Тевдовски со Гутереш и Гурија панелисти на годишните средби на ММФ и Светска банка


Џакарта, 12 октомври, 2018 - 10:02 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска ќе има обраќање на настан од високо ниво во рамки на Годишните средби на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Настанот ќе го отвори генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. На панелот, на кој ќе се обрати Тевдовски, ќе говори и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Анхел Гурија.

Министерот Тевдовски ќе зборува на тема „Спроведување на целите за одржлив развој во светот кој се менува: локализација, инклузивност и инвестирање во резултати“. Тој ќе се осврне на целите за одржлив раст и реформите кои се прават во земјава за остварување на тие цели.

На панелот на кој ќе говори Тевдовски, предвидено е свое обраќање ќе имаат и претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер, како и извршниот директор на Светската програма за храна (ВФТ) Дејвид Бизли.

Делегација предводена од Тевдовски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на Годишните средби на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Индонезија кои почнаа вчера.


Ангеловска-Бежоска: Очекувам заживување на економијата и на кредитната активност


Скопје, 7 септември, 2018 - 13:30 (META) 

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска оцени дека по забавените банкарски активности во претходните две години, оваа година се гледа забрзување на активноста на банкарскиот систем, што може да се согледа преку порастот на депозитната база, но и преку кредитната активност.

–  Во минатите две години бевме сведоци на прилично забавена кредитна активност која не беше одраз на економски фундаменти, туку на неизвесност. Со постепено стабилизирање на состојбите, се гледа заживување и ние очекуваме преку мерките да се обезбеди стимул и интензивирање на кредитната активност до крајот на годината – рече Ангеловска Бежоска.

Во врска со порастот на домашниот бруто-производ од 3,1 процент, гувернерката рече дека тоа е под проекцијата на Народна банка на пораст од 4,1 процент во вториот квартал, но сепак укажува на позначајни поместувања кај економската активност.

За остварување на растот од 3,2 проценти на годишно ниво, Ангеловска-Бежоска потенцираше дека зависи што ќе се случува следниот период. Таа додаде дека имало потфрлање во сегментот на инвестициите и клучна точка понатаму ќе биде ревитализација на инвестициониот циклус во економијата.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека добрите движења во финансискиот се пресликани и во реалниот сектор.

– Одлично е што економијата се движи во позитивна насока. Сите макроекономски индикатори тоа го укажуваат. Во првата половина индустриското производство има пораст пет проценти. Кај извозот имаме сериозно позитивно движење од 14 проценти. Странските директни инвестиции во првата половина се 325 милиони евра, двојно повисоко од просекот од претходните три години. Стапката на невработеноста е намалена од 21,6 на 21, 1 проценти. Имаме пораст на платите од 5,6 проценти. Приходите во буџетот се согласно нашите проекции, имаме ликвидност и обврските ги извршуваме во најкус можен рок. Повратот на ДДВ на фирмите е рекорден во август, најголемо враќање на месечно ниво во последните пет години, и изнесува 2,7 милијарди денари – рече Тевдовски.

На новинарско прашање во врска со падот на бруто-инвестициите и градежништвото Тевдовски додаде дека има простор за подобрување, за во наредните квартали да се обезбеди раст и во тие сектори.

За бавната реализација на капиталните инвестиции над 300 милиони евра, министерот за финансии подвлече дека во втората половина ќе дојде до забрзување на реализацијата.

Тевдовски рече дека не се очекува ребаланс на буџетот и дека државата има капацитет да се достигне проектираниот пораст од 3,2 проценти.

Комитетот за финансиска стабилност констатирал дека лани финансиската стабилност на целиот систем се одржувала во адекватни рамки.


Гувернерката на НБРМ учествува на финансискиот форум на „Еурофи“ во Виена


Виена, 5 септември, 2018 - 13:06 (META) 

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествува на Финансискиот форум организиран од меѓународната организација „Еурофи“ во Виена.

„Во рамки на Форумот, фокусот е ставен на актуелни прашања поврзани со макроекономските и системските предизвици, можностите кои што произлегуваат од воведувањето нови технологии и развојот на одржливи финансии, дискусии околу развојот на алтернативно финансирање во рамки на ЕУ, и прашања поврзани со евроинтеграцијата. Во контекст на последното прашање, посебен акцент е ставен на оптимизирањето на банкарската унија, улогата на дигитализацијата за интегрирани финансиски услуги, практичните аспекти на процесот на Брегзит, но и на прашањата за приоритетите во однос на развојот на финансиските пазари и финансиската поддршка за инвестирање во земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа. Последното прашање ќе биде разгледано на панел-дискусија, на којашто активно учество како излагач ќе има и гувернерката Ангеловска-Бежоска “, соопштуваат од Народна банка.

Осврт на гувернерката Ангеловска-Бежоска за финансиските и инвестициските предизвици во регионот на ЦИЈИЕ е објавен и во специјалното издание на магазинот на „Еурофи“, подготвено по повод одржувањето на овој форум, значаен во глобални рамки.

„Еурофи“ е организација која претставува платформа за размена на ставови и за дискусија помеѓу претставниците на секторот за финансиски услуги и на институциите носители на политики во однос на прашања поврзани со регулативата и супервизијата на финансискиот систем, како и прашања од поширок економски контекст.


Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествува на Форумот на централно банкарство на ЕЦБ


Синтра, 19 јуни, 2018 - 10:32 (META) 

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на Форумот на централно банкарство на Европската централна банка (ЕЦБ), кој што традиционално се одржува во Синтра, Португалија.

„Годинешново издание на Форумот започна вчера и тематски е посветено на одредувањето на цените и платите во напредните економии – тема која што во изминатиов период зазема централно место во дебатите за монетарна политика на глобално ниво. Денес, по обраќањето на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, учесниците на Форумот дискутираат за макроекономските аспекти на оваа тема, додека сесијата и панел-дискусијата кои што ќе се одржат утре се посветени на нејзиниот микроекономски аспект. Во текот на утрешниот ден, на Форумот ќе се одржи и панел-дискусија за политиките на централните банки“, информираат од Народна банка.

На Форумот, покрај највисоките претставници на ЕЦБ и гувернерите на централните банки, учествуваат и професори од најреномираните универзитети од Европа и САД и значајни учесници на меѓународните финансиски пазари.

Во Синтра, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе оствари и одделни разговори со повеќе гувернери на централни банки, со високи претставници на меѓународните финансиски институции и организации и со истакнати меѓународни експерти за монетарна политика.

„Нејзиното учество на годинешниот Форум на централно банкарство на ЕЦБ е уште една потврда на определбата на НБРМ да чекори по патот којшто води кон Европскиот систем на централни банки“, додаваат од НРБМ.


Ангеловска-Бежоска: Поскапиот бензин нема да предизвика позначајна инфлација


Охрид, 6 јуни, 2018 - 16:04 (META) 

Поскапиот бензин нема да предизвика позначајни инфлаторни притисоци и стапката на инфлација во земјава годинава нема да биде повисока од два проценти, одговори на новинарско прашање гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска, на конференцијата која се одржува во Охрид.

Народна банка го очекувала растот на цените на нафтата на светските берзи, а се прогнозира дека тој тренд ќе продолжи и оваа година.

– За нас како Централна банка растот на цената на нафтата е очекуван. Во фазата на макроекономските проекции ние ги следиме сите тековни движења, очекувањата на аналитичарите, така што цената не е за изненадување, уште повеќе што по неколку години пад на цената на нафтата минатата година покажа нагорен тренд, а очекувањата се тоа да продолжи и оваа година – вели Ангеловска –  Бежоска.

Според неа, сепак не е исклучено дека скапите горива ќе имаат секундарен ефект врз другите производи, па Народна банка треба да го измери тоа влијание.

– Сепак многу ќе зависи колку притисоците од тој ценовен ефект кај нафтата ќе се пренесе на останатите производи па оттаму евентуално да се види некој секундарен ефект. Имајќи ги предвид сите движења и очекувања со цените на нафата, нашата проекција за оваа година е двопроцентна инфлација што е во линија и со нашата поставена цел за одржување ниска и стабилна инфлација – вели Ангеловска – Бежоска.


Дигиталното плаќање ги намалува трошоците, а ја зголемува ефикасноста на услугите


Охрид, 6 јуни, 2018 - 13:54 (META) 

Денеска во Охрид започна 11. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура „Време е за дигитализација“ во организација на Народната банка во соработка со Централната банка на Холандија.

„Пробивот на дигиталните плаќања се врзува со многуте можности што тие ги нудат. Прифаќањето на дигитализацијата на плаќањата има потенцијал за значително намалување на трошоците, зголемување на ефикасноста и овозможување поширок пристап до платежни услуги. Со растот на новите дигитални технологии за плаќање развиени од страна на „Финтек“, а кои што банките сè повеќе ги усвојуваат, потрошувачите и трговците денес имаат широка палета на производи за плаќање од која што можат да одбираат“, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во своето поздравно обраќање.

Таа додаде дека во соработка со Министерството за финансии веќе се подготвува нов нацрт-закон за платежни услуги и платни системи во кој се транспонирани директиви и регулативи на Европската унија во областа на плаќањата.

„Новата регулатива за плаќањата има за цел да ја поттикне конкуренцијата на пазарот на плаќања на кој, традиционално, најмногу учествуваат банките, преку отворање на влезот за компаниите на „Финтек“ коишто можат да обезбедат иновативни платежни услуги, како и да воспостават и да управуваат со нови платни системи“, додаде Ангеловска-Бежоска.


Тевдовски се сретна се новоименуваната гувернерка Ангеловска Бежоска


Скопје, 23 мај, 2018 - 13:01 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски оствари средба со новоизбраната гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.

Тевдовски и ја честиташе функцијата на Ангеловска Бежоска и рече дека и во наредниот период очекува добрата соработка помеѓу Министерството за финансии и Народната банка да продолжи.

„На средбата беа констатирани солидната макроекономска позиција и стабилноста на финансискиот систем. Исто така, беше заклучено дека добрата координацијата на фискалната и монетарната политика, во насока на остварување на макроекономските цели, ќе продолжи и во иднина“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.


Ангеловска Бежоска: Останува предизвикот за градење на независна монетарна политика


Скопје, 22 мај, 2018 - 12:21 (META) 

Анита Ангеловска – Бежоска денеска ја презеде должноста гувенерка на Народната банка од досегашниот гувернер Димитар Богов, на кој мандатот му истече вчера.

Во изјавата за медиумите таа се заблагодари на претседателот Ѓорге Иванов за нејзината номинација и на политичките партии кои што со широк консензус ја избраа за гувернерка.

Како што рече, оваа поддршка за неа е многу значајна, но и за целото општество бидејќи била поддржана професионалноста која е клучна за градење на прогресивно општество.

-Би сакала да му се заблагодарам на досегашниот гувернер Богов кој успешно ја водеше банката во критичните моменти. Бев дел од тимот кога ги поминувавме тие моменти, но благодарејќи на силниот институционален капацитет на централната банка, успешно ги поминавме – рече Ангеловска – Бежоска.

Таа потенцираше дека пред неа останува предизвикот за одржување на независна монетарна политика, но и макроекономска стабилност. Но како и досегашните раководни структури на банката, таа потенцираше дека ќе продолжи со градење на силен институционален капацитет на Централната банка, бидејќи го смета за клучен во извршувањето на задачите.

Претходно, Богов даде отчет за сработеното и рече дека двете клучни цели на банката се постигнати, односно постигната е ценовна и стабилност на банкарскиот сектор.

-Девизниот курс на денарот во однос на еврото беше одржан на стабилно ниво. Денарот не изгуби од конкурентност во однос на еврото, бидејќи инфлацијата за овие седум години од 1,5 проценти беше на слично ниво како во ЕУ од 1,2 проценти. Банкарскиот систем успешно се развиваше и растеше, така што активата и депозитите се зголемени за 50 проценти во однос на пред седум години – рече Богов.

Тој додаде дека за овие седум години, Народната банка успешно се справила со два силни, неповолни шокови како што беа грчката должничка криза во 2015 година и шпекулативниот напад врз монетарната стабилност во април и мај 2016 година. Имено, од 19 април до 23 мај 2016 година НБРМ интервенираше на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот помеѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс.

Тој период, како што истакна Богов, во комбинација со политичката криза му бил најлошиот период за време на извршување на функцијата гувернер.

– Каматната стапка е на историско најниско ниво од 3 проценти. Секогаш постои дискусија дали може пониска, можеби и ќе можеше ако немаше политичка криза, но и дисциплинирана фискална политика – додаде Богов.

На прашањето на „Мета“ каде ќе ја продолжи кариерата, Богов рече дека сето ова набрзина му се случувало и дека ќе земе одмор па потоа ќе размисли што понатаму.

Неговата разделба со вработените беше прилично емотивна, бидејќи како што рече, таму поминал многу убави моменти и соработката со нив ја оцени како добра страна во работењето како гувернер.


Ангеловска Бежоска ќе положи заклетва пред Џафери, па ќе ја прими должноста од Богов


Скопје, 22 мај, 2018 - 9:35 (META) 

Новата гувернерка на Народна банка на Македонија, Анита Ангеловска Бежоска денеска во 9.30 часот ќе даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Талат Џафери, во Охридска сала.

Потоа, во Народна банка, по прес-конференцијата во 11 часот, ќе има примопредавање на должноста со досегашниот гувернер Димитар Богов.

Анита Ангеловска-Бежоска вчера беше едногласно изгласана за гувернерка во Собранието од страна на 81 пратеник со што се постигна консензус помеѓу политичките партии околу изборот на новата гувернеркa.


Анита Ангеловска – Бежоска едногласно избрана за гувернерка на НБРМ


Скопје, 21 мај, 2018 - 13:46 (META) 

Од 81 пратеник што гласаа, сите беа за назначување на д-р Анита Ангеловска – Бежоска за нова гувернерка на Народна банка на Република Македонија. Таа веќе осум години беше вицегувернерка на НБРМ.

На денешната 46-та собраниска седница, координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Тунтев и Драган Данев, со многу пофални зборови за Ангеловска-Бежоска, во расправата за изборот на нов гувернер рекоа дека ќе гласаат за предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, бидјеќи кандидатката ги задоволува сите услови.

– Сакам да го истакнам ставот на ВМРО-ДПМНЕ, ние почитуваната госпоѓа ќе ја поддржиме и верувам дека ќе биде на ниво на задачите, имајќи предвид нејзините професионални карактеристики – рече Драган Данев во општата расправа.

Тунтев пак рече дека овој предлог е доказ „дека кога се имаат предвид аргументите, фактите и предлогот е даден врз основа на логично, трезвено и професионално размислување, може да биде прифатлив од страни кои претходно имале спротивставени ставови“.

– Д-р Анита Ангеловска – Бежоска е предлогот на претседателот Иванов, за кој и опозицијата и ние како мозинство, денеска имавме координација. Ова е доказ дека професионализмот, стручноста, треба да се критериуми по кои ќе се раководиме на вакви места да доѓаат луѓе кои тоа го заслужиле. Не партиски, не со сервилност кон која било политичка номенклатура – рече Тунтев.

Потоа Данев побара од Тунтев да објасни зошто претходно тој се спротивставил на реизборот на досегашниот гувернер Димитар Богов, кому мандатот му истече денеска. Тунтев не сакаше да одговори, велејќи дека тоа не е точка на дневен ред.

– Не е точка на дневен ред, и јас би сакал да ја испочитувам репутација на Богов. Ние како пратеници не добивме предлог Богов да биде гувернер, и сега не би сакал да ги изнесувам аргументите што ги искажав јас. Не е време ни место да зборуваме за неговата биографија – одговори Тунтев.

По него за збор се јави Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, која изрази задоволство што по петмина мажи, на чело на НБРМ доаѓа жена.