Почина актерката Љупка Џундева


Скопје, 7 декември, 2018 - 12:47 (META) 

Почина познатата театарска, филмска и телевизиска актерка Љупка Арсова – Џундева, на 84-годишна возраст, соопшти Македонскиот народен театар.

„Со голема болка и огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на актерката Љупка Арсова Џундева (1934-2018), тивката дама на македонското актерство. Џундева секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија.

Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика.

Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија. Нејзината последна улога на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.

Љупка знаеше да каже дека треба да се најде мирот и љубовта кон луѓето, и колку што е можно човек треба да му се радува на животот. „Ние сме многу малку гости на овој свет“, знаеше нашата Буба. „Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш“, се вели во соопштението од МНТ.

Џундева е добитник на наградата „13 Ноември“, потоа на Наградата за артистичко остварување доделена од Југословенската радио-телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец.

Во богатата театарска, филмска и телевизиска актерска кариера, Џундева оствари стотици разни улоги.


Почина актерката Кери Фишер, принцезата Леа од „Војна на ѕвездите“


Лос Анџелес, 27 декември, 2016 - 22:24 (META) 

Шеесетгодишната актерката Кери Фишер, позната по својата улога на принцезата Леа во филмовите „Војна на ѕвездите“, денеска почина во болница, откако во петокот доживеа срцев удар.

Веста ја потврди портпаролот на семејството Фишер, Сајмон Халс, за магазинот „Пипл“, а во име на ќерката на Кери, Били Лурд.

„Цел свет ја сакаше и многу ќе недостига. Нејзината ќерка Били Лурд потврди дека нејзината сакана мајка починала утрово во 8.55 часот“, стои во соопштението.

На актерката во петокот ѝ се слошило за време на летот од Лондон кон Лос Анџелес, поради што патниците во авионот ѝ пружиле прва помош. Фишер веднаш била хоспитализирана откако авионот слетал.


Анџелина Џоли денеска ќе го посети кампот кај Идомени


Атина, 16 март, 2016 - 10:29 (META) 

Холивудската актерка и амбасадор на добра волја на Обединетите нации, Анџелина Џоли, денеска ќе го посети бегалскиот камп во Идомени за да ја увиди ситуацијата и условите во кои живеат повеќе од 10.000 бегалци.

Џоли се очекува да пристигне во кампот околу 15 часот по локално време. Првично се очекуваше таа да оди во посета на островот Лезбос, каде има најголем дел од бегалците што пристигнуваат директно од Турција во Грција, меѓутоа во последен момент плановите се сменија и таа ќе замине за Идомени.

Според грчкото координативно тело, до утрово се регистрирани 43.407 бегалци низ целата држава заедно со островите. Најголем број од бегалците се во Северна Грција – вкупно 21.575 ,од кои 10.500 се регистрирани во кампот во Идомени.

На островите, пак, има 8.648 бегалци, од кои 4.788 се на Лезбос. Во Атина и во нејзината околина има речиси 12.000 бегалци.

На крајот на септември минатата година, бегалците на македонско-грчката граница ги посети и познатиот актер Орландо Блум, кој, исто така, е амбасадор на добра волја на ОН. Од македонската страна на границата, со мигрантите во прифатниот камп во Гевгелија тој разговараше за нивниот пат, за проблемите во нивните татковини, а особено за децата што минуваат илјадници километри за да стигнат до Западна Европа.