Јилдирим: Грција не треба да го диктира официјалното име на друга земја


Анкара, 12 февруари, 2018 - 17:11 (META) 

Турскиот премиер Бинали Јилдирим на прес-конференцијата со својот македонски колега, Зоран Заев, во Анкара порача дека е погрешно Грција да го диктира официјалното име на Македонија, но додаде оти се надева дека двете соседни земји ќе го разрешат спорот во пријателски дух, јави „Асошијетед прес“.

– Погрешно е друга земја да го одредува името на една земја – рече тој.

Заев вели дека најдоброто решение е она што ќе го поплочи патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.

– И претседателот Ердоган и премиерот Јилдирим и целата влада, всушност и сите институции во Турција се големи пријатели на Република Македонија. Ние денеска разговаравме за ова прашање. Турција како пријател секако поддржува решение што ќе биде прифатливо за двете страни. Тоа е решение што е единствено возможно за нашиот пат кон НАТО и ЕУ – рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.


Заев – Јилдирим: Турција ја поддржува Македонија во НАТО интеграциите


Анкара, 12 февруари, 2018 - 11:44 (META) 

На средбата со својот турски колега Бинали Јилдирим во Анкара, македонскиот премиер Зоран Заев побарал да продолжи поддршката од Турција за членството на Македонија во НАТО, а турскиот премиер порачал дека неговата земја и понатаму ја поддржува Македонија во оваа стратешка цел, соопшти Службата за односи со јавноста при македонската влада.

На средбата, на која од македонската страна присуствувале и министерот без ресор Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, Заев изразил сочувство за жртвите во борбата против тероризмот со цел заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на Турција.

И турската и македонската страна изразиле определеност за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за зголемување на трговската размена.

Договорено е активирање на Мешовитиот комитет меѓу двете држави кој што ефикасно ќе ги решава сите потреби за подобра соработка на секое ниво. Премиерот Заев соопшти дека од страна на Република Македонија, комитетот ќе го води министерот без ресор, Аднан Ќахил.

– За нашата држава важни се сите инвестиции, а Турција е 6-та во Македонија по бројност на инвестиции. Подготвени сме да создадеме услови за уште повеќе инвестиции бидејќи има заинтересирани инвеститори. Ние очекуваме напредок во ЕУ и НАТО интеграциите оваа година, а тоа очекуваме да влијае на зголемување на инвестициите, а со тоа подобар квалитет на живот на граѓаните – рекол Заев.


Заев со бизнисмени во Анкара: Трговијата да достигне милијарда евра


Анкара, 11 февруари, 2018 - 21:20 (META) 

Постојат можности за унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, констатирано е заеднички на вечерата на премиерот Зоран Заев со бизнисмени од Турција, организирана вечерва во Анкара, од ТОББ (TOBB) – Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција.

-Тука сме да пренесам отворена покана за инвестирање во Македонија. Свесен сум дека мојата земја ќе има напредок ако се развиваат приватниот сектор и инвестициите. Сакам да ви пренесам дека постои амбиент за инвестирање во Република Македонија. Со околу 35 инвеститори сме во пред договор, со 10 имаме потпишано договори, а има 100-ци заинтересирани – рече премиерот Заев пред бизнисмените од Турција.

Тој посочи дека Турција е 6. земја по големина на инвестиции во Македонија, дека 456 милиони евра е трговската размена и порача дека со перспективите за поголема соработка, може да има и поголем профит за компаниите и нови работни места за граѓаните на Македонија.

-Нашата цел е за неколку години трговијата со Турција да биде една милијарда евра – рече премиерот Заев.

Како области за продлабочување на соработката ги наведе земјоделството, енергетиката, градежништвото. Премиерот Заев рече дека правна регулатива за соработка меѓу двете  држави има, но дека ќе има унапредување на постојните договори, како тој за слободна трговија.

Потпретседателот на ХОББ, Фаик Јавуз, порача дека Турција и Македонија се големи пријатели и дека тие, како граѓани и како бизнис заедница ја поддржуваат Македонија во нејзиниот развој.

-Има околу 100 турски инвестиции во Македонија, но има уште многу што да се направи. Македонија се наоѓа во срцето на Југоисточна Европа, цели кон ЕУ, работи на тој пат, тоа значи отворен пазар и од 650 милиони луѓе – рече потпретседателот на ХОББ, Јавуз, охрабрувајки ги бизнисмените за инвестиции во нашата држава.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев од вечерва е во официјална посета на Република Турција придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски. Премиерот Заев, за време на посетата на Анкара ќе има средби на највисоко владино и државно ниво.


Анкара забрани јавно спомнување на ЛГБТ-проблеми


Анкара, 19 ноември, 2017 - 15:30 (META) 

Во Анкара се забранети сите јавни прикажувања на филмови и изложби кои се однесуваат на проблемите на ЛГБТ-популацијата.

Ова го соопшти канцеларијата на гувернерот на турската престолнина, објаснувајќи дека одлуката е донесена поради јавна безбедност.

„Почнувајќи од 18 ноември 2017 година, кината, театрите, панелите, интервјуата и изложбите во кои се спомнуваат ЛГБТ-проблеми се во иднина забранети во нашата провинција поради мир и безбедност“, соопшти канцеларијата на гувернерот.

Во соопштението се наведува дека јавното истакнување и прикажување на проблемите на ЛГБТ-заедницата може да предизвикаат различни друштвени групи јавно да изразат омраза и непријателство.


Повеќе од милион луѓе во Истанбул на годишнината од обидот за пуч


Истанбул, 16 јули, 2017 - 13:18 (META) 

Повеќе од еден милион Турци во Истанбул синоќа беа на гигантскиот собир наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули лани.

Мостот над Босфор, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километар, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки, имало повеќе од еден еден милион лица. Пред една година мостот беше заземен со тенкови. Притоа  беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачки момент за неуспехот на пучот.

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Синоќешниот собир почна со огромна поворка, на чие чело беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ, тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера – рече Ердоган.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2.32 минути по локално време, кога парламентот беше подложен на напад од турски „Ф-16“ за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара, Ердоган изјави дека ќе го потпише законот за враќање на смртната казна доколку му биде доставен.


Во Турција се одбележува годишнина од неуспешниот пуч


Анкара, 15 јули, 2017 - 11:29 (META) 

Во Турција денеска се одбележува првата годишнина од неуспешниот обид за државен преврат. Според турските власти, организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, прогласена од безбедносните структури за терористичка, е одговорна за пучот извршен ноќта на 15 спроти 16 јули минатата година.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган објави вчера дека во државата ќе почне „национално демократско бдеење“ и ќе трае до полноќ на 16 јули. Закажана е седница на парламентот со специјална програма. Попладне во Истанбул ќе почне поход на национално единство на Ердоган, ветерани од превратот и роднини на загинатите. Претседателот ќе има говор и ќе биде прикажан документарен филм за 15 јули. Ќе биде отворен и споменик на жртвите од неуспешниот пуч.

Турските власти, инаку, вчера отпуштија повеќе од 7.000 полицајци, војници и јавни службеници. Декретот за отпуштање претставува дел од мерките по обидот за пуч. Турција досега суспендира повеќе од 150.000 официјални лица и уапси околу 50.000 припадници на армијата, полицијата, вработени во судството, академици и луѓе од други сектори. Во најновиот декрет меѓу отпуштените од работа се 2.303 полицајци, како и 302 вработени на универзитети во државата.


Се апсат десетици лица во две турски министерства поради наводна поврзаност со Ѓулен


Анкара, 6 јуни, 2017 - 14:11 (META) 

Обвинителството во Анкара издаде десетици наредби за апсење на вработени во две турски министерства во рамките на истрагата за организацијата ФЕТО на проповедникот и опозиционер Фетулах Ѓулен, јави турската телевизија „Си-ен-ен Турк“.

Наредби за апсење се издадени за 30 вработени во турското Министерство за образование и за 17 вработени од Министерството за транспорт, навигација и за комуникација. Осомничените лица се корисници на мобилната апликација „бајлок“, што се смета дека била користена за комуникација меѓу организаторите за подготовка и за реализација на обидот за државен удар во Турција во јули минатата година.

Турските власти сметаа дека обидот за преврат на 15 јули е извршен од организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД. Ѓулен ги отфрла обвиненијата.


Анкара ќе именува улица по убиениот руски амбасадор


Анкара, 20 декември, 2016 - 13:11 (META) 

Турскиот министер за внатрешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека една улица во Анкара ќе се именува по убиениот руски амбасадор.

Тој соопшти дека по Андреј Карлов ќе биде наречена улицата на која се наоѓа амбасадата на Русија во турската престолнина.

Карлов вчера беше убиен на отворањето на изложбата „Русија во очите на Турците“.

– Донесовме одлука, во чест на господинот Карлов, улицата на која се наоѓа амбасадата на Руската Федерација да биде наречена по него – рече Чавушоглу.

Тој денеска се сретна со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и двајцата го нарекоа убиството на амбасадорот „грозоморно злосторство“.

Министерот Чавушоглу ја откажа посетата на Украина, која беше закажана за 21 и за 22 декември.


Гокчек: Убиството на амбасадорот е за да се нарушат односите меѓу Турција и Русија


Анкара, 19 декември, 2016 - 21:05 (META) 

Градоначалникот на Анкара, Мелих Гокчек, изјави дека смртоносниот напад кој денеска беше изведен врз амбасадорот на Русија во Турција преставува обид да се нарушат односите помеѓу Русија и Турција.

Турските власти по нападот ја зајакнаа безбедноста во околината на руската амбасада во турската престолнина.

Нападот се случи само еден ден пред најавената посета на шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу на Москва, каде што со рускиот и со иранскиот колега треба да разговара за ситуацијата во Сирија.


Турција испратила официјално барање до САД за апсење на имамот Ѓулен


Анкара, 13 септември, 2016 - 12:44 (META) 

Турското министерство за правда испратило официјално барање до САД за апсење на имамот Фетулах Ѓулен, за кој се тврди дека стои зад обидот за воен удар во јули, јави државната агенција „Анадолија“.

Официјални лица од министерството изјавиле дека писмено барање било испратено до нивните американски колеги и во него било наведено дека Ѓулен „наредил и командувал“ со насилниот пуч во кој настрадале повеќе од 270 лица.

Ѓулен, кој веќе 17 години живее во САД, ги отфрла сите обвинувања дека е вмешан во пучот.

По обидот за државен удар, турските официјални власти неформално побараа апсење и испорачување на Ѓулен, но Вашингтон од Анкара побара докази за негова вмешаност во пучот.

Тускиот претседател Реџеп Таип Ердоган на состанокот со американскиот потпретседател Џозеф Бајден му кажал дека „кога е во прашање договорот меѓу двете земји за екстрадиција, ваквите луѓе во најмала рака треба да бидат притворени, уапсени или држени под контрола“.