!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Ле Пен: 2017 ќе биде година на националистичките партии


Кобленц, 21 јануари, 2017 - 19:43 (META) 

Претседателката на крајно десничарската француска партија Национален фронт, Марин ле Пен, денеска на собирот на претставниците на десно-популистичките партии во Европскиот парламент, кој се одржува во германскиот град Кобленц, изјави дека 2017 ќе биде година на националистичките партии, пренесува ХРТ.

„Минатата година англосаксонскиот свет со Брексит и со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД ја почна борбата за сопствена слобода. Во 2017 година тоа ќе го направат нациите на континентална Европа“, рекла Ле Пен, притоа укажувајќи на важните избори кои оваа година треба да се одржат во Франција, Германија и во Холандија.

Таа на состанокот на крајно десничарските партии ја критикувала Европската Унија, нарекувајќи ја антидемократска творба која се бори против националните интереси на земјите членки.

Ле Пен во својот говор пред водечките европски политичари од крајната десница, како Холанѓанецот Герт Вилдерс, Матео Салвини од италијанската Северна лига и Фрауке Петри од Алтернатива за Германија, остро ја критикувала политиката на Ангела Меркел кон бегалците, оценувајќи ја како „неодговорна и спротивна на волјата на сопствениот народ“.

Истовремено, во Кобленц се одржуваат протести против собирот на европските националистички партии. Под паролата „Кобленц останува шаренолик“, околу 3.000 демонстранти протестираат против расизмот и за поголема толеранција.


Меркел ќе бара од Трамп договори за прашања поврзани со трговијата и со воените трошоци


Берлин, 21 јануари, 2017 - 17:17 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека од новиот претседател на САД, Доналд Трамп, ќе бара да бидат постигнати договори поврзани со прашања за трговијата и за воените трошоци, додавајќи дека ќе работи на зачувување на врските меѓу Европската Унија и САД, кои се многу важни, јавуваат светските агенции.

Меркел рекла дека Доналд Трамп јасно ги истакнал своите уверувања во својот инаугуративен говор, во кој вети дека ќе ја стави „Америка на прво место“.

„Во врска со неговото обраќање ќе кажам две работи. Првата е дека цврсто верувам дека најдобро решение за сите нас е доколку нашата работа биде темелена на правила, заеднички вредности, како и на заеднички акции во меѓународниот трговски систем, но и во придоносот на воените сојузници. Другата работа е трансатлантската врска која нема да биде ништо помалку важна од тоа што беше во претходните години. Јас ќе работам на тоа и покрај различните мислења. Договорите, како и решенијата можат да бидат остварени само доколку со почит ги разменуваме нашите идеи“, изјавила Меркел.


Обама последен пат како претседател телефонски разговарал со Меркел


Вашингтон, 20 јануари, 2017 - 10:36 (META) 

Последниот телефонски разговор како претседател, Барак Обама го имаше со германската канцеларка, Ангела Меркел.

Својот последен работен ден во Белата куќа, претседателот во заминување, Барак Обама, го мина, меѓу другото, поздравувајќи се со своите соработници, но и со странските колеги, а последниот претседател со кој во телефонски разговор се поздравил била германската канцеларка Ангела Меркел.

„Тој ѝ се заблагодари за осумгодишното пријателство и партнерство“, соопшти Белата куќа.

Обама во таа пригода истакнал дека е сосема разбирливо неговиот последен повик да биде упатен до канцеларката Меркел.

Обама, како што се наведува, ѝ за заблагодарил на канцеларката за нејзиното „силно, храбро и стабилно лидерство“.
Тесната соработка на Вашингтон и на Берлин, како и меѓу САД и Европа е пресудна за трансатлантските односи, оцениле Меркел и Обама во својот последен официјален разговор.


Трамп: ЕУ е инструмент на Германија, а по Британија, и други ќе ја напуштат Унијата


Лондон, 16 јануари, 2017 - 10:53 (META) 

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп оцени дека Европската Унија станала инструмент за Германија и дека по Велика Британија, и други земји членки ќе ја напуштат Унијата.

Во заедничко интервју за најтиражниот германски весник „Билд“ и за британскиот весник „Тајмс оф Лондон“, Трамп вели дека германската канцеларка Ангела Меркел е најмоќниот европски лидер, но дека направила „катастрофална грешка“ примајќи повеќе од милион бегалци.

– Ако ја погледнете ЕУ, тоа е суштински инструмент за Германија – изјави Трамп, притоа поврзувајќи го прашањето за мигрантите со британскиот референдум за излез од ЕУ.

Трамп изразил уверување дека Брексит не би се случил доколку земјите на ЕУ, со сите сопствени проблеми, не биле принудени да прифатат толкав број беглаци. Тоа, според него, била последната капка што ја прелеала чашата.

Тој оцени дека Велика Британија постапила паметно кога одлучила да излезе од ЕУ.

– Земјите сакаат свој идентитет и Обединетото Кралство го сака својот идентитет. Луѓето не сакаат други да им доаѓаат и да им ја уништуваат земјата. Во оваа земја (САД) ќе имаме многу јаки граници од денот кога ќе дојдам на функција – рече Трамп, оценувајќи дека и други земји од ЕУ ќе тргнат по патот на Британија.

Говорејќи за надворешно-политичките цели на својот мандат, Трамп рече дека приоритет ќе му биде да направи праведни трговски договори за САД и да го намали трговскиот дефицит на САД со остатокот од светот, особено со Кина.
На прашањето за можна спогодба со Русија, Трамп вели дека таа би требало да вклучува „значително намалување“ на нуклеарното оружје во замена за укинување на американските санкции.

За инвазијата на Ирак во 2003 година, Трамп вели дека тоа веројатно била најлошата одлука донесена во историјата на САД, а кога станува збор за Сирија, смета дека треба да бидат формирани безбедносни зони.

Трамп за НАТО вели дека застарела и оти сите членки не плаќаат колку што треба, но оти тој воен сојуз за него е „особено важен“.


Меркел: Работиме на депортација на мигрантите


Берлин, 9 јануари, 2017 - 20:52 (META) 

Германската канцеларка, Ангела Меркел, повтори дека Германија мора да направи „национален напор“ за мигрантите на кои им е одбиено барањето за азил да ја напуштат земјата.

Меркел на конференцијата на државни службеници рече дека Германија работи на враќањето на мигрантите, но дека тоа единствено е можно ако се преговара со нивните татковини.

Забрзување на депортацијата и на доброволното враќање на мигрантите стана приоритет на германските власти по терористичкиот напад на божиќниот базар во Берлин.

Тунижанецот Анис Амри е осомничен дека на 19 декември со камион влета на божиќен базар и усмрти 12 лица. Одговорност за нападот презеде Исламска држава. Германските власти не успеаја да го депортираат осомничениот пред нападот затоа што Тунис одби да го прифати.

Во Германија во 2015 година пристигнаа повеќе од 890.000 мигранти.


Ердоган: Ќе се бориме докрај против сите напади на терористичките групи


Истанбул, 1 јануари, 2017 - 15:04 (META) 

По повод терористичкиот напад во ноќен клуб во Истанбул, во кој загинаа 39 лица, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција ќе се бори докрај против сите напади на терористичките групи и на нивните поддржувачи и додаде дека ваквите напади не се независни од случувањата во регионот.

– Тие се обидуваат да создадат хаос, да го деморализираат нашиот народ и да ја дестабилизираат земјата со ваквите напади насочени против цивили. Ние ќе ја сочуваме присебноста како нација, уште повеќе ќе се сплотиме, никогаш нема да отстапиме пред ваквите валкани игри – се вели во писмената изјава на претседателот, објавена денеска.

Нападот во Истанбул го осудија голем број светски политичари меѓу кои рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, како и Европската Унија и Белата куќа.


„Конрад Аденауер“ жестоко ja искритикува ВМРО-ДПМНЕ


Бон, 22 декември, 2016 - 17:11 (META) 

Во анализа под наслов „Народот одлучи“, Фондацијата „Конрад Аденауер“ на германската владејачка конзервативна партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, упатува остри критики за недемократско однесување на „сестринската“ партија во Македонија – ВМРО-ДПМНЕ, поради нејзиното одбивање да се реформира, дезавуирањето на државните институции, како и поради критиките кон странските амбасадори, пренесува „Дојче веле на македонски јазик“.

Анализата, потпишана од Јоханес Реј, наведува дека изборите, иако биле досега најслободните и најдемократски, не донеле политичка стабилност, туку, напротив, изминативе неколку дена се пример за „недемократско однесување пар екселанс“.

„Кризата во државата нема крај. Последиците би можеле да бидат и немири“, пишува Реј.

Тој оценува дека доколку СДСМ успее да освои уште едно пратеничко место по прегласувањето во Теарце в недела, тоа би им ги зголемило шансите за создавање коалиција, но, од друга страна, посочува дека „партијата на долгогодишниот премиер Никола Груевски уште пред одлуката на Управниот суд најави дека нема да учествува во прегласувањето“.

Анализата упатува серија критики кон ВМРО-ДПМНЕ, во кои се вели дека со губењето на 19 пратенички места, „гласачите ѝ испратија јасен сигнал за промени, сигнал кој ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа“.

„Наместо да се иницираат внатрепартиски реформи, се прави обид да се задржи еродираната власт. Со објавата на прогласот и говорот на Груевски пред седиштето на Државната изборна комисија минатата сабота, се попречуваат ДИК и Управниот суд, нивните членови се игнорираат и се затвора вратата за меѓународната заедница. Останува нејасно зошто партискиот врв, без потреба, уште пред одлуката за жалбите на опозицијата, ѝ го соопшти ова на јавноста. Очигледно не постои никаква доверба во државните институции“, се вели во анализата.

Во неа понатаму се критикува создавањето „непријателски имиџ“ кон странците од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Легитимно е да се критикува политичката улога на некои амбасадори и не секогаш вештата посредничка улога на Европската Унија. Но, да им се префрла на амбасадорите и на странските претставници за мешање во внатрешните работи и за директно влијание врз работата на поединци во ДИК е проѕирен маневар, за да се прикријат сопствените проблеми. Заканата, преку нова финансиска регулатива да се потчинат невладините организации, нема да успее. Демократијата мора да поднесе и спротивно мислење“, се наведува во анализата.

Околу можниот исход од изборите и идните коалиции, Фондацијата „Конрад Аденауер“ прогнозира дека досега владејачката ДУИ, поради големите изборни загуби и внатрепартиски превирања, „нема повторно да коалицира со конзервативците“, јасно алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ.

„Следните недели ќе бидат возбудливи. Од нови избори напролет заедно со локалните избори, па сè до отворена борба за превласт, сè е можно. Никој не може да гарантира дека ќе остане мирно. Додека обичните луѓе луто гледаат од страна, атмосферата кај членовите на сите партии е многу напрегната. Партиските лидери имаат обврска да бидат воздржани во реториката, да дејствуваат смирувачки пред своите поддржувачи и да не го закопуваат легитимитетот на државните институции. Со големата излезност на изборите, гласачите ја покажаа својата зрелост и со својот глас побараа промени во политичкиот естаблишмент. Но, нивната желба за политичка стабилност и нормалност и понатаму не се почитува. Личните интереси повторно се ставаат над добробитта на заедницата. Македонија загазува уште подлабоко во криза“, заклучува фондацијата „Конрад Аденауер“.

Фондацијата „Конрад Аденауер“ е активна преку своја канцеларија во Македонија од 2000 година. Оттогаш, Фондацијата која важи за блиска до германската конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ) поддржала бројни проекти за евроатлантската интеграција на земјата. Притоа, преку разни семинари, конференции и работилници се обучуваа и политичари, новинари и општествени чинители. Особено блиска соработка оваа фондација има со ВМРО-ДПМНЕ, која важи за сестринска конзервативна партија на германската ЦДУ.


Туск: Политиката на Меркел кон мигрантите не е виновна за нападот во Берлин


Брисел, 21 декември, 2016 - 14:07 (META) 

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ги отфрли критиките на некои европски лидери дека за нападот во Берлин е виновна германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината политика на гостопримство на бегалците.

„Од почетокот на мигрантската криза зборувавме дека е клучно да ја вратиме контролата на надворешните граници. Тоа е тешко, но сакам да нагласам дека Германците не се одговорни за надворшените граници на ЕУ, туку целата унија, а вистинскиот извор на кризата е тоа што се случува надвор од границите на ЕУ“, изјави Туск за полска приватна телевизија.

Тој, исто така, нагласи дека Германците им посакуваа добредојде само на тие што веќе ги поминале границите на ЕУ и поминувале низ другите земји-членки.


Меркел: Одвратно е ако убиецот е азилант, но нe ја менуваме политиката кон бегалците


Берлин, 20 декември, 2016 - 12:29 (META) 

„Она што синоќа се случи во Берлин, Германија го разбира како терористички напад. Би било одвратно ако убиецот е некој кој како мигрант добил заштита од Германија“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел по синоќешниот напад во Берлин, зад коj, според првичните информации на германските власти, стои мигрант од Пакистан.

Таа истакна дека е згрозена од тоа што синоќа се случи на Брајтшедплац во Берлин.

– И јас, како и милиони луѓе во Германија, сум шокирана, згрозена и длабоко погодена од овој терористички чин. Дванаесет невини луѓе ги изгубија животите, додека десетина се во критична состојба – додаде Маркел.

На новинараско прашање дали по овој настан Германија ќе ја промени политиката кон мигрантите, Меркел истакна дека се противи на тоа.

Синоќа, Пакистанецот Навед Б. (23) со камион влета во штандовите на божиќниот базар во Берлин, при што најмалку 12 лица загинаа, а повеќе од 50 се повредени.


Путин е најмоќниот човек во светот за 2016 година според магазинот „Форбс“


Њујорк, 14 декември, 2016 - 18:29 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин е најмоќниот човек во светот, според денеска објавената ранг-листа на најмноќни луѓе за 2016 година на американскиот магазин „Форбс“.

Путин е прв на ранг-листата на „Форбс“ веќе четврта година по ред. Во годинешното рангирање по рускиот претседател на втората позиција се наоѓа новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, а трета е германската канцеларка Ангела Меркел.

„Лидерот на Русија продолжува да ги остварува своите цели почнувајќи од својата земја, преку Сирија и изборите во САД“, наведува магазинот.

За Трамп, кој кон крајот на јануари следната година треба и официјално да ја преземе претседателската функција од Барак Обама, магазинот пишува дека тој е „отпорен на скандалите, ги има двата дома на Конгресот и лично богатство од неколку милијарди долари“.

Ангела Меркел, која е на власт во Германија 11 години и кандидат на претстојните парламентарни избори во земјата, годинава падна од второ на трето место на листата на „Форбс“.

Инаку, германската канцеларка е прва од трите жени кои се наоѓаат на првите 20 места на ранг-листата. На шестата позиција се наоѓа гувернерката на американската Централна банка Џенет Јелен, додека на 13. место е британската премиерка Тереза Меј.

Веднаш зад Путин, Трамп и Меркел, како четврти најмоќен човек на светот се наоѓа кинескиот претседател Кси Џинпинг, а петти е папата Франциск.

На списокот од 74 личности се наоѓаат и сопствениците на „Мајкрософт“, „Гугл“ и „Фејсбук“, Бил Гејтс (6. место), Лари Пејџ (7. место) и Марк Зукерберг (10. место).

Новозибраниот државен секретар на САД и претседател на компанијата за нафта и гас „Ексон мобил“, Рекс Тилерсон, се наоѓа на 24. место веднаш зад претседателот на Франција, Франсоа Оланд.

Инаку, 28 од најмоќните луѓе на светот од листата на „Форбс“, работат како извршни директори на големи компании.