Два метра висока ограда ќе добие депонијата со токсичен линдан во Пеленица, Драчево


Скопје, 11 февруари, 2019 - 13:59 (META) 

Тендерот за оградување на депонијата со линдан во излетничкото место Пеленица во Драчево ќе биде објавен деновиве, а оградувањето ќе се направи во најбрз можен рок, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета“.

Ана Петровска, државната секретарка во Министерството, вели дека спецификациите за оградата се готови и дека е прашање на денови кога ќе се објави тендерот.

– Оградата ќе биде од жица, два метри висока и долга 350 метри за да го опфати целиот простор на кој се претпоставува дека има складиран линдан – вели Петровска.

Иако првично беше најавено дека депонијата ќе биде оградена до крајот на минатата година, а потоа беше пролонгирано до крајот на јануари, Петровска уверува дека тоа ќе се направи набрзо. Тендерот ќе биде првна јавна набавка на министерството за оваа година.

-Веќе и времето се подобрува, претходно имавме проблеми со снегот, не можевме точно да ја одредиме локацијата. Прашање е на денови, ова за министерството е многу висок приоритет – вели Петровска за „Мета“.

„Мета“ во декември минатата година објави дека во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан кој потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката.

На ова место основните училишта редовно одржуваа детски екскурзии кои Министерството за образование и наука по пишувањето на „Мета“ забрани да се одржуваат.

Линданот е органско соединение кое од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.


Ќе се менува застарениот правилник за граничните вредности на загадувачите


Скопје, 6 февруари, 2019 - 16:56 (META) 

Ќе се менува Правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот, кој содржи контрадикторни одредби и во голема мерка го блокира ефикасното постапување на инспекторите за животна средина кон помалите загадувачи на воздухот, најавува Министерство за животна средина.

– Формиравме работна група во која, освен од Министерството ќе има претставнци на акредитирани лаборатории, на инспекциите, на Град Скопје, како и претставници на „О2“ иницијативата“,изјави за „Мета“ Ана Петровска, државна секретарка во МЖСПП.

Претходно „Мета“ објави дека „Правилници со стандарди стари 50 години ги врзуваат рацете во борбата со загадувањето“ и дека „дури шест подзаконски акти врз основ на кои се постапува денес во Македонија, а се однесуваат на квалитетот на амбиентниот воздух се напишани во 1976 година и се сосема застарени, нефункционални, ограничувајќи ги на тој начин инспекциските служби во нивното откривање и санкционирање на загадувачи на воздухот“.

Според Петровска, измените ќе значат намалување на прагот на емисиите и ќе се однесуваат на сите ложишта помали од 1 мегават, чии емисии досега се утврдуваа врз основ на масениот чаден број, што е застарен метод за утврдување на емисии во воздухот.

Целта на овие измени, како што вели државната секретарка е да можат да бидат опфатени со инспекции што е можно повеќе ложишта и за сите надминувања на пропишаните вредности ќе важат одредбите кои сега важат за ложиштата над еден мегават.

– Ќе се утврдува присуство на ПМ честичките, на сулфур диоксид како и на други штетни материи – вели Петровска.


Оградата за депонијата со линдан во Пеленица ќе биде прва јавна набавка во 2019 на МЖСПП


Скопје, 4 јануари, 2019 - 15:53 (META) 

Оградувањето на дивата депонија со високо токсичен и канцероген линдан во Пеленица, Драчево, ќе биде првата јавна набавка на Министерството за животна средина и просторно планирање во оваа година, потврдуваат од таму за „Мета“.

Иако првично беше најавено дека депонијата ќе се огради до крајот на годината што измина, тимот на „Мета“ вчера беше на локацијата и на терен не забележа некаква активност.

Државната секретарка од МЖСПП, Ана Петровска, за „Мета“ вели дека се уште траат спецификациите за оградата и дека таа најверојатно ќе биде поставена до крајот на месецот.

– Уште се прават спецификациите за самата ограда. Кога ќе бидат готови ќе објавиме јавен повик за фирма која што ќе ја огради локацијата. Бидејќи уште не знаеме каде е точно линданот и на колкава површина се протега мораме да бидеме внимателни со спецификациите односно колкав простор ќе биде ограден. Се надевам дека до крајот на следната недела ќе бидат готови спецификациите и ќе се објави јавниот повик и дека до крајот на месецот ќе се постави оградата. Ова ќе биде прва јавна набавка на Министерството за животна средина – вели Петровска.

„Мета“ објави дека во околината на Драчево, во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан кој потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.

На ова место основните училишта редовно одржуваа детски екскурзии кои Министерството за образование и наука по пишувањето на „Мета“ забрани да се одржуваат.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.


Законот за заштита на Водно ќе се донесе догодина


Скопје, 19 декември, 2018 - 10:16 (META) 

Нереално беше да се очекува постапката околу донесувањето на законот за заштита на парк-шумата Водно да биде комплетирана за кусо време поради тоа што на донесувањето му претходат неколку фази за реализација вели Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање на прашањето на „Мета“ зошто ова Министерство не си ја завршило обврската дадена од Владата уште во август годинава да изготви закон за заштита на Водно.

Тогаш Министерството за животна средина доби рок од 30 дена да го изготви текстот на законот со кој конечно ќе се уреди статусот на Водно и ќе се заштити од понатамошна урбанизација и уништување. Ова задолжение од Владата дојде откако летово граѓанските активисти протестираа против изградбата на гасоводната траса преку парк-шумата Водно и откако стана јасно дека тоа што статусот на оваа планина не е докрај законски решен, овозможило реализација на проекти со кои се уништува голем дел од вегетацијата и природните хабитати на Водно.

Дека постои политичка волја кај парламентарното мнозинство за донесување на овој закон потврди во интервјуто за „Мета“ и скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Парк-шумата Водно е во надлежност на градот, а законот треба да ги уреди обврските кои Град Скопје ќе ги има во однос на ова препознатливо градско обележје и рекреативна зона.

На донесувањето на законот за прогласување на Водно за заштитено подрачје ќе му претстои конечното финиширање на студијата за ре-валоризација на Водно и јавна расправа, а во склад со постоечките закони треба да биде донесен и План за управување со парк-шумата Водно. Во подготовка на овој закон партнер на Министерството е и УНДП.


Дивата депонија со канцероген линдан во Драчево ќе се огради до крајот на годината


Скопје, 18 декември, 2018 - 15:53 (META) 

Министерството за животна средина и просторно планирање, до крајот на годината ќе го огради просторот во Драчево на кој постојат сомневања дека се наоѓа дивата депонија со 8.000 тони линдан кој потекнува од фабриката ОХИС, потврди за „Мета“, државната секретарка во Министерството, Ана Петровска.

Таа вели дека откако вчера „Мета“ објави за постоењето на дивата депонија, алармирана била Владата и Министерството по што се одлучило прво да преземе акција за оградување на локацијата, а потоа и за анализирање на почвата.

– Среќа што овие информациите се вчера обелодените и на некој начин е алармирано и до владата и ние како Министерство и во овој момент ќе се преземе акција согласно член 42 од законот за отпад кој што не овластува нас како надлежен орган, пред да се докаже опасноста, бидејќи уште не е докажана, а за да ја докажеме ќе ни треба и време и ресурси, барем да го оградиме просторот за кој што се претпоставува дека е локација. Таа е во ненаселен простор, но е близу некој манастир, каде што деца одат на екскурзија. Со други зборови, ние како орган, до крајот на годината, имаме обврска да го оградиме тој простор и да поставиме одредена табла – вели Петровска.

Истовремено, потенцира Петровска, ќе биде испратено укажување до Министерството за образование и наука, дека додека не се утврди или не се потврди опасноста, таму да не се организираат ученички екскурзии.

– Анализите за испитување дали навистина има линдан во почвата се специфични и скапи. Навистина не знам од каде ќе најдеме буџет за тоа. Ние немаме буџет за вакви работи, но бидејќи ова е многу ургентно или ќе видиме со донатори или со Министерство за финансии да најдеме средства да започнеме со анализите – истакнува Петровска.

Таа во разговор за „Мета“ вели дека непотврдени информации за оваа депонија постоеле од 2015 година, но поради политичката криза запреле активностите за овој проблем.

– Од канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants – неразградливи органски загадувачи) летово испратиле допис до кабинетот и со тоа сè застанува. Ние, како Министерство, сме добиле задолжение, меѓутоа тоа задолжение не сме го преземале со оној степен на сериозност кој што бил потребен. Бидејќи до сега ништо не се преземало околу ова прашање, толку време се чекало, а и не сме биле свесни за точноста на овие информации, не сме презеле активности – додава Петровска.

„Мета“ вчера објави дека во околината на Драчево, во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан. Депонијата, е необележана, неоградена и не постои знак кој информира дека на тоа место се наоѓа токсичен канцероген отпад кој влијае и на животната средина, но и на човековото здравје.

Линданот на оваа локација потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.

Тој од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.