Поранешните членови на ДИК Чичаковски, Дума, Милев, Бонева и Јакупи добија апанажа


Скопје, 20 февруари, 2018 - 13:04 (META) 

Петмина од осумте доскорешни членови на Државната изборна комисија ќе добијат апанажа, одлучи собраниската Комисија за избори и именувања на денешната седница.

Апанажа во траење од една година ќе добијат поранешниот претседател на ДИК, Александар Чичаковски, членовите од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ и Субхи Јакупи од ДУИ. Другите тројца членови – Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов иСашо Срцев кои поднесоа оставка не побарале апанажа, бидејќи се враќаат на претходните
работни места.

Членовите на доскорешниот состав на ДИК поднесоа оставки на функциите откако амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли обелодени дека на затворена седница членовите одлучиле да си поделат високи бонуси за последните изборни циклуси.

На денешната седница, Комисијата за избори и именувања одлучи и поранешната пратеничка Роза Топузовска – Каревска да добие отпремнина од Собранието заради заминување во пензија.

Комисијата му ја прекина апанажата на Павле Трајанов поради назначување на друга функција, а апанажа добија и Дејан Бошковски кој беше разрешен од Регулаторната комисија за енергетика, Тања Таневска поранешен државен ревизор и Власта Димковиќ, доскорешен заменик-министер за земјоделство.

Инаку, Дејан Бошковски со уште две лица е обвинет во случајот „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство за кој се води и судски процес. Тие се товарат за незаконска набавка на софтвeрски системи за потребите на ЕЛЕМ, вреден четири милиони евра.

На денешната седница помина и предлог-одлуката за именување членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, по што седницата беше прекината.


И Субхи Јакупи си поднесе оставка од ДИК


Скопје, 12 декември, 2017 - 13:19 (META) 

По оставката на претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски како и членовите Виолета Дума и Игор Милев, оставка си даде и претставникот од ДУИ, Субхи Јакупи.

Јакупи, за порталот „Нова“ изјавил дека, си поднел оставка од морални причини и дека парите ќе ги врати во буџетот, бидејќи се на граѓаните.

– Американскиот амбасадор Џес Бејли излезе со изјава дека целата постапка на гласање за надоместоци била нетранспарентна. Точно е дека беше зад затворени врати, во доцните вечерни часови, но тоа,не беше моја вина. Јас не знаев дека оваа седница не е објавена на веб-страницата на ДИК. Но, коректно е, од етички аспект да дадам оставка, затоа што не можеме да негираме дека сме постапиле нетранспарентно – изјави Јакупи за „Нова“.


Заев ги поздрави и ги оцени како морален чин оставките на членовите на ДИК


Скопје, 11 декември, 2017 - 16:16 (META) 

Премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на членовите на Државната изборна комисија да ги вратат парите од бонусите, како и оставките на дел од нив, кои ги оцени како морален чин.

– Се работи за исклучителни професионалци кои имаа сериозна улога во едно сериозно време и ја завршија професионално. Одлуката што ја донесоа знам дека е законска, но, веројатно е неетичка и неморална. Јас го поздравувам чинот што го поднесоа сите, а тоа е враќање на парите назад во буџетот, а истовремено поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно заради критиките од јавноста – рече Заев.

Премиерот додаде дека истовремено тие испратиле и сериозна порака на морално и етичко однесување, по реакциите на јавноста, заради, како што рече, нетранспаретноста на одлуката што ја донесоа и заради тоа што претходно не ја информираа јавноста дека ќе го искористат членот 19 од Изборниот законик што им овозможува дополнителни надоместоци.

Оставки од функции денеска си поднесоа претседателот на ДИК, Александар Чичаковски и членовите на Комисијата од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев.


Чичаковски и членовите на ДИК си поднесоа оставки на функциите


Скопје, 11 декември, 2017 - 13:29 (META) 

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, за државната новинска агенција МИА потврдил дека си поднел оставка на функцијата.

Околу причините за оставката, Чичаковски навел дека тоа е негов личен чин.

Инаку, оставката на Чичаковски доаѓа откако во јавноста беше обелоденето дека членовите на ДИК си зеле високи бонуси за последните изборни циклуси, а беше почната и интернет-петиција со која се бараат оставки од деветмината членови на ДИК, која ја потпишаа над 5.000 лица.

И членовите на ДИК, Виолета Дума и Игор Милев, кои беа претставници на СДСМ во Комисијата за дел од медиумите потврдиле дека поднеле оставки на своите функции.

Мандатот на овој состав на ДИК истекува во 2020 година. Чичаковски е прв човек на ДИК од редот на експертите од 2015 година по постигнувањето на Договорот од Пржино.


ДИК: Неправедно сме обвинети, ама ќе ги донираме парите од екстра платите


Скопје, 5 декември, 2017 - 16:20 (META) 

Државната изборна комисија на денешната седница донесе заклучок дека одлуката за исплата на надоместоци за членовите и за вработените во ДИК за локалните избори е донесена во согласност со Изборниот законик и со правилникот за работа.

ДИК исто така одлучи секој од вработените и членовите во ДИК индивидуално да одлучи за враќање во буџетот или донирање на добиениот надоместок. Претседателот Александар Чичаковски ја задолжи стручната служба сите донесени одлуки да ги објави на веб-стрницата.

Заклучокот беше донесен едногласно, со 9 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан.

Речиси сите членови на Комисијата за време на расправата рекоа дека одлуката за надоместок била законска, но и оправдана со нивните обврски и прекувремените работни часови.

Виолета Дума од СДСМ рече дека од распишувањето на изборите до денеска Комисијата била во постојано заседание и за празници и за викенди.

– Одлуката за надомест е донесена исклучиво во согласност со законот, што значи дека е легална. Надоместот се добива врз основа на трудот, видот, стручноста и квалитетот на ангажираноста. Јас и колегата Игор Милев ќе ги донираме парите или ќе ги вратиме во буџетот за да им се најдат на тие што пожелеа да ни ги земат нам, но тоа не значи дека не ги заслужувам, ги заслужувам во целост – рече Дума.

Субхи Јакипи од ДУИ рече дека можеби надоместот бил висок, но дека не е фер тој воопшто да не добие надоместок затоа што тоа ќе значи дека неговиот труд не се цени. Тој додаде дека вработените во ДИК за време на изборите не знаат „кога е ден кога е ноќ“.

– Изразувам зачудување од покажувањето со прст кон ДИК како школски пример за корупција – рече Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека за одлуката гласал затоа што била законски донесена.

– Дезинформација е ДИК дека зема дневници и други додатоци бидејќи тие не се предвидени во законот. Зар е нужна таква дискредитација кога се знае дека добро сме ја завршиле работата. Спремен сум и да ја дадам својата оставка ако е направен каков било чекор спротивен на Изборниот законик. Сум донирал повеќепати, сум донирал и цела плата за поплавите, сум донирал и за цркви и за болни и изнемоштени, ќе ги донирам и овие четири плати или ќе ги вратам во буџетот – рече Срцев.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, нагласи дека одлуката е целосно законита и оправдана. Тој рече дека не постои правна основаност да се отповика веќе донесената одлука и, како и неговите колеги, рече дека ќе ги врати парите во буџетот или ќе ги донира.


ВМРО-ДПМНЕ бара итна оставка од претседателот на ДИК, Чичаковски


Скопје, 2 ноември, 2017 - 16:23 (META) 

Бараме неотповиклива оставка од претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, затоа што локалните избори беа катастрофално и скандалозно спроведени, соопшти денеска на прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

– Имаме ситуација во која во ДИК повторно се одлучува врз основа на политичките линии. Тоа ли беше целта кога, под наводници, експерти беа вметнати и внесени во ДИК. Имаме претседател на ДИК, Александар Чичаковски, кој своевремено одел на митинзи на СДС. Имаме генерален секретар на ДИК, чијашто сопруга е втора на листа за Град Скопје на Социјалдемократскиот сојуз, а која претходно била советник на СДС во Аеродром. Зарем е тоа непристрасност на ДИК? ДИК ваква каква што е, е испостава на СДС – вели Ѓорчев.

Според него, ДИК ги спровела „најлошите и најскандалозните локални избори во историјата на Република Македонија“.


ДИК не знаела колку приговорите во записниците ќе влијаат на резултатите


Скопје, 16 октомври, 2017 - 17:22 (META) 

Оценка за постапката на гласање даваат домашните и меѓународните набљудувачи, а нашата оценка, како што кажавме и вчера, е дека локалните избори минаа во фер и демократска атмосфера, рече Александар Чичаковски, претседателот на Државната изборна комисија, соопштувајќи ги на прес-конференција првичните резултати од гласањето.

Тој рече дека во записниците од комисиите имало некои забелешки, но сепак не можеше да каже колкав е нивниот број и како тие ќе влијаат на резултатите.

Чичаковски, исто така, рече дека ДИК не може да ги објави јавно победниците и оти за тоа ќе треба да се почекаат конечните резултати, а за да дојде до тоа, треба да истечат роковите за жалби на кандидатите и на партиите.

Според Чичаковски, од вкупно запишани 1.814.644 гласачи, вчера на локалните избори гласале 1.076.451 гласач, односно излезноста е 59,55 отсто. Од тоа, важечки ливчиња се 1.030.975, а бројот  на неважечки ливчиња изнесувал 45.334.

Претседателот на ДИК рече дека тие бројки се темелат на оригиналните записници на комисиите, кои не се комплетно доставени во Комисијата, а за тие податоци што не ги добиле во оригинална форма, пресметките биле направени врз основа на електронските извештаи од општинските изборни комисии.

Според податоците што се објавуваат на веб-страницата на ДИК, може неофицијално да се заклучи дека во првиот круг се познати новите градоначалници на 45 општини, од кои во 37 и во Скопје победил СДСМ, во три победила ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ во една.

Во другите општини ќе се одржи втор круг.

Според меѓународните набљудувачи преводени од ОБСЕ/ОДИХР и од делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, изборите минаа „во согласност со меѓународните стандарди и продонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес“.

Тие како недостаток ја истакнаа нетранспарентноста на Државната изборна комисија (ДИК) при носење на одредени одлуки, кои, како што рекоа, биле донесени зад затворени врати, а потоа не сите од нив биле објавени на интернет-страницата на Комисијата.


Чичаковски: Фер и демократски избори се услов за понатамошен напредок на Македонија


Скопје, 14 октомври, 2017 - 10:18 (META) 

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, ги повика сите учесници на изборите да обезбедат фер и демократски избори со почитување на Уставот и законите во Република Македонија. Во интервју за државната агенција МИА, тој нагласува дека утрешните локални избори се услов за понатамошен напредок на земјата и оти ДИК ќе стори сè за успешен изборен ден.

– Во името на сите членови на ДИК, ги повикувам сите учесници во изборите, изборната администрација, политичките партии, граѓаните, да обезбедат фер и демократски избори со почитување на Уставот и на законите во Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија очекуваат од ДИК и од изборната администрација да се обезбедат фер и демократски избори кои се услов за понатамошен напредок на Република Македонија – рече Чичаковски.

Тој вети дека ДИК ќе стори сè изборниот ден да биде успешен.

– Ги повикувам општинските изборни комисии и изборните одбори, а особено политичките партии да ги почитуваат сите позитивни прописи и сите заеднички да обезбедиме одлични оценки од меѓународните и од домашните набљудувачи за целокупниот изборен процес – истакна Чичаковски.

ДИК, според него, ги завршила сите активности за подготовка и за организирање на локалните избори 2017.

– Избирачкиот список претставува добра основа за спроведување веродостојни и фер избори и тој е производ на постојната правна рамка и на постојниот степен на точност на податоците што се добиени од Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матични книги, основните судови и од другите институции – додаде претседателот на ДИК.


Избирачкиот список е добра основа за фер и веродостојни избори, смета Чичаковски


Скопје, 8 октомври, 2017 - 12:40 (META) 

Избирачкиот список е во согласност со правната рамка, а постојната методологија за негово водење и ажурирање го рефлектира степенот на точност на податоците добиени од релевантните институции и сите актери вклучени во изборниот процес сметаат дека е добра основа за спроведување фер и веродостојни избори, вели претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, во интервју на „Радио Слободна Европа“.

Тој рече дека до ДИК се доставени само триесетина барања за запишување, промени или бришење на податоци во избирачкиот список и дека одлуката за заклучување на избирачкиот список е донесена на јавна седница на која биле повикани сите медиуми, релевантните институции и акредитираните набљудувачи.

– Одлуката е објавена на веб-страницата на ДИК и достапна е за сите граѓани. Има одредени забелешки, ги гледаме и ние од страна на одредени експерти, но јас лично сметам дека постојната состојба на избирачкиот список ја рефлектира правната рамка и степенот на точност на податоци што ги добивме од релевантните институции – вели Чичаковски.
Во однос на обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека дел од ДИК работи во интерес на владејачката партија, Чичаковски е дециден дека изборот и именувањето на изборната администрација се вршат врз основа на утврдена методологија и податоци добиени од надлежното Министерство за информатичко општество и администрација. Тој истакнува дека досега немаат добиено приговори и забелешки од ваков тип.

– Ако има одредени забелешки во однос на пристрасност на постапувањето, тие треба да бидат документирани и доставени до ДИК за да може соодветно да постапиме – вели Чичаковски.


Чичаковски: Партиите веднаш да престанат со инцидентите


Скопје, 3 октомври, 2017 - 13:23 (META) 

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, денеска упати апел до политичките партии итно да престанат со инциденти и порача дека насилството во предизборниот период може да донесе само штета на кандидатите, на партиите, на изборниот процес и на државата.

Чичаковски во името на ДИК остро ги осуди сите досегашни инциденти во пресрет на локалните избори, закажани за 15 октомври. Инцидентите, нагласи претседателот на ДИК, го нарушуваат демократскиот амбиент и изборниот процес и треба веднаш да престанат.

– Насилството никогаш не е решение. Тоа не му помага никому и може само да донесе штета на кандидатите, на партијата, на изборниот процес, на државата. Уште еднаш апелираме итно да престанат сите негативни појави, апелираме на почитување на противкандидатите и за фер и демократски избори. Изборите се добиваат на 15 октомври со јасно изразена волја на граѓаните, со голема излезност и со индивидуално право на секој граѓанин да гласа за оние кандидати кои смета дека се најдобри, а не со насилство – изјави претседателот на ДИК.

Чичаковски потсети дека кандидатите за градоначалници и за советници, како и политичките партии, потпишаа кодекс за фер и демократски избори, со што се обврзаа дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и на доброто владеење и дека ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.

– Секое насилство, инцидент, непочитување на политичките опоненти во изборниот процес, е спротивно на кодексот, на законите, правилата и на прописите на Република Македонија кои се релевантни за изборите – рече Чичаковски.

Тој, во име на ДИК, ги повика надележните институции да ги расветлат инцидентите и да ги казнат сторителите, а политичките партии да придонесат кон смирување на страстите.