Се урнаa воени авиони во Србија и во Алжир, загинаа над 200 луѓе


Белград, 11 април, 2018 - 11:57 (META) 

Во две одвоени несреќи на воени авиони, во Јужен Банат во Србија и во Алжир, загинаа над 200 луѓе.

Според српските медиуми, во 9.30 часот во регионот Јужен Банат во Србија, меѓу селата Ковачица и Идвор, се урнал школско-борбен авион Супергалеб Г4, откако претходно двајцата пилоти се катапултирале, но за жал едниот од нив загинал при падот на земја. Другиот со тешки повреди бил префрлен на Војно-медицинската академија (ВМА) во Белград.

Увидот е во тек.

Во големата несреќа што се случила утрово во Алжир, пак, загинале најмалку 200 луѓе. Воен транспортен авион што превезувал војници и воена опрема се урнал околу 8 часот недалеку од аеродромот „Буфарик“ на југот на Алжир. Од авионот се извлекуваат десетици мртви тела.


Спасовски: УБК нема преземено активности против која било држава или амбасада


Скопје, 31 август, 2017 - 14:42 (META) 

Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) нема преземено никакви активности што се против која било држава или која било амбасада во Македонија. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неодамнешното повлекување на целиот персонал на Амбасадата на Србија во Скопје и обвинувањата од Белград за „многу офанзивни разузнавачки активности против Србија во Македонија“.

Спасовски, во тој контекст, рече дека немаат апсолутно никакви активности што можат да ги компромитираат УБК или Министерството за внатрешни работи.

Во врска со насилствата во Собранието од 27 април, министерот за внатрешни работи рече дека важно е да се спроведе целосна истрага за настаните за да се врати кредибилитетот и довербата во институциите.

– Се водат и внатрешни и дисциплински постапки против повеќе припадници на МВР и на УБК и тоа е од исклучителна важност и врвен приоритет за нас, за да се справиме со оваа состојба. Очекувам дека и Јавното обвинителство, особено одделот за организиран криминал, ќе бидат одлучни во однос на постапките против лицата што извршија упад на 27 април во Собранието за да убијат дел од пратениците – рече Спасовски за време на денешната посета на Секторот за внатрешни работи Скопје.

Во врска со посетата на СВР Скопје, Спасовски истакна дека „безбедносната состојба во градот е стабилна и има тенденција на намалување на криминалитетот“. Тој најави дека во наредниот период ќе бидат направени повеќе реформи и активности на терен, затоа што присуството на полицијата на улиците гарантира и поголема безбедност.


Брнабиќ ќе го покани Заев на заедничка владина седница, најави Вучиќ


Белград, 24 август, 2017 - 15:18 (META) 

Српската премиерка, Ана Брнабиќ ќе испрати покана до премиерот Зоран Заев за одржување на заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годината во Белград. Ова, меѓу другото, го истакнал претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешната средба со амбасадорката на Македонија во Белград, Вера Јовановска – Типко.

На средбата, како што се наведува во соопштението на официјалната интернет-страница на претседателот на Србија, Вучиќ и Јовановска – Типко, разговарале за „континуираното унапредување на добрососедските односи и негување на традиционалните пријателски врски меѓу двете земји“.

– Сите сметаме дека е потребно да работиме вредно и одговорно на унапредување на нашите односи – нагласил Вучиќ на средбата.

На неа било договорено, по поставувањето на советникот за национална безбедност на Србија, да биде одржан заеднички состанок со неговиот македонски колега.

Тема на средбата, како што се додава во соопштението било унапредувањето на соработката во сите сфери, особено во областа на економијата, туризмот и зедничкиот настап на трети пазари, науката и културата.

Инаку, зачестената комуникација меѓу македонските и српските власти деновиве, доаѓа откако пред пет дена Белград го повлече комлетниот персонал од својата амбасада во Македонија на итни консултации, поради „многу офанзивни разузнавачки активности“ против Србија во Македонија, што предзвика дипломатски тензии.

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера во „долг и отворен“ разговор ги разгледаа сите „новононастанати околности“ и ги договорија принципите на кои ќе ги темелат односите меѓу двете земји, а пред дека сите евентуални несогласувања ќе ги решаваат преку дијалог.

За утре во Ниш е најавена средба меѓу шефот на макеоднската дипломатија, Никола Димитров и неговиот српски колега, Ивица Дачиќ.

Денеска се очекува персоналот на амбасадата на Србија да се врати назад во Скопје, а наскоро, според најавите од Белград треба да се врати и српската амбасадрока во земјава, Душанка Дивјак – Томиќ.


Димитров: Владата не дала наредби за разузнавачки активности против Србија


Скопје, 22 август, 2017 - 16:55 (META) 

Владата ниту имала намера, ниту пак дала наредби да се вршат разузнавачки активности против и на штета на некоја од соседните држави, вклучувајќи ја и Србија, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димотров, на денешната прес-конференција, одговарајќи на обвинувањата на неговиот српски колега Ивица Дачиќ дека српските дипломати во Скопје биле прислушувани, заплашувани и следени.

Димитров истакна дека чекаат официјални информации од Белград за ваквите тврдења поради што не сакаат да навлегуваат во шпекулации кој би можел да врши вакви активности.

Тој рече дека суштинскиот пристап на новата Влада е решавање, а не создавање на проблеми.

– Успехот на нашите соседи е и наша успех, а нашиот успех е успех и за соседите – рече Димитров.

Според Димитров, ако постојат недоразбирања, тие треба да се решаваат во директен разговор.

– Во неделата, веднаш по добивањето на нотата, го побарав Дачиќ, но не го добив. Вчера преку македонската амбасада во Белград побаравме телефонски разговор кој наверојатно ќе се случи утре – изјави Димитров.

Во однос на обвинувањата за разузнавачка офанзива тој истака дека единствената офанзива која ја спроведува новата Влада е онаа на развој на пријателство и решавање проблеми. Во контекст на тоа, тој го спомена Договорот со Бугарија, планираната заедничка седница со владата Албанија и посетата на Атина.

Во врска со инцидентот со македонскиот конзул во Канада кој беше фотографиран со мапа на Голема Македонија рече дека нема да дозволи однесување кое што излегува надвор од Уставот на Македонија и не е во интерес на државата.

– Сликање со мапа не е политика на Министерството за надворешни работи, ниту на Владата – рече Димтров додавајќи дека конзулот е повикан на консултации, а посебна комисија ќе го разгледа случајот и дека вакви случаи повеќе нема да бидат толерирани.


Владата останува на својот став и нема да расправа за случајот со Србија на седница


Скопје, 22 август, 2017 - 10:20 (META) 

Владата на денешната седница нема да расправа за дипломатскиот инцидент со Србија, која пред два дена го повлече целокупниот персонал од својата амбасада во Скопје, на консултации во Белград, поради, како што изјавија од српското раковдство „офанзивните разузнавачки активности во Македонија против Србија“.

Од Владата за „Мета“ велат дека случувањата со Србија не се на дневен ред на денешната седница, а нема да има ниту дополнителни реакции на тврдењата на Белград.

– Ставот на Владата е кажан вчера и остануваме на него – велат од Владата.

Владата вчера соопшти дека без да носи избрзани заклучоци во врска со повлекувањето на целокупниот персонал од амбасадата на Србија, ги поздравува најавите на официјален Белград за „заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки“.

Инаку, белградски „Блиц“, повикувајќи се на анонимни извори, денеска во своето печатено издание пишува дека српските дипломати во Скопје, без никаков повод биле следени, а биле применувани и методи на застрашување“. Дел од притисокот, пишува српскиот весник, бил со „одобрение на странците“.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ вчера изјави дека Србија е за пријателски односи со Македонија, но, порача дека Белград би можела да го промени ставот во врска со примената на уставното име на Македонија, доколку официјално Скопје го смени својот воздржан став и го поддржи влезот на Косово во УНЕСКО.


Владатa без избрзани заклучоци ги поздрави најавите на Белград за пријателски односи


Скопје, 21 август, 2017 - 19:50 (META) 

Владата попладнево соопшти дека без да носи избрзани заклучоци во врска со повлекувањето на целокупниот персонал од амбасадата на Србија во земјава на консултации во Белград, ги поздравува најавите на официјален Белград за „заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки“

„Република Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји. Новата Влада на Република Македонија е цврсто посветена и презема интензивни чекори во насока на решавање наспроти создавање проблеми, унапредувајќи ги добрососедството, соработката и партнерството со Република Србија, како и со другите земји од опкружувањето. Убедени сме дека тоа е единствениот начин регионот одлучно да зачекори напред. Во врска со конкретниот случај, не носејќи избрзани заклучоци, ги поздравуваме најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки“, стои во соопштението од Владата.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска изјавија дека персоналот во амбасадата на Србија во Македонија е повлечен на консултации во Белград, откако од страна на српските разузнавачки органи „биле добиени доволно докази за многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија“.

– Наша работа е нашите луѓе да бидат подготвени и да се заштити пријателството меѓу Србите и Македонците и да дознаеме како да делуваме во поинакво и ново опкружување кое нам не ни било познато до пред неколку месеци – рече Вучиќ.

Српскиот министер за надворешни работи повторно порача дека Србија би можела да го промени ставот во врска со примената на уставното име на Македонија, доколку официјално Скопје го смени својот воздржан став и го поддржи влезот на Косово во УНЕСКО.


Јеремиќ за потегот на Србија: Дилетантизам и шарлатанство својствено за банана држава


Белград, 21 август, 2017 - 16:42 (META) 

Поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ потегот на Србија со повлекувањето на целокупниот персонал на амбасадата во Скопје, го оцени како „дипломатски дилентантизам и шарлатанство, својствено за банана држави“.

„Што и да се случило во Скопје, повлекувањето на целокупниот персонал на амбасадата е дипломатски дилетантизам и шарлатанство, својствено за банана држави“, напиша на „Твитер“ Јеремиќ, кој е актуелен претседател на Центарот за меѓународна соработка и одржлив развој и поранешен претседател на Генералното собрание на Обединетите нации.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека персоналот во амбасадата на Србија во Македонија е повлечен на консултации во Белград, откако од страна на српските разузнавачки органи „биле добиени доволно докази за многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија“.

Сите вработени во српската амбасада во Скопје беа повикани на итни консултации во Белград вчера, за македонското МНР за потегот беше известено преку нота од амбасадата. Од Министерството за внатрешни работи беше потврдено дека се зголемени мерките за обезбедување на амбасадата.