Чавушоглу: На секој чекор на Берлин, Турција ќе направи два


Анкара, 25 септември, 2017 - 19:39 (META) 

Доколку Германија направи еден чекор, Турција ќе направи два во нормализација на билатералните односи, порача турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу.

Тој го изјави ова во интервју за телевизијата „А Хабер“ откако германската канцеларка Ангела Меркел на изборите обезбеди четврти мандат.

– Германија би требало да учи на своите грешки – рече Чавушоглу, на барањето да ги искоментира односите на двете земји, кои беа заострени изминатите месеци поради несогласувања околу повеќе прашања.


На ЕУ ѝ е потребна силна германска влада, порача Јункер


Брисел, 25 септември, 2017 - 16:26 (META) 

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска порача дека на Европската Унија ѝ е потребна силна германска влада повеќе од кога и да е претходно, јавуваат агенциите.

„Претседателот Јункер е уверен, во светло на предизвиците со кои се соочени Европа и светот, дека на Европската Унија ѝ е потребна силна германска влада повеќе од кога и да е претходно“, изјавил портпаролот на Јункер, Маргаритис Шинас.

Инаку, Јункер денеска телефонски разговарал со канцеларката Ангела Меркел, чија партија (ЦДУ) победи на вчерашните парламентарни избори во Германија, но и со нејзиниот противкандидат од германската социјална демократска партија (СПД), Мартин Шулц.

Веднаш откако беа познати резлултатите од изборите, Шулц најави дека неговата партија нема повеќе да биде дел од големата коалиција со демохристијаните.

На вчерашните избори и ЦДУ и СПД остварија послаби резултати во однос на претходните избори во 2013 година. ЦДУ на Ангела Меркел ќе мора да преговара со либералите и со партијата на Зелените за составување на новата германска влада.


Меркел: Нема да брзаме за да формираме влада


Берлин, 25 септември, 2017 - 9:34 (META) 

Демохристијанската партија на Ангела Меркел (ЦДУ) е победник на парламентарните избори во Германија, на кои, според прелиминарните резултати, освоила 33 проценти од гласовите.

Меркел изјави дека нема да брза да формира влада. За четврти пат да стане канцеларка, нејзе ѝ се потребни коалициски партнери помеѓу другите парламентарни партии за да обезбеди мнозинство во Бундестагот.

И покрај победата, демохристијаните забележаа послаб резултат од претходните избори, освојувајќи 8 проценти помалку гласови од 2013 година.

Втората по големина германска партија, социјалдемократите, поминаа уште полошто со освоени 20,5 проценти од гласовите, што е најлош резултат по Втората светска војна.

Одзивот на изборите изнесувал 75,6 проценти, што е поголем од 2013 година, кога изнесуваше 71,5 проценти.

На трето место по освоени гласови е Алтернативата за Германија (АФД) со 12,6 отсто од гласовите, така што првпат влегува во парламентот.

Во Бундестагот мандати обезбедија уште три  партии: Либерали (10,7 проценти), Зелени (8,9 проценти) и Левица СПД (9,2 проценти)


Во Германија се одржуваат парламентарни избори, излезноста поголема од 2013 година


Берлин, 24 септември, 2017 - 17:08 (META) 

Во Германија денеска се одржуваат парламентарни избори за 19. состав на Бундестагот. Анкетите се во прилог на актуелната канцеларка Ангела Меркел, која доколку победи, може да добие четврти мандат.

Право на глас имаат 61,5 милиони луѓе, а првите резултати ќе бидат познати по затворањето на избирачките места во 18 часот.

Излезноста во многу избирачки места е поголема од минатите избори во 2013 година. Околу пладне, во Минхен таа изнесувала 57 отсто, во Хамбург – 37 отсто, а во Нирнберг – 29,6 отсто. Германската канцеларка Ангела Меркел, заедно со сопругот, гласаше во Берлин.

Еден ден пред изборите, на Меркел и на уште неколку политичари им беа испратени писма со заканувачка содржина.


Меркел: Неприфатливо е Унгарија да ја игнорира пресудата за бегалците


Берлин, 12 септември, 2017 - 14:08 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека е неприфатливо Унгарија да ја игнорира пресудата на Европскиот суд на правдата, според која Будимпешта мора да ги прифати бегалците во рамки на програмата на Европската Унија за нивно релоцирање.

– Неприфатливо е една влада да рече дека не ја интересира пресудата на Европскиот суд на правдата – вели Меркел за денешното издание на весникот „Берлинер цајтунг“.

Прашана дали тоа значи дека Унгарија мора да ја напушти ЕУ, Меркел одговори дека тоа значи дека е „погодено особено важно европско прашање“.

– Европа за мене е место во кое владеат законите – рече Меркел и додаде дека прашањето ќе биде разгледано на самитот на ЕУ во октомври.

Европскиот суд на правдата минатата недела го отфрли барањето на Унгарија и на Словачка да бидат изземени од програмата на ЕУ за задолжителни квоти за релоцирање бегалци кои стигнале од Грција и од Италија во други земји на ЕУ.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека нема да го промени својот став, без разлика на пресудата на Европскиот суд на правдата.


Меркел: Викендов итен состанок на ЕУ-лидерите поради Северна Кореја


Берлин, 5 септември, 2017 - 12:39 (META) 

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за викендот треба да разговараат за воведувањето додатни санкции кон Северна Кореја, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Таа додаде дека тој состанок треба итно да се организира, истакнувајќи дека тестовите што ги изведе Северна Кореја претставуваат флагрантно кршење на сите меѓународни услови.

– Говорам јасно и во име на целата влада: единствено е можно мирно и дипломатско решение – истакна Меркел.

Германската канцеларка вчера телефонски разговарала со претседателот на САД, Доналд Трамп, и тие ги повикаа ОН бргу да ги усогласат острите санкции против Северна Кореја.

Меркел и Трамп најновата нуклеарна проба со хидрогенска бомба ја осудија како „неприфатлива ескалација“.

„Германската канцеларка и американскиот претседател изразија став дека меѓународната заедница мора да продолжи да врши притисок на режимот во Северна Кореја и дека Советот за безбедност на ОН мора бргу да ги усвои санкциите“, се вели во соопштението на германската влада.


Меркел сака да се приклучи кон лудилото на Трамп за вооружување, смета Габриел


Берлин, 14 август, 2017 - 15:01 (META) 

Изборите во Германија се референдум за тоа дали земјата ќе се приклучи кон „лудилото за вооружување“ на американскиот претседател Доналд Трамп, смета лидерот на германската Социјалдемократска партија, Зигмар Габриел, кој е и германски министер за надворешни работи.

Тој ја обвини канцеларката Ангела Меркел дека му се умилкува на Трамп со нејзината „посветеност“ за зголемување на буџетот за одбраната.

– Изборите во септември ќе бидат гласање и за тоа дали Германија ќе остане мирна или ќе се приклучи кон лудилото на Трамп за вооружување – вели Габриел.

Како и Трамп, како што рече Габриел, и Меркел и нејзината партија сака „да вложува пари во оружје“, пренесува белгискиот портал „Политико“.


Путин, Порошенко, Макрон и Меркел телефонски разговарале за Украина


Киев, 24 јули, 2017 - 18:54 (META) 

Лидерите на Русија, Украина, Франција и на Германија разговарале телефонски околу решение за конфликтот на истокот на Украина.

Владимир Путин, Петро Порошенко, Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел прво го слушнале извештајот на претставникот на набљудувачката мисија на Организацијата за европска безбедност и соработка во Украина за почитување на прекинот на оган.

„Лидерите потоа разменија идеи околу ситуацијата на југоистокот на Украина, земјаќи ги предивид сериозните препораки за примена на мировниот договор од Минск од февруари 2015 година“, се наведува во соопштението од Кремљ.

Ова е прв телефонски разговор во таканаречениот Нормандиски формат од почетокот на мандатот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој на крајот на мај побара тој состанок да се одржи што побргу.

Лидерите се договориле да ги продолжат контактите, вклучувајќи ги и оние на највисоко ниво.

Во тригодишниот конфликт кој ја подели Украина, досега загинаа повеќе од 10.000 луѓе. Киев и Западот ја обвинуваат Русија дека финансиски и воено ги поддржува бунтовниците, што Москва го демантира.


Трамп најави можност „нешто да се постигне“ околу Парискиот договор


Париз, 13 јули, 2017 - 21:39 (META) 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, кој е во посета на Франција, на денешната заедничка прес-конференција со својот домаќин, францускиот претседател Емануел Макрон, најави дека „нешто може да се постигне“ во врска со Парискиот договор за климата, но не прецизираше што.

„Нешто може да се случи во врска со Парискиот договор, но ајде да видиме што ќе биде тоа. За тоа ќе разговараме во престојниот период и ако се случи тоа, ќе биде одлично. Ако не се случи, и тоа ќе биде во ред исто така“, рече Трамп.

Американскиот претседател на почетокот на минатиот месец соопшти дека САД се повлекуваат од Парискиот договор за климатските промени од 2015 година бидејќи, како што рече, договорот е штетен за американската економија и побара нов договор.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, на прес-конференцијата изјави дека со Трамп разговарал за ситуацијата во Сирија и во Ирак. Тој наведе дека неговата земја и САД бараат од дипломатите во следните недели да договорат конкретна иницијатива за ставање крај на насилствата во Сирија и за иднината на оваа земја.

Пред состанокот со Трамп, францускиот претседател имаше средба со германската канцеларка Ангела Меркел, на која двајцата констатирале дека е „важно да се одржуваат здрави врски со Трамп“.

Меркел повтори дека Европа мора да ја преземе судбината во свои раце по безбедносните и одбранбените прашања, но во исто време наведе и дека е потребна блиска соработка со САД и покрај сите разлики во ставовите.


Меркел: Германија ја поддржува Македонија во евроатлантската интеграција


Трст, 12 јули, 2017 - 20:53 (META) 

За време на Самитот за Западен Балкан во Трст, премиерот Зоран Заев имаше билатерална средба со канцеларката на Република Германија, Ангела Меркел, која изразила поддршка за новата влада, за суштниски реформи и за определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ, соопштија од кабинетот на премиерот.

– Владата е одлучна да ги спроведе потребните реформи и да ја осигура евро-атлантската иднина на Македонија, а со тоа и квалитетен живот за граѓаните – рекол Заев за време на неговата средба со Меркел.

Канцеларката Меркел најавила поддршка од Република Германија во реформскиот и во евроатлантскиот интеграциски процес.

Двајцата лидери изразиле заедничка определба за продолжување и за зголемување на интензитетот на соработката помеѓу двете држави.