Малцинските акционери на „Макпетрол“ се приклучија на тужбата против директорот


Скопје, 11 септември, 2015 - 13:23 (META) 

Петнаесет малцински акционери на „Макпетрол“ се приклучија на кривичната пријава на МВР, поднесена против 21 лице од управниот и од надзорниот одбор на компанијата. Целта, како што велат, е да си ги остварат правата како акционери и да си го задржат имотот.

Тие и досега поднеле кривични пријави до одредени лица во компанијата, но судска разврска немало и прашуваат зошто се чекало толку долго за институциите да реагираат.

– Поради незаконско работење и систематско уништување на нашата компанија, поднесена е кривична пријава против генералниот директор и членовите на управниот и на надзорниот одбор на „Макпетрол“, на која, според наше мислење, се чекаше премногу. Но, сепак, првпат досега, Jавното обвинителство нè повика и нас, дел од акционерите, да дадеме свој исказ за овој, за нас, многу важен случај – изјави Мира Данаилова, акционер во „Макпетрол“.

Таа вели дека досега, како акционер на компанијата, не можела да си ги оствари законските права.

– Не можевме да ги продаваме акциите, ниту да присуствуваме на годишно собрание на акционери. Ние моравме да овластиме некого за да нè застапува нас, а овластувањето одеше преку раководител или директор на сектор. На тој начин, тие што ги овластувавме секогаш го штитеа интересот  на менаџментот, а не нашиот. Никогаш не добивме известување што се случува на тоа собрание – вели Данаилова.

Според неа, оној момент кога решила да овласти некој во кого има доверба, почнале проблемите. Поради притисоците завршила на Клиника за психијатрија и додека била на боледување, добила решение за технолошки вишок, по 32 години работа во компанијата.

Акционерот Влатко Трајчевски смета дека од моментот на формирање на командитното друштво „Оилко“,  „Макпетрол“ бележи очајни резултати и како акционери заборавиле што значи зборот дивиденда.

– На 17 август 2013 година, на вонредното собрание на акционери, поставив многу прашања до членовите на управниот и на надзорниот одбор, но не добив никакви одговори. По тој состанок имаше немилосрдна пресметка со сите што дадоа полномоштво на некој друг во кој имаат доверба. Трпевме неверојатен притисок. На 24 април 2014 година, добив решение за отказ, што значеше неоснован израз на самоволие и демонстрација на моќ и на сила. Тоа, во исто време, беше порака и до сите други малцински акционери што сакаа да го кренат гласот – вели Трајчевски.

Тој додава дека по формирањето на „Оилко“, компанијата делела баснословни суми дивиденда на менаџментот, додека „Макпетрол“ за сите овие години работи со загуба. Потсети дека ова командитно друштво е формирано со имот и со капитал токму на „Макпетрол“ и доколку не е оваа компанија, истото не може да работи.

– Бидејќи добив неоснован отказ, колешката која сведочеше на суд, исто така доби отказ два месеци пред пензија.Основен суд  пресуди во моја корист – објаснува Трајчевски.

Малцинските акционери кои се приклучуваат на тужбата се пензионирани, добиле отказ или биле прогласени за технолошки вишок. Тврдат дека има и такви кои сè уште работат, а очекуваат и други малцински и надворешни акционери да го кренат гласот.

Тие се загрижени за судбината на компанијата, која со години пропаѓа и генерира загуби. Велат дека тоа е чудно и необјасниво за најголемата нафтена компанија.

– Како е можно „Макпетрол“ да е во милионски загуби, а компанијата зад која стојат менаџерите и која е најголем акционер, да има огромни профити – прашуваат акционерите.


По четири години, акционерите на Тутунска банка зеле дивиденда


Скопје, 9 април, 2015 - 11:25 (META) 

Една од трите најголеми деловни банки, НЛБ Тутунска банка, ќе подели нето-дивиденда од 496 денари за една акција, што е првпат по четиригодишна пауза акционерите да добијат принос на своите вложувања во акции во банката, пишува „Фактор“.

Оваа веднаш ја крена цената на акцијата на 6.056 денари и тоа е највисока пазарна цена во изминативе 12 месеци тргување, иако е постигната само со една истргувана акција.

НЛБ Тутунска банка во својот неревидиран и неконсолидиран извештај објави дека има добивка за 2014 година во износ од 672,64 милиони денари, поголема за речиси 50 милиони денари од таа во 2013 година.

Лани банката ги зголемила нето-приходите од камати за 194 милиони денари на 2 милијарди денари. За 45 милиони денари во однос на 2013 година успеала да ги зголеми и нето-приходите од провизии и од надоместоци до ниво од 920,5 милиони денари.

Кредитните пласмани на коминтенти, со исклучок на банките, се зголемени за 3 милијарди денари во однос на 2013 година до износ од 38,4 милијарди денари, а депозитите на коминтентите пораснале за фантастични 5 милијарди денари до ниво од 52 милијарди денари.


„Европа“ и „АВТ консалтинг“ купија акции во „Фершпед“


Скопје, 31 декември, 2014 - 14:09 (META) 

Фабриката за кондиторски производи „Европа“ и Друштво за трговија и услуги „АВТ консалтинг“ ДООЕЛ увоз-извоз од Скопје, деновиве купија акции на шпедитерската компанија „Фершпед“, пишува „Е-магазин“.

„Европа“ купила 422 обични акции издадени од шпедитерската компанија „Фершпед“, со што вкупно поседува 1.016 обични акции или 5,61 отсто од основната главнина на друштвото, соопшти компанијата преку Македонска берза. „АВТ Консалтинг“, пак, купила 620 обични акции издадени од шпедитерската компанија, со што вкупно поседува 1.308 обични акции или 7,22 отсто од основната главнина на друштвото.

 


Русија на акционерите на „Јукос“ треба да им плати 1,86 милијарда евра


Москва, 18 декември, 2014 - 11:32 (META) 

На акционерите на нафтената компанија „Јукос“, Русија ќе им плати 1,86 милијарда евра, откако Европскиот суд за човекови права ја одби нејзината жалба.

Руското министерство за правда апелираше да се поништи одлуката за исплата од јули 2014 година, но Европскиот суд ја одби жалбата.

Русија мора да им исплати отштета на некогашните акционери на една од најголемите руски приватни нафтени компании поради нефер даночната постапка, која доведе до банкрот и до ликвидација на претпријатието во 2007 година.