!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ердоган нема да го прими американскиот амбасадор


Анкара, 10 октомври, 2017 - 18:52 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема да го прими американскиот амбасадор во заминување во Анкара на проштална средба и ги обвини САД дека направиле проблем поврзан со обостраното суспендирање на издавањето визи.

– Турција има долга традиција и сигурно нема да дозволиме нешто такво да се случи. Амбасадорот ја завршува својата мисија и сигурно ниту јас, ниту министерството ќе го прими на проштална средба – рече Ердоган при посетата во Белград.

Тој рече дека се поставува прашањето дали одлуката за суспендирање на визите била одлука на амбасадорот Џон Бес.
– Доколку мој амбасадор направеше нешто такво, немаше ни еден час повеќе да остане на функцијата – рече Ердоган.

САД во неделата соопштија дека го стопираат издавањето неимигрантски визи во своите дипломатски претставништва во Турција откако турските власти уапсија еден конзуларен службеник, под обвинение за шпионажа. Набргу и Турција го сопре издавањето визи во САД.
Ова е уште еден чекор на оддалечување на официјална Анкара од Западот, откако Турција, која е членка на НАТО, ги залади односите со ЕУ, особено со Германија.


Швајцарските експерти ќе продолжат да им помагаат на македонските компании


Скопје, 29 септември, 2017 - 12:45 (META) 

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, потпишаа изјава за согласност во врска со соработка на проектот „Ангажман на сениор екперти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“.

Проектот, кој беше почнат од претходната Влада, според Анѓушев се покажал како успешен и корисен за македонските компании и затоа ќе се продолжи со реализација на овој проект. Преку него им се помага на домашните компании да се развиваат и да ги унапредуваат своите процеси.

– Досега 96 компании учествуваа во проектот, повеќе од 90 проценти искажаа подготвеност повторно да учествуваат во проектот, а 78 проценти од компаните велат дека странските експерти ги задоволиле нивните очекувања. Самиот проект доби просечна оценка 4,55 од максимални 5, што покажува дека компаниите се задоволни од странските експерти – нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Тој истакна дека со ангажман на странските експерти, на македонските компании им се нудат повеќе можности и ги издвои најважните.

– Компаниите, кои се од различни гранки, најголеми придобивки имаат во подобрувањето на квалитетот на нивните производи, креирање нови производи и можност за подобрување на извозот. Присуството на странските експерти им дава можност да воспостават деловна соработка со фирми од нивните земји и на тој начин да ги извезуваат производите или услугите – појасни вицепремиерот.

Амбасадорката Сутер Техада истакнала дека ова е трета година по ред како даваат поддршка за проектот, а со швајцарска поддршка досега се реализирани 20 мисии.

– Со швајцарска поддршка, во рамките на проектот за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), ќе бидат ангажирани петмина консултанти, за компании кои ќе бидат избрани на јавниот повик. Дознав дека една од компаниите именувала нов производ по презимето на експертот што им помагал и сметам дека тоа е мало, но значајно признание за успешноста на проектот – изјави Сутер Техада.


Заев се консултирал со Бејли за ОН, амбасадорот ги поздравил реформските напори


Скопје, 15 септември, 2017 - 19:22 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со амбасадорот на САД, Џес Бејли, заради консултации во врска со претстојното 72. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), кое ќе се одржува во Њујорк од 17 до 23 септември. Притоа, како што соопшти Владата, амбасадорот на САД ги поздрави напорите на новиот кабинет и неговите постигнувања во сферата на надворешната политика.

„На средбата амбасадорот Бејли уште еднаш ги поздрави заложбите и напорите на новата реформска влада, како и успесите постигнати во првите 100 дена, особено на полето на надворешна политика. Тој ги изнесе позициите на Соединетите Aмерикански Држави во однос на Генералното собрание на ОН и нивните ставови за актуелните глобални прашања на безбедноста и за мирот во светот. Дополнително, амбасадорот Бејли ги посочи заедничките предизвици во поглед на борбата против радикализација на насилен ектремизам и тероризам, пролиферација на оружје за масовно уништување како закана за светската безбедност, потребата за заедничка акција за подобрување на човековите права и промоција на дијалогот како средство за разбирање и за соработка помеѓу нациите“, се вели во соопштението од македонската влада.

Заев се заблагодарил на честитките и на поддршката на САД и потврдил дека македонската влада „е цврсто посветена на стратешката цел за членство во ЕУ и во НАТО“, нагласувајќи дека позициите на меѓународната сцена ќе ги гради во блиска соработка со своите стратешки партнери и пријатели, стои во владиното соопштение.


Заев – Герберих: Германија ги поддржува реформските процеси


Скопје, 11 септември, 2017 - 21:04 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Томас Герберих, новоименуваниот амбасадор на Република Германија во Република Македонија. Герберих, како што соопшти владината прес-служба, истакнал дека се случува позитивен и охрабрувачки развој на Република Македонија преводен од новата влада.

– Охрабрува реформската посветеност на Владата за обезбедување квалитетен живот на граѓаните и колку добро ги развивате односите со соседите за што имате отворена поддршка од Република Германија. Република Германија останува голем пријател и поддржувач на евро-атлантските аспирации и на добрата иднина на граѓаните на Република Македонија – соопштил Герберих.

Заев го нагласил ставот на Владата за мирни, фер и регуларни избори, како и цврстата определба да се реализира планот „3-6-9“.

– Очекуваме наесен овие напори на Владата во соработка со граѓанската, општествената и политичката јавност да резултираат со повлекување на условеноста на препораката за почнување преговори со ЕК, а наскоро Македонија да добие и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Исто така, сметаме дека се реални нашите очекувања за напредок на Македонија во НАТО-интеграциите – рекол Заев.

Заев и Герберих констатирале дека постои голема економска соработка помеѓу Македонија и Германија, а амбасадорот Герберих најави дека економската поддршка ќе продолжи и ќе се зголеми.


Новиот руски амбасадор во САД се сретна со американскиот амбасадор во Русија


Москва, 28 август, 2017 - 15:25 (META) 

Новиот амбасадор на Русија во САД, Анатолиј Антонов се сретна денеска во Москва со американскиот амбасадор во Русија, Џон Тефт.

Двајцата амбасадори разговарале за билатералните односи и за „одредени меѓународни проблеми“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија.

Антонов е поставен за амбасадор минатата недела и дојде на таа функција по Сергеј Кислјак кој се најде во центарот на вниманието поради неговиот состанок со соработниците на американскиот претседател Доналд Трамп.


Нова дипломатска војна – Унгарија го повлекува амбасадорот од Холандија


Будимпешта, 25 август, 2017 - 12:28 (META) 

Унгарија го врача амбасадорот од Хаг „на консултации“ после острите критики кои холандскиот амбасадор во Будимпешта ги упати кон унгарската влада.

– Унгарија го повика на консултации својот амбасадор во Холандија – соопшти шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.

Холандскиот амбасадор, Гајус Шелем, кој го завршува својот мандат во Будимпешта, во интервју за еден унгарски неделник ги спореди методите на премиерот Виктор Орбан со оние на „муслиманските терористи“.


Рускиот амбасадор во Судан пронајден мртов


Картум, 24 август, 2017 - 10:36 (META) 

Во својата резиденција во Картум, главниот град на Судан, пронајден е мртов рускиот амбасадор Миргајас Ширинскиj.

„Рускиот амбасадор починал синоќа во својата резиденција во Картум“ стои во соопштението издадено од суданското Министерство за надворешни работи.

Причината за смртта не е наведена, но висок полициски претставник не ја исклучува можноста дека станува збор убиство.

Ширинскиj, кој е роден 1954 година, починал додека пливал во базенот на својата куќа, вели полицискиот претставник.


Анатолиј Антонов е нов амбасадор на Русија во САД


Москва, 21 август, 2017 - 15:31 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин го постави Анатолиј Антонов за амбасадор на Русија во САД.

„Со претседателски указ Анатолиј Антонов е поставен за вонреден и ополномоштен претставник на Русија во САД и постојан набљудувач при Организацијата на американски држави во Вашингтон“ соопшти Кремљ.

Антонов истовремено е ослободен од должноста заменик министер за надворешни работи.

Путин потпиша и указ за смена да досегашниот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисљак.

Антонов е роден 1955 година. Работел во Одделот за безбедност и разоружување при руското МНР од 2004 до 2011 година, кога станува заменик министер за одбрана. Должноста заменик министер за надворешно работи ја води од декември 2016 година.


Од вчера Кислјак официјално не е амбасадор нa Русија во САД


Вашингтон, 23 јули, 2017 - 17:50 (META) 

Амбасадорот на Русија во САД, Сергеј Кислјак, поврзан со контроверзиите околу можната вмешаност на Русија во претседателските избори во САД, нема веќе да биде на таа функција.

Амбасадата на Русија во Вашингтон објави на „Твитер“ дека мандатот на Кислјак е завршен вчера.

Засега не е соопштено кој ќе го наследи, а многу очекуваат тоа да биде Антолиј Антонов, заменикот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.


Тимоние: Франција ги поддржува изградбата на правната држава и унитарноста на Македонија


Скопје, 15 јули, 2017 - 14:45 (META) 

Четвртина век како Франција е на страната на Македонците за да се зајакне државата и нејзината унитарност и ги придружува во изградбата на правната држава, што е услов кој важи за сите идни интеграции кон кои земјата легитимно се стреми, порача амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, на вчерашниот говор на свечениот прием на Националниот ден на Франција.

На приемот во Македонско село, Тимоние ги нагласи заложбите на Франција за спроведување на неопходните реформи во Македонија и за Европа, која ќе стане целосна кога ќе се приклучат земјите од Западен Балкан.

– Оваа година, францускиот празник е во знакот на споделената надеж која уште повеќе ќе нè обедини, надежта за европска иднина за која се изјаснија нашите два народa, со која им се дава нов патоказ, оној за спроведување на неопходните реформи, за изградба на простор за мир и за просперитет, колективна амбиција за она што треба да биде Европа. Европа, која нема да биде целосна, како што напиша нашиот претседател Макрон во писмото до претседателот Иванов, сè додека не се приклучат земјите од Западен Балкан. Тоа е огромната задача која ни престои на сите и поради која сè уште сме и ќе бидеме секогаш на ваша страна. Тоа не е само Европа на автопатишта и на тендери, на помош и на субвенции, туку Европа на заеднички вредности кои посакуваме да ги имаме сите, а кои ние Французите ги славиме денес заедно со Вас. Вредностите на нашата девиза: слобода, еднаквост, братство – рече, меѓу другото, францускиот амбасадор.

На приемот беа и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и министри, странски амбасадори, градоначалници и верски великодостојници.