Топењето на Антарктикот за 26 години го покачило морското ниво за 7,6 милиметри


Лондон, 14 јуни, 2018 - 15:28 (META) 

Големо истражување на 84 научници од 44 меѓународни организации покажа дека топењето на мразот на Антарктикот го покачило нивото на морињата и океаните за 7,6 милиметри од 1992 година досега, а речиси половина од тоа покачување се случило во последните пет години.

Ендрју Шепард од Универзитетот на Лидс во Обединетото Кралство и Ерик Ајвинс од Лабораторијата за млазен погон на американската НАСА се координатори на групата научници која истражувала користејќи сателитски снимки за да утврдат како се менува топографијата од покривката од мраз на Јужниот континент.

Истражувањето објавено во научната ревија „Нејчер“ покажала дека до 2012 година, кога била спроведена претходната ваква студија, Антарктикот губел 76 милијарди тони мраз секоја година, покачувајќи го морското ниво за 0,2 милиметри годишно.

Но оттогаш стапката на топење на антарктичкиот мраз е трипати поголема. Меѓу 2012 и 2017 година, Антарктикот губел 219 милијарди тони мраз секоја година, покачувајќи ги во истиот период нивоата на океаните и морињата за 0,6 милиметри секоја година. Инаку, кога би се растопил сиот мраз на Антарктикот, нивото на морињата и океаните би се зголемило за 58 метри.

– Долго време претпоставуваме дека климатските промени на целата Земјина топка ќе влијаат на поларните капи. Благодарение на сателитите што ги лансираа нашите вселенски агенции, сега со голема прецизност може да го следиме топењето на мразот и зголемувањето на нивоата на морињата и океаните во целиот свет. Според нашата анализа, има нагло зголемување на топењето на мразот на Антарктикот во последната деценија, а овој континент сега ги покачува морските нивоа побргу отколку кога било претходно во изминатите 25 години – вели Шепард.


Договорена заштита на пространиот Антарктик


Хобарт, 28 октомври, 2016 - 12:35 (META) 

Делегати од 24 земји од Европската Унија се согласија Росово Море на Антарктик да стане прво морско заштитено подрачје на светот.

Околу 1,57 милиони квадратни километри од Јужниот Океан ќе добијат заштита од комерцијален лов на риби во период од 35 години, пренесува „Би-би-си“.

Борците за заштита на природата го поздравуваат овој потег и велат дека е тоа е подрачје со исконски морски екосистем. Тие се надеваат дека тоа ќе биде прва од многу слични зони во меѓународните води.

– На состанокот во австралискиот град Хобарт, Комисијата за зачувување на антарктичките морски ресурси едногласно се согласи Росовото Море да го означи како заштитено подрачје, по повеќегодишни преговори – изјави министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Муреј Мекули.


Бугарите „го освоија” Антарктикот: Историски личности од Македонија, заведени како бугарски топоними


Охрид, 12 февруари, 2016 - 12:12 (META) 

Свети Климент Охридски, свети Наум Охридски, Григор Прличев се дел од имињата на македонски историски личности што, како бугарски топоними, се одобрени од бугарската Комисија за антарктички називи и од претседателот на Република Бугарија, Плевнелиев.

– Сето тоа, без да се проверат историските факти, се меѓународно прифатени стандарди за еднозначно идентификување на географски објекти на Антарктикот – пишува порталот „Охрид прес“.

Меѓу 1.300 бугарски топоними, голем број се присвоени имиња на македонски историски личности.

На Антарктикот веќе се именувани локациите: ледените врвови Св. Климент Охридски и Св. Наум, остров Браќа Миладинови, Прличев срт, возвишение Цар Самоил, како и имињата на други познати личности од македонската историја, како Гоце Делчев, Дамјан Груев, Дедо Иљо Малешевски и други.

Во согласност со утврдената меѓународна практика, нови имиња се даваат само од држави вклучени активно во научното истражување на јужната поларна област.

За одржување на единствен меѓународен регистар на имињата на Антарктикот, каде се вклучени и бугарските топоними, одговара Научниот комитет за антарктички истражувања со седиште во Кембриџ, Велика Британија.

Бугарија е една од не многу земји во светот што организираат сопствени мисии и експедиции за истражување на Антарктикот.


Русија повторно побара дел од Арктикот од ОН


Москва, 4 август, 2015 - 20:01 (META) 

Русија поднесе барање до Обединетите нации, за добивање право на дел од територијата на Арктикот, соопшти денеска руското министерство за надворешни работи.

Во соопштението се наведува дека Русија бара 1,2 милиони квадратни метри на епиконтиненталниот дел на Арктикот.
Русија, САД, Канада, Данска и Норвешка се обидуваат да добијат право на делови од Арктикот, каде се верува дека се наоѓаат наоѓалишта на четвртина од неискористената нафта и гас.

Москва во 2007 година симболично побара право над делови од Арктикот, така што од подморници на Северниот Пол, на површината на Северниот Леден Океан исфрли кутии со руско знаме.


Измерена рекордно висока температура на Антарктикот


Вашингтон, 30 март, 2015 - 13:52 (META) 

На Антарктик на 24 март годинава е забележан најтоплиот ден откога е почнато мерењето на температурата на овој дел од Земјата.

Како што јавува американската телевизија „Ен-Би-Си“, повикувајќи се на извештајот на „Ведар андерграунд“, температурата се искачила до 17,5 Целзиусови степени, што е за 0,5 степени повисока температура од претходниот рекорд забележан во 1976 година.

„Антарктичкиот полуостров, на кој е забележан рекордот претставува „една од точките со најбрз пораст на температурата на Земјата“, стои во извештајот на „Ведар андерграунд“, кој предупредува дека се забрзува трендот на глобалното затоплување.