!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Нападнат автобуски конвој кај Алепо


Алепо, 15 април, 2017 - 16:51 (META) 

Најмалку 15 лица загинаа откако автомобил бомба експлодира во близина на Алепо во момент кога минувал автобуски конвој кој евакуирал Сиријци, јавува сириската државна новинска агенција САНА.

Според Сириската опсерваторија на човековите права, голем е бројот на повредените, а бројот на загинатите сè уште не се знае.

Бомбата експлодирала во бунтовничкиот кварт Рашидин, во западниот дел на Алепо. Таму се наоѓаат автобусите што треба да превезат 5.000 лица, кои вчера беа евакуирани од Фуа и од Кафраја, две села чии жители се приврзаници на сирискиот режим. Тие се наоѓаат во североисточниот дел на Сирија и се опколени од бунтовниците.


Милитантите на ИД под опсада во Ал Баб


Лондон, 6 февруари, 2017 - 12:18 (META) 

Милитантите на Исламска држава се под опсада во градот Ал Баб, последното упориште на екстремистите во северната сириска провинција Алепо, соопшти сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.

– Силите на сирискиот режим, со поддршка на борците од либанскиот Хезболах и од руските воздушни сили, успеале целосно да го опколат Ал Баб и околината од јужната страна, додека градот под опсада од север, исток и од запад го држат турските сили и бунтовниците – соопшти Опсерваторијата.

Директорот на Опсерваторијата, Рами Абдел Рахман, рече дека режимските сили „успеале во ноќта меѓу недела и понеделник за заземат еден пат кој бил во рацете на ИД, а кој го поврзува Ал Баб со другата сириска територија“.

Сириските бунтовници со помош на турската војска на 10 декември почнаа офанзива на северните делови на Ал Баб.

Анкара на 24 август испрати војска и тенкови на северот на Сирија за да ја потисне ИД и да го запре напредувањето на сириските Курди.


Шест цивили убиени во Алепо


Лондон, 12 јануари, 2017 - 10:59 (META) 

Најмалку шест цивили, од кои четири деца, денеска загинаа во Алепо, соопшти сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.

Опсерваторијата тврди дека одговорни за нападот се сириските владини сили.

Во соседната провинција Идлиб, најмалку 22 милитанти се убиени во воздушните напади во последните 24 часа, наведоа од опсерваторијата, додевајќи дека некои удари ги извеле авиони на сириските сили, а некои авиони на коалицијата предводена од САД.


Нови престрелки во Алепо


Алепо, 23 декември, 2016 - 16:00 (META) 

Најмалку еден цивил денеска загина откако сириските бунтовници отворија оган во Алепо, првпат откако војската на претседателот Башар ал Асад прогласи целосно преземање контрола над градот, соопшти сириската Опсерваторија за човекови права.

Како што се наведува во соопштението, кон квартот Хамдание, на југот на Алепо се истрелани десетина проектили, а во нападот се ранети осум лица.

Од друга страна, државната агенција „Сана“ пренесе дека загинале три лица, а ранети се шест.

Бунтовниците и понатаму контролираат одредени квартови во западниот дел на Алепо и од тие позиции можат да отворат оган на други подрачја во градот, наведува опсерваторијата.

Сириската војска во четвртокот прогласи целосно преземање на контролата на источните делови на Алепо, кои од 2012 година беа во рацете на бунтовничките сили и од каде од 15 декември, под надвор на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, се евакуирани 35.000 цивили и бунтовници.


Заврши евакуацијата на цивили во Алепо


Алепо, 23 декември, 2016 - 11:24 (META) 

Операцијата за евакуација на десетина илјади лица од источниот дел на Алепо, како и од двете шиитски села во Идлиб е завршена, соопшти Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

– Сите цивили кои сакаа, се евакуирани, како и ранетите и борците – изјави портпаролката на МКЦК, Криста Армстронг.

МКЦК ја изведе сложената операција на евакуација во зимски услови, заедно со сириската организација Црвената полумесечина.

Сириската војска соопшти дека целсоно ја презела контролата над Алепо, втор по големина град во земјата.


Сириската војска ја презеде контролата врз Алепо


Алепо, 22 декември, 2016 - 20:30 (META) 

Сириската војска денеска соопшти дека ја презела целосната контрола над градот Алепо, по евакуацијата и на последната група цивили и бунтовници од градот, јавува „Би-би-си“.

Претставник на Обединетите нации (ОН) претходно соопштил дека за една недела, односно од минатиот четврток до денеска повеќе од 34.000 лица биле евакуирани од градот.

Евакуираните цивили и припадници на бунтовничките сили се однесени на територија под нивна контрола, западно од Алепо и во провинцијата Идлиб.

Преземањето на контролата врз Алепо, како што пишува британскиот национален сервис, претставува голема победа за сирискиот претседател Башар ал Асад, чија офанзива на градот беше помогната со воздушни напади на руската воена авијација.

Во соопштението, објавено на сириската државна телевизија, војската навела дека е вратена безбедноста во Алепо откако градот е ослободен од тероризмот и од терористите, термин кој сириската влада го користи за бунтовниците.

Инаку, Алепо пред почетокот на немирите и војната во 2011 година, беше најголемиот град во Сирија и економски и индустриски центар во земјата.


Во западниот дел на Алепо почнаа божиќните празници


Алепо, 22 декември, 2016 - 14:09 (META) 

Синоќешната церемонијата на палење на светилките на новогодишната елка поставена на плоштадот Азизиех во западниот дел на Алепо, накратко ја прекина експлозија, но десетиците насобрани набргу се вратија и ја продолжија божиќната прослава на отворено. Граѓаните од Алепо пееле и танцувале на улиците.

Првпат по четири години, трубачи во костими на Дедо Мраз, детски хор и голема новогодишна елека во центарот на плоштадот внесоа божиќен дух во градот кој е разурнат од бомби.

Католиците од Алепо првпат по четири години војување излегоа на улиците за да уживаат во празничната прослава во западниот дел на градот, кој сега е под контрола на силите на Башар ал Асад. Од зградите кои се наоѓаат на плоштадот виселе знамиња на Русија и на Сирија, како и фотографии од претседателот.

Истовремено, во источниот дел на градот во тек била евакуација на цивили и на противници на власта, под надзор на Обединетите нации.


Цивили и бунтовници чекаат евакуација од Алепо


Скопје, 20 декември, 2016 - 13:44 (META) 

Преостанатите бунтовници и цивили во источниот дел на Алепо денеска чекаат евакуација од градот, еден ден откако Советот за безбедност на Обединетите нации одобри испраќање набљудувачи да го следат процесот.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон соопшти дека повеќе од 15.000  лица, меѓу кои и 5.000 борци на опозицијата, ја напуштиле енклавата откако бунтовниците ја предале областа во согласност со договорот постигнат со посредништво на Анкара и на Москва. Не се знае уште колку лица има останато во Алепо.

Министрите за надворешни работи на Русија, Турција и на Иран денеска во Москва ќе разговараат за Сирија, но разговорите ќе бидат во сенка на синоќешниот атентат на рускиот амбасадор во Турција, што го изврши поранешен полицаец извикувајќи „Не заборавајте го Алепо, не заборавајте ја Сирија“.


Советот за безбедност на ОН треба да гласа за помош за Алепо


Њујорк, 18 декември, 2016 - 11:24 (META) 

Советот за безбедност на ОН денеска треба да гласа за резолуција со која се бара итен и безусловен пристап на претставниците на Обединетите нации во деловите на Алепо што се под опсада, како и во Сирија за да се овозможи испорака на хуманитарна помош.

Советот на безбедност претпладне ќе одржи консултации за резолуцијата што ја подготви Франција, а потоа ќе биде одржан и состанок на кој членките на Советот треба да гласаат.

Според нацрт-резолуцијата, генералниот секретар Бан Ки-мун се повикува веднаш да распореди персонал на светската организација на терен за да се спроведе „неутрален надзор“ и „директно набљудување“, за да известуваат за евакуациите.

Во документот исто така се наведува дека евакуацијата на цивили мора да биде „доброволна кон дестинации по нивен избор“.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, во петокот рече дека ќе ја разгледа нацрт-резолуцијата, но беше скептичен дека набљудувачите би можеле бргу да бидат распоредени.


Евакуацијата од Алепо треба да продолжи денеска


Алепо, 17 декември, 2016 - 11:09 (META) 

Сириската Опсерваторија за човековите права соопшти дека е постигнат договор во Сирија, според кој евакуацијата на цивилите од источниот дел на Алепо, како и на жителите на шиитски села во североисточниот дел на земјата треба да почне во текот на денот.

Како што јавуваат светските медиуми, од овој дел на Сирија треба да бидат евакуирани 4.000 луѓе, меѓу кои има и ранети.

Евакуацијата од Алепо вчера беше суспендирана поради нови судири на преминот во енклавата.