Пратеник на српската СНС: Бегството на Груевски е најдоброто решение


Белград, 30 ноември, 2018 - 16:22 (META) 

Бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски од земјата е најдоброто решение, оти со тоа „американскиот пион Зоран Заев на подолго време загуби адекватен противник на политичката сцена, а Груевски не лежи робија за глупост, порачува во колумна објавена во вчерашниот број на српскиот весник „Блиц“ парламентарецот и функционер на владејачката Српска напредна партија (СНС), Владимир Ѓукановиќ.

Во колумната во која најострите обвинувања ги упатува кон САД, Ѓукановиќ вели оти се поставува прашањето „дали Груевски доброволно се согласил да замине или пак бил натеран, по принципот дека тоа му била единствената шанса да ја зачува главата“.

На крајот, Ѓукановиќ обвинува дека пресудата за Груевски е „напишана во американската амбасада во Скопје“, но и дека „на самите Американци им е јасно дека од него не смее да се прави политичка жртва, па најдоброто решение било некако да се отарасат од него“.

Груевски беше правосилно осуден на затворска казна од две години во судскиот процес „Тенк“.

Рочиштата беа отворени за јавноста и медиумите известуваа за нивниот тек.

На пресудата неговите адвокати се жалеа, но безуспешно, бидејќи Апелацискиот суд ја потврди пресудата. Потоа кога беше издадено решението за да се јави в затвор, Груевски поднесе барање да му се одложи почетокот на издржувањето на казната, но и тоа му беше одбиено. Потоа Груевски исчезна.


Амбасада на САД: Собранието да продолжи со својата агенда и да се фокусира на реформите


Скопје, 16 март, 2018 - 15:50 (META) 

Американската амбасада во врска со донесувањето на Законот за употреба на јазиците завчера, го повтори ставот на помошникот државен секретар Вес Мичел, кој во вторникот кажа дека важно е Собранието да продолжи со својата агенда и да се фокусира на потребните реформи, кои сите партии рекоа дека ги поддржуваат.

„Како што помошникот државен секретар Мичел кажа во вторникот, за време на неговата посета на Скопје, Македонија прави големи чекори во процесот на градење силна демократија. Земјата има можност да оствари напредок кон членството во ЕУ и во НАТО, што мнозинството од сите граѓани го поддржуваат. За да се оствари оваа ЕУ-НАТО иднина, важно е Собранието да продолжи со својата агенда и да се фокусира на потребните реформи, реформи кои сите партии рекоа дека ги поддржуваат“, велат од Амбасадата на САД во Скопје.

Од Амбасадата потсетуваат и на синоќешната изјава на премиерот Зоран Заев, кој рече дека „обврска и одговорност на владата и на политичките лидери е да ги унапредуваат интересите на сите граѓани во земјата“.

Што се однесува до Законот за употреба на јазиците, од Амбасадата потсетија и на изјавата на заменикот премиер Османи, кој во Брисел потврдил дека „Владата ќе го испрати Законот пред Венецијанската комисија за мислење и препораки, за да биде сигурна дека тој е во согласност со европските стандарди“.


Амбасадата на САД ќе издава визи и покрај финансиската блокада на американската влада


Скопје, 20 јануари, 2018 - 14:03 (META) 

Амбасадата на САД во Скопје соопшти дека нејзиниот сервис за пасоши и визи, како и за итни случаи за американските граѓани, ќе продолжи да работи и покрај затворањето на американската влада.

„Закажаните сервиси за пасоши и визи и сервисите за итни случаи за граѓаните на САД ќе продолжат во амбасадата за време на затворањето на владата на САД. Нема да го обновуваме овој профил редовно, освен во итни случаи“, соопшти Амбасадата на САД на својот официјален „Твитер“ профил.

Делумно затварање на американските федерални служби стапи на сила на полноќ, по неуспешниот обид републиканците и демократите во Сенатот да постигнат компромис за буџетот. Ноќеска, сенаторите не го изгласаа законот да го продолжат финансирањето на владата до 16 февруари. За да помине законот беа потребни 60 гласа од вкупно 100, но само 50 го поддржаа.

Појавата на финансиска блокада е невообичаена но се случувала и порано. Од 1981 година имало 12 вакви случаи, а блокадите варирале по должина на траењето.


Руската амбасада и одговори на амбасадата на САД: „Турски тек“ е решение за загадувањето


Скопје, 15 декември, 2017 - 9:44 (META) 

„Турски тек“ е одговорот на Руската амбасада во Македонија на прашањето што амбасадата на САД го постави вчера на „Твитер“ и „Фејсбук“ во кое бара идеи за решавање за големото загадување во државата.

Амбасадата на САД во Македонија вчера во објава на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ праша „кои се вашите идеи за почист воздух во Македонија“.

„Загадувањето на воздухот во Скопје денеска беше толку големо што едвај можеше да се види амбасадата! Кои се вашите идеи за почист воздух во Македонија?“ напишаа од Амбасадата на САД на „Фејсбук“ и на „Твитер“.

По неколку часа одговор стигна од Руската амбасада велејќи дека решението за загадувањето е „Турски тек“.

„Бидејќи нашите пријатели од амбасадата на САД бараат идеи за аерозагадувањето во Македонија, ние сакаме да помогнеме со решение. #Турски тек“, велат од Руската амбасада на „Твитер“.


Амбасадата на САД ќе донира опремa за зајакнување на граничната безбедност


Скопје, 20 септември, 2017 - 11:50 (META) 

САД на Министерството за внатрешни работи – Гранична полиција, на Министерството за финансии – Царинска управа и на Дирекцијaта за радијациона сигурност ќе донираат опрема во вредност од 207.000 американски долари, која вклучува опрема за попречување прекуграничен криминал, компјутери, патролно возило и теренски возила.

„Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS) и Меѓународната програма за помош и обуки при водење кривични истраги (ICITAP) при Амбасадата на САД ќе ја донираат опремата за зајакнување на капацитетите на граничните служби на Македонија за професионална гранична контрола и за оперирање на граничните премини. Донираната опрема, исто така, ќе го подобри капацитетот на овие три агенции во попречување на нелегални активности, борба против прекуграничниот криминал и тероризам, откривање радијација и идентификација на оружје за масовно уништување и поврзани материјали“, информираат од американската амбасада.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, ќе им ја предаде опремата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и на генералниот директор на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, утре на граничниот премин Блаце, каде што ќе има и показна вежба на која ќе биде изложена дел од опремата.


Експлозија во Кабул кај американската амбасада, четворица мртви


Кабул, 29 август, 2017 - 11:15 (META) 

Силна експлозија одекнала во Кабул кај американската амбасада. Според локалните власти, четири лица загинале, а најмалку деветмина се повредени.

Експлозијата се случила на централниот плоштад Масуд, каде што се наоѓаат бројни амбасади и на други западни земји. Авганистанската полиција соопштила дека мета на нападот најверојатно била филијалата на „Кабул банка“.

Според локалните медиуми, од јачината на експлозијата оштетени биле неколку згради.


САД: Договорот меѓу Македонија и Бугарија e пример за решавање спорoви меѓу соседите


Скопје, 27 јули, 2017 - 11:51 (META) 

Амбасадите на САД во Скопје и во Софија денеска преку заедничко соопштение го поздравија предлог-договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија, оценувајќи го како пример за решавање на спорови меѓу соседите.

„Договорот ги потврдува тесните врски помеѓу двете земји и демонстрира добра волја од државите да ја зајакнат соработката во интерес на своите граѓани. Овој ангажман претставува охрабрувачки пример за решавање на спорните прашања меѓу соседите и за зајакнување на политичката стабилност и на економскиот развој на Западен Балкан. Ги поздравуваме Бугарија и Македонија за овој историски, прогресивен чекор“, се вели во соопштението на двете амбасади.


ЕУ, САД, ОБСЕ и НАТО: Сериозна загриженост дека властите не успеаја да го спречат нападот


Скопје, 29 април, 2017 - 11:15 (META) 

Делегацијата на ЕУ во Скопје, американската амбасада, мисијата на ОБСЕ и канцеларијата на НАТО во заедничка изјава најостро го осудија, како што наведуваат, организираниот напад во Собранието.

„На најсилен можен начин го осудуваме организираниот напад врз Собранието. Изразуваме сериозна загриженост дека властите не успеаја да го спречат нападот и дека не ја обезбедија неопходната заштита за членовите на Собранието и за присутните новинари. Нападот врз државна институција која е срцето на демократијата е напад врз самата демократија“, се наведува во заедничката изјава.

Во соопштението тие велат дека очекуваат кривичните дела да бидат бргу истражени, дека организаторите и извршителите на нападот ќе бидат изведени пред лицето на правдата, а судовите дека ќе дејствуваат самостојно.

„Очекуваме државните институции бргу да преземат соодветни мерки. Ги повикуваме сите актери да се однесуваат одговорно и да придонесат за мирен демократски процес на кој мора да му се дозволи да се одвива по својот тек. Воедно ги повикуваме граѓаните да бидат воздржани, да избегнуваат провокации и да останат смирени. Насилството не е начин за остварување напредок на земјата и на општеството“, се додава во заедничката изјава.


Амбасада на САД: Да нема притисоци, закани и заплашувања на новинари


Скопје, 1 март, 2017 - 15:33 (META) 

Слободното и мирно изразување мислење е витален дел од секоја демократија, како што се и независните медиуми, ослободени од заплашување, одговараат од Амбасадата на САД на прашањето на „Мета“, „Како ги коментирате зачестените меѓуетнички инциденти, како и нападот на новинарската екипа на ’А1он’ за време на протестот на ’За заедничка Македонија?’“.

Од Амбасадата потсетуваат на вчерашната изјава на американскиот Стејт департмент во која се повикува на неодложно брзо формирање влада.

„Како што вчера рече американската влада во соопштението од Вашингтон: САД ги повикуваат македонските лидери да формираат нова влада без понатамошно одложување, на начин во согласност со Уставот и со аспирациите на Македонија за влез во Европската Унија и во НАТО. Формирањето нова влада која е посветена на владеењето на правото и на имплементирањето на потребните реформи, ќе помогне за ставање крај на политичката криза која сериозно ги попречува демократскиот и економскиот развој и евроатланската интеграција на земјата. САД ги повикуваат сите страни да го стават интересот на Македонија и на нејзините граѓани пред сè друго, да работат конструктивно и за целосно спроведување на нивните обврски, преземени со Договорот од Пржино“, потсетуваат од Амбасадата на САД во Македонија.


Пукања во близина на американската амбасада во Анкара


Анкара, 19 декември, 2016 - 20:30 (META) 

Неколку пукотници вечерва се слушнале во близина на американската амбасада во Анкара, откако пред неколку часа беше убиен рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, пишува „Раша тудеј“.

Засега не е познато кој пукал ниту, пак, дали некој e повреден.

Американските власти јавија дека дошло до „безбедносен инцидент“ пред американската амбасада, која се наоѓа во близина на галеријата каде попладневно беше убиен рускиот амбасадор.

Британски „Експрес“ вечерва објави дека американската амбасада во Анкара е затворена по убиството на рускиот амбасадор. Вашингтон ги предупреди американските граѓани да ја избегнуваат областа каде што вечерва се случи нападот.