!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

АКМИС им бил само украс: Кривичниот и Врховниот суд рачно распределувале предмети


Скопје, 7 декември, 2017 - 16:02 (META) 

Работната група на Министерството за правда констатирала бројни неправилности во работата на Кривичниот суд Скопје и на Врховниот суд во врска со користењето на АКМИ-системот (Автоматизиран компјутерски систем за управување со судски предмети).

Како што соопшти министерот за правда, Билен Саљији, во Апелацискиот суд комисијата утврдила дека АКМИС е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судската управа.

Според наодите на Комисијата, во Кривичниот суд годишен план за движење на предметите бил донесен само во 2013 година. Годишниот распоред за работа на судот во 2016 и 2017 година бил менуван често, односно за две години бил менуван 10 пати. Не се користел модулот за автоматска распределба, туку таа се вршела рачно. Предметите биле распоредувани само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.

При увидот во судот било утврдено дека 860 предмети не се распределени на судии и како што кажа Саљији со ова се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и во годишните извештаи на судот до повисоките судови, судскиот совет и до Министерството за правда.

Во Врховниот суд, АКМИ-системот се применувал спротивно на судскиот деловник и наместо предметот да оди кај судија по случаен избор, него го добива очекуван судија. Исто така, според извештајот на Комисијата во Врховниот суд не било формирано работно тело за управување на движењето со предметите во судот, а годишниот распоред за работа во 2017 година бил менуван девет пати. Не се почитувало ниту начелото за специјализација на судиите, односно судии кои работеле на граѓански предмети се прераспоредувале да работат на кривични и обратно.

Извештајот ќе биде испратен и до другите надлежни институции, кои ќе треба да утврдат дали наводите упатуваат дека претседателите на судовите извршиле некакво кривично дело.

Прашани да посочат кои се одговорни за ваквата ситуација во судовите, министерот и претседателот на комисијата не сакаа да прецизираат, но кратко рекоа дека јавноста добро знае кој во изминатите две години претседавал со судовите.

Во однос на извештајот Министерството за правда упати конкретни препораки до судовите, доследно да ги почитуваат Законот за судовите, Законот за управување со движењето на предметите во судовите и судскиот деловник, потоа формирање и функционирање на работни тела за управување со движењето на судските предмети, претседателите на судовите да поднесѕваат извештаи за реализацијата на нивната работа до Судскиот совет, да се зајакнат контролите на на повисоките врз пониските судови и да се даваат прецизни мерки за следење на констатираните неправилности.

– Министерството за правда му препорачува на Судскито совет постојано да ја следи работата на судовите во имплементацијата на АКМИС-от и спроведувањето на законот за управување со движењето на предметите во судовите и судскиот деловник-рече Саљији.

Тој нагласи дека Министерството за правда во иднина ќе воспостави пракса на постојан увид во функционирањето на АКМИС-от и додаде дека уводот на комисијата ќе продолжи и во останатите судови во државата.


Панчевски: Судските предмети не сум ги распределувал рачно


Скопје, 18 октомври, 2017 - 20:57 (META) 

Судијата Владимир Панчевски во вечерашното гостување на „Топ тема“ на телевизија „Телма“, уште еднаш повтори дека како поранешниот претседател на Кривичниот суд не го злоупотребил автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тој додаде и дека во врска со овој случај се работи за предистражна постапка за друго лице, а не за него.

На новинарско прашање дали судските предмети ги распределувал рачно, тој негираше.

„База на податоци на сите предмети има во Врховен суд и никој не може да интервенира по завршување на тековниот месец. Потребно е посебно барање до Судскиот совет за да се изврши интеревенција. Не сум Џемс Бонд да правам паралелен систем и да местам случаи“, одговори Панчевски.

Во врска со објавување на снимката од претресот на Специјалното јавно обинителство во неговиот дом во медиумите, тој рече дека „во неговиот дом има налепница“ која информира за постоење на видеонадзор и во домот „може да снима и да прави што сака“.

На прашањето, дали додека бил претседател на Кривичниот суд трпел притисоци од политичарите, рече дека тој не познава политичари, немал контакти со нив, не бил фаворизиран од никого и на функцијата бил избран од Судски совет поради постигнати резултати во работата.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со истражители од МВР, на 5 октомври изврши претрес во канцеларијата на Панчевски, против кого, како што тогаш изјави таа, СЈО води предистражна постапка поради злоупотреби на системот за распределба на судски предмети и за оддавање службена тајна.

Претрес беше извршен и во домот на Панчевски, за што тој изјави дека тогаш настапил целосен мрак за правдата во Македонија.


Вангеловски ќе врши контроли во судовите за функционирањето на АКМИС


Скопје, 13 октомври, 2017 - 13:50 (META) 

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, вчера бил во Основниот суд Гевгелија за да изврши контрола во функционирањето на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС) во судот, соопшти денеска Врховниот суд.

Од судот велат дека по добивањето на извештајот од анализата на функционирањето на АКМИС, ќе бидат „донесени соодветни заклучоци, за кои јавноста ќе биде информирана“.

Вакви посети во наредниот период се планирани во сите судови во Македонија, велат од Врховниот суд.

„Се работи за вообичаени активности во насока на подобрување на функционирањето на автоматизираниот систем за управување со судските предмети“, стои во соопштението.

Најавата за проверка на АКМИС во судовите од страна на Вангеловски доаѓа неколку дена откако комисијата што ја формираше Министерството за правда го заврши увидот во Кривичниот суд во Скопје, кој треба да покаже дали имало злоупотреби на автоматизираниот систем за управување со судските предмети, односно дали се местело одредени предмети да бидат распределени кај одредени судии.

Наодите од ревизијата на комисијата, како што е најавено, треба да бидат познати следната недела.

Инаку, од Врховниот суд не информираат зошто Вангеловски прв за контрола го одбрал Основниот суд во Гевгелија. Дел од медиумите шпекулираат дека посетата на Вангеловски на гевгелискиот суд е поради налогот што Специјалното јавно обвинителство го добило од овој суд за претрес на домот на судијата, Владимир Панчевски, кој е поранешен претседател на скопскиот кривичен суд.


Кривичен суд: Отстранет проблемот со системот за издавање потврди за неосудуваност


Скопје, 18 септември, 2017 - 15:19 (META) 

Основниот суд Скопје 1 соопшти дека денеска претпладне бил остранет проблемот со автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС) и дека нема никаков застој во издавањето на потврдите за неосудуваност на кандидатите за градоначалници.

„Ја известуваме јавноста дека во петок, 15 септември 2017 година, во попладневните часови е констатиран проблем со системот за што веднаш е известена компанијата задолжена за негово одржување, по што денеска во 11 часот проблемот е отстранет, системот функционира и нема никаков застој во издавањето на уверенијата од казнената и од кривичната евиденција“, стои во соопштението на Кривичниот суд.

Државната изборна комисија (ДИК) во петокот добила известување од судот дека АКМИС не работи, поради што судот не може да издава потврди за неосудуваност на кандидатите за градоначалници.

Поради ваквата ситуација ДИК издала насоки до општински изборни комисии во Скопје да не подготвуваат решенија за отфрлање на поднесените листи на кандидати во кои не се доставени вакви потврди и уверенија, сè додека АКМИС повторно не проработи и судот не почне да ги издава потврдите и уверенијата.


Кривичен не издава потврди за неосудуваност на кандидатите за градоначалници, системот не работел


Скопје, 18 септември, 2017 - 12:06 (META) 

Вршителот на должноста претседател на Онсовниот суд суд во Скопје, Стојанче Рибарев, во петокот минатата недела ја известил Државната изборна комисија (ДИК) дека автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС) не работи, поради што судот не може да се издава потврди за неосудуваност на кандидатите за градоначалници.

Инаку, од АКМИС се црпат подаотците за потврдите и за уверенијата од кривичната и казнената евиденција на судот, а преку него се распределуваат и судските предмети кај судиите.

Поради ваквата ситуација ДИК издал насоки до општински изборни комисии во Скопје да не подготвуваат решенија за отфрлање на поднесените листи на кандидати во кои не се доставени вакви потврди и уверенија, сè додека АКМИС повторно не проработи и судот не почне да ги издава потврдите и уверенијата.

„Овластените подносители на листи на кандидатите се должни веднаш по добивањето на уверенијата и потврдите од Основниот суд Скопје 1 да ги достават до соодветните општински изборни комисии. Кога се работи за исправка на утврдени неправилности кои се однесуваат на уверенија и потврди од Основниот суд Скопје 1, овластените подносители на листите на кандидати се должни неправилностите да ги исправат во рокот кој им е даден од општинската изборна комисија“, стои во насоките на ДИК до општинските изборни комисии.