Грција ќе бара од ООН дополнителен анекс на Преспанскиот договор за македонскиот јазик


Атина, 6 декември, 2018 - 12:00 (META) 

По големата бура што во Грција ја предизвикаа изјавите во Собранието на премиерот Зоран Заев за учењето на македонскиот јазик во Грција, за неговата употреба, за „Егејска Македонија“, според грчките медиуми, Атина ќе ја префрли битката на меѓународно тло.

Како што пишува атинска „Ифимерида“  сега кога веќе владата во Атина станала свесна дека терминот „македонски јазик“ останува во употреба кај северниот сосед, се обидува да најде начин како да одговори и да ги „минимизира штетите“, наводно со дополнителен протокол кој би се усвоил во ООН.

Како што објаснува весникот „Естиа“, грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе побара ООН да одобри дополнителен протокол кој ќе го допрецизира Преспанскиот договор во смисла дека ќе дава многу ограничен простор за наведувањата на јазикот и нацијата.

Според весникот, протоколот ќе биде амандман на Договорот од Преспа, односно ќе стане негов интегрален дел.

Според пишувањата на грчките весници, за подготовката на овој амандман бил ангажиран Евангелос Калпадакис, советник на грчкиот премиер.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос веќе побара од Генералниот секретар на НАТО да се спротивстави на интерпретациите на Преспанскиот договор во Македонија за да се оневозможи признавање „македонски народ“ и да се потенцира дека јазикот во грчката северна сосетка е словенски.

Според медиумите, Грција ги информирала и САД дека Преспанскиот договор нема да биде ратификуван во грчкиот парламент без такви гаранции.


Првиот амандман помина на Комисијата за уставни прашања со 10 гласа „за“


Скопје, 8 ноември, 2018 - 13:06 (META) 

Заврши расправата за првиот од предложените амандмани за промена на Уставот. Членовите на Комисијата за уставни прашања со 10 гласа „за“ и 5 „против“ го изгласаа амандманот 33.

Овој амандман гласи: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.

Во продолжение на комисиската седница, премиерот Зоран Заев го образложи следниот, 34-ти, амандман за кого сега ќе се расправа.

Инаку, расправата предвидена за еден амандман може да трае најмногу три дена. Комисијата за уставни прашања вчера ги започна седниците за амандманите.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, предложи посебен амандман за заштита ако не помине договорот во Грција.

Тој рече дека иако Владата најавила дека тоа ќе биде содржано во уставниот закон, сепак треба да се вметне и во нацрт-амандманите. Мицевски образложи дека потребата за посебниот амандман доаѓа поради опасноста Македонија да биде државата која решила да се самоукине, ако Грција не го ратификува договорот или од кои било причини процесот не успее.

Мицевски апелираше до сите пратеници да размислат бидејќи по завршување на уставните измени Република Македонија немало повеќе да постои.


Унгарскиот парламент не го усвои антимигрантскиот амандман


Будимпешта, 8 ноември, 2016 - 12:39 (META) 

Унгарскиот парламент не го усвои уставниот амандман кој предвидуваше забрана за населување на странска популација во земјата, откако предлогот не го доби неопходното двотретинско мнозинство.

Предложениот амандман на уставот, како што јавуваат медиумите, добил поддршка од 131 пратеник, од вкупно 199 народни избраници во унгарскиот парламент. Тоа претставува 65,8 отсто од вкупниот број пратеници, но е под неопходното двотретинско мнозинство. Опозициските партии го бојкотирале денешното гласање.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека уставниот амандман треба да биде усвоен заради поддршка на референдумот што беше организиран минатиот месец, кога 3,3 милиони Унгарци гласаа против мигрантските квоти на Европската Унија, според кои, околу 160.000 мигранти треба да бидат релоцирани на целата територија на Унијата.

Мнозинството Унгарци на референдумот гласаа против квотите на ЕУ, но резултатот од изјаснувањето беше отфрлен поради малиот одзив.


Унгарскиот парламент денеска ќе гласа за антиемигрантскиот амандман


Будимпешта, 8 ноември, 2016 - 10:10 (META) 

Унгарскиот парламент денеска ќе гласа за уставниот амандман кој предвидува забрана за „населување на странска популација“ во земјата, јавуваат светските агенции.

Гласањето доаѓа како одговор на властите во Будимпешта на обврзувачките квоти на Европската Унија за прием на мигранти, договорени минатата година, а кои предвидуваат релокација на околу 160.000 миграти на територијата на целата Унија.

Граѓаните на Унгарија минатиот месец на референдум гласаа против квотите на ЕУ за мигранти, но поради малиот одзив, резултатот беше отфрлен.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го правда денешното гласање во парламентот со фактот дека 3,3 милиони Унгарци гласале против мигрантските квоти.


Возењето со вклучени светла и дење – останува


Скопје, 28 септември, 2015 - 11:39 (META) 

Обврската на возачите и преку ден да ги управуваат своите возила со вклучени светла ќе остане да важи и со новиот Закон за безбедност во патниот сообраќај, кој е во собраниска процедура, откако беше прифатен амандманот на пратениците Нола Исмајлоска-Старова, Силвана Бонева, Андон Чибишев и Марија Ангелова, со кој се предлага да остане досегашното решение, пренесува „Нова ТВ“.

Доколку возачите на ја почитуваат оваа обврска и преку ден не возат со вклучени светла, предвидена е казна од 15 евра, а доколку светлата не им се вклучени навечер, следува казна од 35 евра и 15 негативни поени.

– Во сообраќај на пат, дење и ноќе, за време на управување со возилото, возачот на возилото задолжително треба да ги има вклучено најмалку соборените светла за осветлување на патот. Обврската не се однесува на возачите на запрежни возила и на велосипедиститен кога запрежното возило односно велосипедот го управуваат дење, освен во услови на намалена видливост – стои во предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.


Владата има рок од 24 часа да дозволи да се собираат потписи за амнестија


Скопје, 21 септември, 2015 - 14:15 (META) 

Еден ден има Владата да испрати известување до Државната изборна комисија дека треба да дозволи да се соберат 10.000 потписи за да се поднесе амандман до Собранието за измена на Законот за амнестија. Ова денеска пред Собрание го изјави Мери Николовска, во име на граѓани кои бараат промени на овој закон. Николовска вели дека веќе десет месеци заедно со граѓаните се борат и сега на Владата ѝ оставаат 24 часа за да се изјасни. Во спротивно, како што вели, од среда ќе почнат да блокираат улици и раскрсници пред Владата и пред Собранието.

– Ние не го признаваме случајот „Монструм“ и тие луѓе во затвор се невини и бараме да се пуштат. Не ги признаваме ни „Ликвидација“, „Фаланга“, „Керозин“, „Кампања“, „Пајажина“ и други случаи. Испраќам апел до затворениците да го прекинат штрајкот со глад затоа што сега ние сме тука да ја продолжиме нивната борба – вели Николовска, додавајќи дека условите во затворите се никакви и под секое човечко достоинство.

Една од измените што оваа граѓанска иницијатива ќе ги бара во амандманот што сака да го поднесе е намалување на казните за 40 отсто.

Некои од граѓаните кои беа таму, велат дека нивните блиски се неправедно затворени.

Мајка на еден затвореник вели дека синот ѝ е таксист и дека е во затвор затоа што превезувал бегалци.

– По затвори ни лежат невини луѓе, а криминалци ни ја водат државата. Зошто синот на Трајко Вељаноски не одговараше за кокаинот? Ова е срамота, луѓе со еден куп кривични дела ни ја водат државата, а невини луѓе гнијат во затвор. Еве, од мојата сообраќајка поминати се две години, а сè уште ни рочиште немаат закажано – рече човек кој во инвалидска количка се качи на сцената да зборува.

Граѓаните најавија дека ќе протестираат и ќе блокираат улици сè додека не им се дозволи да собираат потписи.