!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ердоган вели дека соработката меѓу Анкара и Белград е клучна за Балканот


Белград, 10 октомври, 2017 - 11:11 (META) 

Турција и Србија се двете клучи земји за Балканот и нивната соработка е од суштинско значење за одржување на мирот, стабилноста и на просперитетот на полуостровот и во Европа, наведува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во авторскиот текст за весникот „Политика“ објавен по повод неговата денешна посета на Белград.

„Врските меѓу Турција и Србија се силни и со длабоки корени. Во долгата историја на тие територии, Турците и Србите живееја заедно. И денес можат да се забележат траги од нашата заедничка историја во јазикот, архитектурата, кујната, културата и во многу други области“,  пишува Ердоган.

Според турскиот претседател, иако немаат заедничка граница, Турција и Србија „се сметаат за соседи, а тајната е скриена токму во тие блиски врски“.

– Несомнено, соработката е неизбежна и поради геополитичката позиција на две земји. Заедничката историја носи и одредена чувствутелност и некои различни разбирања кои се однесуваат и за Турција и за Србија – пишува турскиот претседател.

Тој пристигна вчеравечер во Белград, а беше пречекан од српскиот колега Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и дел од српската влада.

Во делегацијата на Ердоган има 185 бизнисмени и осум турски министри. Официјалните разговори на турскиот претседател почнуваат денеска, на тет-а-тет средба со Вучиќ, по што ќе одржат заедничка прес-конференција.


Заев се сретна со делегација на Партијата на Македонците во Србија


Скопје, 14 септември, 2017 - 19:43 (META) 

Премиерот Зоран Заев прими делегација на Партијата на Македонците во Србија, предводена од претседателот на партијата, Горан Илиевски, во придружба на основачот на оваа партија, Драган Доневски.

Од Владата информираат дека претседателот и основачот на Партијата на Македонците во Србија изразиле надеж дека ќе имаат можност да организираат настан кој би можел да биде вклучен во агендата на премиерот Заев за време на неговата посета на Србија во ноември, која доаѓа како иницијатива од претседателот Александар Вучиќ, а на покана на премиерката Ана Брнабиќ.

Тоа ќе биде шанса да се поттикне поголема активност на македонската заедница во Србија, како што кажаа претставниците на Партијата на Македонците во Србија, и ќе се отвори можност за нивна поголема застапеност во политичките институции и во политичкиот живот во Србија.


Брнабиќ го покани Заев да ја посети Србија во ноември


Драч, 26 август, 2017 - 13:47 (META) 

Македонскиот премиер Зоран Заев во ноември ќе го посети Белград, соопшти денеска во Драч српската премиерка Ана Брнабиќ.

– Денеска разговарав со Заев за настаните од изминатите денови. Имавме доста добро разбирање за следните наши чекори. Го повикав и се договоривме да ја посети Србија во ноември – изјави Брнабиќ по средбата одржана на маргините на неформалниот состанок на премиерите од Западен Балкан.

Таа истакна дека се договориле при посетата на Белград да разговараат и за одржување заедничка седница на двете влади.

На средбата, како што рече Брнабиќ се разговарало и за приемот на Косово во УНЕСКО при што, премиерот Заев истакнал дека Македонија останува воздржана по ова прашање.


Брнабиќ ќе го покани Заев на заедничка владина седница, најави Вучиќ


Белград, 24 август, 2017 - 15:18 (META) 

Српската премиерка, Ана Брнабиќ ќе испрати покана до премиерот Зоран Заев за одржување на заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годината во Белград. Ова, меѓу другото, го истакнал претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешната средба со амбасадорката на Македонија во Белград, Вера Јовановска – Типко.

На средбата, како што се наведува во соопштението на официјалната интернет-страница на претседателот на Србија, Вучиќ и Јовановска – Типко, разговарале за „континуираното унапредување на добрососедските односи и негување на традиционалните пријателски врски меѓу двете земји“.

– Сите сметаме дека е потребно да работиме вредно и одговорно на унапредување на нашите односи – нагласил Вучиќ на средбата.

На неа било договорено, по поставувањето на советникот за национална безбедност на Србија, да биде одржан заеднички состанок со неговиот македонски колега.

Тема на средбата, како што се додава во соопштението било унапредувањето на соработката во сите сфери, особено во областа на економијата, туризмот и зедничкиот настап на трети пазари, науката и културата.

Инаку, зачестената комуникација меѓу македонските и српските власти деновиве, доаѓа откако пред пет дена Белград го повлече комлетниот персонал од својата амбасада во Македонија на итни консултации, поради „многу офанзивни разузнавачки активности“ против Србија во Македонија, што предзвика дипломатски тензии.

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера во „долг и отворен“ разговор ги разгледаа сите „новононастанати околности“ и ги договорија принципите на кои ќе ги темелат односите меѓу двете земји, а пред дека сите евентуални несогласувања ќе ги решаваат преку дијалог.

За утре во Ниш е најавена средба меѓу шефот на макеоднската дипломатија, Никола Димитров и неговиот српски колега, Ивица Дачиќ.

Денеска се очекува персоналот на амбасадата на Србија да се врати назад во Скопје, а наскоро, според најавите од Белград треба да се врати и српската амбасадрока во земјава, Душанка Дивјак – Томиќ.


Вучиќ: Има докази за офанзивни разузнавачки активности во Македонија против Србија


Белград, 21 август, 2017 - 13:41 (META) 

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека персоналот во амбасадата на Србија во Македонија е повлечен на консултации во Белград, откако од страна на српските разузнавачки органи „биле добиени доволно докази за многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија“.

– Наша работа е нашите луѓе да бидат подготвени и да се заштити пријателството меѓу Србите и Македонците и да дознаеме како да делуваме во поинакво и ново опкружување кое нам не ни било познато до пред неколку месеци. Многу има шпекулации и мислам дека во наредните 10 дена се ќе биде многу појасно – изјави денеска Вучиќ.

На новинарско прашање, дали кризата во односите со Македонија има врска со членството на Косово во УНЕСКО, Вучиќ рекол дека „Србија ќе ги заштити своите интереси и ќе гради добри односи со Скопје.

– Но, како да ви кажам… тие односи ќе мора да бидат засновани на взаемно почитување. Дали Албанците ќе го стават Косово на дневен ред на Собранието на УНЕСКО… наша работа е да ги заштитиме интересите на Србија, притоа да не го нарушиме интересите на другите земји – рече Вучиќ, додавајќи дека сепак во целата работа има мешање на некои други сили.

Прашан дали мисли на официјална Москва, тој одговорил дека не помислил на Русија.

Сите вработени во амбасадата на Србија во Скопје синоќа беа повлечени на итни консултации во Белград.

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека добило нота од амбасадата на Србија за повлекувањето на персоналот, а Министерството за внатрешни работи потврди дека презело зголемени мерки за обезбедување на амбасадата.

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, претходно денеска изјави дека имала консултации со Вучиќ и со шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ и кратко рече дека „не станува збор за мала работа“.

 


Брнабиќ за повлекувањето на дипломатите од Македонија: Не станува збор за мала работа


Белград, 21 август, 2017 - 12:04 (META) 

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека за одлуката за повлекување на персоналот на амбасадата на Србија во Македонија разговарала со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

– Утринава имав состанок со Дачиќ и консултации со претседателот на Србија, затоа што не станува збор за мала работа – соопшти Брнабиќ.

Сепак, таа не сакаше да открие за што станува збор и замолила новинарите да го почекаат соопштението од српското МНР кое треба да биде објавено околу 12 часот, а на кое заеднички работат.


Компанијата „Фиат“ и синдикатот постигнаа договор, работниците го прекинаа штрајкот


Крагујевац, 25 јули, 2017 - 16:06 (META) 

Раководството на компанијата „Фиат“ и синдикатот потпишаа договор со што се стави крај на штрајкот во фабриката во Крагујевац.

За време на разговорите било договорено зголемување на платите во согласност со стапката на инфлација, која ја проектирала Народна банка на Србија за наредните три години.

Исто така, било договорено исплата на новогодишен бонус во август, а остатокот да биде исплатен во декември годинава. Надоместокот на ноќен превоз ќе биде двојно зголемен.

Со колективниот договор, работниците се обврзале дека следните три години нема да штрајкуваат.

Преговорите помеѓу синдикатот и компанијата почнаа на 19 јули, со посредство на премиерката Ана Брнабиќ и на Владата на Србија.


Заев – Брнабиќ: Ќе ја развиваме регионалната соработка, имаме заедничка иднина во ЕУ


Трст, 12 јули, 2017 - 17:56 (META) 

Премиерот Зоран Заев и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска на билатерaлната средба во Трст на самитот за Западен Балкан констатирале дека постојат услови за продлабочување на односите меѓу двете држави, како и дека тоа ќе биде силна порака кон Европската Унија, за европска интеграција на земјите од Западен Балкан кои припаѓаат на Унијата.

„Има заедничка согласност дека на граѓаните на Македонија и на Србија им е неопходен економски развој и дека тој е можен само преку вистинска регионална соработка. Во таа насока се разговараше за поддршката во државите на „старт ап центри“ коишто отвораат можност за нови работни места. Се зборуваше и за регионално поврзување на младите, како и за размена на искуства во дигиталната технологија. Со тоа, премиерите Заев и Брнабиќ оценија дека може да се придонесе кон интересот што го имаат и двете држави, да го спречат одлевањето млади, квалитетни луѓе во странство и мотивација на тие кои заминале, да се вратат. Премиерите на Македонија и на Србија, придружувани од министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Ивица Дачиќ, изразија согласност сите отворени прашања на двете пријателски земји да се решаваат низ конструктивна соработка и дијалог“, соопштија од кабинетот на Заев.

Заев денеска имал средба и со потпретседателот на Светска банка, Цирил Милер. Попладнево следува самитот на шефови на држави и влади од Западен Балкан, на кој ќе бидат присутни премиери на држави од Европската Унија и претставници на највисоко ниво од Брисел.


Брнабиќ: Ако биде принудена, Србија ќе ја избере ЕУ, не Русија


Белград, 4 јули, 2017 - 11:19 (META) 

Доколку Србија биде принудена да избира помеѓу блиските врски со Русија и членството во Европската Унија, ќе се одлучи за ова второто, изјавила премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во интервју за американската новинска агенција „Блумберг“, пренесува српската државна телевизија РТС.

Брнабиќ во интевјуто рекла дека како премиерка ќе го продолжи патот кој го почна нејзиниот претходник, сега претседател на Србија, Александар Вучиќ, и ќе ја подготви земјата за членство во ЕУ до 2020 година, кога ѝ завршува мандатот.

„ЕУ е местото каде што одиме – тоа е јасно“, рекла Брнабиќ.

Таа изјавила дека Србија има емотивни врски со Русија поради традицијата, културата и верата, укажувајќи дека голем број граѓани во земјата во целост ја доживуваат Русија како „поголем брат и заштитник“.

Според српската премиерка, овие чувства не можат да се занемарат, „но стратешкиот пат на Србија е кон ЕУ“.

Во врска со Косово, Брнабиќ, како што навел „Блумберг“, изјавила дека постигнувањето напредок во нормализацијата на односите со Приштина сега зависи од тоа Приштина да одобри некој степен на автономија на Србите што живеат на северот на Косово, а дека на самиот крај ќе биде одлучено по прашањето за статусот.

„Без разлика на тоа дали сме во целост подготвени во 2020 година да се придружиме на ЕУ, тоа сепак повторно ќе зависи од ЕУ дали сака да прифати нови земји членки“, рекла Брнабиќ.

Таа додала дека никогаш немала причина да се сомнева дека ќе има полна поддршка од Вучиќ за тешките прашања, но и одврзани раце да работи што мисли дека е најдобро.

Прашана дали ќе може да донесува одлуки без негов надзор, Брнабиќ изјавила дека „би била изненадена кога не би можела“.


Брнабиќ му го достави предлогот за новата влада на српскиот парламент


Белград, 27 јуни, 2017 - 11:17 (META) 

Во српскиот парламент стасал предлогот на мандатарката Ана Брнабиќ за составот на новата српска влада, која ќе има четворица потпретседатели и 18 ресори, јави Радиотелевизија на Србија (РТС).

Седницата на српското собрание на која Брнабиќ ќе го претстави својот предлог е закажана за утре во 10 часот. Според РТС, новата влада би можела да биде избрана веќе в четврток, во законскиот рок.

Во новата влада на првиот премиер на Србија деклариран како хомосексуалец, ќе има три нови имиња, а од досегашните министри двајца ќе ги сменат ресорите.

На Барнабиќ, ако биде изгласан составот, најдиректни помошници ќе ѝ бидат потпретседателот на владата, Ивица Дачиќ, кој и понатаму ќе го води секторот надворешни работи. Истото ќе се се случи со Небојша Стефановиќ, кој покрај потпретседател на српската влада ќе го задржи ресорот внатрешни работи, а потпретседатели ќе бидат и Расим Љајиќ и Зорана Михајловиќ.