Додека Могерини говореше, пред Собранието имаше протест за Алмир


Скопје, 19 април, 2018 - 11:22 (META) 

Неформалната група „Правда за Алмир“ денеска повторно протестираше поради случајот со загинувањето на 4-годишниот Алмир Алиу минатата година, јави „Порталб“. Протестот се одржа пред Собранието додека внатре пред пратениците се обрати високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини.

Според еден од организаторите на протестот, актерот Висар Вишка, целта на собирањето била да се покаже на Могерини дека „правдата во Македонија е мртва“. Вишка нагласи дека во извештајот за Македонија што Европската Комисија го објави завчера, се порачува оти треба да се преземат мерки за унапредување на правосудството. Тој порача и дека случајот на Алмир Алиу не е наследен од претходната влада, туку е одговорност на сегашната.

– Побаравме Могерини да ги праша Хан и ЕУ дали е ова правдата со којашто Европа се гордее, дали оваа правда треба да добие позитивна оценка од ЕК, кога знаеме дека се обидуваат да ни ја продадат како кристално чиста иако во нивниот извештај се вели дека треба уште работа во правосудството – рече Вишка.

Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни 2016 година.


Бобан Илиќ осуден на шест години затвор за случајот „Алмир“


Куманово, 5 април, 2018 - 14:57 (META) 

Бобан Илиќ е осуден на шест години казна затвор за случајот со малиот Алмир, одлучи кумановскиот суд од каде велат дека казната е соодветна со оглед на настанатите последици.

-Судот ги имаше предвид сите докази и закон рамки за или соодветна казна согласно дејствијата кои ги презеле и настанатата ситуација. За останатите тројца, судот ја имаше предвид последицата, затоа е одредена минималната казна – рече судијката Денковска.

Таткото на Алмир, Седат Алиу, беше осуден на шест месеци затвор, Абдула Алиу, 9 месеци затвор, и Сами Демири 9 месеци затвор за делото „насилство“.

-Срамно е што за таков сериозен прекршок ќе му се изрече пресуда од 6 години. Судот не ги зема предвид многуте факти, вклучувајќи го и животот на младиот Алмир Алиу, а пак за да биде пресудата е уште поскандалозна, судот му изрече казна на таткото и на семејството на Алмир. Јас како правник ќе се борам да докажам дека е ова монтиран случај. Самото обвинителство го водеше процесот за ваков резултат да се добие. Ние верувавме дека судот ќе изрече многу повисока казна предвидена согласно Кривичниот законик рече адвокатот Асмир Алиспахиќ.

Обвинетиот Бобан Илиќ се товари за „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, во врска со смртта на Алмир.


Бобан Илиќ не се чувствува виновен за смртта на Алмир, пресуда в четврток


Куманово, 2 април, 2018 - 15:52 (META) 

В четврток во 14 часот во Основен суд Куманово ќе биде соопштена пресудата за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу, кој пред нецели две години беше прегазен во Куманово. На денешното рочиште на кои се кажуваа завршните зборови, обвинетиот Бобан Илиќ, кој по измената на обвинителниот акт, сега одговара за сообраќајка со смртни последици, рече дека не се чувствува виновен, јави „Порталб“.

Асмир Алиспахиќ, адвокатот на семејството Алиу тврди дека се направени низа неправилности и во истражната постапка и во анализата на материјалните докази и порача дека обвинителството направило сериозна грешка со преформулирање на обвинението против Илиќ од убиство во сообраќајна несреќа со смртни последици. Според Алиспахиќ, обвинение требало да има и против братот на Бобан, Бојан Илиќ.

Обвинението беше преформулирано бидејќи, како што рече обвинителката Сузана Кусиѓерска, невропсихијатриско вештачење покажало дека Бобан Илиќ бил во состојба на емоционална растроеност и немало предумисла. Според адвокатот на семејството Алиу, тројца од четиримината вештаци имале истечено лиценца. Алиспахиќ побара и повлекување на обвинението за Седат Алиу, Абдула Алиу и Сами Демири, кои се обвинети за насилство против браќата Илиќ.

Во завршните зборови, Бобан Илиќ рече дека не се чувствува виновен.

Неговиот адвокат Стеван Павлески рече дека вистинските виновници се членовите на семејството на малиот Алмир.

Според Павлески, Бобан Илиќ не е виновен за сообраќајка со смртни последици, бидејќи не ја предизвикал опасната ситуација, туку на тоа бил поттикнат од постапките на роднините на Алмир, кои во болницата пред инцидентот првин усно, а потоа физички го нападнале.


Нема преголеми очекувања од Анкетната комисија за смртта на малиот Алмир


Скопје, 23 март, 2018 - 17:09 (META) 

Формирањето на Анкетна комисија во Собранието за случајот со смртта на 4-годишниот Алмир Алиу нема да предизвика значителен напредок, велат експерти за „Порталб“.

Иницијативата дојде вчера од пратеничката група на ДУИ по средбата со дел од семејството на Алмир и нивниот адвокат, при што меѓу двете опции – интерпелација на главниот јавен обвинител Љубомир Јовевски и формирањето Анкетна комисија – семејството и одбраната се одлучиле за втората опција. Иницијативата беше поддржана од албанските политички партии.

Професорот Беким Кадриу за „Порталб“ вели дека овој потег би можел да помогне во судскиот процес но не може да ја смени судската одлука. Политичкиот аналитичар Роберт Несими пак иницијативата ја смета повеќе како прикривање на вистинскиот проблем – отповикување на Јавниот обвинител Љубомир Јовески и на други обвинители и судии, и смета повеќе станува збор за обид на ДУИ да се спечалат политички поени.

– Од досегашното искуство на функционирање на Собранието на Република Македонија, анкетните комисии за судски случаи досега не го дадоа очекуваниот резултат. Се сомневам и дека оваа комисија ќе има успех. Ова повеќе го гледам како чекор за добивање политички поени – вели Несими.

Анкетна комисија во Собранието беше формирана за случајот „Сопот“, но и за исфрлањето на пратениците и новинарите на „Црниот понеделник“, како и за незаконските прислушувања, но и за фабриката за фалсификување лични карти, пасоши, афери и други документи.


На протестот пред Владата се бараше нова судска постапка за смртта на Алмир


Скопје, 21 март, 2018 - 16:54 (META) 

Со оставање играчки, балони, детска облека на оградата пред Владата мина денешниот протест поради преквалификација на делото од „убиство“ во „сообраќајка“ во случајот со загинувањето на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово.

На четвртиот протест учествуваа голем број граѓани, а двајца од организаторите, актерот Висар Вишка и Дијана Тоска побараа судскиот процес против Бобан Илиќ, кој го возеше автомобилот што го прегази Алмир Алиу, да почне од почеток и со обвинители што не се од Куманово, јави „Порталб“.

Protest za Almir Aliu 4 pred Vlada 21mar18 - Meta– Се собравме денес да протестираме за трулата правда во Република Македонија. Срамно, пред наши очи органите на правдата убиството на 4 годишниот Алмир го преквалификуваа во престап во сообраќајот. Овде сме да кажеме дека нема да го дозволиме тоа. Правда за Алмир мора да има. Бобан Илиќ изврши убиство! Случајот за Алмир ќе биде правично и праведно воден единствено доколку судската постапка започне одново и истата ја водат стручни, непристрасни и некорумпирани обвинители и судии, и тоа надвор од Куманово. Обвинители и судии кои ќе одлучуваат професионално, правично,чесно и непристрасно – рекоа тие.

Protest za Almir Aliu 3 pred Vlada 21mar18 - MetaДемонстрантите, кои носеа фотографии од Алмир, албански знамиња и транспаренти „Нема правда, нема мир“, и „Каде ви е совеста македонско обвинителство“ на албански јазик, како и транспаренти со исправен среден прст побараа разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески и најавија кривични пријави против јавната обвинителка Сузана Кусиѓерска поради, како што рекоа, намерно неизнесување на факти и сведоштва.

Побараа одговорност и од премиерот Зоран Заев поради неизвршување на ветените правосудни реформи.

– Бараме одговорност од Зоран Заев, оти не само што не се спроведоа правосудните реформи туку се дозволи истите судии да делат правда – рече Вишка.

Владата се огласи со соопштение по протестот, велејќи дека „судските одлуки се одлуки на правосудните органи како независни институции“, но дека Владата „со должно внимание ги зема предвид пораките од денешниот протест“.

„Овој став на Владата е во насока на сеопфатните заложби за реформи во правосудниот систем кој треба да ги врати достоинството и довербата во судските институции, и најмногу од сè да ги врати непристрасноста, независноста и владеењето на правото и правдата, во работата и одлуките на сите институции во правосудството“, стои во соопштението.

Истовремено, Владата порача дека ги осудува сите изрази на говор на омраза и на радикални постапки.


Министерот Саљији си даде оставка поради малиот Алмир


Скопје, 21 март, 2018 - 8:36 (META) 

Министерот за правда Билен Саљији синоќа во Владата на конференција за медиуми соопшти дека си поднесува неотповиклива оставка, поради, како што рече,морални причини и разнишаната доверба во судството во врска со случајот на малиот Алмир, кој пред две години беше прегазен во Куманово.

– Довербата во судството почна да се враќа преку случаите „Сопот“ и „Монструм“, но сепак во овие моменти чувствувам дека оваа доверба е разнишана во јавноста, но и кај мене лично, поради одлуката од пред неколку дена републичкиот јавен обвинител да го преквалификува обвинението во случајот на малиот Алмир. Оваа одлука беше оспорена од четирите јавни обвинители. Како прв човек на Министерството за правда поради оваа разнишана доверба чувствувам морална обврска да поднесам оставка од функцијата министер, не како акт на неуспех или притисок, туку како акт за кој се надева ќе биде во правец на подигнување на свеста и вниманието на институциите и целото општество за бескомпромисни реформи на правосудството – образложи Саљији.

Според некои медиуми на македонски јазик, кои се повикуваат на партиски извори, оставката не била по волја на Саљији, туку тоа го побарал премиерот Зоран Заев.

Билен Саљији функцијата ја вршеше од крајот на мај минатата година кога и беше избрана владата на коалицијата СДСМ-ДУИ-Алијанса за Албанците под раководство на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.


Обвинителите кои се побунија за случајот „Алмир“ за Јовески се пристрасни


Скопје, 16 март, 2018 - 15:40 (META) 

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески преку соопштение до јавноста ја осуди постапката на четворицата јавни обвинители кои изјавија дека одлуката случајот со трагичната смрт на 4-годишниот Алмир Алиу да се преквалификува во сообраќајка е „скандалозна“.

Според Јовески, таквото обраќање е непрофесионално и вели дека со тоа се повредува функцијата јавен обвинител и тешко се прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија.

– Нивната постапка ја доведува под сериозно сомневање независноста, непристрасноста, лојалноста и достоинството на јавниот обвинител, бидејќи нивниот настап е предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција. Нема да допуштам влијание од кого и да доаѓа, а кое ги попречува напорите за средување на состојбите во јавното обвинителство во насока на професионално, стручно, непристрасно, совесно и законито извршување на јавно обвинителската функција – вели Јовески.

Тој потенцира дека јавните обвинители во вршењето на функцијата не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и проценки, од притисокот на јавноста или политиката. Јовески додава дека законот за секого и во секој предмет е еднаков за сите, без оглед на национална, верска или политичка припадност и дека така треба да се применува.

– Предметот во детали е рефериран и разгледуван на колегиум на Вишото јавно обвинителство Скопје и на Проширен колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, при што се оцени дека во кривичниот предмет е постапено во согласност со Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство и начелата во работењето на јавното обвинителство – изјави Јовески.

Републичкиот јавен обвинител информира дека за постапката на четворицата јавни обвинители ќе расправа Колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија и дека ќе побара нивното однесување да го преиспита Етичкиот Совет на јавните обвинители.


Прекршен е законот со преквалификацијата на убиството на Алмир, велат обвинители


Скопје, 16 март, 2018 - 14:27 (META) 

Вчерашната одлука на Основниот суд во Куманово за преквалификација на случајот на Алмир Алиу е непрофесионално, неразумно и кршење на законот. Ова го велат активистите за човекови права, професорката Мирјана Најческа и директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, додека Народниот правобранител Иџет Мемети не се смета за надлежен да го коментира случајот, бидејќи според него “тоа не е неговата работа “, пишува „Порталб.мк“.

На вчерашната одлука на обвинителството, случајот од “убиство” да се преквалификува во сообраќајка, реагираа обвинителите Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Даршишта и ја нарекоа „скандалозна“.

Одлуката за повторување на случајот на Алмир Алиу помина без широка дебата во медиумите, дури и за неа немаше реакција од ниту една од политичките партии. Нов протест на граѓанската иницијатива “Правда за Алмир” е најавен за 21 март.

Инаку, вчера во Основниот суд во Куманово, на барање на обвинителката задолжена за случајот на Алмир, Сузана Кусиѓерска, беше одлучено повторно да го квалификува случајот од “убиство” во “сообраќајка“.

На обвинетиот Бобан Илиќ не му е опредлена мерка на претпазливост и тој вчера излезе од затворот во Шуто Оризари.


Обвинетиот ќе одговара за сообраќајка, а не за убиство на 4-годишниот Алмир


Куманово, 15 март, 2018 - 14:37 (META) 

Обвинетиот кумановец, Бобан Илиќ, нема да одговара за убиство со умисла на четиригодишниот Алмир Алиу, кој беше прегазен пред една година и девет месеци во Куманово. Наместо тоа, Илиќ, кој беше зад воланот на автомобилот кој го усмрти Алмир, е обвинет за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, кривично дело за кое Кривичниот законик предвидува максимална казна до десет години, јави Порталб.мк.

Иако претходно беше најавена ваквата измена, тоа стана дефинитивно откако во Основен суд Куманово денеска обвинителката Сузана Кусиѓерска во завршните зборови посочи дека причината за ваквиот чекор е што кога било покренато првичното обвинение за убиство со умисла, доцнеле вештачењата – психијатриското и техничко-сообраќајното, а исто така на видео-снимката, која не е прикажана целата во јавност, се гледало дека  Бобан Илиќ и неговите брат и девојка биле физички нападнати.

Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни 2016 година.

Пред почетокот на денешното судско рочиште, пред Основниот суд во Куманово се одржа третиот протест на граѓанската иницијатива „Правда за Алмир“ со кој повторно се побара изземање на обвинителката Кусиѓерска. Беше поставен и транспарент, со кој се обвинуваше дека Јавното обвинителство и Кусиѓерска со помош на судијката Маја Денковска, по вторпат ќе го убијат Алмир.


Учесниците на протестот за малиот Алмир побараа изземање на обвинителката


Скопје, 2 март, 2018 - 15:05 (META) 

Триесетина учесници на денешниот протест за судскиот процес за смртта на 4-годишниот  Алмир Алиу, кој во јуни 2016 година во Куманово беше прегазен од Бобан Илиќ, при бркотница со членови на семејството Алиу, побараа изземање на обвинителката Сузана Кусигерска, јави „Порталб.мк“.

Протестот се одржа пред Јавното обвинителство на Република Македонија во Скопје, еден месец по првиот.

Актерот Висар Вишка, еден од организаторите на денешниот протест, пак, го обвини Јавниот обвинител Љубомир Јовески дека лажел пред Собранието дека преквалификацијата на делото од убиство во сообраќајка со смртни последици ја потпишал неговиот претходник Зврлевски. Вишка побара Јовески да го објави документот.

Една од организаторките на денешниот протест, Анита Љатифи, побара Кусиѓерска, која е од Основното јавно обвинителство – Куманово, веднаш да биде изземена поради одлуката обвинителниот акт од убиство со умисла да го преквалификува во сообраќајна несреќа со смртни последици.

Истото барање го имаше и адвокатот на семејството Алиу, но тоа беше отфрлено од Основниот суд.

Демонстрантите негодуваа што Основното јавно обвинителство – Куманово наместо да го конфискува „мерцедесот“ со кој е прегазен Алмир, го вратило на семејството на обвинетиот.
„Поради ваквата истражна постaпка; уништување на доказите, односно на оружјето со коешто е извршено делото; пристрастноста на Јавниот обвинител при водењето на постапката; „шетањето“ на квалификацијата на делото од основото кон вишото и републичкото обвинителство, односно ПОРАДИ САБОТАЖА НА ПРАВДАТА во случајот Алмир, бараме изземање на Јавниот Обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово, Сузана Кусигерска“, порачаа демонстрантите.