ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави против потписниците на Договорот со Грција


Скопје, 5 јули, 2018 - 9:46 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави за креаторите и потписниците на Договорот со Грција и за Законот за јазиците, најави Александар Николовски, потпретседател на партијата.

Според Николовски, иако веројатно дека судството и обвинителството нема да одговорат на нивните пријави, некои дела не застаруваат, па тој сепак порачува дека во иднина „некое независно правосудство ќе мора да ги извади од фиока овие пријави“.


Николоски: Наш партнер не е Москва, одлуката на владата за протерувањето е во ред


Скопје, 28 март, 2018 - 16:34 (META) 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервјуто за емисијата „200“ на телевизија „Алсат“ рече дека потегот на Владата да протера еден руски дипломат е во ред и дека „наш партнер не е Москва, наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон“.

– И министерот за надворешни работи и Владата прават грешка што ја исклучуваат опозицијата од овој процес на споделување информации и консултации со опозицијата. Ние го осудуваме актот што се случи во Велика Британија, сметаме дека е тоа директен атак врз земјата, кон која имаме сериозни симпатии. Наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон. Местото на Македонија е во ЕУ и НАТО. И затоа сметаме дека е во ред ова што го направи Владата – рече Николоски.

На прашањето како го коментира ставот на претседателот Ѓорге Иванов кој рече дека владата избрзала со овој потег, Николоски рече дека и тој не се консултира со опозицијата.

– И Иванов не се консултира со опозицијата за неговиот чекор. И претседателот и Владата продолжуваат да носат одлуки без да се консултираат со ВМРО-ДПМНЕ, што мислам дека е голема грешка. Македонија мора да биде членка на ЕУ и НАТО. Наш партнер не е Москва, наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон. Се разбира, сето ова под услов да се точни информациите со кои располагаме само од медиумите, имајќи предвид дека ние немаме дополнителна информација за едно вакво сериозно прашање – рече Николоски.

На ова реагираше Руската амбасада во Скопје која на својот „Твитер“ профил го сподели ставот на Николоски и под него напиша „забележителен став“.


По денешните притвори невозможен е дијалогот во Собранието, порача Николовски


Скопје, 5 декември, 2017 - 19:47 (META) 

Стотина членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и вечерва протестираа пред Министерството за правда, барајќи ослободување и помилување на притворените лица за насилствата во Собранието од 27 април годинава, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски.

И покрај најавите за повеќе блокади на раскрсници, беше блокирана само улицата пред Министерството за правда. На протестот присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, генералниот секретар, Христијан Мицковски, поранешниот владин портпарол Александар Ѓоргиев, а свое обраќање пред демонстрантите имаа Мане Јаковлевски, Александар Николовски и Славчо Чадиев.
Јаковлевски, кој е еден од основачите на партијата, рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е само политичка партија, туку и идеологија и оти секогаш по падовите и по кризите се враќала уште посилна. Тој последните притворања ги поистовети со затворањата на Голи Оток.

– За разлика од тогаш, денес сме многу кои сме задоени со идеалот за самостојна Македонија. Нема место сите да нè уапсат, затворите се премали. Денес преку окупираните институции се празнат затворите од криминалци и од терористи, а се полнат со патриоти, чија единствена вина е што ја сакат Македонија – рече Јаковлевски.

Чадиев, говорејќи за денешното притворање на тројцата пратеници, рече дека низ цела Европа веќе се проширила веста дека во Македонија владее хунта. Тој порача дека е лесно да се уништи нешто што се градело со децении, но дека треба да се стави крај на тоа и да им се даде поддршка на тие што се притворени во затворот во Шуто Оризари.

Николовски, пак, истакна дека ставањето во притвор на 5 проценти од целокупниот пратенички состав, односно 12 проценти од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, е инсталирање на диктатура.

– Претставници на народот, луѓе за кои народот гласал да го претставува во законодавниот дом, да бидат притворени е газење на сите демократски принципи, а ова им се случува вторпат. Прво беа изнесени брутално со лисици на рацете од нивните домови, а денеска судот под раководство на СДСМ и на хунтата на Заев донесе одлука да ги притвори. Ова однесување води кон целосна поларизација и радикализација во Македонија. По овој потег денеска, невозможен е веќе политички дијалог во Собранието -рече Николовски, додавајќи дека веќе е невозможно да се гласа за закони, за европска агенда, за буџет и за реформи.


ВМРО-ДПМНЕ бара Хан во вторник да ја осуди платформата и да ги земе предвид протестите


Скопје, 17 март, 2017 - 20:18 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ ќе достави три барања до еврокомесарот за добрососедска политика и за проширување, Јоханес Хан, при неговата посета во вторник.

Ова го најави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, при гостувањето во дневникот на телевизија „Сител“.

„Прво, очекуваме јасно да ја осуди тиранската платформа и јасно да осуди мешање на странски држави во внатрешните работи на Република Македонија. И Албанија како и Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ и очекуваме однесувањето на премиерот на Албанија да биде осудено од надлежниот за таа работа, а тоа е еврокомесарот за проширување“, рече Николоски.

Втора работа што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува од комесарот и од Европската Унија, е да се држат до своите принципи и барања.

„Неговиот претходник Оли Рен во 2007 година, бараше да се почитува правилото при формирање влада кое значи, победникот во македонскиот, секогаш да коалицира со победникот во албанскиот блок. Бараме тоа правило да се почитува и сега и во иднина. Да не се прекршуваат правилата што ги бара самата ЕУ“, додаде Николоски.

Третата работа која ја очекуваат е „да се испочитуваат преку 200.000 луѓе кои секој ден се низ сите градови во Македонија и имаат свој став“.

„И можеби најбитното е да се одблокираат евроинтегративните процеси. Во оваа насока сметам дека е многу корисно што комесарот Хан доаѓа во Скопје, го троши своето време и сака да помогне. Но, би било многу подобро и за Македонија и за него самиот, доколку исто толкава енергија и време троши во Атина, затоа што блокадата на евроинтегративниот процес доаѓа оттаму“, изјави Николоски.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на координативниот состанок во Собранието свикан од поранешниот претседател Трајко Вељаноски, тој изјави дека „ВМРО-ДПМНЕ има стратегија како ќе постапува, но ќе ја соопшти кога ќе дојде вистинскиот момент“.


Нов амбасадор во Брисел е Александар Николовски


Скопје, 2 октомври, 2016 - 18:49 (META) 

Александар Николовски е новиот амбасадор на Македонија во Мисијата на ЕУ во Брисел, објави порталот „Сакам да кажам“. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на местото на Андреј Лепавцов, кој на оваа позиција беше пет години.

Николовски (32) беше претседател на делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа.


ВМРО-ДПМНЕ: Јанева ја стартуваше изборната кампања на СДСМ


Скопје, 17 август, 2016 - 15:07 (META) 

Специјалното јавно обвинителство ја стартуваше изборната кампања на СДСМ, а тоа што го прави Катица Јанева е обичен политички циркус и нема ниту „П“ од право, изјави денеска на прес-конференција Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Прес-конференцијата на Николовски беше свикана попладнево, откако претходно во Специјалното јавно обвинителство на распит се појавија поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

– Прашање на време беше кога Заев ќе го активира својот главен изборен адут и кога ќе го притисне копчето за будење од неколкумесечниот сон на Катица Јанева и нејзините соработници. Тоа што го прави Катица Јанева е обичен политички циркус и нема ниту „П“ од право. Се кршат сите законски норми, по нарачка се конструираат непостоечки случаи и се прави театар само со една цел, дисквалификација, дискредитација и оцрнување на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин Зоран Заев и Катица Јанева веруваат дека ќе ја покријат неговата неспособност и дека ќе компензираат барем дел од исклучително нискиот углед кој Заев го има меѓу граѓаните – рече Николовски.

Тој обвини дека специјалната обвинителка сама го „иницирала нарачаниот театар“, со тоа што пред неколку дена испратила повик до медиумите дека „во периодот што следи ќе имало зголемена фрекфенција на лица во СЈО“.

– Ваквиот повик на Катица Јанева е отворен сигнал до медиумите под контрола на СДСМ/Сорос да почнат со линчот и личните дисквалификации без никаква основа. Само по желба и нарачка на Зоран Заев. Од СЈО пред неколку дена изразија негодување зошто судот не изрекол мерка притвор за еден од осомничените во предметот кои тие го нарекоа „Тврдина“. Нејзиниот аргумент беше дека тој бил избран за директор во меѓународно тело и постоела опасност да не се појавува на распитите. За само една недела ваквите манипулации и невистини излегоа на виделина. Денеска осомничениот се појави на распитот на кој што беше повикан и целата јавност се увери дека станувало збор за уште еден јалов и неаргументиран обид некој да биде притворен и од тоа да се режира спектакл. Истото се случува и со градоначалникот на Битола кој скоро два месеци е во притвор, иако редовно се одзиваше на сите покани на СЈО. Во овие два месеци СЈО во предметот против него нема преземено никакво дејствие, надлежниот обвинител беше на одмор, а остана само впечатокот дека притворот е побаран само заради политичка пресметка – изјави Николовски.


Николовски до Спасовски: Или биди министер или биди генерален секретар


Скопје, 30 ноември, 2015 - 14:34 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, го праша министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој е истовремено и генерален секретар на СДСМ, дали ќе си поднесе оставка на една од двете функции.

– Според член 36, став 2 од статутот на СДСМ, функцијата генерален секретар и функција во извршната власт се неспоиви. Кога ќе поднесете оставка на една од функциите? – праша пратеникот Николовски.

Министерот Спасовски рече дека ќе му одговори на пратеникот Николовски кога тој ќе биде член на централниот одбор на СДСМ.

– Задолжителната поделба на партијата и на државата е констатирана во сите извештаи на Европска унија и на ОБСЕ и ОДИХР во изминатите години додека владее ВМРО-ДПМНЕ. Не треба ниту еден владин ресурс на ниту едно министерство да се користи за партиски цели. На конкретното прашање, одговор ќе ви дадам кога ќе бидете член на централниот одбор на СДСМ – рече Спасовски.

Николовски го обвини Спасовски дека не придонесува извештаите од ЕУ да се подобрат, туку ја влошува ситуацијата.

– Не придонесувате тој извештај да се подобри, туку ја влошувате ситуацијата. Покрај јавно декларираните заложби за одвојување на државата од партијата, самите вие во вашиот статут сте напишале дека функцијата генерален секретар на СДСМ е неспоива со извршната власт. Или нема да сте генерален секретар или нема да сте министер. Или ќе останете на двете функции и нема да го почитувате статутот на Вашата политичка партија и ќе покажете дека имате двојни стандарди и двоен морал. Со неодговарање на прашањето го потврдувате заклучокот дека двојните стандарди кај СДСМ секогаш постојат – додаде Николовски.