!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Министерството за култура жали за одлуката на Лешоски и го брани решението за „Танец“


Скопје, 16 август, 2017 - 15:59 (META) 

Министерството за култура жали поради одлуката што ја донесе Дарко Лешоски да се повлече од функцијата претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, но порачува дека за тоа место ќе се избере некое слично решение. Во однос на назначувањето на новиот в.д. директор на националниот ансамбл „Танец“, во Министерството не гледаат ништо спорно и велат дека Стојанче Павловски е назначен законски.

– Навистина ни е жал што се повлече Дарко Лешоски. Нашата намера со промените во раководствата и во управните одбори на многу национални установи од областа на културата, беше да го прекинеме ланецот на можни злоупотреби, но и во овие институции и манифестации кои се одвиваат во децентрализиран амбиент, да внесеме луѓе кои подобро го разбираат локалниот контекст. Сметавме дека Лешоски кој доаѓа од тој крај, а освен тоа има еден автентичен и смел авторски поетски опус, ќе внесе една свежина и ќе и помогне на оваа манифестација да кореспондира повеќе со современите текови на овој ввид на уметничко изразување – изјави за „Мета“ Петрит Сарачини, советник во кабинетот на министерот за култура.

Тој вели дека Министерството при донесувањето на новото решение ќе ја земе предвид целата дебата што се случуваше во јавноста и врз основа на критиките и забелешките на јавноста, ќе донесе кадровско решение за позицијата на прв човек на Струшки вечери на поезијата.

– Ќе донесеме соодветно решение врз основа на нашите сознанија, но не откажувајќи се од нашите заложби за децентрализација на културата и за внесување на нов дух во нашата култура – нагласува Сарачини.

Одговарајќи на критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека за в.д. директор на „Танец“ е назначен Стојанче Павловски, кој има завршено само средно градежно образование, Сарачини вели дека сè e според законот.

– Единствениот критериум што го пропишува законот за именување на в.д. диреетори е тие да доаѓаат од самиот колектив, од редот на вработените. Нема никаков критериум за формално образование. Инаку, Стојанче Павловски е 28 години член на ансамблот, го носи звањето „истакнат играч-солист од прв ред“, добитник е на многу признанија, автор на кореографија, бил заменик-раководител на овој ансамбл, изиграл стотици концерти низ цел свет и нашиот став е дека одговара на сите критериуми што некој би ги барал – вели Сарачини.

Тој нагласува дека кога станува збор за в.д. директорите, нивниот мандат ќе изнесува најмногу 6 месеци, а по изборите ќе има конкурси на кои ќе може да се пријават сите, вклучително и лица надвор од институциите.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ за директор на „Танец“ постави човек со средно градежно училиште


Скопје, 15 август, 2017 - 11:31 (META) 

Алаѓозовски е поим за неспособност и деструкција. Тој е целосно неспособен и незаинтересиран за развојот на културата која секојдневно ја разорува. Поставувањето на Стојанче Павловски за в.д. директор на Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец” е уште еден доказ за хаосот и партизацијата што ги создава СДС, рече денеска на прес-конференција Владимир Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека Павловски е човек со завршено средно градежно образование, „кој е поставен само затоа што е политички подобен за Заев и Алаѓозовски“.


Во Македонија гостува „Гласот на Јунан“, светската атракција од Кина


Охрид, 26 јануари, 2017 - 12:55 (META) 

Со два концерти, вечерва во Скопје и еден в сабота во Охрид, во Македонија гостува светската атракција од Кина „Гласот на Јунан“.

Овој музички спектакл на ансамблот од Пекиншката академија на традиционалната музика, го организира Фестивалот „Охридско лето“.

Класичната кинеска музика пренесувана од генерации на генерации е дел од овој перформанс, исто како што е и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина.

– Кинеската музика може да се пофали со историја која се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56 официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан – велат од „Охридско лето“.

Билетите за двата концерти се веќе во продажба преку продажната мрежа на „МК тикетс“, по цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.


Почна „Тетовско културно лето“


Тетово, 12 јули, 2016 - 13:01 (META) 

Со повеќе музички изведби на вокалниот ансамбл „Симбиоза“, составен од ученици од различни етникуми од Средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ од Скопје, синоќа пред Центарот за култура во Тетово почна „Тетовското културно лето 2016“.

Од ансамблот беа изведени сплетови од песни со различни национални обележја, кои оваа традицонална манифестација ја најавија како мултикултурна и мултиетничка.

– Преку обединување на различни јазици и мелодии, преплетени и доведени до крајна форма на складно единство, тие „Симбиоза“ е едукативен пример низ чија призма се отсликува тендеција за соживот, заедништво, толеранција и за поттик кон прифаќање на мултиетничкиот концепт – изјави Дамјан Темков, професор во Средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ од Скопје, кој работеше на нумерите што беа изведени од неговите ученици.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, на отворањето на манифестацијата побара во иднина „Тетовско културно лето“ да добие финансиска подршка од Министерството за култура.

– „Тетовско културно лето“ е резултат на ентузијазам и на фактот дека граѓаните на Тетово сакаат да бида дел од културните настани. Настапот на ансамблот „Симбиоза“ зборува за тоа колку културата може да биде заедничка и да биде начин не само да живееме со различностите, туку и да живееме заеднички. Затоа сакам да повикам, овој културен настан кој го има Тетово, да биде поддржан од Министерството за култура – вели Арифи.

„Тетовско културно лето“ ќе трае до 25 јули, кога ќе се затвори со настапот на популарниот албански пејач Албан Скендерај на градскиот плоштад во Тетово. Деновиве тетовци во рамки на манифестацијата ќе имаат можност да гледаат шпански филмови, спортски настани, рок-концерти, изложби, куклени театри и слично.


Балкански фестивал на народни песни и игри во Охрид


Охрид, 7 јули, 2016 - 11:36 (META) 

Од денеска па сè до 10 јули, на отворената сцена Долни сарај во Охрид ќе се одржува јубилејното, 55. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

Свеченото отворање ќе биде со настап на „Танец“, со почеток во 21 часот.

На 8 јули, настап ќе има ансамблот „Александар Трети Македонски“ од Мелбурн – Австралија, како и ансамблот „Гоце Делчев“ од Битола.

На 9 јули настап ќе имаат ансамбл од Турција, ансамблот „Китка“ од Истибање, Македонија, и ансамблот „Македонски бисери“ од Австралија.

Директорот на Ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“, Зоран Џорлев, вели дека годинава на фестивалот ќе бидат „вратени“ некои народни ора, кои публиката ги бара.

Затворањето на фестивалот ќе биде в недела, на 10 јули, со настапот на ансамблот „Пловдив“ од Бугарија, ансамблот „Искра“ од Црна Гора и на КУД „Отексфолк“ од Охрид.