„Пакт против Србија“ нема, ама за српско „Ало“ има па има!


Скопје, 4 декември, 2018 - 17:22 (META) 

Српскиот таблоид „Ало“, најавувајќи го почетокот на самитот на Централноевропската иницијатива во Загреб пишуваше дека на самитот во Загреб ќе се разговарало и за формирање на пактот, кој стана главна тема во балканските медиуми, по изјавите на косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај за хрватскиот весник „Вечерњи лист“. Ова е само ден откако македонскиот премиер Зоран Заев, повикан од пратеникот Иван Стојиљковиќ, категорично демантираше дека имало какви било разговори во кои тој бил вклучен, за пакт на Македонија, Црна Гора, Хрватска и Косово за Србија,

Во текстот на „Ало“ со наслов „НИ ПОДГОТВУВААТ ЗЛО Еди Рама стигнува во Загреб и потпишува ДОКУМЕНТ што се заканува да ја уништи Србија“, таблоидот, повикувајќи се на хрватскиот весник „Јутарњи лист“, се вели дека според шпекулациите, на маргините на самитот една од темите на средбите на премиерите на Хрватска и Македонија, Андреј Пленковиќ ќе биде создавање на пакт против Србија.

Темата ја покрена Енвер Хоџај преку хрватскиот весник „Вечерњи лист“. Но тој завчера за црногорската телевизија „Антена М“ демантираше дека воопшто споменал формирање пакт против Србија.

– Никогаш ништо не сум рекол за создавање регионален пакт против Србија – изјави Хоџај за телевизијата.

Тој сепак наведе дека стои зад се друго што рекол за „Вечерњи лист“, како мешањето на Србија во потткопувањето на државноста на Косово и во внатрешните прашања на Црна Гора и Македонија.

Македонскиот премиер Зоран Заев на прес-конференцијата во неделата запрашан за став околу прашањето кое го отвори косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај, дека во Македонија, Хрватска, Косово и Црна Гора се разговарало за пакт против Србија, одговори дека тој се оградува од какви било разговори, бидејќи тие не постоеле.

– Сакам да се оградам од било какви разговори, не постоеле. Никој од нас не побарал вакво нешто ниту пак било разговарано за ова прашање. Само апелирам и до Косово и до Србија да градат пријателство низ дијалог – изјави Заев.

Но и покрај тие деманти од неделата, на кои се придружи и црногорското министерство за надворешни работи, српскиот таблоид „Ало“ вчера во својот краток текст повторно го наведе договарањето, па и потпишувањето на некаков пакт, и покрај тоа што главните личности реагираат дека не се зборувало за такво нешто.

Текстот на „Јутарњи лист“ на кој „Ало“ се повикува, инаку, не е од тој весник, туку е пренесен од хрватската новинска агенција „Хина“, како што прописно е наведено во „Јутарњи“.


Српски медиуми: Заев нуди амнестија во замена за двотретинско мнозинство


Белград, 15 октомври, 2018 - 16:23 (META) 

„Денот Д за Македонија“, „Историска седница на Собранието“ и „Заев понуди амнестија за двотретинско мнозинство“, се дел од насловите на многубројните новинарски текстови во Србија за денешната седница за уставните измени на македонскиот парламент.

Речиси сите медиуми велат дека премиерот Зоран Заев повикал на национално помирување и дека „на највлијателната опозициска сила ВМРО-ДПМНЕ, како гест на добра волја и понудил амнестија за нејзините членови на кои им се суди за насилствата во Собранието на 27 април минатата година“, во замена за поддршка за уставните изменни и поддршка на Договорот со Грција.

Сепак, македонскиот премиер во своето обраќање пред пратениците, иако повика на национално помирување,ниту еднаш не го употреби зборот „амнестија“.

Под наслов „Сите погледи свртени кон Собранието“, јавниот радиодифузен сервис на Србија, РТС, извести дека пратениците почнаа расправа за уставните измени и дека „паралелно со расправата, во тек е убедување на пратениците од опозицијата да го сменат ставот и да ги поддржат уставните измени“.

Таблоидот „Ало“ пишува дека почнала „опасна расправа и дека владата се подготвува за чекор против граѓаните, а во интерес на НАТО“.

Весникот „Блиц“ пак на својот портал објави дека „Заев ги повикал пратениците на опозицијата да гласаат за менување на уставот со непристојна понуда“. Блиц пишува и дека „Собранието врие“ и дека „никој не знае дали Заев има мнозинство а демонстрантите најавуваат повеќедневна блокада“.