!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Имало надворешно мешање во Каталонија, тврди шефот на шпанската дипломатија


Мадрид, 13 ноември, 2017 - 14:29 (META) 

Шефот на шпанската дипломатија, Алфонсо Дастис изјави дека ќе ги запознае колегите од ЕУ со наводното „кибернетичко мешање“ од Русија и други делови од светот.

Дастис рече дека податоците покажуваат дека имало „интернет сообраќај“ на медиумските мрежи во Русија и други земји после забранетиот референдум за независноста на Каталонија.

Говорејќи за неодамнешниот состанок во Лондон на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж и еден висок претставник за независноста на Каталонија, Дастис рече дека постојат назнаки дека Асанж и други во текот на кризата во Каталонија се обиделе да се вмешаат и да манипулираат.

Шпанските претставници минатата недела соопштија дека назнаките не значат дека била вмешана власта на Русија.

Владата во Мадрид засега нема објавено докази за да ги поткрепат тврдењата за мешање во каталонската криза.


Шпанија разгледува можност да им дозволи на регионите да организираат референдуми


Мадрид, 8 ноември, 2017 - 20:24 (META) 

Шпанија би можела да направи промени во уставот на земјата што ќе им овозможат на регионите да организираат референдуми за независност во иднина, вели шпанскиот министер за надворешни работи, Алфонсо Дастис за „Би-би-си“.

Тој додава дека за ова прашање би требало да се одржи референдум на национално ниво.

– Формиравме комитет во парламентот што ќе ја разгледа можноста да се направат уставни измени, што на подобар начин би ги изразиле аспирациите на каталонскиот народ. Свесни сме дека постои политичка ситуација која треба добро да се проанализира, но за оваа одлука треба да реши целиот шпански народ – изјави Дастис.

Ваквите најави доаѓаат по потезите на шпанската влада во Каталонија, каде регионалната влада беше распуштена токму поради одржување на референдум и еднострано прогласување на независност.

Инаку, денеска низ цела Каталонија се одржаа протести и штрајкови поради апсењето на претставници на поранешните каталонски власти.

Истовремено, денеска Уставниот суд на Шпанија ја прогласи за неуставна декларацијата за независност на Каталонија, што беше донесена на 27 октомври, по која шпанските власти ја распуштија регионалната влада и парламентот, воведоа директна управа и распишаа предвремени регионални избори на 21 декември.