!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Од денеска ќе има редовни летови помеѓу Скопје и Доха


Скопје, 17 јули, 2017 - 11:03 (META) 

Од денеска ќе се воспостави редовна авиолинија помеѓу Скопје и Доха, а на скопскиот аеродром „Александар Велики“ се очекуваат да пристигнат првите патници од Доха, информираат од „ТАВ Македонија“.

Во петокот на скопскиот аеродром се промовираа уште три нови авиолинии и тоа до Малта, Рим и до Ваксјо.

Во првите шест месеци од годинава забележан е пораст од шест отсто на бројот на патници споредено со истиот период минатата година, или на двата македонски аееродрома, скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“, од јануари до јуни поминале вкупно 860.130 патници.


Две лица уапсени на аеродромот „Александар Велики“


Скопје, 14 април, 2017 - 15:26 (META) 

Вчера во 12 часот на граничниот премин на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, како депортирано лице допатувал 36-годишниот штипјанец Д.И., кој е уапсен откако по извршена пасошка контрола било утврдено се наоѓа на листата за запирање со тенденција лицето да се уапси, соопшти МВР.

Во 17 часот лицето е предадено на полициски службеници од СВР Скопје за спровод до Казнено-поправната установа Струмица.

Истиот ден, два часа подоцна, односно во 14.20 часот, на граничниот премин на аеродромот „Александар Велики“, како депортирано лице допатувал 27-годишниот битолчанец М.Г..

По извршена пасошка контрола било утрвдено дека и тој е евидентиран на листата, па во 15 часот лицето е предадено на полициски службеници од ПО Петровец за спровод до Казнено-поправната установа Битола.


„Еуровингс“ ќе почне да лета од Скопје до Минхен од октомври


Скопје, 17 март, 2017 - 13:46 (META) 

„ТАВ Македонија“ најави дека германската нискобуџетна авиокомпанија „Еуровингс“ ќе почне да лета на релација Скопје – Минхен од 31 октомври годинава.

Патниците од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе бидат поврзани со главниот аеродром во Минхен, „Франц Јозеф Штраус“.

Авиокомпанијата ќе оперира на оваа линија двапати неделно, во вторник и во петок, со воздухоплов „ербас A320-200“, со капацитет од 174 седишта.

Како што информираат од „Еуровингс“, продажбата на билети за дестинацијата Скопје – Минхен почна на 15 март и е отворена на веб-страницата на авиокомпанијата (www.eurowings.com).

– Оваа линија е директен доказ за успешното завршување на преговорите што ги имавме со авиокомпанијата во изминатиот период и се надеваме дека ова е само почеток на нашата успешна соработка, како и на инвестициите на „Еуровингс“ во Македонија – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алп Ер Тунга Ерсој.

„Еуровингс“ е со седиште во Келн и е дел од групацијата „Луфтханза“, а се смета за нискобуџетна авиокомпанија. Лета до повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји во Европа, а позната е по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички локации.


„Виз ер“ воведува три нови линии до Рим, Малта и до Ваксјо


Скопје, 28 февруари, 2017 - 14:51 (META) 

Три нови авиолинии од Скопје до Малта, Рим и до Ваксјо (Шведска) ќе воведат „Виз ер“ и „ТАВ Македонија“, информираа од компанијата. Летовите ќе почнат да се реализираат на 14 и на 16 јули годинава, кога ќе се базира и четвртиот авион на оваа компанија.

– Нашата инвестиција во базата во Скопје со дополнителниот воздухоплов, трите нови линии и зголемените фреквенции на постојните летови, значи повеќе работни места во Македонија и во „Виз ер“. Ја прославуваме успешната приказна на „Виз ер“ во Македонија со специјална продажба на авионски билети со 20 проценти попуст на цената за сите нови резервации направени денеска, 28 февруари, до која било од 27 дестинации достапни од Скопје – изјави главниот директор за корпоративни прашања на „Виз ер“, Овен Џонс.

Продажбата на билетите за овие три нови линии почнува денеска, на wizzair.com, со цени кои почнуваат од 1.799 денари.

Покрај воведувањето на новите линии, летовите од Скопје до Ајндховен, Брисел-Шарлероа, Меминген (Минхен Запад) и Копенхаген ќе бидат со зголемени фреквенции до три летови неделно.

Конекциите од Скопје до Гетеборг Ландветер, Братислава и од Охрид до Базел-Милхаус-Фрајбург ќе бидат со зголемени фреквенции до четири летови неделно. Летови од Скопје до Малме и до Милхаус сега ќе сообраќаат секој ден.

„Овие три нови рути, заедно со веќе најавената нова линија на „Виз ер“ до Будимпешта, која ќе почне од 2 април, се навистина атрактивни дестинации, барани од пазарот и ќе бидат вистински погодок во контекст на проширувањето на нашата мрежа на авиолинии од двата македонски аеродроми. Ова е резултат на нашите постојани маркетинг-студии и активности“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.

На аеродромот „Александар Велики“ денеска беше пречекан тримилионитиот патник.


По реакциите во Атина, Тајани на грчки преку „Твитер“ рече дека Александар Велики е Грк


Атина, 27 јануари, 2017 - 11:44 (META) 

Грчката политичка и дипломатска јавност се крена на нозе поради стари изјави на новиот претседател на Европарламентот, Антонио Тајани, во кои тој ја именува Македонија под уставното име и вели дека Александар Велики е предок на македонскиот народ. Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, го обвини Тајани за извртување на историјата, Грција испрати протестна нота до претседателот на ЕП, а голем број грчки европратеници го критикуваа за непознавање на историјата и за голема грешка.

Тајани на „Твитер“ по грчките реакции напиша дека одлично ја познава историјата и знае дека Александар Велики бил Грк. Реакција дојде и од неговиот кабинет, од каде велат дека претседателот на Европскиот парламент го застапува ставот на ЕП дека единственото име под кое е признаена Македонија е привремената референца БЈРМ.

„Живееме во време кога некои ја пишуваат историјата на свој начин. Од Рама кој го откри Акропол и вели дека Али-паша го направи востанието во 1821 година, до новиот претседател на Европарламентот. Историјата е воено поле и треба да се користи како училиште за да се учи, а не како затвор за да се ограничи умот“, истакна Коѕиас во коментар за изјавата која Тајани ја даде пред една година при посетата на Македонија и пред да биде избран за претседател на Европарламентот.

Европратеникот на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, испрати протестна нота до Тајани, во која бара да се избегнуваат изјави што може да создадат конфликт меѓу двете држави и дека со избегнувањето на такви изјави се придонесува за одржување на добрососедските односи меѓу двете страни. Пападимулис во писмото истакнува дека ЕУ и Обединетите нации ја признаваат Македонија под привремената референца БЈРМ и бара Тајани и сите надлежни да се држат до тоа име.

„Како што знаете, преговорите за спорот за името се одвиваат под капата на Обединетите нации, како единствена прифатлива и договорена меѓународна рамка за оваа процедура. Користењето на кое било друго име нема никаква правна основа и ги става под знак прашалник одлуките на ЕУ и на ОН. Очекуваме од сите, вклучувајќи ве и Вас како претставник на Европскиот парламент, да ги почитувате одлуките на ЕУ и на ОН“, се вели во нотата на Пападимулис.

Тајани остро го критикуваа и ред други грчки европратеници од сите грчки политички партии, оценувајќи го како непознавач на историјата и на географијата и како несериозен. Европратеничката на Нова демократија, Марија Спираки, на „Твитер“ забележа дека е ова голема грешка на Тајани и посочи дека Македонија каде се родени Александар Велики и Филип Втори е дел од Грција.

Поумерена реакција имаше пратеникот и одговорен за надворешна политика на десничарската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, кој забележа дека се работи за постари изјави, пред Тајани да дојде на чело на ЕП.

„Уверен сум дека на својата нова функција Тајани ќе ги почитува целосно официјалните ставови на сите институционални органи на ЕУ, ОН, НАТО и на сите други меѓународни организации кои ја признаваат соседната држава само како Поранешна Југословенска Република Македонија“, истакна Кумуцакос, додавајќи дека се надева дека Тајани разбира дека историјата на народите не се брише и не се пишува од почеток.

Грчките медиуми, освен реакциите за старите изјави на Тајани, овие два дена интензивно ја пренесуваат и веста дека Македонија и Малта воспоставиле дипломатски односи и тоа кусо откако Малта го презеде претседателството со ЕУ. Медиумите посочуваат дека сега Кипар е единствената членка на ЕУ со која Македонија нема дипломатски односи.


„Виз ер“ воведува нова линија Скопје – Хановер


Скопје, 28 октомври, 2016 - 13:27 (META) 

„Виз ер“ ќе воведе нова авиолинија на релација Скопје – Хановер од 31 октомври. Летовите ќе се одвиваат во понеделник и во петок од аеродромот „Александар Велики“ кон Хановер и во вторник и во сабота до Скопје.

Хановер е 23. дестинација со која „Виз ер“ оперира од скопскиот аеродром „Александар Велики“, а истовремено деветта дестинација од Скопје и од Македонија до Германија.

– Очекуваме оваа авиолинија да се покаже како успешна и да ги поврзува нашите патници со Германија, од деловни и образовни причини или, пак, за одмор и за релаксација, а во исто време да донесе и германски туристи и бизнисмени во Македонија – истакна генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ нуди директни линии до 33 дестинации, а заедно со охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, Македонија во моментов има авионска врска со вкупно 35 дестинации.

Првите девет месеци имало 17 проценти повеќе патници превезени на двата македонски аеродрома „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, споредено со истиот период минатата година, достигнувајќи вкупно 1.382.714 патници.


22 отсто повеќе патници на аеродромите во споредба со истиот период лани


Скопје, 24 август, 2016 - 11:58 (META) 

Во првите седум месеци од годинава, бројката на превезени патници на двата аеродроми во земјава е зголемена за 22,5 проценти во однос на истиот период лани и превезени се 1.008.435 патници, информира Министерство за транспорт и врски.

На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во периодот од јануари до јули 2016 година, регистрирани се вкупно 933.130 патници и во споредба со истиот период од минатата година, кога биле превезени 775. 177 патници, се забележува зголемување од 20,4 проценти.

На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, за периодот од јануари  заклучно со јули 2016 година, превезени се 75.305 патници и во однос на лани има зголемување од 55,9 проценти.

Најзастапени дестинации, според бројот на патници за овој период, се Минхен, Келн, Рим, Гетеборг, Љубљана и Франкфурт.


Нормализиран авиосообраќајот помеѓу Скопје и Истанбул


Скопје, 17 јули, 2016 - 11:39 (META) 

Летовите на авиокомпнаијата „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул кон Скопје и обратно, денеска се реализираат според нормалниот распоред за летање, откако вчера беа откажани поради обидот за државен удар во Турција.

Според веб-страницата на аеродромот „Александар Велики“, од аеродромот „Ататурк“ во Истанбул утрово на скопскиот аеродром во редовното време, 8.30 часот, слетал авионот ТК 1003, а во 9.48 од Скопје кон Истанбул полетал и авионот ТК 1004.

Авиосообраќајот кон Анталија, кој ни вчера не беше во прекин, се одвиваше и во текот на ноќта, кога се реализирани два чартер-лета кон Анталија и уште два до Скопје.

Портпаролот на „Туркиш ерлајнс“ изјави дека летовите повторно се извршуваат во согласност со редовниот распоред во третиот по големина аеродром во Европа, иако може да се очекуваат одредени доцнења.


Скопскиот аеродром меѓу најдобрите 10 во Источна Европа


Скопје, 6 април, 2016 - 10:27 (META) 

„ТАВ Македонија“ вторпат го доби престижното признание на „Скајтракс“ (Светски аеродромски награди), со кое „Александар Велики“ е рангиран меѓу десетте најдобри аеродроми во Источна Европа.

Скопскиот аеродром годинава се најде на деветта позиција на листата од 10 аеродроми во Источна Европа, во категоријата најдобри аеродроми според регионот. Листата ја предводи аеродромот во Будимпешта, по што следуваат воздушните пристаништа во Талин, Киев, Рига, Белград, Тбилиси, Софија, Братислава, Скопје и во Варна.

Наградите „Скајтракс“ беа доделени на саемот за аеродромски услуги „Песинџер терминал експо“ (Passenger Terminal Expo), кој неодамна се одржа во германскиот град Келн.

„ТАВ Македонија“ ја заврши 2015 година со пораст од 22 отсто на вкупниот број патници на двата македонски аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, достигнувајќи бројка од 1.560.381 патник.

Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст од 11 отсто на годишно ниво.


Откажана посетата на Зарацин поради ветер на аеродромот „Александар Велики“


Скопје, 7 март, 2016 - 11:06 (META) 

Посетата на пратеникот во германскиот Бундестаг и член во Комисијата за Европа, Мануел Зарацин, на Република Македонија, е откажана поради технички причини, информираат од германската амбасада.

Авионот со кој патувал Зарацин, наведуваат од амбасадата, не можел да слета на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.

Тој денеска со официјални претставници на Владата и на политичките партии требаше да разговара за актуелната политичка состојба.