Андоновска: Чесните судии да донесат праведна одлука


Скопје, 17 декември, 2017 - 19:08 (META) 

Членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ денеска протестираа пред Министерството за правда поради притворањето лицата осомничени за загрозување на уставниот поредок, за време на насилствата во Собранието од 27 април.

Александар Нацев пред насобраните рече дека сите оние кои се обидуваат да го скршат ВМРО-ДПМНЕ нема да успеат во тоа и оти неправедно притворените мора да издржат затоа што правдата секогаш победува.

– Знаеме дека сигурно им е многу тешко, незамисливо тешко, но да издржат во овие тешки времиња затоа што на крај правдата ќе победи. Сето ова ќе заврши, овој прогон ќе заврши и на крај ќе се гордеат со своите најмили затоа што биле на браникот на татковината – рече Нацев.

Марија Андоновска рече дека и таа и демонстрантите секојдневно добиваат закани, уцени и трпат притисоци и оти во Македонија повеќе не постои правда.

– Република Македонија не е повеќе демократска земја, во Македонија владее хунта која сее страв, сее терор. Хунта која што ги разнебитува македонските национални интереси, води антидржавна политика и брутално се пресметува со полтичките неистомисленици. Истата таа хунта директно влијае врз македонскиот правосуден систем, да носат одлуки онакви какви што наметнува и какви што и одговараат единствено на хунтата, изјави Андоновска и упати апел до чесните судии „да се оттргнат од хунтата и да донесат чесна одлука“.

Претходно, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ од Вевчани во знак на протест поради приведувањето на пратениците и нивни сопартијци за случувањата од 27 ми април, еден час го блокираа патниот правец Струга – Дебар.


Нацев: ВМРО-ДПМНЕ не потклекнала и во многу потешки времиња


Скопје, 7 декември, 2017 - 20:44 (META) 

По десетти пат се собравме за да им кажеме на сите дека притворените се наши браќа, а не терористи чиј единствен грев е што си ја сакаат државата, рече Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот протест на партијата пред Кривичниот суд, поради притворањето на 36 лица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, меѓу кои се и шестмина пратеници на опозициската партија.

Пред него, Александар Нацев рече дека сите 36 притворени се жртви на политички реваншизам и на прогонот „од страна на антидржавната хунта на СДСМ“.

– ВМРО-ДПМНЕ не потклекнала и пред многу други предизвици и во многу потешки времиња, ВМРО надживеала империи, војни, надживеала вештачки творби од држави, а ќе го преживее и ова денес – рече Нацев.

Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека СДСМ ја замолкнал правдата во Македонија и дека „терористи и тешки криминалци, убијци и разбојници се на слобода, а на нивните места се ставаат луѓе кои се невини“.

Таа изјави дека можеби СДСМ знаел, го очекувал или го подготвувал сценариото за 27 април.

Меѓу присутните на вечерашниот протест беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.


ВМРО-ДПМНЕ: МВР ќе даде милион евра без тендер на фирма – донатор на СДСМ


Скопје, 3 ноември, 2017 - 15:32 (META) 

СДСМ прави класична злоупотреба на институциите во партиски цели, со набавката на возила за МВР вредна милион евра и направена без тендер од фирма – донатор на СДСМ, обвини Александар Нацев, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека станува збор за класичен случај на враќање на парите на фирмата „Делукс“ од Куманово, што, како што рече Нацев, донирала за партиската кампања на владејачката партија.

– СДС преку државните институции почна да ги враќа парите на фирмите кои им донираа пари во партиската кампања. Најсрамно е што тоа не се пари на СДС или Зоран Заев, туку пари кои им припаѓаат на граѓаните,  кои се донација за МВР од чешката влада – изјави Нацев.

Тој рече дека покрај тоа што се склучува непосредна спогодба со фирмата, дополнителен доказ дека станува збор за злоупотреба е и тоа што МВР прави спецификација на набавка само за моделот „шкода октавија“. Според Нацев, проблем е и тоа што фирмата не е увозник, туку само дистрибутер на возилата.