Девојчето од Шведска ги стресе лидерите: Само зборувате за климата, а им ја крадете иднината на децата (видео)


Катовице, 18 декември, 2018 - 19:10 (META) 

Нашата цивилизација е жртвувана заради можноста многу мал број на луѓе да продолжат да заработуваат огромни суми на пари. Нашата биосфера е жртвувана за богатите луѓе да можат да живеат во луксуз, рече 15-годишна активистка од Шведска, Грета Тунберг, на Конференцијата за климатски промени во полскиот град Катовице.

Таа ги обвини светските лидери дека само зборуваат за зелена економска иднина, бидејќи се плашат да бидат непопуларни.

– Вие цело време зборувате за одење напред со истите лоши идеи кои и нѐ доведоа до овој хаос, дури и во моменти кога единствено разумно нешто е да се крене рачна. Вие не сте доволно зрели да ни кажете како стојат работите. Дури и тој товар ни го оставате на нас децата. Вие велите дека ги сакате вашите деца повеќе од сѐ, но, сепак, им ја крадете иднината пред нивни очи – кажа Тунберг, која се обрати во името на глобалната мрежа „Климатска правда сега“.


Во Кина уапсен активист што истражувал за фабрика која работи за Иванка Трамп


Пекинг, 31 мај, 2017 - 11:13 (META) 

Хуа Хаифенг, активист на невладината организација „Чајна лејбор воч“, кој тајно ги истражувал условите за работа на кинеската фабрика што изработува чевли за брендот „Иванка Трамп“, е притворен, соопштија кинеската навладина организација и неговата сопруга.

Според извршниот директор на „Лајна лејбор воч“, Ли Квианг, произведувачот на чевлите од брендот „Иванка Трамп“, кого Хуа го истражувал, ги кршел правата на работниците терајќи ги да работатат прекувремено, исплатувајќи им плати помали од законскиот минимум во Кина, а притиа вербално ги малтретирал и ги кршел правата на жените.

Според наводите на „Чајна лејбор воч“ уште двајца активисти, кои биле вклучени во истрагата за „Хуаџен груп“, се водат како исчезнати, јавува „Би-би-си“.

„Чејна лејбор воч“ наведува дека оваа кинеска фабрика работи и за други брендови, како што се „Карл Лагерфелд“, „Коч“ и „Најн вест“.

Тие го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да изврши притисок врз кинеските власти да го пуштат на слобода Ху.

Како што пренесува „Би-би-си“, кинеските власти не го коментираат овој случај.

Ли рече дека во последните 17 години, ова е првпат некој од истражителите да биде притворен поради истрага што ја води за работата во некоја од кинеските фабрики.

Иванка Трамп е ќерка на американскиот претседател и негов советник во Белата куќа.

Брендот „Иванка Трамп“ произведува женска облека, чевли и чанти.


СНС Македониум: Тодор Петров е портпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ


Мелбурн, 22 јануари, 2017 - 11:11 (META) 

Претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК), Тодор Петров, наместо да ги застапува националните интереси, стана портпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ, вели за „Мета“ заменик-претседателот на новоформираниот Семакедонски национален совет – Македониум, Никола Ставрески.

Тој вели дека Семакедонскиот национален совет – Македониум е национална и непартиска организација, а разликата меѓу нив и СМК е што тие работат тимски и координирано, додека Светскиот македонски конгрес е „човек организација“.

– Ние, Македонците од целата дијаспора, најдовме заеднички јазик по прашањето дека е потребно да се обединиме во една таква организација, преку која, во една позитивна насока, ќе ги штитиме интересите на македонскиот народ. Ние сме национална, непартиска организација и нашата комуникација, засега, се одвива само по електронски пат, затоа што технологијата тоа го овозможува. Што се однесува до прашањето за Светскиот македонски конгрес, за нас тоа е човек – организација и разликата, меѓу нас и т.н. СМК, е во тоа што ние работиме тимски и координирано. Тимот од СМК е во нашите редови и свесно се дистанцираа од Тодор Петров, затоа што тој наместо да ги застапува националните интереси стана потпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ – вели Ставрески.

Семакедонскиот национален совет – Македониум, како што беше наведено во нивниот проглас, е формиран на 19 јануари оваа година, на Богојавление – Водици, од страна на истакнати Македонци од Австралија, Америка, Канада, Словенија, Швајцарија, Италија и од други земји на дијаспората, како и од Република Македонија.

Целта на организацијата е, како што се наведува во прогласот, одбрана на македонските национални интерси.

За претседател е избран Страшко Олумчев, додека заменици претседатели се Нестор Огинар, Никола Ставрески, Ристо Поповски-Лавот, Виолета Матијевиќ и Ицо Најдовски-Перин.


Омбудсманот Саша Јанковиќ потврди дека ќе се кандидира за претседател на Србија


Белград, 26 декември, 2016 - 11:04 (META) 

Српскиот народен правобранител, Саша Јанковиќ, денеска изјави дека ќе се кандидира за претседател на Србија, кога ќе бидат распишани изборите, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

– Ќе бидам кандидат на граѓаните. Како и досега, ќе си ја работам својата работа строго според законите и Уставот. Во Србија треба да постои ред, а не неизвесност и страв – изјави Јанковиќ.

Тој оцени дека Србија е држава на нефункционални институции, без владеење на правото и на социјалната правда, без слобода на медиумите, постои нетранспарентност и корупција.

Јанковиќ додаде дека во државата треба да се изградат европски вредности, законот да важи за сите и да биде посилен од чија било политичка волја, а фирмите да се отвораат поради добри услови за работење, а не поради тајни договори со државата.

Претседателските избори во Србија треба да се одржат напролет. Можни кандидати засега се досегашниот претседател Томислав Николиќ, лидерот на радикалите и поранешниот хашки затвореник Војислав Шешељ, поранешниот шеф на дипломатијата Вук Јеремиќ и лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ.


Полицијата го ослободи приведениот активист Павле Богоевски


Скопје, 19 јуни, 2016 - 22:58 (META) 

Со транспарентот што се обиде да го постави на Камениот мост и поради кој беше приведен, активистот Павле Богоевски во придружба на Уранија Пировска излезе од полициската станица Пролет.

Насобраните граѓани со овации го пречекаа Богоевски и заедно го поставија платното на оградата на полициската станица, а на него пишува „Година по година, криминално здружение! Партијата да се одвои од гатачката! Ај, па и за апсани да си дочекате! Кога славите 10 години МВРО?“.

Богоевски рече дека приврзаници на „Шарената револуција“ денеска се обиделе да направат герила-акација и да постават платно на Камениот мост, но биле спречени од униформирани полициски службеници, како и од припадници на специјалните безбедносни сили.

– Тие, наводно, издале наредба, но ние таа наредба не ја слушнавме и мене ме приведоа. Сега се соочувам со уште еден платен налог за сторен прекршок, кој гласи „прекршок за прекршување наредба на овластено службено лице“. Не е тоа проблемот, проблемот е што ова ги покажува двојните аршини за делење правда на власта. Значи, имаме луѓе кои се обидуваат да пуштат платно од седум метри на кејот, што тие ги апсат, ги врзуваат и ги казнуваат по наредба, а од друга страна имаме извршители на сериозни кривични дела во серија и во повторување кои упорно седат на слобода и кои судовите не можат да се дрзнат да им определат притвор. Тие сторители се фамилијата што е на власт, односно Груевски и злосторничкото здружение. Од тоа нема бегање, правдата ќе мора да ги стигне – рече Богоевски.

Тој немаше забелешка за начинот на приведувањето, но има забелешка за основите на приведувањето.

За изјавата на Никола Груевски на роденденот на партијата, дека „на народот му врие“, Богоевски му посака со среќа да го води народот кој не може да трпи и на кој му врие.

– Ние секој ден на улица гледаме луѓе кои не можат да трпат и на кои им врие, но тие не можат него да го трпат и неговите криминални дејства – рече Богоевски и низ песна му порача на Груевски „Шутка не ти бега Никола“.


„Шарената револуција“ пред ПС „Пролет“ бара ослободување на активистот Богоевски


Скопје, 19 јуни, 2016 - 22:18 (META) 

Неколку десетици граѓани се собраа вечерва пред полициската станица „Пролет“ во знак на револт поради приведувањето на активистот на „Шарената револуција“ Павле Богоевски.

Пред станицата граѓаните извикуваат „слобода “, „ВМРО полициска“, „лопови“ и „држава полициска“.

Сведоци на настанот велат дека полицијата не соопштила зошто го приведува Богоевски,

– Наводно е приведен за попречување на полициско лице при извршување на задача, но никој конкретно не објасни зошто. Само го турнаа на земја и како куче го влечеа без да објаснат зошто го приведуваат – вели една од активистките на „Шарената револуција“.

Во секој момент се очекува пред полициската станица да пристигнат уште поголем број граѓани.
Богоевски, беше приведен при обид да спроведе герила-акција на Камениот мост, спроти Музејот на ВМРО, каде се одржува роденденската забава на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Активистите на „Шарена револуција“ од плоштадот Македонија се обиделе да поминат преку Камениот мост и да стигнат до музејот, но полицијата ги спречила. Тие носеле седум метарско платно на кое било испишано „Година по година, криминално здружение! Партијата да се одвои од Гатачката! Ај, па и за апсаани да си дочекате! Кога славите 10 години МВРО?“.

Камениот мост е затворен за движење, односно дозволено е да се премине од Музејот на ВМРО кон плоштадот, но не и во обратна насока.

Полицијата не им дозволи на активистите да постават транспаренти ниту на кејот на Вардар.


Возилата запалени во Битола биле на активистка на СДСМ и на Грк


Битола, 16 април, 2015 - 11:25 (META) 

Битолчанката Јасмина Кочевска, активистка на СДСМ и сопственичка на „опелот“ што ноќеска беше опожарен, за „Мета“ вели дека е крајно вознемирена од инцидентот, особено зашто нејзиниот автомобил бил запален само пет минути откако нејзиниот син го паркирал пред зградата, во близина на Техничкото училиште.

Синот на Кочевска се вратил дома околу 2.30 часот по полноќ и кога ја отворил влезната врата од станот, слушнал силна експолозија, а веднаш по неа следувале уште четири други. Се симнал пред зграда и видел дека неговиот автомобил е во пламен.

– Како на филм, нашиот автомобил беше вивнат во палмен. Од силната експлозија беше четири метри поместен од местото каде беше паркиран. Огнот се прошири и зафати автомобил на грчки државјани. Сме имале среќа, автомобилот гореше само неколку минути откако синот го паркира. Ужас – вели Кочевска за „Мета“.

Таа се сомнева дека и овој инцидент има политичка заднина. Но, сепак, остава тоа да го докаже истрагата. Тврди дека досега немале закани, ниту таа, ниту нејзиниот син.

Кочевска за себе вели дека е долгогодишен член на СДСМ и остар критичар на власта. Како поддржувач на опозицијата, откако дошла оваа власт, останала без работа по 15 години стаж во образование.

– Јас сум активиостка на СДСМ и дел од локалните структури на партијата. Останав без работа токму кога оваа власт дојде на чело на државата. Години се борев за егзистенција, ме избркаа од работа иако имав решение за постојан работен однос – вели Кочевска.

Како колатерална штета, синоќа настрада и возило на Грк кој престојувал во Битола. И неговата „мазда“ е целосно оштетена.

Оваа недела, за само три дена во Битола се опожарени четири автомобили.

Битолчанецот Марјан Јовановски, чиј автомобил изгоре во понеделникот, тврдеше дека случајот има политичка заднина бидејќи бил активист на опозицискиот СДСМ и остар критичар на власта на социјалните мрежи.

А.Б.


Критичар на Путин пронајден мртов во својот дом


Москва, 6 ноември, 2014 - 12:08 (META) 

Познат руски актер и критичар на претседателот Владимир Путин е пронајден мртов во својот дом во Москва. Телото на Алексеј Девотченко е откриено во неговиот дом, облеано со крв.

Според рускиот таблоид „Лајвњус“, Девотченко со рака удрил во стаклен орман при што се расекол. Смртта настанала како последица на голема загуба на крв.

Порталот јавува дека во близина на неговото тело се пронајдени празно шише виски и пакување од лекови против епилепсија.

Руската полиција соопшти дека не постои причина за смртта на уметникот да се смета за последица на криминално дело.

Четириесет и деветгодишниот Девотченко беше истакнат активист на опозицијата и учествуваше во серија протести против политиката на Кремљ во изминатата декада. Актерот во 2011 година го одби двете државни награди, велејќи дека „му е срам“ да прими награда „од раката на Путин“.