!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Охриѓани против новите градежни зафати, бараат заштита на Студенчишко Блато


Охрид, 25 април, 2017 - 14:31 (META) 

Околу 99 отсто од сите 300 анкетирани жители од Охридско сметаат дека промената на деталниот урбанистички план за зголемување на катноста на објектите од хотел „Тино“ до „Милениум палас“ е штетна урбанистичка одлука, која треба да се повлече. Огромен дел од испитаните граѓани, исто така, ги оценуваат предвидените капитални инфраструктурни проекти како исклучиво штетни и непотребни за регионот, покажуваат бројките од анкетата од проектот „Заштита на природата во НП Галичица: Бајка или реалност“.

Проектот финансиски поддржан преку механизмот за граѓански организации ИПА2 и од Глобалниот фонд за зелени грантови (Global Green Grants Fund) беше презентиран вчера во Охрид, во присуство на граѓани и на претставници на локални, национални и на меѓународни организации.

Резултатите ги презентираше Драгана Велковска од Здружението за заштита на животните и животната средина „Еден“, а Ајман ал Мала, раководител на секторот за животна средина во Општина Ресен, зборуваше на тема „Со добро владеење до одржлив развој“.

Покрај несогласувањето за градбата долж брегот на езерото, буквално сите анкетирани граѓани бараат заштита на Студенчишко Блато бидејќи го сметаат за филтер на езерото и за негов незаменлив дел, наспроти 1,2 отсто од граѓаните кои се изјасниле дека во регионот треба да се развива масовен туризам.

Во рамки на проектот се одржани вкупно четири консултативни состаноци – три со одделни категории на чинители и еден со сите чинители заедно, изработена е анализа на националната и на меѓународната легислатива која го третира Националниот парк Галичица и е спроведено истражување на мислењето на близу 300 испитаници од регионот – граѓани, граѓански организации и институции.

Покрај граѓаните, кои бараат регионот да го задржи УНЕСКО-статусот и да почне да се развива активниот туризам кој не ја уништува животната средина, сите испитаници од државните институции сметаат дека економската придобивка не смее да оди на штета на природата, велат од „Еден“.

Анкетата покажува и дека 45,5 отсто од институциите сметаат дека законските прописи се почитуваат селективно, а речиси 47отсто од претставниците од граѓанскиот сектор рекле дека биле изложени на некаква форма на притисок или закани поради нивниот ангажман.

На вчерашната презентација Ал Мала ја претстави успешната приказна за ревитализацијата и за заштитата на Преспанското Езеро и нагласи дека професионалниот интегритет на јавните и на државните службеници мора да биде неприкосновен доколку сакаме вистински, долгорочен и сеопфатен развој.


Политичката криза влијае врз стопанството, компаниите бараат брзо решение


Скопје, 11 април, 2017 - 15:52 (META) 

Компаниите членки на Македонско-германското стопанско здружение се жалат на дефицитот на правната сигурност, политичката и социјалната стабилност, борбата против корупцијата и криминалот, дисциплината при наплата на побарувањата, по пред се непредвидливата политичка криза која има силно влијание на стопанскиот развој.

Ова го покажува анкетата на здружението во која учествувале 71 компании и дури 51 процент од нив, актуелната состојбата ја оцениле како лоша, а само 10 проценти како добра.

„Годинава, како и во изминатите години, повторно истите фактори се оценети со оценка недоволен правната сигурност, дисциплината при наплата на побарувања, политичка и социјална стабилност, транспарентноста при јавни набавки и борбата со корупција. Сево ова го спречува  долгорочното планирање и доведува до неизвесност кај деловните луѓе, воедно како за домашните така и за странските инвестиции. И покрај наведените проблеми, сепак е охрабрувачки фактот дека 82 проценти од компаниите кои работат во Македонија повторно би инвестирале во Македонија, што е 10 проценти повеќе од минатата година што  е важна порака до потенцијалните инвеститори, изјави директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија Патрик Мартенс.

Според него, брзо е потребно решение за актуелната политичка криза, која силно се пресликува на стопанството.

Во однос на очекуваната перспектива за тековната година, 63 проценти од испитаниците сметаат дека состојбата нема да се промени, 26 проценти очекуваат да има влошување, само 11 проценти се оптимисти и очекуваат подобрување.

Во земјата работат повеќе од 200 компании со германски капитал кои вработуваат 15.000 лица, што игра важна улога на  пазарот на трудот.


Нова демократија води пред СИРИЗА во анкетите на јавното мислење


Атина, 7 април, 2017 - 11:07 (META) 

Мнозинството грчки граѓани сметаат дека десничарската партија Нова демократија би победила доколку утре се распишат избори во Грција. Ова го покажува новата анкета на јавното мислење спроведена за грчката телевизија „Екшн 24“ (Action 24). Според резултатите од анкетата, опозициската партија предничи 13,5 отсто пред владејачката СИРИЗА.

Подетално, според одговорите на анкетираните за предвидување на победникот на потенцијални избори, Нова демократија води со 32,5 отсто, додека СИРИЗА има поддршка од 19 отсто од анкетираните. На трето место, без поголеми промени, и понатаму се ултранационалистите од Златна зора со 7,5 отсто, а зад нив на четврто место е ПАСОК со поддршка од 7 отсто и на петто место е Комунистичката партија со 6 отсто.

Драстично опадната е поддршката на партијата Река, која има само 2 отсто поддршка, а со истиот процент е и коалицискиот партнер на СИРИЗА, Независни Грци. Според оваа анкета, овие две партии заедно со Унија на центристи најверојатно нема да влезат во следното собрание.

Кај грчкиот народ владее разочараност од политиката и од односот на СИРИЗА, поради што само 18 отсто од испитаниците сметаат дека ако утре се распишат избори, на нив повторно ќе победи владејачката левичарска партија на Алексис Ципрас.

Користејќи ги ваквите резултати од анкетите во Грција, лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, изминатиов период одржува состаноци со лидерите на опозициските партии во обид да го испита расположението за можно издејствување предвремени избори.


Анкета на НДИ: Политичката ситуација е најгорливиот проблем првпат од 2001 година


Скопје, 6 април, 2017 - 14:06 (META) 

Првпат по воениот конфликт во 2001 година, генералната политичка ситуација во Македонија е најгорливиот проблем за граѓаните, а потоа следуваат невработеноста, сиромаштијата, економската криза и платформата на водачите на албанските партии, покажува анкетата што во март ја спровел американскиот Национален демократски институт (НДИ), со финансиска поддршка од УСАИД.

Речиси две третини од анкетираните, односно 65 отсто, веруваат дека земјата се движи во лоша насока, 44 отсто сметаат дека најгорлив проблем е политичката ситуација, односно политиччката криза, додека само 8 отсто од граѓаните сметаат дека земјата оди во добра насока. Дури 60 отсто од граѓаните сметаат дека мнозинството пратеници треба да направат нова влада, а повеќе од половина (51 отсто) веруваат дека СДСМ и неговите коалициски партнери имаат законско право да ја водат владата. Само 40 отсто од анкетираните, пак, сметаат дека формирањето влада од мнозинството пратеници без давање мандат од претседателот Иванов ќе биде легитимно.

Кај Македонците претседателот на државата е институцијата во која најмногу веруваат, додека за Албанците е обратно. Тие најмногу му веруваат на Специјалното јавно обвинителство, кое е на второ место според Македонците. Речиси 60 отсто од граѓаните сметаат дека треба да биде продолжен мандатот на Специјалното јавно обвинителство за да гони кривични дела произлезени од „бомбите“. Судовите и Јавното обвинителство, пак, се институциите на кои најмалку им се верува во Македонија.

Дури 81 отсто од граѓаните на Македонија не ја прочитале платформата на албанските партии, а само 1,8 отсто сметаат дека таа треба да биде приоритетна работа за новата влада.

Увереност дека нема странски фактор што помага за заштита на македонските национални интереси, имаат 38,8 отсто од Македонците, а од Албанците само 11,6 отсто го делат тој став. Нешто повеќе, односно околу 20 отсто од испитаниците веруваат дека ЕУ најмногу ги заштитува македонските национални интереси, тие што се определиле за САД се 9,6 отсто, а тие што гледаат кон Русија се 8 отсто.

18,2 отсто од Албанците веруваат дека националните интереси на земјата најмногу ги поткрепуваат САД, а со нив се сложуваат само 6,9 отсто од Македонците. Тие, пак, повеќе ѝ веруваат на Русија – дури 10 отсто сметаат дека Русија е најдобриот поддржувач на националните интереси на Македонија.

Анкетата за НДИ e спроведена по телефон од 17 до 21 март на национално-репрезентативен примерок од 807 возрасни граѓани.


Анкета на ИПИС: 5,3 отсто предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ


Скопје, 16 март, 2017 - 13:08 (META) 

Доколку следната недела се одржат нови парламентарни избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,1 отсто од граѓаните, а за СДСМ – 21,8 отсто, покажува најновата анкета спроведена од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС).

Истражувањето покажува дека за ДУИ би гласале 4,9 отсто од анкетираните, за Беса – 2,1 отсто, за Алијанса за Албанците – 1,1 отсто, а за ДПА – 0,9 отсто. За одговорот „ниту една партија“ се одлучиле 18,7 отсто од анкетираните, „не знам“ бил одговор на 23,3 отсто, а „не сакам да кажам“ рекле 8,2 отсто.

Според анкетата, за ВМРО-ДПМНЕ својот глас би го дале 34,3 проценти од испитаниците етнички Македонци, а за СДСМ – 24,3 отсто.

Истражувањето покажува дека етничките Албанци најголема доверба имаат во ДУИ, односно 21,4 отсто поддршка, додека 13 проценти од етничките Албанци својот глас би го дале за СДСМ. Под 10 проценти доверба имаат ДПА, Беса и Алијанса за Албанците.

За изборите во декември минатата година, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, според ИПИС, бил 25,5 отсто, а на СДСМ – 24,4 проценти.

Анкетата е спроведена во периодот помеѓу 10 и 13 март 2017 година, на 1.100 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.


Сè помалку се издаваат фискални сметки при купување алкохол и цигари


Скопје, 6 март, 2017 - 10:28 (META) 

Лани најретко се издавале фискални сметки за услуги за одржување на домот (17 проценти), услуги за поправки на домот (21 процент), изнајмување имот (30 процент) и за занаетчиски услуги (36 проценти).

Ова го покажуваат податоците од анкетата за даночната евазија во Република Македонија во 2016 година, направена од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП).

Во 2016 година, повеќе од половина од испитаниците (54 проценти) изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за разни искористени услуги во последните три месеци, броени од моментот на анкетирање.

– Од друга страна, најчесто и најредовно (85 проценти) се издаваат фискални сметки за професионалните услуги (сметководство, психолог/психијатар, архитектура/дизајн) и за транспортни услуги (75 проценти) – покажуваат податоците на анкетата.

Во неа се додава дека ситуацијата во однос на 2104 година е непроменета во однос на издавање фискални сметки за козметички производи (17 проценти) и 11 проценти за храна и за прехранбени продукти.

– Но, даночната дисциплина бележи двојно влошување во категоријата алкохол и тутун, каде што дури на 20 проценти од испитаниците во 2016 година не им била издадена фискална сметка во последниот месец, споредено со 12 проценти од испитаниците во 2014 година. Алкохолот и тутунот се акцизни стоки за кои следуваат високи даноци, а тоа значи дека потенцијалното зголемување на даночната евазија во оваа сфера носи со себе ризик од помали даночни приходи во државната каса – се вели во анкетата.

Како препорака, во истражувањето се вели дека владата најпрво треба да размисли за менување на балансот помеѓу постојните казнени мерки (со прогресивни стапки на казнување) и второ, на балансот помеѓу казнените мерки и стимулациите.


Анкета: Песимизам за економијата, народот ги чека изборите и судењата


Скопје, 22 февруари, 2017 - 13:07 (META) 

Најголем дел од граѓаните во Македонија (41,8 отсто) сметаат дека економската состојба во Македонија во 2017 година оди кон полошо. Речиси третина, односно 28,6 проценти, сметаат дека не постои поместување во состојбата. Позитивни очекувања, пак, имаат нешто повеќе од една петтина од граѓаните (24,8 отсто), покажува анкетата што во февруари ја спровела агенцијата „М-Проспект“, со 1.000 луѓе избрани како национален репрезентативен примерок.

Излезот од политичката криза е главен настан за помалку од една третина (31,8 отсто) од граѓаните кога размислуваат за настаните кои следуваат во 2017 година. Локалните избори се главниот настан на политички план годинава, одговориле 19,8 проценти од испитаниците. За 15,8 отсто од нив, првите судења за обвиненија од СЈО ќе ја одбележат годинава. Сличен е процентот (13,6 отсто) на граѓаните кои предвремените парламентарни избори ги гледаат како настан на годината.

Етничките Албанци за 10 процентни поени повеќе од етничките Македонци сметаат дека предвремени парламентарни избори ќе ја одбележат 2017 година.

Повеќе од една третина од граѓаните (37,3 отсто) мислат дека новиот претседател на САД, Доналд Трамп, ќе влијае позитивно врз Македонија, додека секој петти граѓанин (20,4 отсто) смета дека неговото влијание врз Македонија ќе биде негативно. Но, 30,7 проценти од испитаниците рекле дека тој нема да има никакво влијание. Поделеноста меѓу Македонците и Албанците по ова прашање е интересна – 39,9 отсто од етничките Македонци сметаат дека Трамп ќе има позитивно влијание, наспроти 38,3 отсто од етничките Албанци, кои сметаат дека неговото влијание ќе биде негативно.

Мал дел од граѓаните (14,3 отсто) целосно веруваат дека пензиското осигурување ќе биде во можност да се грижи за идните пензионери како што се грижи досега. Слична е пропорцијата (15,5 отсто) на тие што воопшто не веруваат во иднината на пензискиот систем. Најголем процент од граѓаните имаат до некаде доверба (34,7 отсто) или до некаде немаат доверба (30 отсто).

Младите од 15 до 34 години покажуваат поголемо ниво на доверба во иднината на пензискиот систем од постарите граѓани. Вработените во јавниот сектор повеќе од вработените во приватниот сектор веруваат дека пензискиот систем во иднина ќе може да се грижи за пензионерите еднакво добро.

Кога размислуваат за зголемување на возрасниот праг за пензионирање заради намалување на порастот на персоналните даноци, мнозинството граѓани или 78,1 отсто не се согласуваат дека треба да има зголемување.


ИДСЦС: 77 отсто од граѓаните се за влез на Македонија во ЕУ


Скопје, 17 февруари, 2017 - 16:53 (META) 

Доколку следната недела се одржи референдум за влез на Македонија во Европската Унија, за влез би гласале 77 отсто од граѓаните, а против 17 отсто, покажува анкетата спроведена во ноември минатата година од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во рамки на проектот „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2016)“

Според истражувањето, доколку се изземе спорот за името како пречка во пристапниот процес, поддршката за членство во ЕУ се ближи кон прагот од 90 отсто.

Наодите од другата анализа направена од ИДСЦС наречена „Кредибилитетот на Европската Унија во Македонија е доведен во прашање“ укажуваат дека најголемиот процент на испитаници односно 44,3 отсто не се задоволни од напорите кои ЕУ ги презема во улога на медијатор во политичката криза во Македонија.

Според ова истражување, мнозинството од испитаниците – 58,5 отсто воопшто не се запознаени со извештајот на Прибе. Анкетата покажува дека 26,2 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ би била најдобриот странски сојузник на Македонија, 25 отсто од населението сметаат дека тоа би била Русија, додека за 17,5 отсто од граѓаните, САД е претпочитан сојузник.

Највисокиот процент на етнички Албанците ја поддржуваат ЕУ и САД, соодветно со 32,2 и 28,3 отсто, додека најголем дел од етничките Македонци 29,9 отсто сметаат дека Русија би била најдобриот сојузник за Македонија.


ВМРО-ДПМНЕ: Да веруваше Заев во анкетата на „Телма“ ќе излезеше на нови избори


Скопје, 14 февруари, 2017 - 14:45 (META) 

СДСМ загуби на изборите, а народот му порача на аболираниот криминалец Зоран Заев дека нема да дозволи такви ликови да ја водат државата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната анкета која ја објави телевизија „Телма“.

„Секогаш кога СДСМ е во паника прибегнува кон истите методи на лаги и манипулации. Доколку Заев барем малку веруваше во анкетите на ’Телма’ и во порастот на довербата во СДСМ, ќе се согласеше да излезе на нови, брзи предвремени избори со кои што би се скратила сегашната криза. Наместо тоа, Заев одлучи да бега, да се крие и да нуди гаранции и отстапки по цена на националните интереси, само за да дојде на власт и да ја заобиколи волјата на граѓаните без избори“, стои во соопштението.

Од партијата велат дека ако Заев се обиде да турка платформи и агенди спротивно на волјата на мнозинството граѓани, ВМРО-ДПМНЕ ќе стори се за да ги одбрани националните интереси.

Најновата анкета на агенцијата „М-проспект“ направена по нарачка на телевизија „Телма“ покажа дека ако утре се одржат избори, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат речиси изедначени, а единствено промена би имало кај партиите на Албанците.


Анкета: Граѓаните се против нови избори, сакаат широка коалиција


Скопје, 13 февруари, 2017 - 21:02 (META) 

Доколку утре се одржат избори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат речиси изедначени, покажува најновата анкета на агенцијата „М-проспект“ направена по нарачка на телевизија „Телма“. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 23,3 отсто од граѓаните, за СДСМ 23 отсто.

Единствено промена би имало кај партиите на Албанците. Кога сега би се одржале избори Беса би била изедначена со ДУИ, односно би добила 3,5 отсто, а ДУИ 3,3 отсто. Алијансата за Албанците би добила 1,5 отсто, ДПА 2,2 отсто, а неопределени се високи 33,4 отсто.

Според анкетата, водечка партија кај албанските гласачи е СДСМ за кого се одлучиле 20,4 отсто од анкетираните. За ДУИ се изјасниле 14 отсто, за Беса 15, за ДПА 10 и за Алијанса на Албанците 6 проценти.

Македонците гласачи предност и даваат на ВМРО-ДПМНЕ, или 30,6 отсто, наспроти 23,8 за СДСМ. За разлика од Албанците, кај Македонците никој не би гласал за партија од албанскиот политички блок.

Истражувањето покажува дека најголем дел од граѓаните не гледаат излез од политичката криза со нови избори. Мнозинството, или 56,5 проценти се против нови предвремени избори, наспроти 38,6 проценти кои повторно би гласале.

Граѓаните најдоброто решение за формирање на следна влада, откако Груевски го врати мандатот, гледаат во широка коалиција во која би влегле сите поголеми партии. За широка коалиција се определите 30,2 отсто од испитаниците. Три проценти помалку, или 27,3 отсто сметаат дека следната влада треба да ја формира СДСМ, додека помалку или 23,5 отсто сакаат влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

По етничка припадност, и Македонците и Албанците, одговориле со идентичен процент, 30 отсто, дека најдобро решение за формирање на влада е широка коалиција. Разликата во двата етнички блока се јавува по прашањето на формирање на политичка влада од двете македонски партии. 28 проценти од Македонците би сакале неа да ја формира ВМРО-ДПМНЕ, додека 23 отсто СДСМ. Албанците пак 44 проценти посакуваат влада на СДСМ, наспроти само 7 проценти кои повторно сакаат влада на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали е потребно да се продолжи периодот во кој СЈО може да покренува обвиненија 62,8 проценти од граѓаните одговориле потврдно, против биле 28,8 проценти, а само 8 отсто немаат одговор на ова прашање

Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 4 до 10 февруари на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.