!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ал каеда ги повикува борците да се подготват за „долг џихад“


Дамаск, 24 април, 2017 - 14:12 (META) 

Еден од лидерите на Ал каеда ги повика своите приврзаници и сите екстремисти во Сирија да се обединат и да се подготват за „продолжена света војна“, објави денеска новинската агенција на Ал каеда, „Ас шахаб“.

Ајман ал Завахири во аудиопорака до исламистичките екстремисти им порача да останат цврсто и да ја сменат тактиката во герилско војување.

Тој изјави дека „меѓународната сатанска алијанса“ никогаш нема да го прифати владеењето на исламот во Сирија и додаде дека војната не е само национален интерес на Сирија, туку кампања на сите муслимани што сакаат да го воспостават владеењето на Алах на земјата.

Сирискиот разгранок на Ал каеда, претходно познат како Фатах ал шам, последните месеци трпи сè повеќе напади од странската коалиција преводена од САД и остана без неколку лидери кои загинаа во воздушните напади.


Советот за безбедност ја продолжи мисијата на ОН во Авганистан


Њујорк, 18 март, 2017 - 12:00 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа едногласно ја донесе резолуцијата со која се продолжува мисијата на ОН во Авганистан (УНАМА) до март 2018 година.

Во неа, како што пренесуваат светските медиуми, се изразува сериозна загриженост поради присуството и потенцијалното зајакнување на разгранокот на Исламска држава, што претставува сериозна закана за безбедноста на Авганистан и на земјите во регионот.

Советот за безбедност на ОН ја повика владата на Авганистан да почне да ги решава алармантните закани, кои доаѓаат од талибанците, Ал каеда и од нејзините разграноци и од други екстремистички групи.

Исто така, Советот за безбедност ја повтори поддршката за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили, особено во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

Според податоците на ОН, минатата година во Авганистан се убиени 3.498 лица, вклучувајќи 923 деца, а уште 7.920 лица се ранети.


САД го ставија на „црната листа“ синот на Бин Ладен, Хамза бин Ладен


Вашингтон, 5 јануари, 2017 - 20:38 (META) 

Властите на САД денеска соопштија дека на својата „црна листа“ на „меѓународни терористи“ го ставиле синот на убиениот водач на Ал каеда, Осама бин Ладен, Хамза бин Ладен. Одлуката на американските власти автоматски повлекува финансиски и правни рестрикции против синот на Бин Ладен.

Стејт департаментот, како што јавуваат светските агенции, навел дека одлуката е донесена бидејќи Ал каеда во август 2015 година соопштила дека Хамза бин Ладен е член на џихадистичка група и дека им се заканувал на САД и на американските граѓани преку аудиопораки емитувани во јули минатата година.

Дваесет и четиригодишниот Хамза бин Ладен бил омилениот син на лидерот на Ал каеда, Осама бин Ладен, кој беше убиен во мај 2011 година во операција на американските специјални сили во Пакистан. По ликвидацијата на Бин Ладен на чело на терористичката организација Ал каеда беше поставен Ајман ал Завахири.

Според повеќето експерти, Хамза бин Ладен во џихадистичките кругови е повеќе почитуван од Ал Завахири, а и самиот Бин Ладен сакал тој да биде негов наследник во Ал каеда, пишуваат странските агенции.


Водач на Ал каеда убиен во напад со дрон во Либија


Триполи, 15 ноември, 2016 - 15:50 (META) 

Абу Талха ел Хасанави, висок член на разгранок на Ал каеда на северот на Африка, е убиен откако беспилотно летало вчера ја погодило неговата куќа во градот Сабха.

Либиската новинска агенција ЛАНА јавува дека еден од лидерите на Ал каеда е убиен во напад со дрон на југот на Либија.

Ел Хасанави претходно побегнал од крајбрежниот град Сирт, каде либиската војска се бори против Исламска држава со помош на американските воздухопловни сили.

Агенцијата ЛАНА додава дека тој претходно бил водечки член на разгранок на Ал каеда во Сирија, каде се истакнал во регрутирање борци.


„Си-би-ес“: ФБИ предупредува за можни напади на Ал каеда во пресрет на изборите во САД


Вашингтон, 4 ноември, 2016 - 16:15 (META) 

Американските разузнавачки претставници ги предупредиле локалните власти во Њујорк, Тексас и во Вирџинија за можни напади на Ал каеда в понеделник, во пресрет на претседателските избори во САД, јавува „Си-би-ес њуз“, повикувајќи се на неименувани извори.

Телевизијата наведува дека не се спомнати конкретни локации, но американските разузнавачки претставници ги известиле антитерористичките групи за евентуалните закани.

– ФБИ соработува со нашите федерални, државни и локални колеги, разменува и проценува информации на дневна база и продолжува и ќе продолжи да соработува со партнерите во локалната полиција и со разузнавачките служби за да ги идентификува и да ги спречи евентуалните потенцијални закани по јавната безбедност – изјавил високиот претставник на ФБИ за „Си-би-ес“.

Новинската агенција „Ројтерс“ се обидела да ги провери ваквите наводи, а претставниците во министерството за внатрешна безбедност не одговориле на прашањата на агенцијата за коментар.

Претставниците на локалните власти во Охајо, Пенсилванија, Аризона, Високонсин и во Флорида, за агенцијата рекле дека нема да има зголемен број припадници на силите за безбедност во однос на бројот што бил ангажиран во 2012 година.


15-годишнина од терористичките напади на кулите близначки во Њујорк


Њујорк, 11 септември, 2016 - 11:59 (META) 

Денеска се одбележува 15-годишнината од терористичките напади на Њујорк и на Вашингтон, кои се случија на 11 септември 2001 година, а во кои животот го загубија речиси 3.000 лица.

Во Соединетите Американски Држави (САД) годишнината од нападите традиционално се одбележува во Националниот мерморијалн центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, каде беа урнати двете „кули близначки“.

Оддавањето почит на жртвите во меморијалниот центар го вкучува читањето на имињата на загинатите во нападите, а во вечерните часови дел од небото над Њујорк ќе биде осветлено, како потсетување на урнатите кули на Светскиот трговски центар.

Нападите, кои ги изведе терористичката организација Ал каеда, почнаа со ударите на два киднапирани патничи авиони во кулите близначки во Њујорк, а потоа следеше ударот на трет авион во зградата на Пентагон во Вашингтон. На крајот беше соборен уште еден авион во сојузната држава Пенсилванија. Вкупниот биланс на жртвите беше 2.997 лица.

Службите на САД, како мозок на операцијата го посочија Халид шеик Мухамед, кој беше фатен во март 2003 година во Пакистан.

Командосите на американската армија пролетта 2001 година изведоа акција на еден имот во Пакистан, во која беше ликвидиран водачот на Ал каеда, Осама бин Ладен, обвинет како одговорен за нападите на 11 септември 2001 година.


Командант на милитантна група убиен во воздушен напад кај Алепо


Алепо, 9 септември, 2016 - 10:52 (META) 

Воен командант на сириската милитантна група, претходно позната како Ал нусра фронт, е убиен во воздушен напад во близина на Алепо, јавува „Би-би-си“.

Милитантната група, сега позната како Џабхат фатех ал-шам на својот твитер-прифил соопштила дека командантот Абу Омар Саракеб загинал во воздушен напад во провинцијата Алепо.

Засега нема информации која земја ги извршила воздушните напади.

Фронтот Ал нусра го смени своето име кон крајот на јули и наводно ги прекина врските со терористичката организација Ал каеда, основана од некогаш најбараниот терорист, Осама бин Ладен.

Групата Џабхат фатех ал-шам, која своето упориште го има во провинцијата Идлиб, е една од најмоќните џихадистички групи, која се бори против сириската влада на претседателот Башар ал Асад од 2012 година.

Џабхат фатех ал-шам е на листата на териристички групи на САД, но и на Сирија и на Русија, поради што, заедно со Исламска држава, беше исклучена од американско-руските преговори за прекин на огнот во Сирија, на почетокот на оваа година.

Според светските агенции, Абу Омар Саракеб и уште неколку милитанти биле лоцирани во засолниште во селото Кафр Наха, западно од градот Алепо.

Непотврдени информации велат дека во нападот загинале или се ранети уште неколкумина високи членови на групата.


Ал каеда им се закани на САД со одмазда


Вашингтон, 1 јули, 2016 - 16:46 (META) 

САД ќе се соочат со „најтешки последици“ ако го егзекутираат Џохар Царнаев, напаѓачот на Бостонскиот маратон, или друг затвореник муслиман, соопшти лидерот на Ал каеда, Ајман ал Завахири.

Напаѓачот на Бостонскиот маратон, Џохар Царнаев, минатата година на 24 јуни беше осуден е на смрт.

Царнаев, при бомбашкиот напад во 2013 година, усмрти три, а повреди повеќе од 260 лица.


Во Јемен убиени повеќе од 800 припадници на Ал каеда


Сана, 25 април, 2016 - 14:22 (META) 

Повеќе од 800 осомничени припадници на Ал каеда се убиени во офанзивата на јеменската војска против џихадистите на југот на земјата, соопшти денеска арапската коалиција, предводена од Саудиска Арабија.

„Операцијата е окончана откако се убиени повеќе од 800 припадници на Ал каеда, меѓу кои и лидерите на организацијата“, се наведува во соопштението на коалицијата.

Јеменските војници почнале операција од југот да ги протераат борците на Ал каеда и на Исламска држава, кои ја зазеле крајбрежната област во екот на граѓанската војна во Јемен. Воените претставници рекле дека вчера ја презеле контролата над градот Мукала, упориште на Ал каеда од април 2015 година.

Во Јемен веќе цела година трае војната меѓу приврзаниците на меѓународно признаената влада и шиитските бунтовници Хути, сојузници на претседателот Али Абдулах Салех, кој ја ужива поддршката на Иран.


Убиен лидер на Ал каеда во Јемен


Сана, 4 февруари, 2016 - 11:06 (META) 

Во воздушни напади на југот на Јемен, кои, како што се верува, ги извршило американско беспилотно летало, убиен е лидер на разгранокот на Ал каеда во таа земја.

Убиен е Џалал Белаиди, познат како Абу Хамза, командант на Ал каеда на Арапскиот Полуостров, заедно со двајца чувари, објавија членови на неговото семејство.

Нападот се случил во областа Макареш, во јеменската провинција Абијан.