Ана Чоловиќ Лешоска: Гасоводот преку Водно не смееше да се гради


Скопје, 25 јануари, 2019 - 11:09 (META) 

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ последниве години е инволвиран во следењето на состојбата со аерозагадувањето, во работата на Интерсекторската група за справување со загадувањето. Со извршната директорка на оваа граѓанска организација, Ана Чоловиќ Лешоска зборуваме за Планот за чист воздух, гасификацијата, за загубените години за екологијата

Владата излезе со План за чист воздух, пред тоа имаше план со 39 барања на „О2 Коалицијата“, но и „Еко Свест“ имаше објавено своја стратегија за справување со аероагадувањето. Многу планови, а каде е реализацијата?

-„Еко Свест“ од 2014 година, со поддршка на „Го Грин“, „Аналитика“, „Фронт“, и  „Македонски зелен центар“ изготви План за управување со аерозагадувањето кој влезе во изборните програми на кандидатите за градоначалници. Листата на „О2 Коалицијата“ содржи барања кои не се однесуваа само на аерозагадувањето, меѓу нив и да се престане со прскањето на улиците со калциум магнезиум ацетат бидејќи немало ефект, што сметаме дека е погрешно, бидејќи ако се применува правилно, го намалува загадувањето за 14 проценти. Важно е што власта конечно сфати дека загадувањето не е локален туку национален проблем и го вброи меѓу свои приоритети за решавање, а дел од нашиот план влезе и во програмата на Владата за чист воздух.

Впечаток е дека Владата премногу се фокусира на загадувањето од домаќинствата, а штетните емисии кои потекнуваат од индустријата се некако занемарени.

– Истражувањата покажаа дека најголем дел од ПМ10 честичките сепак потекнуваат од согорувањето на дрва, додека во лето штетните емисии потекнуваат и од градежништвото и индустријата. Она што со програмата на Владата всушност се таргетира е сиромаштијата, кој ги принудува луѓето да се греат со несоодветни енергенси, нешто што ниедна влада досега не сакаше да го признае дека постои. Никој досега не се занимавал со тнр.енергетска сиромаштија. Кога некој нема за леб, секако прво ќе гледа стомакот да го наполни, а потоа да се грижи со што се грее и дали тоа нешто загадува и го загрозува неговото и здравјето на другите. Сега е предвидено субвенционирање на начин предност да имаат загрозените социјални категории, место, како досега, субвенциите да ги добиваат и оние на кои не им се неопходни.

Го нема ни аспектот на користење на обновливи извори.

-За нас е прифатливо тоа што е ставен акцентот врз енергетската ефикасност. Најпрво е важно да се зголеми искористеноста на енергијата што се троши за загревање на домовите. Засега барем загревањето со струја добиена со фотоволтаици е скапа работа за едно просечно семејство…

Мислев на макро-ниво, не на ниво на домаќинства.

– Националната Стратегија за енергетика што ја изготвува МАНУ ќе излезе некаде во средина на јануари и од она што јас го имам како информација во неа процентуалната застапеност на обновливите извори на енергија е многу повисока од „најзелените“ варијанти на претходната Стратегија. Стратегијата, значи, не предвидува нов јаглен, но прашање е дали Владата ќе ја прифати или ќе каже – „сакаме нова термоцентрала“. Се надевам дека тоа нема да се случи.

Дали гасификацијата е еколошко решение за загадувањето, па и по цена на уништување на природата, каков што е случајот со Водно?

– Ние сме против гасификацијата и гасот како фосилно гориво. Прво-Македонија многу доцни со гасификацијата. Европа одамна е гасифицирана и тие наголемо поминуваат на обновливи извори, а ние парите што ќе ги дадеме за гасификација сега ќе бидат неповратно загубени за инвестирање во обновливите извори. Гасификацијата не значи и енергетска независност, напротив, стануваме зависни од Русија. Еко Свест имаше порадикален став во поглед на прашањето на изградба на гасовод преку Водно – ние ќе баравме гасовод воопшто да не се гради! Парите земени како кредит за изградба на гасоводот и онака веќе речиси беа потрошени за друга намена – за поддршка на буџетот место за гасоводот. Занемарен е факторот –безбедност. Гасовод на врв на планина, над метропола, е огромна опасност. Кој гарантира дека за 10-15 години, како резултат на кородирање или недоволно совршено заварени цевки – нема да се случи експлозија на гасовод кој е под притисок? Гасоводот среде планина и вегетација, на тешко пристапен терен, кој, патем, има косини кои го ја проблематизираат самата негова функционалност?!? Како е можно за еден потенцијално опасен објект да не е направена анализа на ризиците??

Дали екологијата и справувањето со загадувањето ќе биде нешто на што ќе заглавиме кога ќе се отвори поглавјето за екологија во идните преговори на Македонија со ЕУ?

– Ќе заглавиме. Скринингот за Поглавјето 27 почнува во јуни до каде сме со имплементација на европската регулатива во нашето законодавство. Во овој сектор законската регулатива мора да се комплементира со огромен број на инвестиции во инфраструктура- сега немаме пречистителни станици, немаме депонии, немаме селекција на отпад, мониторинг системите потфрлаат. За 27 години не успеавме да ги изградиме основите и ова поглавје најмногу ќе не закочува во преговорите бидејќи едноставно толку многу мора уште да се сработи и да се надоместат загубените години.


Чоловиќ – Лешоска: Увезените стари возила евтини за џебот, „скапи“ за белите дробови


Скопје, 6 ноември, 2018 - 10:20 (META) 

Ана Чоловиќ – Лешоска е директорка на организацијата „Еко-свест“, која работи на полето на заштитата на животната средина во Македонија подолго време. Вели дека во земјава недоволно се преземаат мерки за кревање на свесноста за тоа колку возилата го загадуваат воздухот и оти се потребни порадикални мерки за да се крене свесноста кај граѓаните, како и да се воведат иновативни решенија, пред се во Скопје, како најголема урбана конгломерација во земјава.

Според Вашите проценки, колкав е уделот на загадувањето на возилата за друмски сообраќај во земјава?

– Домаќинствата дефинитивно имаат најголем удел во загадувањето на воздухот, со до речиси 40% од вкупното загадување. Од друга страна, процентуалниот удел на секторот сообраќај во севкупното загадување со ПМ честички е околу 18-19%, според последната студија на Mинистерството за животна средина. Сепак, за да се реши проблемот со загадувањето во Македонија потребно е да се работи на повеќе фронтови и не е доволно да се спроведуваат мерки само за сообраќајот или само за индустријата. Спроведувањето мерки само за еден сектор нема да го реши проблемот на долг рок.

Секако голем дел од загадувањето на воздухот од сообраќајот отпаѓа на старите увезени возила странство кои влегуваат масовно на македонскиот пазар главно поради заострување на еколошките норми во западните земји. Какви проблеми за воздухот во Македонија носат овие користени возила?

– Поради фактот што овие возила се користени подолго време (над десетина години, но и повеќе), тие емитуваат значително повеќе емисии од новопроизведените возила. Дури и доколку возилото било произведено со ЕУР 3 или 4 стандард, по 10 години работа, стандардот може да изнесува ЕУР 1, дури и 0. Дизел возилата емитуваат и поголемо количество честички, што е еден од главните проблеми со кои се соочуваат градовите бидејќи прашината го влошува квалитетот на воздухот и е причинител на здравствени проблеми кај луѓето.

Дополнително, супстанциите и хемикалиите кои се испуштаат од страна на возилата на дизел се сметаат за карциногени за човекот – некои од овие супстанции се поврзани со ракот на белите дробови и мочниот меур. „Регионалниот еколошки центар“ (РЕЦ) во 2015 година почна проект за утврдување на емисиите од секторот сообраќај и имаше цел да ги обедини сите чинители во овој сектор за синхронизирано и унифицирано постапување во врска со овој проблем. Проектот се насочи кон емисиите на CO2 од возилата и ги седна на една маса институциите како МВР, Царина, АМСМ, авто-увозниците… Во тоа време се дискутираше дека треба се постави систем со кој кога старото возило кое се увезува и ќе се стави на царина, ќе му се провери сегашниот степен на загадувањето, бидејќи сите знаеме дека возило кое е старо 10 години, не загадува исто како кога било ново.

Освен тоа, иако при увоз возилото може да биде технички исправно, имаме дојави за сопственици кои веднаш по регистрацијата го вадат катализаторот и ги продаваат (цената им се движи околу 200 евра). Воедно, се развил и некој „систем“ за изнајмување на катализатор, каде катализаторот го вградуваш пред технички преглед, за да го поминеш, а веднаш потоа го враќаш на изнајмувачот. Тоа е исто многу проблематично, бидејќи никој не може да води евиденција кое возило колку вистински загадува, и така информацијата станува неважна или се губи во „законските пукнатини“ на системот.

Што, според Вас, презема државата за да се справи со проблемот и дали е тоа доволно?

– Во рамките на Интерсекторската работна група за аерозагадување, која е под капата на Владата, и во која се вклучени и институциите кои имаат задолженија во врска со справувањето со аерозагадувањето на национално ниво, се дискутираат мерките кои се усвоени од Владата. На последната седница на оваа група информираа дека новиот Закон за возила, е подготвен и можеби веќе даден на усвојување. Според него, возилата според степенот на емисии при технички преглед ќе добијат лепенка со боја и ќе се воведе систем на зонирање во градовите со кој во време на алармантно загадување ќе се ограничи движењето на возилата со понисок стандар (повисоко загадување) во одредени градски зони.

За жал, кај нас никој од институциите не сака да „стисне заби“ и да направи драстичен чекор кој ќе донесе не само намалување на загадувањето, но и раст на свесноста. За разлика од тоа, на пример, минатата година Приштина воведе два дена без автомобили. Градските власти го издржаа голем притисок од сите страни за по тие два дена да бидат јавно пофалени и бодрени за уште мерки за справување со загадувањето. И кај нас е време да се преземат такви порадикални чекори, барем за кревање на свесноста. Еден ден без автомобили во годината не е доволно.

Кои мотори се полоши – дизелските или бензинските?

– Дизелот веќе се забранува во ЕУ, во Грција е исто забрането, но и поради големото загадување кое доаѓа од поморскиот сообраќај, па мора да ги елиминира загадувачките материи од другите извори на копно. Јавноста можеби не знае, но тоа загадување од танкерите доаѓа дури до Македонија. Дизелот е еден од поголемите загадувачи со честички на прашина и други елементи на загадување и ова претствува главен аргумент во дебатата дали дизелот да се забрани во Македонија.

Што му треба на Скопје како најголема конгломерација во земјава за да се намали загадувањето на воздухот од возилата?

– Јас мислам дека во Скопје голем дел од ова загадување би паднал ако се направат паметни решенија во делот на јавниот сообраќај и ограничување на движење на моторни возила во одредени зони на градот и во одредени периоди – ден без автомобили, за викенд или затворање одредени улици за викенд или во попладневни часови.

Едно од можните решенија е и модуларен транспортен систем: да го оставиш возилото на паркинг и да се качиш во јавен транспорт и да те однесе на бараното место бргу, ефикасно и економично.  Ние тоа го предлагавме уште во првиот мандат на Коце Трајановски, со идеја да се намали сообраќајот на автомобилите во Скопје од жители на другите градови, односно да се воспостави еден пункт кој ќе понуди решенија за јавен превоз низ Скопје. Ваквата идеја се најде и во предизборната програма на Петре Шилегов, и е само една од сите оние идеи кои ние ги предлагавме за справување со аерозагадувањето во сите релевантни сектори.

Дополнително, сметам дека бизнисите и институциите треба да ги поттикнат своите вработени да го намалат користењето на возила, со тоа што на работа ќе одат пеш, со велосипед или со јавен превоз и за тоа ќе бидат некако „наградени“. Освен со висока цена за паркирање во центарот на градот, граѓаните може да се стимулираат и на позитивен начин возилото да го остават дома и да изберат друг начин како да стигнат на својата дестинација. На тој начин долгорочно се менува свеста и навиката, што е предуслов за справување со овој проблем.

Пишува: Сашо Спасоски


Увозот на стари возила двојно поголем поради стравот од нови прописи (инфографик)


Скопје, 10 октомври, 2018 - 16:01 (META) 

Драстично зголемен, во некои моменти и двапати поголем, бил увозот на користени возила во првите седум месеци од годинава во однос на истиот период во 2017 година, а ова количество на увезени стари автомобили, автобуси и товарни возила од јануари до јули годинава е многу блиску до количеството увезени возила во целата мината година. Тоа го покажуваат бројките објавени на веб-страницата на Царинската управа.

Според Ана Чоловиќ – Лешоска, директорка на „Еко-свест“, тоа најверојатно се должи на стравувањето на поединците и фирмите што печалат од продажбата на стари возила од неодамна најавените заострувања на бариерите за увоз, односно забрана за увоз на постарите возила со еуро 4 и еуро 5 стандард.

Одредени измени за намалување на загадувањето се веќе изготвени, и тие треба да придонесат за намалување на загадувањето.

– Новите норми за кои една година наназад се дискутираше во владината Интерсекторска работна група за справување со аерозагадувањето, во која учествувам и јас како претставник на еколошките организации, како што беше известено, наскоро ќе бидат потпишани од министерот за економија. Со нов правилник, возилата според степенот на емисии кој го покажуваат при техничкиот преглед ќе добијат категоризација со боја, односно лепенка во боја и ќе се воведе систем за сообраќајно зонирање во Скопје. При енормно загадување на пример, во зелена зона ќе може да возат само возила со зелена налепница, односно со највисок стандард и најниски емисии – објаснува таа.

Бројките што ги објави Царинската управа за увезени автомобили од јануари заклучно со јули годинава говорат оти биле увезени 16.734 употребувани автомобили, наспроти 3.562 нови. Во истиот период, увезени се 1.386 товарни моторни возила наспроти 459 нови и само три нови автобуси наместо 108 купени во странство на старо.

Во цела пак 2017 година во земјава се увезени 22.964 користени автомобили, 2.135 товарни возила и 140 стари автобуси.

Како што вели директорката на „Еко-свест“, иако донекаде може да се има разбирање за мерката да се дозволи увоз на стари автомобили за да се овозможи личен комфор и обнова на возниот парк на граѓаните, таа е дел од лошите стратегиски одлуки во врска со превозот што се донесувани во изминатите три децении.

– Од една страна, јас го разбирам моментот секому да му се дозволи да има комфор. Но тоа е многу комплексно прашање, оти дали со тоа што ние овозможуваме комфор на некои граѓани, не го влошуваме останатиот „комфор“ на живеење во почиста средина на сите граѓани. И дали сите тие луѓе што купија стари возила не можеа пред тој момент да прераснат во критична маса и да побараат да се уреди јавниот сообраќај, за да може сите да имаат културен, економичен, достапен, навремен, јавен сообраќај?  Но, политиката на популизам отиде во друга насока. а јавниот сообраќај се доведе во страшно лоша ситуација – заклучува Ана Чоловиќ – Лешоска.

Во борбата со загадувањето на воздухот, Албанија е во финалната фаза на забранување увоз на возила кои не ги исполнуваат еуро 5 стандардите, односно возила што се постари од 10 години. Во Македонија последното ограничување стапи на сила на 1 јули 2016 година, кога беше забранет увозот на возила со еуро 3 стандардот, така што земјава со дозволата за увоз на возила со еуро 4 каска зад Албанија.

Пишува: Сашо Спасоски