!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Истражување: Судовите во Македонија се најмалку транспарентни во регионот


Скопје, 13 јули, 2017 - 17:14 (META) 

Отвореноста на судовите и на јавните обвинителства во регионот не е на задоволително ниво, покажа истражувањето за степенот на отвореност на судските органи во регионот, спроведено во шест земји од регионот, во рамки на проектот „Актион СЕЕ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Во просек, судовите во регионот задоволуваат 48 отсто од индикаторите за отвореност, додека јавните обвинителства задоволуваат 40 отсто. Транспарентноста на судовите е многу важен елемент кој придонесува кон независност на судството, а транспарентноста во работењето на судовите и јавноста на постапките можат да придонесат за зголемување на довербата на граѓаните во судскиот сиситем.

Судовите во Република Македонија исполнуваат 52 проценти од индикаторите на отвореност, додека Судскиот совет на РМ е незначително подобар и исполнува 58 отсто од индикаторите на отвореност.

Во поглед на обвинителствата, Јавното обвинителство исполнува 51 процент од индикаторите на отвореност, Советот на јавните обвинители исполнува само 38 отсто, а недоволно исполнување на индикаторите од 26 отсто се бележи кај основните и вишите јавни обвинителства.

„Исполнувањето на индикаторите за транспарентност од страна на судовите во Македонија е на најниско ниво, односно судовите исполнуваат само 33 отсто од индикаторите, а кои подразбираат објавување на информациите за организациската структура, буџетот за работа и објавувањето и пристапот до информациите за јавните набавки. За подобрена транспарентност на основните судови, неопходно е да ги објавуваат годишните извештаи за работа на своите веб-страници, што беше констатирано како недостаток при ова истражување. Голем број од основните судови ги немаат објавено овие извештаи, што влијаеше на ниското исполнување на индикаторотот за транспарентност“, се вели во истражувањето.


Локалната власт има низок степен на транспарентност


Скопје, 16 јуни, 2017 - 11:05 (META) 

Општините во Република Македонија исполнуваат 34 отсто од индексот на отвореност, покажа истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот, во рамки на проектот „Актион СЕЕ“ што го спроведува Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“.

„Овој податок е загрижувачки со оглед дека мерењето е направено на обезбедувањето на пристап до информации кои треба да се објавени на општинските веб-страници без да бидат побарани, како, на пример, одлуките што ги носат советите на општините, одлуките што ги носат градоначалниците, записниците од седниците на советите на општините, статутот на општините и деловниците за работа на советите“, велат од „Метаморфозис“.

Истражувањето покажува дека на ниското исполнување на индексот на достапност од страна на општините влијае и нивната недоволна интеракција со граѓаните преку социјалните мрежи, необјавувањето месечни информатори за граѓаните за работата на општините, како и недостигот од јавни дебати за граѓаните за прашања од локално значење, необјавувањето планови за јавни консултации со граѓаните за општинските политики и записници од одржани средби со граѓаните.

Според „Метаморфозис“, за подобрена транспарентност на македонските општини, кои исполнуваат 35 отсто од индексот за транспарентност, секоја активност која е финансирана со јавни пари мора да биде јавна, а информациите за овие активности мора да бидат еднакво и лесно достапни за сите граѓани.

„Индексот на транспарентност, во поткатегоријата транспарентност на буџетите, општините го исполнуваат со 49 отсто. Голем дел од општините ги објавуваат донесените буџети и завршните сметки, но во заштитени ПДФ-формати, што ги прави тешко пребарливи. Исто така, на процентот на исполнувањето на индексот влијае необјавувањето на граѓанските буџети од страна на општините, како полугодишните извештаи за трошењето на буџетот“, се вели во извештајот.


Законодавната власт во Македонија е под нивото на отвореност во регионот


Скопје, 21 април, 2017 - 13:37 (META) 

Законодавната власт во Македонија е најотворена во споредба со извршната и судската власт, но сепак според нивото на отвореност е под регионалниот просек, покажа истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот, во рамки на проектот „Актион СЕЕ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Според резултатите од истражувањето, македонското Собрание исполнува 59 отсто од индикаторите на отвореност, што е под просекот од 63 отсто отвореност на парламентите во регионот.

„И покрај длабоката институционална криза, Собранието сепак е најотворениот прозорец од трите власти, кој редовно ги објавува дневните редови за работа на пленарните сесии и на работните тела, видеозаписите и стенограмските записи од пленарните седници, присуствата и начинот на гласање на пратениците на пленарните сесии, контактите и биографиите на пратениците (но не и нивните плати и средствата кои тие ги побарале за надомест на патните трошоци, а кои секогаш се предмет на интерес и на критика од јавноста и од медиумите), како и редовно објавување на годишните извештаи. Во оваа смисла, Собранието може да претставува пример за отвореност за другите власти, особено за Владата, која не ги објавува ниту дневните редови за работа, ниту записниците и заклучоците од одржаните седници“, се вели во истражувањето.

Надзорот покажува дека собранијата во регионот се главно нетранспарентни кога станува збор за објавување податоци од седници на парламентарни комисии и најчесто не ги задоволуваат ниту минималните меѓународни стандарди на буџетска транспарентност, кои налагаат достапност на финансиските документи за јавноста.


Извршната власт во Македонија со најнизок степен на отвореност во регионот


Скопје, 30 март, 2017 - 12:39 (META) 

Извршната власт во Македонија е на последно место во регионот според степенот на отвореност, покажува истражувањето направено во рамки на проектот „Актион СЕЕ“ имплементиран од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Според Тамара Ресавска, проектен координатор во „Метаморфозис“, анализата е направена врз основа на веб-страниците на институциите, законската регулатива, подзаконските акти и прашалници испратени до институциите.

– Македонија стои најниско во регионот според отвореноста на извршната власт, односно има 36 отсто отвореност според индикаторите, што е поразително. Треба да се работи повеќе на имплементација на преземените обврски. Законот за пристап до информации од јавен карактер е одличен и се наоѓа на високо место, но имплементацијата е слаба. Институциите ги игнорираат и не одговараат на барањата од новинарите за информации од јавен карактер – вели истражувачот Данче Даниловска.

Според истражувањето, македонската влада е на последното место во регионот и исполнува 52 отсто од индикаторите и притоа воопшто не е транспарентна со владините седници, не се објавува дневниот ред, нема записници од седниците ниту, пак, документи.

Отвореноста на министерствата, исто така, е најмала во регионот и исполнува само 32 отсто од индикаторите. Најслабо рангирано министерство, според отвореноста, е Министерството за одбрана, а највисоко котира Министерството за труд и за социјална политика.

– Во делот за јавни набавки, министерствата објавуваат само 13 отсто од годишните планови за јавни набавки. Уште попоразителна е состојбата со другите извршни органи, кои имаат 25 отсто отвореност, а нивната интеракција со граѓаните е најниска во регионот, односно изнесува 11 отсто – вели истражувачот Нада Наумовска.

Истражувањето за извршната власт е спроведено регионално во шест земји од Западен Балкан, во периодот од октомври до декември 2016 година, за да се види колку институциите се придржуваат до стандардите на отвореност. Во Македонија се анализирани 112 институции, а денеска беа презентирани податоците за владата, 15 министерства и за 39 извршни органи. Вакви истражувања ќе се повторат во 2017 и во 2018 година, по што ќе произлезат препораки за институциите како да ја подобрат отвореноста.


Утре во 10 часот финална конференција за проектот „Актион Вишеград СЕЕ“


Скопје, 21 февруари, 2017 - 16:01 (META) 

Фондацијата „Метаморфозис“ утре во хотелот „Холидеј ин“ од 10 часот ќе ја одржи финалната конференција во рамки на проектот „Актион Вишеград СЕЕ“ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа на тема „Патот кон добро владеење“.

Во рамки на конференцијата ќе се промовира план за имплементација на принципите на доброто владеење во земјите од Западен Балкан – „Патот кон добро владеење“.

На конференцијата ќе се одржат две панел-дискусии на тема: „Добри практики од регионот на Вишеградската група и од Балканот“ и „Достапност на податоци и истражувања за доброто владеење“.

„Целта на проектот „Актион Вишеград СЕЕ“ е промоција на едно динамично граѓанско општество кое ефикасно ги мобилизира граѓаните, а со цел нивно активно ангажирање за прашања поврзани со доброто владеење во контекст на пристап кон ЕУ, и кое влијае на политиките и на процесот на донесување на одлуки, како на национално, така и на регионално ниво во Западен Балкан“, велат од „Метаморфозис“.


Институциите затворени, а граѓаните отсечени од носењето одлуки


Скопје, 13 октомври, 2016 - 16:05 (META) 

Има многу инструменти и механизми со кои граѓаните и граѓанските организации можат да учествуваат и преку кои можат да придонесат во доброто владеење, но не ги користат затоа што не знаат дека постојат, а и не им се дава доволно време да ги искористат. Ова е заклучокот од дискусијата и од работилницата за состојбата со доброто владеење и препораките за нејзино подобрување, организирани од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Во рамките на дискусијата, повеќе претставници од граѓанскиот сектор од Македонија ги претставуваа состојбите со доброто владеење во земјава, а потоа ги анализираа начините на подобрување на ситуацијата со претставници на невладини организации од Босна и Херцеговина, Србија и од Чешка.

Бардил Јашари, директор на Фондацијата „Метаморфозис“, вели дека овој проект ќе придонесе преку новите технологии, зборот на граѓаните да биде посилен, потранспарентен, а државните институции да бидат поотчетни за да се зајакне демократијата.

– Граѓаните се отсечени од процесот на донесување одлуки. Невладините организации треба да ги поттикнат граѓаните да ги користат инструментите и алатките, но треба да има и добра волја од страна на државните институции. Во Македонија има тенденција за намалување на довербата на граѓаните кон институциите, но, сепак, имаме причини да бидеме оптимисти затоа што државите вклучени во овој проект имаат европска перспектива – вели Јашари, кој додаде дека македонските државни институции во моментов се многу затворени.

action see vishegrad 3

Ако немаме добро владеење, тогаш нема да имаме задоволни граѓани, вели Гордана Димитровска од Министерството за информатичко општество и администрација.

– Реформата на јавна администрација треба да ги даде основите за да може ги пресретне предизвиците на доброто владеење. Не можеме да зборуваме за одговорност ако немаме владеење на правото. За пофалба е што имаме масовно вклучување на граѓанските организации во третиот Национален акциски план за отворено владино партнерство. Повеќе од 490 организации се вклучија, а имавме повеќе од 100 мерки кои ги имплементиравме – вели Димитровска, која пред почетокот на настанот одби да даде изјава за медиуми, при што новинарите ја обвинија дека присуствува на настан поврзан со транспарентност, а таа не е транспарентна.

Овој настан е дел од проектот „ACTION Visegrad SEE“, чија цел е промоција на динамично граѓанско општество, кое ефикасно ги мобилизира граѓаните за нивно активно ангажирање за прашања поврзани со доброто владеење и кое влијае на политиките и на процесот на донесување одлуки, како на национално, така и на регионално ниво во Западниот Балкан.