал на слободата (Presidental Medal of Freedom), награда доделена од претседателот на САД, Барак Обама.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со повеќе светски музички ѕвезди од различни генерации, како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, а ја напишал и музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот. Во филмот неговиот лик го толкува холивудскиот актер Енди Гарсија.


Отворен меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“


Скопје, 13 јули, 2016 - 10:39 (META) 

Со настапот на оперската дива Елина Гаранча од Латвија, во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и австрискиот диригент, маестро Ион Марин, синоќа на сцената на Античкиот театар беше отворено 56. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Публиката го исполни гледалиштето за што од изведувачите за возврат доби беспрекорни изведби на музичките дела од композиторите Глинка, Чајковски, Масне, Сен-Санс, Гуно, Бизе, Чапи, Лара и Пучини.

На свеченото отворање на фестивалот, говореше неговиот покровител, претседателот Ѓорге Иванов, кој и го прогласи за отворен.

– Во време кога над светот се надвиснати темни облаци, уметноста е како продорен зрак светлина. Овој зрак ја осветлува скриената убавина што извира од длабочината на човековото срце. Истовремено, овој продорен зрак на уметноста нè упатува и кон она што е скриено зад облаците, а тоа е вечниот извор на светлината и на животот. Уметноста ја изразува надежта дека бурата ќе мине, облаците ќе се распрснат, ветриштата ќе се смират и дека ќе нè огрее светлината по која копнееме – порача Иванов.

Традиционална уметничка порака на фестивалот ја упати диригентот, маестро Саша Николовски-Ѓумар.

– За сите учесници, древниот Охрид ќе им претставува инспирација, каков што по некој случај му бил и на Климент пред единаесет и пол века, за да ги изгравира своите слова, да ја создаде нашата култура и писменост. Должни сме да ја пренесеме нашата писменост на нашите поколенија, а тие на нивните  – нагласи маестро Ѓумар.

Во наредните 40 денови, културната и музичка сцена во Охрид ќе пулсира со настапите на повеќе од 600 музички уметници, актери и ликовни уметници.

Програмата на фестивалот „Охридско лето“ кој ќе трае до 20 август, предвидува преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на „Вардар филм“.

Селекторите – Гордана Јосифова Неделковска (музички дел) и Ѓорги Јолевски (драмски), најавија дека годинешното „Охридско лето“ ќе биде издание на ѕвезди, спектакуларни настани и на културни збиднувања, кои ќе зрачат со својата оригиналност.


Утврдена програмата за одбележување на 1.100-годишнината од упокојувањето на св. Климент


Охрид, 25 март, 2016 - 15:40 (META) 

Поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан, митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, претседателот на МАНУ, Таки Фити, и академиците, Владо Камбовски, Георги Старделов и Цветан Грозданов, на средбата со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, ја утврдија програмата за одбележување на 1.100 години од упокојувањето на св. Климент Охридски.

Носител на програмската содржина на свечената академија во Охрид е МАНУ со поддршка на МПЦ-ОА и на Општина Охрид. Во организацискиот дел на локално ниво ќе помогнат и Завод и музеј од  Охрид, фестивалот „Охридско лето“ и Филмската академија.

Покрај другите бројни културни содржини, централниот настан ќе биде свечената академија, закажана за 9 август во Охрид, во вечерните часови на Античкиот театар.

Нејзина најава ќе биде литијата на црковни веледостојници од Македонија и од другите православни земји, охриѓани и гости, а која е предвидено да тргнува од црквата „Св. Богородица – Перивлепта“ во попладневните часови. Движејќи се низ охридските сокаци до гробот на св. Климент кај Плаошник, ќе се пее „Тропарот“, посветен на светителот и просветител. На гробот на св. Климент ќе се одржи панихида, а претседателите на академиите од православните земји ќе положат цвеќе.

Од Плаошник, литијата ќе се движи кон Античкиот театар, каде ќе се одржи централната манифестација – свечената академија на која ќе говорат претседателите на академиите од словенските земји, кои ќе бидат поканети да присуствуваат на настанот.

Во рамки на академијата ќе се изведе ораториумот на Властимир Николовски, „Клименте“ и други два посветени на него. Се планира на академијата учество да земат Македонската филхармонија и хорот при Македонската опера и балет, а се предвидува и величествена сценографија која ќе прилега на овој голем настан.

Во рамки на одбележувањето на 1.100-годишнината од упокојувањето на св. Климент, во Куќата на Уранија и во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата посветена на Климент, која претходно во мај ќе биде изложена во Рим, а во јуни во Скопје.


Дуке Бојаџиев ја освои публиката со „Сон, верба, љубов“


Скопје, 10 август, 2015 - 9:23 (META) 

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, синоќа во Антички театар – концерт за паметење, вистински спектакл приреди македонскиот и еден од нашите најдобри современи пијанисти и композитори, Дуке Бојаџиев, со својот фантастичен проект „Сон, верба, љубов“.

Публиката со овации и со аплауз на отворена сцена, воодушевено ги прими изведбите на Бојаџиев, главно познати, како, на пример, музиката за филмовите „До балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, потоа композиции од неговиот албум „Љубовта е патот“, како и нови, досега неизведени творби.

Мегу бројната публика, беше и претседателот Ѓорѓе Иванов, со неговото семејство.

Дуке Бојаџиев изведе и композиција посветена на неговиоит починат татко, композиторот Тодор Бојаџиев, без кого, кажа Дуке, „немаше да бидам на местото каде што сум“.

За проектот „Сон, верба, љубов“, пак, рече дека носи една порака, која во коренот е македонска и која тој и другите уметници ја пренесуваат низ светот.


Целосно истражен античкиот театар во Скупи


Скопје, 9 јули, 2015 - 15:28 (META) 

Археолошките истражувања на античкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи во Скопје завршија. Почнувајќи од август 2013 година, истражувањата се реализираа во соработка со Филозофски факултет од Скопје и со Музејот на град Скопје.

За време на истражувањата на античкиот театар, кој бил изграден за време на Хадријан и кој функционирал до крајот на 4 век, археолозите пронајдоа околу 3.000 монети, керамика, бронзени предмети, коскени предмети.

Станува збор за повеќе од 5.000 пронајдени предмети од различни културни хоризонти – железно време, римски период, доцноримски период и среден век.

Паралелно со археолошките истражувања, беа спроведени и геофизички испитувања, а се направија и аерофотографии од театарот со кватрохоптер (дрон). Информациите околу ископувањата и пронајдоците на Скупи сега се достапни и на веб-страницата за локалитетот, а се планира и изложба со новите пронајдоци.