Столтенберг ја започна серијата средби со Иванов, Џафери, Мицкоски и Заев


Скопје, 6 септември, 2018 - 9:38 (META) 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг утринава во вилата Водно имаше средба со претседателот Ѓорге Иванов, по што следува средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери во Собранието.

Потоа, во 10.15 часот е предвидена и средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Со премиерот Зоран Заев Столтенберг ќе разговара во Клубот на пратениците во 13.15 часот.

По средбите во Скопје, тој вечерва заминува во Атина каде што ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас.


Ципрас со тв-обраќање од Итака ќе ја заврши грчката економска „одисеја“


Атина, 21 август, 2018 - 10:20 (META) 

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, денеска ќе има телевизиско обраќање до нацијата во врска со завршувањето на финансиската криза на Грција. Ципрас симболички за место од кое ќе и зборува на нацијата го избра островот Итака во Јонското Море, завршницата на познатата „Одисеја“, односно патувањето на Одисеј дома по завршувањето на Тројанската војна.

Поводот е завршувањето на третиот пакет за финансиска помош на Грција од ЕУ и ММФ, по цели осум години строги мерки на штедење.

Во меѓувреме, се очекува најдоцна до утре да се случи „проветрување“ на владиниот кабинет.

Еврокомесарот за финансиски и економски прашања, Пјер Московиси вчера порача дека реформите мора доследно да продолжат, а грчката влада да ги почитува своите обврски и во следниот период.

Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, пак порача дека секогаш се борел Грција да остане во центарот на вниманието на Европа.

Грчките весници најавувајќи го денешното телевизиско обраќање, посочуваат дека Ципрас се откажал од големи прослави поради 96-темина загинати во пожарите во Атика.


Заев: Регионот има лидери кои внесоа нова енергија, а со тоа и економски придобивки


Мостар, 24 јули, 2018 - 10:05 (META) 

Премиерот Зоран Заев синоќа учествуваше на традиционалната манифестација „Mostar Peace Connection“ и заедно со неговите колеги, претседавачот со Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ, грчкиот премиер Алексис Ципрас, црногорскиот премиер Душко Марковиќ положи цвеќе во реката Неретва, во знак на мир и со пиетет кон жртвите од сите војни.

„Промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите, и самиот да стане мост, поврзувајки се со други лидери кои им мислат добро на своите граѓани. Никој сам не успеал. Ние, лидерите од регионот се поврзавме меѓусебно, покажавме достоинствена почит едни за други, завртевме грб на она што не дели и го дофативме она што не поврзува. Тоа што не поврзува е потребата за стабилност, сигурност и безбедност, а со тоа и економски придобивки, за нашите граѓани и нашите држави“, изјави Заев и додаде дека регионот има лидери кои внесоа нова енергија и подготвени се да сплотуваат луѓе и држави.

На манифестацијата „Mostar Peace Connection“, присуствуваа бројни гости, политичари и истакнати личности, заслужни за промоција на мирот, од БИХ, регионот и пошироко.

Заев кој е минатогодишен добитник на наградата Мостарска повелба на мирот, за придонес во соработката и поврзувањето на луѓето во својата земја, регионот и светот, синоќа имаше обраќање.


Ципрас и Заев денеска во Мостар


Атина, 23 јули, 2018 - 9:38 (META) 

Алексис Ципрас и Зоран Заев, заедно со нивните колеги од Црна Гора и Босна и Херцеговина, денеска ќе одржат квадрилатерална средба во Мостар, јави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Според истите информации, грчкиот премиер попладне ќе биде награден од Центарот за мир и мултиетничка соработка, за неговиот придонес во задржувањето на мирот на Балканот.

АНА-МПА објави дека околу 20 часот се очекува во Мостар да пристигнат и македонскиот премиер и премиерот на Црна Гора, а 15 минути подоцна да се одржи квадрилатерална средба на лидерите, по што ќе прошетаат по Стариот мост.

„Потоа, Алексис Ципрас и Зоран Заев ќе ја потпишат повелбата за мир и ќе бидат наградени од претседателот на Советот на министри, Денис Звиздиќ“, наведува грчката новинска агенција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од кабинетот на Ципрас во официјалното најавата, соопштуваат само дека грчкиот премиер денеска ќе биде во Мостар каде што ќе биде награден од претседателот на Советот на министри на БиХ.

Дел од грчките медиуми наградата ја поврзуваат со Договорот од Преспа.


Грчката влада објави промотивно видео со исечоци од телефонски разговори Заев – Ципрас


Атина, 13 јули, 2018 - 15:04 (META) 

Грчката влада на својот официјален „Јутјуб“ канал објави промотивно видео за потпишувањето на Договорот помеѓу Македонија и Грција во Преспа на 17 јуни.

Во видеото освен сцени од потпишувањето на Договорот во Преспа, има делови во кои се гледа како грчкиот премиер Алексис Ципрас телефонски се договара со македонскиот премиер Зоран Заев на англиски јазик.

За време на телефонскиот разговор Ципрас му вели на Заев „Зоран, дали го знаеш регионот на Преспа?“. Во друг момент тој му вели „ова е Балкан, ова е политика, ти ќе се соочиш со потешкотии, јас ќе се соочам со потешкотии, но мислам дека историјата ќе ја диктира нашата одлука“ на што Заев му одговара, „ова е историски момент, пријателе мој“.

Потоа Ципрас насмеан вели „среќен сум што ќе бидам првиот грчки премиер кој што ќе ја посети Северна Македонија“.


Ципрас: Посакувам соседот да ги исполни обврските од Договорот


Брисел, 13 јули, 2018 - 9:59 (META) 

Прво соседната земја да ги исполни обврските од Договорот, а потоа, во јануари, февруари, ќе разговараме со коалицискиoт партнер за да видиме како ќе го придвижиме процесот, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на прес-конференцијата во Брисел по Самитот на НАТО, во однос на спротивните позиции што ги имаат со Панос Каменос за Договорот од Преспа.

– Сега чекаме да видиме дали соседната земја, владата на Скопје, ќе успее да ги исполни обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа. Jас лично посакувам да успее, затоа што е историска интервенција што ги решава долгогодишни проблеми во нашата надворешна политика – рече Ципрас.


Мицотакис: Ципрас и Каменос ја отворија вратата на НАТО за Скопје


Атина, 11 јули, 2018 - 14:50 (META) 

Алексис Ципрас и Панос Каменос, пред три седмици во Преспа признаа македонска националност и јазик за Скопје, a денес во Брисел ја отвораат вратата за интеграција во НАТО, вели претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

Во изјавата посветена на самитот на НАТО, лидерот на најголемата грчка опозициска партија, упатува остри критики и обвинувања до владата на Ципрас и Каменос во однос на поканата за Македонија за членство во Северно атлантската алијанса.

– Денес во Брисел, господата Ципрас и Каменос на соседната држава Скопје и ја отвораат вратата за интеграција во НАТО. Така, го предаваат најсилното преговарачко оружје што го имаше Грција и беше национална линија во последните 27 години – вели Мицотакис и потенцира дека коалициските партнери во владата носат тешка одговорност и „народот наскоро ќе им суди“.

Мицотакис ги обвинува Ципрас и Каменос дека пред три седмици во Преспа ги признаале наводните македонска националност и јазик за Скопје и покрај апсолутната спротивставеност на граѓаните.


Пенс до Заев: Честитки за договорот со Грција – се отвораат вратите за ЕУ и за НАТО


Скопје, 6 јули, 2018 - 9:48 (META) 

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, во телефонски разговор со македонскиот премиер Зоран Заев, вчера го честитал постигнувањето на Договорот на Македонија со Грција за решавање на спорот за името и им честитал на Заев и на неговиот грчки колега Алексис Ципрас за покажаното лидерство, соопшти македонската влада.

„Според потпретседателот Пенс, договорот покажува јасен сигнал дека Република Македонија се доближува кон развиениот западен свет, што ќе биде јасно верификувано на самитот на НАТО во Брисел наредната недела. Поканата за влез во НАТО, како што рече Пенс, е јасен сигнал дека позитивниот резултат од референдумот ќе значи конечно полноправно членство на Македонија во Северно-атлантската алијанса“, стои во владиното соопштение.

Пенс порачал дека САД ќе бидат и понатаму вклучени и ќе ги поддржат процесите кои следуваат во наредниот период во Македонија, посебно за спроведување на реформите, како и за целосно спроведување на договорот со Грција. Тој посакал и  успешни преговори за членство во Европската Унија, известува Владата.

Пенс за телефонскиот разговор извести преку својот Твитер-профил, порачувајќи дека искажал поддршка за Договорот со Грција. Тој вели дека успешното спроведување на договорот ќе ја отвори вратата кон евроинтеграцијата и ќе ги засили просперитетот и стабилноста на регионот.

Потпретседателот на САД имал телефонски разговор и со грчкиот премиер Ципрас, кому му ја упатил истата порака за значењето на Договорот за напредокот на регионот.


Заев и Ципрас ќе се сретнат во Лондон на 10 јули


Лондон, 4 јули, 2018 - 10:45 (META) 

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се сретнат во Лондон, на маргините од Самитот на Западен Балкан што ќе се одржи во вторник (10 јули), дознава „Независен весник“.

Двајцата премиери ќе разговараат за развојот на настаните по потпишувањето на Преспанскиот договор и ќе ги координираат своите активности.

Премиерката на Велика Британија, Тереза Мај, ќе биде домаќин на Самитот за Западен Балкан во Лондон, покажувајќи ја долгогодишната заложба на Велика Британија во регионот и европската безбедност. Таа ги покани шефовите на владите на шесте земји од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Самитот во 2018 година ќе биде петти што ќе се одржи под Берлинскиот процес по Берлин (2014), Виена (2015), Париз (2016) и Трст (2017 година). Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива што германската канцеларка Ангела Меркел ја започна во 2014 година. Секоја година ги обединува шесте земји од Западен Балкан, партнерите на ЕУ, како и претставниците на институциите на ЕУ, да работат заедно за поддршка на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот.

Другите земји кои Велика Британија ги покани да присуствуваат се партнери од ЕУ, вклучувајќи ги Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија и Словенија, Бугарија и Полска која ќе биде домаќин на Самитот за Западен Балкан во 2019 година.


Ципрас: Двете земји ги надминаа разликите и создаваат надежна иднина


Атина, 29 јуни, 2018 - 9:59 (META) 

Верувам дека историјата ќе ги оправда прогресивните сили и во двете земји, кои ги надминаа разликите од минатото и заедно создаваат надежна иднина, напиша Алексис Ципрас на „Твитер“, по состанокот на Европската социјалистичка партија.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, на вчерашниот состанок во Брисел, една од темите на европските социјалисти, бил и Договорот од Преспа.

– Европските социјалисти со ентузијазам го поздравија договорот со нашите северни соседи. Длабоко верувам дека историјата ќе ги оправда прогресивните сили и во двете земји, кои ги надминаа разликите од минатото и заедно создаваат надежна иднина – напиша грчкиот премиер.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на свои информации објави дека на состанокот на Европската социјалистичка партија (ПЕС), Ципрас рекол дека минатата седмица била историска за Грција поради Договорот од Преспа и одлуката на еврогрупата за грчкиот долг.

Тој ги обвини претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис и лидерката на Движење за промена, дека имаат формирано „заеднички фронт на политичка хипокризија и националистички популизам“, објави АНА-МПА и пишува дека учесниците на состанокот и честитале на грчката влада и рекле дека Договорот е „историско достигнување со кое се гордеат сите прогресивни сили во Европа“.