Влада: Претседателот Иванов не кажува дали ја прифаќа Алатката за отчетност


Скопје, 22 јуни, 2018 - 9:15 (META) 

Сè уште нема одговор од претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на писмото од Владата со предлог и Канцеларијата на Претседателот да ја прифати Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење, со што одбива да ги информира граѓаните за неговите службени трошоци, соопштија од Владата.

„Во писмото испратено на 29 мај, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, го информираше претседателот Иванов дека Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење им е достапна на сите избрани функционери кои се подготвени да ги стават во секој момент на увид на граѓаните информациите и податоците за трошењето на нивните пари“, соопштија од Владата, појаснувајќи дека преку Алатката досега се објавени трошоците на премиерот, министрите, заменик-министрите, државните секретари и Генералниот секретар на Владата.

Да ги објавуваат податоците за трошењето обврска имаат и директорите и замениците директори на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на Инспекцискиот Совет, а тоа им е советувано и на директорите на јавните претпријатија, на агенциите и на акционерските друштва во сопственост на државата. Истото им е предложено и на градоначалниците, а а исто така за ваквото постапување препорака дала и ЗЕЛС, велат од Владата.

„Иако сите овие информации, вклучително и информациите за користење на оваа алатка за лесно пребарување низ трошењата на избраните функционери, беа наведени во писмото до Канцеларијата на Претседателот,  заедно со понудата за асистенција за користење на Алатката, ниту од Канцеларијата, ниту од Претседателот Иванов, досега нема одговор дали ја прифаќа или не можноста на отворен и транспарентен начин да им покаже на граѓаните како Канцеларијата на Претседателот ги троши нивните пари, соопштува Владата.


„Метаморфозис“: Податоците за трошењата ќе бидат покорисни во машински читлив формат


Скопје, 27 март, 2018 - 16:15 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ѝ препорачува на Владата на Република Македонија да ги објави во машински читлив формат податоците за трошоците на министерствата и другите институции од централната власт.

„Метаморфозис“, која е една од граѓанските организации што цврсто се залагаат за примена на принципите на доброто владеење, отчетност, транспарентност и отвореност, го поздравува потегот на Владата да ја воведе електронската алатка за прикажување на трошоците, но напоменува дека податоците што се презентираат преку неа, заради подобра анализа, треба да ги овозможи и во машински формат.

„Потсетуваме дека за целосно исполнување на принципите на отчетност, транспарентност и отвореност потребно е податоците да се објават на начин и во форма кој ќе овозможи нивна додатна анализа и користење од страна на сите заинтересирани страни, особено од страна на македонските даночни обврзници за чии пари всушност се однесуваат самите податоци“, порачуваат од „Метаморфозис“.


Владата ќе ги објави податоците за трошењата на функционерите во машински читлив формат


Скопје, 23 март, 2018 - 15:43 (META) 

Владата планира да ја објави целата дата-база на трошоците на носителите на јавни функции во машински читлив формат на нејзиниот веб-сајт, најави за „Мета“ портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

– Концептот на „отворени податоци“ и е важен на оваа Влада и ќе работиме да отвораме податочни сетови создадени од институциите, кои би биле корисни за граѓаните – вели Бошњаковски, одговарајќи на прашањето од „Мета“ дали податоците од Алатката за отчетност за трошоците на функционерите ќе бидат објавени и во машински читлив формат.

Тоа ќе овозможи различни анализи со помош на софтвер, што податоците објавени на Алатката сега не го овозможуваат.

Овој дел од веб-страницата на Владата ги презентира трошоците преку визуализации, кои се подредени по еден урнек, и овозможуваат да се избере прегледување по категории трошоци, по функционер и по институција.