Земјите погодени од одлуката на Трамп за оданочување на челикот, најавија контрамерки


Вашингтон, 1 јуни, 2018 - 10:55 (META) 

Европските лидери реагираа остро на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, за воведувањето на данок на увоз на челик и алуминиум од земјите-членки на Европска унија, Канада и Мексико.

Земјите кои се погодени од оваа одлука, која денеска стапува на сила, најавија контра-мерки. Францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со Трамп, овие даноци ги опшал како „илегални“. Макрон исто така рекол дека ЕУ ќе реагира на цврст и соодветен начин.

Воведувањето на новите царини, кои стапија на сила на полноќ, Трамп ги оправда со тврдењето дека американските производители на челик и алуминиум се од витално значење за националната сигурност, но се загрозени од глобалното снабдување.

Владата на САД преговара и за Северноамерикански договор за слободна трговија.Трамп му упатил порака на канадскиот премиер Џастин Трудо дека „САД ќе прифатат фер договор или воопшто нема да има договор.“

Трудо, пак, царините ги нарече „потполно неприфатливи“ и најави дека тие би можеле да ги променат односите на двете земји. Тој објави план за воведување на царина на 12,8 милијарди долари, американски извоз.


Трамп планира да воведе царина на челикот и алуминиумот од земјите-членки на ЕУ


Вашингтон, 31 мај, 2018 - 11:22 (META) 

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп планира да воведе царина на увозот на европски челик и алуминиум, бидејќи не се добиени отстапки од Европската унија, пренесуваат светските агенции.

Дополнителниот рок за воведување на царинска казна на челик и алуминиум истекува утре, бидејќи САД претходно ги продолжија преговорите со ЕУ за 30 дена.

Американскиот претседател во март најави дека САД ќе воведат царина од 25 отсто на увозот на челик и 10 отсто на увозниот алуминиум, но гарантираше дека ЕУ и другите американски сојузници ќе бидат изземени од тие мерки. Сепак, изземањето на ЕУ од тие мерки истекува утре.

ЕУ за возврат се закани со контра мерки, односно воведување на царина на американскиот челик, путер од кикиритки, сок од портокал и други производи, доколу се случи спротивното.

Одлуката на Трамп може да се промени ако двете страни постигнат договор во последен момент.