Земјотрес во Албанија почувствуван во цела западна Македонија и во Скопје


Скопје, 4 јули, 2018 - 12:32 (META) 

Земјотрес што се случил во 11.01 часот денеска на територијата на соседна Албанија е почувствуван во цела западна Македонија и во Скопје.

Како што соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, епицентарот бил на 170 километри западно од Скопје, а бил со Рихтерова магнитуда од 5,1.

Во регионите на Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар со интензитет од 4 степени според Европската Макросеизмичка Скала, а во Скопје, Струга и Охрид со интензитет од 3 степени, според истата скала.


Кнајсл: Преговори со Северна Македонија и Албанија не е подарок туку логика


Виена, 25 јуни, 2018 - 11:15 (META) 

Австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл одговарајќи на новинарско прашање за отворањето преговори со Македонија и Албанија порача дека земјите ги исполниле задачите за преговори и дека кредибилитетот на ЕУ е во прашање. Таа притоа го користеше името „Северна Македонија“ во својата изјава, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Појадував со албанскиот министер за надворешни работи. Не можам да зборувам во име на сите 27 земји, но во наши очи не станува збор да им се подари нешто на овие земји туку ова е прашање на логика. Им дадовме задачи на Албанија и на Македонија, на Северна Македонија како што е правилното ново име на оваа земја, им поставувавме цели што треба да се постигнат и им рековме да ги исполннат. Во случајот на Северна Македонија рековме треба да се стаса до решение за проблемот со името и ако Албанија направи реформи во судството, тогаш ќе стане збор за нашиот кредибилитет да се започне со механизмот. Тука ЕК и Федерика Могерини ја имаат поддршката на Австрија – изјави Кнајсл.


Суд во Албанија пресуди во корист на новинари тужени од богат судија


Тирана, 1 јуни, 2018 - 17:11 (META) 

Суд во Тирана ги отфрли обвинувањата за „морална повреда“ на судијата на Апелацискиот суд, Ѓин Ѓони и неговата сопруга, кои ја тужеа БИРН Албанија и новинарите на оваа мрежа, јави БИРН.

По неколку одлагања, вчера судот во Тирана донесе ослободителна пресуда во процесот што судијата и неговата жена-бизнисменка го почнаа поради известувањето на БИРН за богатството на Ѓони.

Претседавачкиот судија Астрит Фаќоли при соопштувањето на одлуката рече дека упорното непојавување на Ѓин и неговата жена Елона Чауши во судот е „исмевање“ на судот. Процесот се развлече на 12 месеци и имаше 11 рочишта.  Апелацискиот судија и неговата жена не беа на изрекувањето на пресудата, со која покрај БИРН Албанија, од вина се ослободени и новинарите Бесар Ликмета и Александра Богдани.

Тужбата беше поднесена поради три статии објавени на „Reporter.al“ посветени на затворањето и на повторното отворање на истрагата на јавното обвинителство за Ѓони, откако Високиот инспекторат за анкетирање и ревизија на имот и за конфликт на интереси поднесе пријава за прикривање богатство, фалсификување официјални документи и перење пари.

Третата статија ги навела десетте најбогати судии во Албанија според анкетниот лист што го поднел Ѓони, кој исто така е член на Високиот правосуден совет. На тој список апелацискиот судија бил на првото место.

Со тужбата Ѓони и Чауши бараа надомест од 52.000 евра од тужената организација и нејзините новинари.


Членки на ЕУ се против почеток на преговори и бараат суштински напредок во реформите


Скопје, 26 мај, 2018 - 20:47 (META) 

И покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети, се вели во „нон-пејперот“ што го објави „Макфакс“.

Според извори на „Макфакс“, зад документот не стојат сите земји членки на ЕУ, и документот циркулира меѓу оние кои се против почетокот на преговорите во јуни. Наводно, станува збор за Франција и Холандија кои се противат на старт на преговорите за членство со Македонија и Албанија на јунскиот самит на ЕУ.

„За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е штотуку започната и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (заробена држава). Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не дале задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“ се вели во документот и се повикува тоа да се земе предвид, пред да се донесат какви било одлуки во врска со проширувањето.

Македонската влада смета дека земјата, сепак, е на вистинскиот пат.

“Мнозинството земји членки на ЕУ поддржуваат почеток на преговорите со Македонија, после решавање на спорот со Грција. Од друга страна факт е дека постои дебата во ЕУ околу подготвеноста за ново проширување. Суштинските и коренити промени во земјата градат силни и услужни институции, праведна држава и силна економија за подобар живот на сите граѓани. Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени и препознаени од цела Европа и од сите земји членки на ЕУ. Сите земји членки на ЕУ сметаат дека Македонија треба да продолжи по овој пат и да го интензивира прогресот. За тоа говори и најновата оценка на Европската Комисија со која Македонија е оценета за најдобра во регионот на Западниот Балкан и Турција за спроведување на препораките во економската програма за реформи. Македонија после решавање на спорот околу името веднаш ќе стане членка на НАТО и со тоа уште позабрзано и поодлучно ќе ги отвори портите на ЕУ“, велат од Владата.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, реагираше дека, за жал, се потврдија повеќемесечните стравувања дека земјата ризикува да не добие датум почеток на преговори. Не само заради спорот со името туку и заради катастрофалното ниско ниво на реформи, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

– Повикувам веднаш Владата да преземе одговорност и клучните луѓе во овие области Министрите за надворешни Димитров, евроинтеграции Османи, внатрешни работи Спасовски, финансии Тевдовски, економија Бектеши, здравство Филипче и труд и социјала Царовска, да поднесат оставки – вели Николовски.

На ова реагираа од СДСМ, од каде велат дека пред да се истрчува во јавноста ВМРО-ДПМНЕ треба да го прочита Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македониј.

„Со Извештајот, ЕК дава кристално чиста препорака за Македонија, го констатира напредокот во сите области, а најново е дека Комисијата ја оцени Македонија како најдобра во регионот на Западен Балкан и Турција, за спроведување на препораките во економската програма за реформи. Македонија е на вистинскиот пат и тоа е препознаено од Европа и земјите членки на ЕУ. Дека Македонија е на вистинскиот пат не сака да признае единствено ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ треба да се погледне во огледало за да го види виновникот за 11 годишното пустошење на државата и оддалечувањето на Македонија од ЕУ и НАТО. Наместо да навива за неуспех на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ треба да им се извини на граѓаните за грабежот и ставот, да преземе одговороност и да ги поддржи промените кои ја движат Македонија напред, велат од СДСМ.


Мета: Албанците и Македонците заедно да најдат решение со Грција


Струга, 28 април, 2018 - 18:03 (META) 

Албанците и Македонците заеднички да го решат прашањето за името со Грција, побара албанскиот претседател Илир Мета по денешната посета на Струга и средбата со градоначалникот Рамиз Мерко, јави Алсат-М.

Мета потенцира дека е оптимист дека ќе се дојде до решение пред самитот на НАТО во јули во Брисел.

-Името е прашање за кое Македонците и Албанците заедно треба да се согласат. Се надевам дека ќе има решение за сите и што ќе ги почитува и Македонците и Албанците и другите – посочи претседателот на Албанија.

Во однос на Законот за јазици кој претседателот на Македонија, Иванов, одбива да го потпише, Мета се надева дека ќе се надмине и тоа прашање.

-Ова прашање требаше да се реши од порано. Во секој случај мислам дека ова е многу добар закон што ќе се имплементира за многу брз период бидејќи волјата на оваа гарнитура е голема и решителна е да го имплементира за да се оди напред за подобар соживот – истакна Мета.

Албанскиот претседател вчера учествуваше во самитот на Процесот Брдо – Крањ, што во Скопје го организираше неговиот македонски колега Ѓорге Иванов.


Пратениците во Тирана фрлаа јајца и брашно по Еди Рама


Тирана, 12 април, 2018 - 14:33 (META) 

Албанскиот премиер Еди Рама за време на денешната седница на парламентот беше гаѓан со брашно и јајца поради апсењата на лицата кои протестираа против воведувањето патарини на автопатот меѓу Косово и Албанија.

Седницата во неколку наврати беше прекината. По инцидентот беше принудено да реагира и обезбедувањето, кое отстрани од салата неколку пратеници од редовите на опозицијата, јавија албанските медиуми.


Во Македонија перцепцијата за корупција е висока, ама ретко се гони


Скопје, 30 март, 2018 - 16:17 (META) 

Граѓаните на Македонија сметаат дека живеат во една од најкорумпираните држави во Европа.

И покрај тоа, податоците покажуваат дека кога станува збор за активна борба против ова општествено зло, напорите на органите на прогонот се незначителни.

Споредено со трендовите во борбата со корупцијата во земјите од регионот, резултатите во Македонија се поразителни.

data-viz-korupcija-MK1

Ако се споредат, на пример, позициите на Македонија и Албанија на Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнал“ во последните 5 години, точно се забележува овој тренд. Во Македонија има драстично зголемување на перцепцијата за нивото на корупција, додека во Албанија има намалување. Од 2012 до 2017 година, Македонија паѓа од 69 на 107 место на листата, што е пад 38 места. Албанија, пак, во истиот период, се качува за 22 места. „Транспаренси интернешнал“ го објавува Индексот за перцепција на корупцијата еднаш годишно, од 1995 година наваму.

data-viz-korupcija-MK2

https://www.facebook.com/dataunitmk/

При споредба на податоците за институционалната борба со корупцијата, Македонија е исто така на пониско ниво во однос на западниот сосед. Така на пример, бројот на  случаи за примање поткуп, според податоците што ги објави Министерството за внатрешни работи, изнесува во просек 10 случаи годишно во последните седум години. За истиот период во Албанија, според годишните извештаи на албанското Јавно обвинителство, се откриени во просек по 68 случаи на примање поткуп од страна на јавни функционери.

Според податоците на македонското МВР за минатата година, бројката на откриени случаи на примање поткуп во 2017 година изнесува само 2.

Објавените визуелизации се дел од проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability имплементиран од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владaта на САД.


Мета и Бушати: Законот за јазиците – значаен историски акт и знак за зрелост


Тирана, 15 март, 2018 - 11:39 (META) 

Официјална Тирана го поздрави донесувањето на законот за јазиците од страна на Собранието на Македонија. Албанскиот претседател Илир Мета изјави дека законот за јазиците претставува значаен историски акт.

-Овој акт е од големо значење не само за Албанците во Македонија туку претставува и европско достигнување на Македонија – рече Мета.

Албанската влада преку Министерството за надворешни работи исто така го поздрави донесувањето на законот за јазиците во Македонија.

-Донесувањето на Законот во Собранието на Македонија претставува потврда на политичка зрелост. Овој закон ги отвора патиштата за целосно интегрирање на Македонија во ЕУ – рече шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.

Албанската опозиција оценува дека законот е од големо значење за Албанците и за земјата. Во соопштението на демократската партија се наведува дека ,,Донесувањето на законот е еден чекор напред за подобра клима за соживот во Македонија“.


Во Драч запленети половина тон кокаин


Драч, 28 февруари, 2018 - 11:22 (META) 

Албанската полиција во пристанишниот град Драч заплени над 500 килограми кокаин, пристигнат од Колумбија, кој требало да биде транспортиран кон Италија.

Како што јави дописникот на МИА, дрогата, скриена во камион што патувал за Италија, била пронајдена со помош кучиња трагачи по наркотици.

Според албанскиот Сектор за борба против тровијата со дрога, запленувањето на кокаинот следува по подолга истрага, а информации биле добиени од германската полиција.

Ова е досега најголемо количество на кокаин запленето во Албанија.


Потпишан договорот за изградба на автопат од Тирана до Дебар


Тирана, 5 февруари, 2018 - 20:58 (META) 

Албанското Министерство за инфраструктура и енергетика денеска потпиша договор со компанијата „Ѓока Конструсион“ за изградба на автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр), што Албанија ќе ја поврзува со Македонија кај Дебар.

– Ова е еден многу значаен инфраструктурен објект што нашата земја ја поврзува со Македонија. Изградбата ќе чини 240 милиони евра, а во договорот стои дека државата обврските кон компанијата ќе ги подмири во рок од 13 години. Автопатот треба да биде готов за три години – изјави албанскиот министер за инфраструктура и енергетика Дамијан Ѓикнури.

Договорот го потпишаа генералниот секретар во Министерството за инфраструктура и енергетика Гентијан Кери и Рок Ѓока, претседателот на компанијата „Ѓока Конструсион“, чија понуда беше избрана како најповолна на спроведениот тендер.

Инаку, дел од подготвителните работи на автопатот почнаа пред две години, но беа прекинати.

Со изградбата на автопатот, кој се протега од Тирана до граничниот премин „Блато“ на албанско-македонската граница кај Дебар, досегашната оддалеченост се скусува за околу 100 километри и се предвидува да изнесува 82 километри.