„Коха диторе“: Најмалку седум борци на ИД се кријат околу Скопје


Скопје, 1 декември, 2015 - 10:06 (META) 

Најмалку седум косовски државјани што се бореле на страната на Исламска држава (ИД) во Сирија пред три недели се вратиле на Балканот и се засолниле во регионот на Скопје, пишува денеска косовскиот весник „Коха диторе“.

Повикувајќи се на информации од разузнавачките агенции, вклучувајќи ја и косовската, весникот пишува дека меѓу џихадистите повратници биле и Лавридим Мухаџери и Ридван Хакифи и уште петмина други Албанци.

Според весникот, тие се криеле во неколку села во регионот на Скопје.

Разузнавачките информации на кои се повикува „Коха диторе“ покажуваат дека голем број странски џихадистички борци почнале да ја напуштаат Сирија откако Русија почна со воени операции во земјата.


Партијата на Села бара да запре апсењето Албанци во Куманово


Тетово, 28 октомври, 2015 - 17:30 (META) 

Од Движењето за реформи на ДПА, денеска на прес-конференција, побараа да запрат полициските апсења во Куманово. Според партијата, крајната цел на апсењата е да се затскријат неуспешните преговори на политичките партии, поврзани со Договорот од Пржино.

– ДУИ, како дел од Владата, заедно со МВР да објасни зошто се случуваат вакви акции во албанските средини. Секогаш кога доцнат спогодбите, како онаа од Пржино, се тежнее неуспешноста од преговорите да се покрие преку акции за приведување Албанци – изјави Беса Кадриу од Движењето за реформи на ДПА.

Според Движењето за реформи на ДПА, ДУИ повторно почнува да ги тероризира Албанците, но набргу ќе дојде крајот на оваа партија и нејзините членови ќе одговараат пред народот.


Ахмети: Не ни требаат 10 партии на Албанците


Тетово, 27 септември, 2015 - 13:31 (META) 

„Не ни требаат 10 партии кои ќе им наштетат на тие десетици илјади гласови на Албанците. Силниот мандат нè прави посилни“, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, при посетата на Општина Желино.

– Јас во мојата кариера сум се ангажирал и за слободното говорење и за слободното мислење. Не ѝ припаѓам на плејадата луѓе што го убиваат слободното говорење бидејќи оценувач е народот, кој е проценител, коректор и најдобрар уредник. Паметните не викаат, малите плачат. Без разлика што се зборува, ние не смееме да отстапиме од нашата агенда и од нашите определби за реализирањето на благородните намери што ги имаат Албанците во Македонија. Јас сакам работите да ги завршиме со одговорност, а не со еуфорија. Јас не вршам емотивна политика, ниту фолк. Ние сме наметнале дијалог и пронаоѓање решенија. За овој проект ние добивме симпатија и поддршка од меѓународната заедница. Нашата визија ја поддржува и Брисел за постигнувањето на договорот од 2 јуни и дека е во корист и на Албанците и на Македонците. Ние бевме во право што покажавме смиреност и трпениие за менаџирање на ситуацијата. Во сета таа еуфорија, јас бев свесен дека ДУИ губи, но нашата причина доминираше бидејќи бев свесен дека Албанците ќе ја оценат смиреноста и нашето вклучување во големата политичка криза – рекол Ахмети.

 


„Коха“: Од 600 нови полицајци, 46 ќе бидат Албанци


Скопје, 3 септември, 2015 - 12:15 (META) 

Процедурата за избор на кандидати кои ќе бидат вработени како полицајци во Министерството за внатрешни работи (МВР), е во финална фаза и за кратко време ќе се заокружи бројката од 600 лица што ќе ја облечат сината униформа, пишува во денешното издание дневниот весник на албански јазик „Коха“.

Според информациите на весникот, од 600 нови полицајци, 46 ќе бидат од албанската заедница. Од нив, 26, како што пишува „Коха“, ќе бидат распоредени на работа во Скопје, додека другите 20 ќе бидат ангажирани во полициските станици и во секторите за внатрешни работи во другите градови во земјата.

Конкурсот за избор за нови полициски службеници МВР го распиша на почетокот од јули. Како што соопшти тогаш министерството, јавниот оглас е за вработување „652 извршители“, односно станува збор за два огласи за „вработување 600 извршители на работно место полицаец и 52 извршители за работа во Министерството за внатрешни работи со високо образование“.

На почетокот од август, од МВР информираа дека на конкурсот за вработување на 600 полицајци се пријавиле вкупно 2.622 кандидати. Според етничката припадност, од нив 2.080 биле Македонци, а 542 кандидати биле припадници на другите етнички заедници.


„Тетовско културно лето“ ги подели македонските и албанските советници


Тетово, 28 јули, 2015 - 16:47 (META) 

Советниците од македонскиот и од албанскиот политички блок на партии, на денешната 26. седница на Советот на Општина Тетово, се поделија околу манифестацијата „Тетовско културно лето“. Советниците Македонци обвинија дека манифестацијата е еднојазична.

– Летоците и постерите, преку кои се информираат граѓаните за оваа културна манифестација се напишани само на албански јазик. Многу малку има предвидено пари за македонски уметници. Ваквата организација се коси со духот на Охридскиот рамковен договор, за кој партиите на Албанците постојано расправаат на централно ниво – изјави советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ангел Карапетров

Од ДПА велат дека манифестацијата не е еднојазична, а расправата, според нив, добила етничка димензија затоа што изминативе неколку години не постои никаква координираност меѓу советничките групи на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, кои се коалициони партнери и на локално ниво.

– Како е можно советниците од ВМРО-ДПМНЕ да бидат против „Тетовското културно лето“. Значи ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ го сочинуваат мнозинство во тетовскиот совет, ја имаат и власта во Општина Тетово и заедно треба да ја организираат оваа културна манифестација – изјави Дурим Љума, советник од ДПА

Манифестацијата „Тетовско културно лето“ деновиве ја разбранува јавноста поради еднојазичноста. На билбордите, летоците, постерите и на интернетстраниците, граѓаните за содржината и за програмата на оваа културна манифестација можат да се информираат само на албански јазик.


Тачи: Договорот од Пржино нема да се реализира


Тетово, 21 јули, 2015 - 16:29 (META) 

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, по денешната средба со амбасадорката на ОБСЕ, Мариане Берец, изрази песимизам дека ќе се реализира договорот потпишан во Пржино.

Тачи рече дека на документот ставил потпис поради една причина. Според него, Договорот претставува најкраткиот пат Aлбанците на предвремените избори да ги турнат од власт ДУИ и Али Ахмети, кој, според лидерот на ДПА, е одговорен за ваквата ситуација во која се наоѓа државата, а особено албанските граѓани.

– Зошто го потпишав договорот? Затоа што сметам дека тоа е единствениот пократок пат на Албанците да им се овозможи бргу да дојдат до ситуација да гласаат, дефинитивно да гласааат против структурите на господинот Ахмети, кои се одговорни за оваа ситуација, а истовремено со нивниот глас за нашата партија, да ја засилат ДПА, а понатаму, јас ги уверувам дека сите тие барања за правата на Албанците ќе станат дел од преговорите за следната влада – изјави Тачи.

Тој додаде дека неговата партија била заслужна за албанските прашања, кои биле поставени на преговарачката маса во Пржино.

Лидерот на ДПА изјави дека иако не верува во спроведувањето на договорот потпишан во Пржино, сепак ќе се залага пратеници од ДПА да придонесат за документот да се реализира во практика.


Сојузот на Албанците почна да ја гради изборната платформа за претстојните избори


Тетово, 10 јули, 2015 - 15:46 (META) 

Сојузот на Aлбанците, формиран неодамна од Движењето за реформи на ДПА предводено од струшкиот градоначалник Зијадин Села и од партијата НДП, ја одржа првата средба на работните групи на партиите, кои имаат цел да изработат заедничка платформа за претстојните парламентарни избори. Средбата се одржа во просториите на НДП во Гостивар.

– Ова е прва средба, ќе продолжиме и понатаму, за да направиме платформа која ќе ги содржи нашите заложби, а тоа е Македонија да биде бинационална држава, Aлбанците да бидат државотворен народ, буџетот на Македонија да се распределува еднакво во сите региони, а албанскиот јазик да биде официјален на територијата на цела држава – изјави Весел Мемеди, претседател на НДП.

Од Сојузот на Aлбанците велат дека Македонија не може да чекори напред без да се реши прашањето на Aлбанците.

– Мора еднаш засекогаш да се реши прашањето на Aлбанците, кои се 30 проценти од вкупната популација во Македонија. Сакам да напоменам дека кога ќе се реши докрај албанското прашање, ќе се решат и прашањата на другите малцинства во Македонија, како што се случи во 2001 година, со потпишувањето на Рамковниот договор – изјави Зијадин Села, претседател на Движењето за реформи на ДПА.

НДП и Движењето за реформи на ДПА, на следните избори ќе настапат со заеднички листи. Првата верзија на нивната заедничка платформа ќе ја споделат во јавноста на наредната средба на работните групи на партиите, а наесен ќе биде презентиран конечниот документ од платформата.


Миловановиќ-Фазлиу: Македонската власт е како таа на Путин и на Ердоган


Вашингтон, 4 мај, 2015 - 16:08 (META) 

Македонската влада преку медиумите што ги контролира и скапите маркетинг-кампањи ја шири и зацврстува идејата дека Македонците исчезнуваат и се нападнати, пишува Ана Миловановиќ-Фазлиу, ќерката на поранешната американска амбасадорка во Македонија, Џилијен Миловановиќ.

Миловановиќ-Фазлиу во текстот објавен на веб-страницата „Алијансата за градење мир“, покрај тоа што дава историјат за македонската држава и за македонско-албанските односи, наведуваа дека причината за ваквата кампања е порастот на албанската популација во Македонија, непризнавањето на името од Грција, како и непризнавањето на историјата и на јазикот од Бугарија.

Ќерката на поранешната амбасадорка, во текстот се осврнува и на „бомбите“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кои, како што наведува, го откриваат недостигот од демократски интегритет во Македонија.

„Видни личности од Владата и од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се снимени како влијаат врз судии, задушуваат медиуми, местат избори и заплашуваат членови на ВМРО. Премиерот Груевски тврди дека Заев поттикнува државен пуч против него и оти сака да ја дестабилизира Македонија. Сојузникот на Македонија, Турција, користеше слична реторика за да ги оцрни антивладините демонстрации во 2013 година“, се наведува во текстот.

Миловановиќ-Фазлиу наведува дека двајца претставници на ЕУ забележале бесрамна дискриминација во разговорите, каде со погрдни зборови се именуваат Албанците и Ромите.

„Министерката за внатрешни работи е снимена како вели дека е в ред да се држат 11 етнички Албанци во затвор, иако нема докази за нивната вина, бидејќи затворите и онака се полни со Шиптари“, наведува Миловановиќ-Фазлиу, додавајќи дека правата на малцинствата, исто така, не се приоритет ниту на опозицијата.

Македонскиот невладин сектор, според Миловановиќ-Фазлиу, е ослабнат поради тврдењата на ВМРО дека повеќето од оние кои ги бранат загарантираните човековите права се „соросоиди“, следбеници на Џорџ Сорос, и оти се дел од глобалниот заговор против Македонија.

„Опозицијата бара реформи кои се на иста линија со ставовите на странските невладини организации. Токму затоа ВМРО ја обвинува опозицијата дека работи за странски интереси. Ова е слично на рускиот пристап кон НВО, како и на Таџикистан. Затворајќи ги невладините организации, власта ги уништува обидите на граѓаните да формираат групи на интерес, кои ќе ги застапуваат нивните права“, се наведува во текстот.


Албански мигранти се криеле под новогодишни елки


Лондон, 22 декември, 2014 - 16:46 (META) 

Француската царина откри 16 државјани на Албанија, скриени меѓу извозните новогодишни елки.

Уапсените се обиделе, од Дијеп, на северозападот на Франција, да прејдат во Велика Британија, соопшти денеска полицијата.

„Слепите патници“ се пронајдени во камион со двајца возачи од Полска, кои минатиот викенд се подготвувале да се натоварат на брод, кој пловел преку Ла Манш.
За време на рутинската царинска контрола, откриена е група од 16 Албанци под новогодишните елки. Возачите и илегални патници се притворени.

На северозападниот брег на Франција, особено на пристаништето Кале, странците честопати се обидуваат илегално да прејдат во Велика Британија.


ВМРО-НП: Специјалниот советник на Али Ахмети да застане на чело на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 29 ноември, 2014 - 15:55 (META) 

ВМРО-Народна партија ја поздравува храбрата одлука на Бранислав Синадиновски, кој е специјален советник на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, истовремено да застане на чело на Иницијативниот одбор за формирање  Албанска православна црква во Република Македонија, како прв чекор во остварување на правата на православните Албанци во земјава.

„ВМРО-Народна партија го прашува иницијаторот, зошто дури сега се охрабри да го објави неговото етничко потекло и да напише книга со ваква тематика, со која целосно го негира своето досегашно обемно творештво од областа на историјата и на идентитетот на македонскиот народ. Низ македонската историја поминале повеќе таканаречени жртви на системот од типот на Бранислав Синадиновски, Матеја Матевски и други, кои едно пишувале, а длабоко во себе прикривале нешто сосема друго. Од ова произлегува суштинското прашање, кој е вистинска жртва на системот, дали тие или македонската нација и нејзиниот идентитет“, се вели во соопштението од ВМРО-Народна партија.

ВМРО-Народна партија ги потсетува граѓаните, особено раководството и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, за содржината на книгата напишана од Синадиновски, а по повод 20-годишниот јубилеј на партијата, во која тој се самопрогласува за основач на ВМРО-ДПМНЕ.

„Оваа голема лага, која досега не е демантирана од ВМРО-ДПМНЕ, очигледно му одговара на сегашното раководство, кое по секоја цена сака да ја прикрие вистината за единствениот легитимно признат основач на партијата, Љубчо Георгиевски. ВМРО-Народна партија предлага, таканаречениот основач на ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти функцијата специјален советник на Али Ахмети, да ја преземе функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и, со актуелната функција претседател на Иницијативниот одбор, целосно да ги оствари барањата на православните Албанци во Македонија“, стои во соопштението.