DOCU.TECH ќе ги собере на едно место младите иноватори и ентузијасти за технологија


Скопје, 17 мај, 2018 - 16:50 (META) 

На 9 и 10 јуни во Креативниот центар „Термокис“ во Приштина неколку десетици ентузијасти за технологија и млади иноватори ќе имаат можност да разменуваат идеи, да дискутираат и да добијат совети на DOCU.TECH 2018 еден од најголемите технолошки настани на Балканот.

Организатори на овој настан се Фондот за Западен Балкан, кој обезбедува и дел од финансиите, како и Фондацијата Шеар од Србија и ДОКУФЕСТ од Косово.  Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“  во соработка со Фондацијата ИПКО од Косово, оваа година овозможува покривање на сите трошоци за одреден број на млади учесници од Македонија.

„Метаморфозис“ на 23 мај со почеток во 13 часот во училницата 101 на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово ќе организира Инфо-ден. Потоа веднаш ќе почне и пријавувањето, со испраќање на мотивациско писмо на англиски јазик и биографија на docutech@metamorphosis.org.mk.

ДОКУ.ТЕК е одлична можност за студентите и младите да дознаат за новите технолошки трендови, како и да сретнат еминентни говорници од целиот свет, односно познати имиња од областа на технологиите и бизнисот. Повеќе за овој настан може да прочитате на следниот линк.


Вучиќ: Неморални се етикетирањата и нападите на чии било деца од протестите


Белград, 13 април, 2017 - 13:47 (META) 

Актуелниот премиер и избран претседател на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека ги осудува етикетирањето и нападите на деца на новинари и на партиски функционери поради нивното учество на „протестите против диктатурата“ во Белград, додавјќи дека никој не ги прогласил за непријатели.

„Кој и да напаѓа чии било деца, мислам дека тоа е неморално и нефер“, изјави Вучиќ пред новинарите во Белград.

Инаку, шефот на пратеничката група на владејачката Српска напредна странка, односно партијата на Вучиќ,  Александар Мартиновиќ, претходно на Радиотелевизија на Србија (РТС) и во собранието, покажуваше фотографии од учесници на протестите против власта, меѓу кои и фотографии од деца на новинари и на политичари од опозицијата, што предзивика бурни реакции кај новинарските здруженија и кај дел од јавноста, кои ваквиот потег го оценија како „цртање мета на чело“.

Повеќе новинарски и медиумски здруженија го повикаа српското обвинителство да утврди дали во случајот има елементи на кривично дело. Покрај деца на новинари, на фотографиите што ги покажуваше Мартиновиќ имаше и новинари, политичари од опозицијата и службеници во амбасади.

Во Белград и во повеќе градови во Србија илјадници граѓани, најмногу млади, секојдневно учествуваат во протестите против Вучиќ и власта во земјата.