!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почина славниот актер Љубиша Самарџиќ


Белград, 9 септември, 2017 - 15:28 (META) 

Љубиша Самарџиќ, еден од најславните актери во Србија, но и во поранешна СФРЈ, починал во Белград во 81. година од животот, објавија утрово српските медиуми.

Тој починал по едномесечно лечење од леукемија на одделот за хематологија во клиничкиот центар во Србија. Љубиша Самарџиќ во декември минатата година имаше тешка операција на тумор на мозокот.

Неговото последно појавување во јавноста беше на 30 март годинава во Домот на младите во Белград, на отворањето на 64. Мартовски фестивал на документарниот и краткометражниот филм.

Тој беше ѕвезда на голем број филмови во СФРЈ, а потоа и во Србија, а во последните децении на кариератата работеше и како режисер.

Љубиша Самарџиќ беше оженет со Мирјана Самарџиќ, со која беа во брак повеќе од 50 години. Роден е на 19 ноември 1936 година во Скопје, во рударско семејство.


Почина познатиот актер Роџер Мур


Лондон, 23 мај, 2017 - 20:00 (META) 

Британскиот актер Роџер Мур почина во 89-година од животот, соопшти семејство на „Твитер“.

Мур кратко време боледуваше од рак. Почина ви Швајцарија каде живееше во последните години.

Во текот на кариерата оствари серија филмски улоги, а љубителите на филмот ќе го паметат по улогата на тајниот агент 007, Џејмс Бонд, кого го овековечи во неколку филмови.

Мур ќе остане запаметен и по улогата на Сајмон Темплар од телевизиската серија „Светец“, која го лансираше кон Бонд.


Наградата „Ристо Шишков“ годинава во рацете на актерот Зијах Соколовиќ


Штип, 13 септември, 2016 - 19:55 (META) 

Претставата „Мечка“ на Чехов со интеракција на џез-трио на сцената, му ја донесе на Зијах Соколовиќ единствената актерска награда на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Соколовиќ, откако ја прими наградата за највисоко актерско остварување, направи споредба меѓу актерите од овие простори и тие во Европа.

– Свеста за актерот се затвора во некои мали географски рамки. Живеам во Австрија и го подразбирам светот без граници и без оглед што ние политички мислиме, таму конкуренцијата е многу голема и фантазијата е пресудна како облик на комуникација. Не верата, не партијата, не националната припадност. Тоа што не сум роден Австриец е доказ дека, сепак, таму се цени квалитетот, додека овде се живее некако доста ограничено – изјави Соколовиќ.

Актерот кој играше на сцената на речиси сите југословенски театри, сега е професор на актерска академија во Виена и амбасадор на добра волја на УНДП, со бројни добротворни проекти.

На завршната вечер на фестивалот, беа доделени и наградите на „Нета“ (Нова тетарска асоцијација). Од македонските уметници, режисерот Мартин Кочовски ја доби наградата за современа интерпретација, додека наградата за режија отиде во рацете на Слободан Унковски за претставата „Солун – град на духови“. Студентите од ЕСРА од класата на Мето Јовановски ја понесоа наградата за најдобар дебитантски настап.


Почина српскиот актер Милорад Мандиќ – Манда


Белград, 15 јуни, 2016 - 20:12 (META) 

Актерот Милорад Мандиќ – Манда почина во 55. година од животот, откако му се слошило на сцената додека ја изведувал претставата „Петар Пан“ во белградскиот театар „Бошко Буха“, јавува РТС.

Причина за смртта на актерот е срцев удар.

На премиерната изведба на детската претстава, на Мандиќ му се слошило на сцената, поради што претставата била прекината. Актерот веднаш бил хоспитализиран.

Милорад Мандиќ – Манда е роден во Белград на 3 мај 1961 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград, по што станува дел од белградскиот детски театар „Бошко Буха“.

Една од најзабележителните улоги ја имаше во филмот на Срѓан Драгојевиќ, „Убавите села, убаво горат“ (Лепа села, лепо горе).


Почина актерот Велимир Бата Живоиновиќ


Белград, 23 мај, 2016 - 10:19 (META) 

Легендарниот српски актер Велимир Бата Живоиновиќ починал синоќа во болница во Белград, на 83-годишна возраст, објавија српските медиуми. Големиот актер подолго време се бореше со болеста.

Живоиновиќ глумеше во огромен број серии и филмови и повеќе од шест децении беше еден од најсаканите балкански глумци.

Живоиновиќ се занимаваше со политика, а во неколку мандати беше и пратеник во српскиот парламент.


Почина актерот Ацо Јовановски


Скопје, 19 март, 2016 - 9:31 (META) 

Синоќа во Скопје, на 85-годишна возраст, почина актерот Ацо Јовановски, бард на македонското глумиште, кој целиот свој работен век го помина во Драмскиот театар од Скопје.

Ацо Јовановски е роден на 31 декември 1930 во Скопје. Тој е од првата генерација дипломирани актери, а во текот на својата богата кариера работеше во театар, на филм и во телевизија. Има одиграно голем број врвни улоги, како во македонските, така и во југословенските претстави.

Јовановски има одиграно околу 40 филмски улоги.

Филмската кариера ја почнува со улогата во првиот македонски филм, „Фросина“ во 1952 година.

Ацо Јовановски  е единствениот македонски актер кој заедно со Петре Прличко ја има добиено наградата „Славица“.


Тони Михајловски, нов уметнички директор на МНТ


Скопје, 26 ноември, 2015 - 16:18 (META) 

За нов уметнички директор на Македонскиот народен театар, од денеска е поставен актерот Тони Михајловски. Тој доаѓа на оваа функција на местото на Дејан Пројковски, кој само еден месец беше директор на најголемата национална театарска институција во Македонија.

Оваа е прва ваква висока раководна функција на Михајловски од неговото вработување во МНТ, во 1994 година.


Рики Џервејс, водител на „Златен глобус 2016“


Лос Анџелес, 28 октомври, 2015 - 11:31 (META) 

Актерот Рики Џервејс ќе добие шанса да ја води манифестацијата „Златен глобус“ по пауза од три години.

Англискиот актер, комичар и водител е назначен да биде домаќин и водител на „Златен глобус“, на церемонијата во 2016 година. Тој претходно ја извршуваше оваа должност трипати (во 2010, 2011 и во 2012 година), и покрај тоа што доби одлични рејтинзи и критики од публиката пред „малите екрани“, тој доби и силни критики за експлицитниот хумор.

Доделувањето на наградите „Златен глобус“ ќе се одржи на 10 јануари 2016 година, во хотелот „Беверли Хилтон“ во Лос Анџелес.


Орландо Блум ги посети бегалците во Гевгелија


Гевгелија, 29 септември, 2015 - 16:59 (META) 

Познатиот актер Орландо Блум утрово пристигна во прифатниот камп за бегалци во Гевгелија. Тој разговараше со дел од мигрантите и се интересираше за нивниот пат, за проблемите во нивните татковини, а особено за децата што минуваат илјадници километри за да стигнат до Западна Европа.

За време на неговиот престој во кампот, актерот испрати и еден од специјалните возови со мигранти и со бегалци кој оди до северната граница.

Блум е амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ од октомври 2009 година и често е во посета на критични места низ целиот свет.


Почина актерот Кристофер Ли


Лондон, 11 јуни, 2015 - 15:43 (META) 

Актерот Кристофер Ли почина на 93-годишна возраст, јавија странските медиуми. Актерот починал во болница откако бил хоспитализиран поради проблеми со дишењето и затајување на работата на срцето.
Славниот актер, кој е познат по бројни улоги, од Дракула до Саруман во филмската адаптација на делата на Толкин, починал во неделата наутро во болница во Лондон, тврдат изворите.

Одлуката веста да се објави неколку дена подоцна ја донела неговата сопруга, која изразила желба прво семејството да биде информирано за смртта на Ли.

Освен успешна филмска кариера, Ли објавил и серија хевиметал-албуми, вклучувајќи го и „Charlemagne: The Omens of Death“.

Во 2009 година е именуван за витез поради придонесот во театарот и добротворната работа.