Изменувањето на Законот за акцизите денеска на владина седница


Скопје, 29 мај, 2018 - 11:37 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи редовната, 70. седница со почеток во 12 часот, на која, на барање на Собранието, треба да даде и мислење за предлог – законот за изменување на Законот за акцизите.

На предлог на Министерството за локална самоуправа, на дневен ред се и предлог – одлуките за доделување на средства за финансирање на проекти од развој на села, како и за доделување на средства за финансирање на проекти од развој на плански региони.

На предлог на Министерството за економија на дневен ред на денешната седница се неколку предлог – закони, односно предлог – законите за изменување на Законите за безбедност на производите, за заштита на потрошувачите и на законот за контрола на предметите од скапоцени метали.


УЈП објави нова листа на должници, прва годинава


Скопје, 11 јануари, 2018 - 10:31 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави првата листа на должници за оваа година на која се најдоа вкупно 3.964 физички и правни лица.

Нивните долгови се доспеани до 30 септември и неплатени до 31 декември лани, а се по основ на данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси за задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

Кај физичките лица и самостојни вршители на дејност, долгот надминува 120.000 денари, додека кај правните лица тој износ е повеќе од 300.000 денари.


УЈП објави нова листа на должници


Скопје, 13 јуни, 2017 - 11:52 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата листа на должници за долгови доспеани до 28 февруари и неплатени до 31 мај, врз основа на неплатени данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

На листата има повеќе од 4.000 должници, меѓу кои има државни и приватни компании, но и бизнисмени и физички лица.

Јавното претпријатие „Македонија пат“ должи околу 7,4 милони евра за неплатен данок на добивка и за ДДВ.

Од бизнисмените најмногу пари должи „тутунскиот бос“, Бајруш Еврзија Сејдиу од Куманово, кој има 1,8 милиони евра неплатен данок.

Тој во 2010 и во 2011 година беше осуден на вкупно 17 години затвор, односно пет години затвор за случајот „Пепел“ и 12 години затвор за случајот „Пепел 2“, за перење пари, насилство, фалсификување цигари, неплаќање акцизи и за злосторничко здружување.


Приливот врз основа на ДДВ бележи годишно намалување


Скопје, 10 ноември, 2015 - 12:10 (META) 

Во периодот од јануари до август 2015 година, во буџетот беа остварени вкупни буџетски приходи од 18,8 проценти, што е повисоко ниво на остварени приходи во споредба со истиот период од претходната година, 17,5 проценти од БДП.

Анализирано на номинална основа, буџетските приходи во овој период се повисоки за 13,4 проценти на годишна основа, што главно произлегува од повисоките остварувања кај данокот на добивка.

– Исто така, се забележува годишен пораст и на приливите од акцизи и врз основа на персоналниот данок на доход, додека приливите врз основа на ДДВ бележат годишно намалување. Вкупните буџетски расходи во периодот од јануари до август 2015 година изнесуваа 21,1 процент од БДП, што е малку повисоко од остварените буџетски расходи во истиот период од претходната година, 20,7 проценти од БДП – се вели во извештајот на НБРМ.

Номинално, заклучно со јули, буџетските расходи се повисоки за 7,5 проценти, во споредба со истиот период од претходната година, што и понатаму произлегува од зголемените тековни трошоци, додека капиталните трошоци бележат мало намалување на годишна основа.

Остварените буџетски приходи и расходи во периодот јануари-август, претставуваат 62,4 проценти и 62,5 проценти од планираните приходи и расходи за целата 2015 година, соодветно, во согласност со балансот на буџетот за 2015 година.

– Анализирано по одделни категории на даночни приходи, највисоко остварување бележат приливите врз основа на данокот на добивка од 85,6 проценти, во голема мера поради законските измени со коишто се укинува антикризната мерка за неоданочување на задржаната добивка. Потоа, следуваат акцизите (со остварување од 67,3 проценти), додека малку послабо остварување е забележано кај приливите врз основа на увозните давачки (од 56,8 проценти). Кај другите даночни категории остварувањето изнесува околу 60 проценти – се вели во извештајот.

Во однос на индивидуалните категории кај расходите, заклучно со август се забележува повисоко остварување на тековните трошоци (64,7 проценти), во споредба со капиталните трошоци (46,2 проценти).

Последните расположливи податоци покажуваат дека во текот на август, во буџетот беше остварен дефицит од 1.703 милиони денари. Остварениот дефицит беше финансиран од домашни извори преку повлекување депозити од сметката на државата кај НБРМ и од емисија на државни хартии од вредност на домашниот пазар.

Од почетокот на 2015 година, буџетскиот дефицит изнесува 12.804 милиони денари (или 2,3 проценти од БДП), што претставува 63,6 проценти од предвидениот буџетски дефицит за 2015 година,  во согласност со ребалансот на буџетот.

Во однос на неговото финансирање, буџетскиот дефицит во периодот јануари-август беше финансиран преку депозитите на државата кај НБРМ и  со дополнително емитување државни хартии од вредност.


Пратениците ќе расправаат за измени на Законот за акцизи по скртена постапка


Скопје, 12 ноември, 2014 - 8:50 (META) 

Предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка е единствената точка на дневен ред на 22. седница на Собранието на Република Македонија.

По завршувањето на оваа седница ќе продолжи 21. седница што почна во понеделникот.

На оваа седница пратениците треба да се изјаснат за предлог-законот за вршење работи за застапување во царинските постапки, измените и дополнувањата на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, сите во прво читање.

Пратениците ќе распрваат и за измените и за дополнувањата на Законот за царинската управа, по скратена постапка, како и за предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година и финансиски предлог-план на Регулаторната комисија за енергетика за 2015 година.