!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турција повика американски дипломат на итен разговор


Анкара, 9 октомври, 2017 - 15:05 (META) 

Турското министерство за надворешни работи го повика на разговор потсекретарот на амбасадата на САД и побара ставање крај на спорот меѓу двете земји.

Амбасадата на Турција во Вашингтон соопшти дека ќе престанат да издаваат неимигрантски визи на Американци, откако мисијата на САД во Турција престана да издава неимигрантски визи во своите американски дипломатски претставништва во Турција.

Мисијата на САД одлуката ја донесе откако властите на Анкара уапсија еден вработен во американски конзулат во Турција.
Според неименувани извори, на потсекретарот на американската амбасада му е речено дека суспензијата на издавањето визи предизвикала „непотребна тензија“ и дека таа одлука треба да биде повлечена.


Димитров и Иванов постигнале договор за дипломатската мисија во ЕУ


Скопје, 4 октомври, 2017 - 12:26 (META) 

Министерството за надворешни работи и претседателот Ѓорге Иванов постигнале договор за испразнетата амбасадорска позиција во Брисел, соопшти денеска шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

– Точно е дека е сме во финална фаза за првата рунда пополнување на амбасадорски места на Република Македонија и во таа прва рунда е вклучена и нашата мисија во Европската Унија. Не би сакал сега, во оваа фаза, бидејќи формално постапката е во тек, да зборувам за конкретни имиња, но акцентот е ставен на кариерни дипломати – изјави Димитров.

Во моментов испразнети се 13 амбасадорски позиции, од кои 12 се во Европа и една во Кина, како и три конзулски позиции, а Македонија нема амбасадори ниту во Мисијата во ЕУ, ниту во Мисијата на Обединетите нации во Женева. На овие позиции во моментов има само вршители на должноста.

Засега не се знае колку и кои ќе бидат амбасадорите во Брисел, Лондон, Париз, Осло, Талин, Варшава, Букурешт, Загреб, Подгорица, Берн, Мадрид, Пекинг, Прага и во Загреб.


Кохабитацијата на тест: Во тек се разговорите за именување 18 амбасадори и конзули


Скопје, 6 јули, 2017 - 17:17 (META) 

Премиерот Зоран Заев вчера при промовирањето на реформскиот план „3-6-9“ за забрзување на евроатлантските интеграции, најави кохабитација со претседателот Ѓорге Иванов. Прв чекор во кохабитацијата е пополнување на испразнетите 18 дипломатски позиции во амбасадите, конзулатите и во мисиите на Македонија во странство.

Во моментов испразнети се 13 амбасадорски позиции, од кои 12 се во Европа и една во Кина, три конзулски позиции, а Македонија нема амбасадори ниту во Мисијата во ЕУ, ниту во Мисијата на Обединетите нации во Женева. На овие позиции во моментов има само вршители на должноста.

Како што соопштија од МНР за „Мета“, веќе се почнати разговори со претседателот Иванов за пополнување на амбасадорските и на конзулските позиции.

Редоследот на пополнувањето на амбасадорските места ќе зависи од приоритетите и од потребите на Република Македонија, велат од МНР, но не коментираат колку од овие дипломатски позиции ќе бидат пополнети од дипломати од кариера, а колку со партиски кадри.

– Ќе настојуваме, во рамките на нашите надлежности, да го поместиме балансот кон кариерните дипломати и кон професионалците – велат од кабинетот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Засега не се знае ниту колку амбасадорски позиции ќе отидат кај СДСМ, а колку кај ДУИ и кај Алијансата за Албанците.

Некои од амбасадорските места веќе подолго време се испразнети. Дел од нив требеше да бидат пополнети од редовите на ДУИ, која беше дел и од претходната владина коалиција. Сепак, по претседателските избори во 2014 година, партијата соопшти дека не го признава Иванов за претседател, поради што тој одбива да ги потпише акредитивите за амбасадорите од редовите на ДУИ.

Инаку, според последните измени на Законот за надворешни работи од декември 2015 година, најмалку една третина од вкупниот број шефови на дипломатско-конзуларни претставништва се именуваат од редот на дипломатско-конзуларните службеници со високи дипломатски звања во Министерството. Истовремено, најмногу една третина од вкупниот број на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва може да се именуваат од редот на истакнати личности од областа на надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, науката и културата.

Во моментов испразнети се амбасадорските позиции во Брисел, Лондон, Париз, Осло, Талин, Варшава, Букурешт, Загреб, Подгорица, Берн, Мадрид, Пекинг, Прага и во Загреб.


Македонски интелектуалци испратија писмо со поддршка до амбасадите на ЕУ и на САД


Скопје, 3 февруари, 2017 - 14:35 (META) 

Група универзитетски професори, интелектуалци, аналитичари и поранешни високи владини функцинери и дипломати од Македонија, испратија писмо со поддршка до амбасадите на Соединетите Американски Држави и на земјите членки на Европската Унија.

Преку писмото, како што е наведено, тие се обраќаат до Конгресот на САД и до Европската комисија, за да ја потврдат „решеноста за одлучна одбрана на принципите на парламентарната демократија врз кои е фундирана нашата држава од нејзиното конституирање во 1991 година и кои постепено во 11-годишното владеење на кликата на Никола Груевски прерасна во автократски режим на хибриден политички систем“.

„Идилата на 11-годишното владеење во континуитет на ВМРО-ДПМНЕ беше разоткриена во 2015 година, кога беа откриени големи скандали на неовластено прислушување од страна на МВР… Од тој момент стана јасно дека Македонија нема проблем од идеолошки судир (левица-десница), како што власта настојува да ја прикаже состојбата, туку со проблеми од криминална природа, односно битка за владеење на правото и за имплементација на кривична одговорност на криминализираните политичари“, стои во писмото.

Во тој контекст, се вели во него, „актуелната власт почна надворешниот пријател да го бара, како и секој авторитарен режим кој е во заминување, меѓу дипломатскиот кор и амбасадорите од ЕУ и од САД во Скопје“.

„Уште повеќе сме збунети од брзата реакција на руското МНР, кое без познавање на состојбата во Р. Македонија ги обвини западните држави за некакво мешање во внатрешните работи и за дестабилизација на Р. Македонија. Граѓаните на Република Македонија независно од нивната етничка, верска и политичка припадност, се солидарни во однос на членството на нашата држава во ЕУ и во НАТО. Сметаме дека за Македонија не постојат други алтернативи освен тоа“, стои на крајот од писмото, потпишано од 23 македонски интелектуалци, меѓу кои универзитетските професори Милчо Пановски, Осман Кадриу, Љубомир Фрчкоски, Мерсел Биљали, Јове Кекеновски, Борче Давитковски, Аурора Карамети, Мерсим Максути…


Брисел: Политичарите да не напаѓаат дипломати, туку да се фокусираат на изборите


Брисел, 8 ноември, 2016 - 20:21 (META) 

Македонските политичари да се воздржат од напади кон дипломати, амбасадори и кон други политичари и да се однесуваат професионално, порачуваат дипломатите од Брисел.

Од Брисел им порачуваат на Владата и на сите политички фактори во земјава да се фокусират на тоа изборите да бидат фер и демократски и во изборната кампања политичарите да не водат валкани игри и да не упатуваат ниски удари, особено затоа што по изборите, сепак, ќе треба да работат заедно за доброто за земјата.

Како што јавува известувачот на „Мета“ од Брисел, ваквата порака доаѓа откако лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во неделата на конференцијата на Унијата на жени на партијата ги прозва амбасадорите за случајот со заменик-министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов:

„Снимките така јасно одговорија на сè, што немам што да додадам, освен да замислам само што ќе се случеше ако беше обратно, ако МВР или министерот за внатрешни работи беше од ВМРО, а дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика беше од СДСМ, а сè друго останеше исто. Уф, па тоа ќе беше драма. Прво, јунаците од СДСМ со трчање и плачејќи ќе отрчаа во сите можни амбасади во земјата. Веднаш во првата минута. После некој од амбасадорите мераклии да водат политика преку „Твитер“ ќе твитнеа некоја порака и ќе побараа итна средба за пола час кај мене, а првата реченица ќе им беше дека нивните главни градови се загрижени, згрозени и шокирани. Небаре цели главни градови за нас расправаат таму. Потоа за час или два, најверојатно, некој комесар или некој странски министер ќе твитнеше, во поддршка на амбасадорите, онака случајно и несинхронизирано…“

На говорот на Груевски, денеска реагираше и британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

– Велика Британија е голем поддржувач на Македонија. Таква поддршка ние можеме и ја даваме, а истовремено критичките осврти и пораките што ги испраќаме мислиме дека се неопходни за да дадеме поттик за тоа на каде треба да се движат работите. Тоа значи дека понекогаш праќаме тешки пораки – рече Гарет.

 


Трајанов ги врати законите на СЈО пред пратениците


Скопје, 5 октомври, 2016 - 12:52 (META) 

Пратеникот Павле Трајанов денеска до Собранието на Република Македонија ги поднесе предлог-измените на Законот за Специјално јавно обвинителство (за продолжување на рокот за истраги) и на Законот за заштита на сведоци за разгледување во редовна постапка.

Владејачкото мнозинство вчера на пленарна седница гласаше против измените на овие закони, со што Собранието не го поддржа предлогот на опозицијата предлог-измените на законите да бидат донесени по скратена постапка.

„Демократскиот сојуз денеска во редовна собраниска постапка ги достави предлог-законот за измени на Законот за СЈО и предлог-законот за промена на Законот за заштитени сведоци, со кои се предвидува продолжување на периодот за поднесување обвинение, односно СЈО да може да користи заштитени сведоци во постапките против обвинетите. Донесување на законите во редовна постапка отвора можност да се расправа на комисиите, како и на пленарна седница. Очекуваме аргументирана расправа и преку носењето на законите и силна поддршка на СЈО“, велат од Демократскиот сојуз, партијата на Трајанов.

Оттаму додаваат дека наместо да ја попречува правдата, со донесувањето на законите, парламентот ќе создаде услови за поефикасна работа на СЈО и за инволвираните во криминал да понесат одговорност.

Во врска со недонесувањето на законските решенија што ги бара СЈО, вчера реагираа Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Амбасадата на Кралството Холандија и европратеникот Едвард Кукан.


Русија размислува за раскинување на дипломатските односи со Украина


Москва, 12 август, 2016 - 10:34 (META) 

Москва разгледува како да одговори на обидите на украинските разузнавачки служби да организираат диверзии на Крим, а меѓу опциите е и раскинување на дипломатските односи меѓу двете земји, пишува весникот „Известија“, повикувајќи се на извор од руските дипломатски кругови.

Весникот наведува дека Москва би можела да ја затвори руската амбасада во Киев и да ги повлече сите дипломати.

– Една од можните опции за остар одговор би можело да биде раскинувањето на дипломатските односи. Во Москва се разгледуваат сите опции. Сепак, последниот збор ќе го даде шефот на државата кој ќе донесе одлука врз основа на собраните податоци – вели изворот на весникот.

Заменик шефот на меѓународниот комитет на Советот на федерацијата, Владимир Џабаров за весникот вели дека раскинувањето на дипломатските односи е прерогатив на шефот на државата, но оти Москва, имајќи ги предвид последните настани, мора да ги ревидира односите со Киев.

Украинските власти се уште ја немаат прифатено кандидатурата за нов руски амбасадор, а интересите на Москва во земјата ги претставува привремениот комесар, Сергеј Торопов.

Федералната служба за безбедност на Русија вчера соопшти дека спречила терористички напад на Крим, кој го подготвувал украинското министерство за одбрана.


Чичаковски: Од 226.000 спорни гласачи, за 71.000 нема никаква евиденција


Скопје, 23 јуни, 2016 - 17:26 (META) 

Од 226.000 спорни гласачи во избирачкиот список, за 71.000 гласачи нема никаква евиденција, изјавил денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, по состанокот на работната група за избирачки список, пренесува „Утрински весник“.

Според Чичаковски, допрва ќе се преговара што ќе биде со овие 71.000 гласачи за кои вкрстената проверка покажала дека не се наоѓаат во ниту една база на податоци.

„Тие не се евидентирани дека некогаш користеле здравствена услуга, социјална заштита, немале трансфер на пари преку трансакциска сметка ниту, пак, се евидентирани во пензискиот систем. Тоа се 71.000 лице, кои најверојатно се дијаспора, постари лица кои не се вклучени во системот на социјална и здравствена заштита, меѓутоа можеби се наоѓаат и лица чие избирачко право е спорно“, изјавил Чичаковски.

Покрај овие, во избрирачкиот список, според претседателот на ДИК, има уште две категории спорни гласачи.

Станува збор за, како што пишува „Утрински“, 116.000 гласачи за кои има некој историски податок во базите на податоци на релевантните институции, но, од пред една година или повеќе, веќе не постои податок дека овие луѓе биле вклучени и користеле некоја услуга од системот на социјална и здравствена заштита на државата.

Спорни се и уште 39.000 гласачи кои при теренските проверки не се пронајдени и за кои постои сомнеж околу вистинитоста на адресите кои стојат во евиденцијата за живеалиште на МВР и во личните карти и пасошите.

На денешниот состанок, на кој партиските претставници се обиделе да направат пробив во преговорите за прочистување на избирачкиот список, присуствувале и претставници на министерствата за правда, за внатрешни и за надворешни работи, од Државниот завод за статистика, Управата за водење матични книги, Секретаријатот за европски прашања и од Дирекцијата за заштита на лични податоци, како и од амбасадите на САД, на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ, ИФЕС, како и невладините „Мост“ и „Цивил“.

Од политичките партии присуствувале Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Артан Груби од ДУИ, Дамјан Манчевски и Цветанка Иванова од СДСМ и Беким Фазлиу од ДПА.


Знамето на САД на половина копје до четврток на зајдисонце


Вашингтон, 13 јуни, 2016 - 12:25 (META) 

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама, денеска издаде наредба знамето на САД на Белата куќа, сите јавни згради, бродови на американската морнарица, амбасади и конзуларни преставништва во странство да бидат поставени на половина копје, во чест на жртвите од масакрот што се случи вчера во Орландо, а во кој животите ги загубија 50 лица.

Знамињата, како што стои во наредбата на претседателот Обама, ќе останат на половина копје до четврток, 16 јуни, на зајдисонце.

„Во знак на почит кон жртвите од терористичкиот напад изведен во недела на 12 јуни во Орландо, Флорида, во согласност со овластувањата што ги имам како претседател на Соединетите Американски Држави, во согласност со Уставот и со законите на САД, издавам наредба знамето на САД да биде спуштено на половина копје на Белата Куќа и на сите јавни згради и имоти, на воените објекти, морнарички бази и на сите пловила на морнарицата на Федералната влада во Округот Колумбија и низ целата територија на Соединетите Држави и териториите во нејзино владеење, сè до зајдисонце на 16 јуни 2016 година. Исто така, наредувам знамето да биде спуштено на половина копје, во истиот период, на сите амбасади на САД, конзуларни преставништва и други објекти во странство, вклучително и на сите воени објекти, бродови на морнарицата и бази“, стои во прокламацијата на претседателот Барак Обама.


Селективната аболиција не поминува кај меѓународната заедница


Скопје, 30 мај, 2016 - 10:38 (META) 

Претседателот, Ѓорге Иванов во петокот, минатата недела, реши да ги поништи помилувањата на 22 политичари од вкупно 56 аболирани лица, одлука која наиде на жестоки критики од претставниците на меѓународната заедница.

Денеска, според најавите, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да излезе со официјален коментар за поништувањето на аболицијата за 22 лица. Во кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева ги чекаат комплетните материјали за лицата за кои е поништена аболицијата и за кои кривични дела се однесува таа.

Од СЈО во петокот за „Мета“ неофицијално рекоа дека дека одлуката за поништување на помилувањата треба да се спроведе за сите лица, а не едни да бидат опфатени, а други не.

– Наш став е дека не постои оправдување за селективен пристап кога станува збор за реализација на владеењето на правото и спроведувањето на правдата – ни изјави портпаролката на СЈО, обинителката Ленче Ристоска.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, истиот ден, ја критикуваше одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за повлекување на аболицијата за само 22 лица.

„Одлуката на претседателот Иванов да ја поништи аболиција на одреден број луѓе не е доволно. Како што ЕУ истакна во повеќе наврати, сеопфатно решение е клучот за да се избегне селективната правда“, напиша Хан на „Твитер“.

Од амбасадата на САД во земјава, со идентичен тон посочија дека „парцијалните или селективни поништувања на помилувањата само ќе допринесат кон растечкото чуство за неказнивост во земјата“.

„Како што рековме минатата недела, делумното или селективното повлекување на помилувањето ќе придонесе за пораст на чувството на неказнивост во земјата и ќе ја попречи Македонија да направи прогрес кон најважните цели, вклучувајќи го и прогресот кон НАТО и ЕУ. Македонија мора сеопфатно да се справи со овој проблем“, стои во реакцијата на амбасадата на САД, по денешната одлука на претседателот Ѓорге Иванов да ја поништи аболицијата за 22 лица кои се политички експонирани.

Вчера амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет на својот официјален твитер-профил напиша дека за да бидат сите еднакви пред законот, потребно е поништување на аболицијата за сите 56 лица.

„За еднаквост пред законот, потребно е 56/56“ напиша Гарет.