!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Ајде“: Уставните судии го убија Уставот!


Скопје, 16 март, 2016 - 17:10 (META) 

„Џелатите на уставноста и на суверенитетот на граѓаните се познати. Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски се петте „тефтер-судии“ кои надвор од очите на јавноста не само што го убија Уставот, туку станаа и директни соучесници во криминалот и во бандитизмот на актулната власт. Уставот на Република Македонија од денеска е мртов!“, се вели во соопштението од  платформата за граѓанска политика „Ајде“, која беше организатор на вчерашниот протестен марш наречен „Да го одбраниме Уставот од Уставниот суд“.

Тие бараат неотповиклива оставка на судиите, владини послушници, но и енергична и отворена реакција и акција на судиите што не гласаа за оваа, според нив, срамна одлука.

„Бараме МВР веднаш да поднесе кривични пријави за организаторите на контрапротестот пред Уставниот суд, но и веднаш да ги санкционира и да ги повика на одговорност сите службени лица што вчера дозволија да биде згазено уставното право на граѓаните на мирен протест со тоа што не ги отстранија навреме учесниците на контрапротестот од местото на кое претходно беше закажан и уредно пријавен протестот на „Ајде“. И нашата граѓанска иницијатива ќе поднесе пријави и ќе бара одговорност од сите оние лица кои не постапија во согласност со Уставот и со законите и кои спречија десетина илјади граѓани слободно да протестираат и да бдеат пред зградата на Уставниот суд. Ја повикуваме меѓународната заедница будно да ги следи случувањата, кои очигледно водат кон продлабочување на политичката криза во државава и кои недвосмислено покажуваат дека во Македонија нема услови за слободни, фер и демократски избори на 5 јуни“, стои во соопштението.

Од платформата за граѓанска политика „Ајде“ велат дека нивните протести нема да запрат.


Од безбедносни причини откажано бдеењето пред Уставниот суд


Скопје, 15 март, 2016 - 23:38 (META) 

Граѓанската платформа „Ајде“ вечерва од безбедносни причини го откажа бдеењето пред Уставниот суд, по дојава дека владејачката партија со автобуси од целата земја носи луѓе за контрапротести.

– Сметаме дека од безбедносни причини, најдобро е да се прекине бдеењето. Имаме дојава дека многу автобуси се тргнати за Скопје во организација на ВМРО-ДПМНЕ и нема потреба да се доведуваме до таква ситуација. Секако ќе продолжиме со нашите активности, ќе видиме што ќе се случи на утрешната седница на Уставниот суд, но дотогаш претпоставувам дека бројот на контрадемонстранти пред судот ќе се зголемува, изјави за „Нова“ активистката Билјана Бејкова.

Таа рече дека и на социјалните мрежи се појавиле пораки со кои од штабовите на владејачката партија се повикуваат членовите со автобуси да тргнат кон Скопје.

Неколку илјади граѓани денеска околу 18 часот, под мотото „Да го одбраниме Уставот од Уставниот суд“, побараа на претседателот да не му се овозможи да помилува лица што се гонат или се обвинети за изборен криминал, педофилија и за трговија со дрога.

Демонстрантите го почнаа протестниот марш пред Владата, па марширајќи продолжија кон Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија и кон Собранието, а потоа се упатија кон седиштето на Уставниот суд. Сепак, поради контрапротестот организиран од партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски, полициски кордон ги сопре демонстрантите кај новиот Македонски народен театар.

Двата протести се одвиваа под зголемено полициско присуство, а регистрирани беа и борбени оклопни возила, како и два водени топа. Протестите се одвиваа во мирна атмосфера.

Уставниот суд утре во 9 часот ќе ја разгледува иницијативата за измена на Законот за помилување, но седницата ќе биде затворена за јавноста и ќе се одржи без присуство на новинари.


Оставки од судиите кои го узурпираат Уставниот суд, побараа граѓаните на протестот


Скопје, 15 март, 2016 - 20:45 (META) 

Неколку илјади граѓани кои протестираат под мотото „Да го одбраниме Уставот од Уставниот суд“ и кои тргнаа од Владата, се собраа пред објектот на новиот Македонски народен театар. Таму е поставена ограда која ја чуваат неколку десетици полицајци, а зад нив има оклопни возила и припадници на специјалните полициски сили. Тие не им дозволуваат да дојдат до платото пред Уставниот суд, каде што е групата граѓани собрана, за, како што велат, да ги бранат институциите.

Пред граѓаните се обрати активистот Петрит Сарачини, кој рече дека е голем срам тоа што илјадници граѓани се спречени да го остварат своето уставно право на протест.

– Убаво е тоа што сме пикнати во овој простор, пред шампита-театарот, затоа што во моментов се игра една валкана театарска игра со народот. Аздисаната власт сака да го закрви народот, но ние нема да го дозволиме тоа. Тие граѓани што се од другата страна се уплашени. Секој ден умираат по малку. Некој им кажува што да прават, што да јадат и како да гласаат. Тука се слободните граѓани. Ние бараме да ни се овозможи пристап до Уставниот суд за да го оствариме нашето уставно загарантирано право на протест – рече Сарачини.

Обраќајќи ѝ се на полицијата покрај заштитната ограда, тој им порача дека заклетва не давале ниту пред министер ниту пред партија, туку пред Уставот и пред граѓаните. Сарачини рече дека нивните барања се јасни, а тоа се оставки од петте судии кои го узурпираат Уставниот суд и работат по партиски директиви, како и повлекување на иницијативата со која ќе се овозможи помилување на педофили, нарко-дилери и лица што направиле изборен криминал.

– Нема да отстапиме. Храбри сме, достоинствени и ќе бидеме тука – рече Сарачини.

На протестот се обрати и Владимир Милчин, кој ги повика граѓаните, тие кои можат, да останат пред театарот, а уставните судии, утре, кога ќе гласаат, ќе знаат дека граѓаните чекаат надвор.

– Бараме оставка од судиите кои го узурпираат Уставниот суд и носат партиски одлуки. Ние нема да заминеме и ова не е последен пат како се гледаме. Ќе протестираме сè додека овие пет судии не си поднесат оставка – рече Милчин.

Активистот Јане Ѓорѓиоски рече дека петте судии кои носат партиски диригирани одлуки го злоупотребуваат суверенитетот добиен од граѓаните.

Пред присутните се обрати и активистот Кочо Андоновски. Тој рече дека власта го гради нејзиниот „црнокошуљашки култ“.

– Градат култ кон смртта и со промените на Уставот сакаат да ги легализираат парите што ги украдоа од граѓаните. Умираат луѓе и деца, а правда сè уште не видовме. Но, ние не се даваме, затоа што друга држава немаме. Нема правда, нема мир – рече Андоновски.

Во еден момент, насобраната толпа сакаше да ја помине заштитната ограда, но не успеа.

Пред театарот се игра претставата „Телетабиси“, во која актерите се потсмеваат со владејачката партија, нејзината предизборна програма и со отчетот за сработеното, „Скопје 2014“, барокот, гласачите од Пустец, пленумците и со протестите и контрапротестите.

Дел од граѓаните најавуваат дека ноќта ќе ја минат таму.

На протестот присуствуваа високи функционери и пратеници од опозицијата, како и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

 


„Ајде“ го осудува запоседнувањето на просторот пред Уставниот суд


Скопје, 15 март, 2016 - 17:19 (META) 

Платформата за граѓанска политика „Ајде“ го осудува запоседнувањето на просторот пред Уставниот суд, на кој беше најавен и пријавен во МВР граѓанскиот протест и бдеењето за одбрана на Уставот.

Од „Ајде“ велат дека со овој контрапротест, власта уште еднаш покажа дека е подготвена на сè за да го спречи владеењето на правото и да ги згази основните слободи и права на граѓаните на Република Македонија.

„Од организаторите на овој контрапротест бараме веднаш да се повлечат од зградата на Уставниот суд, а од МВР да ни овозможи да го оствариме своето уставно право на јавен протест и да поднесе кривични пријави за тие што повикаа и го реализираа овој срамен и безумен чин. Исто така, ја осудуваме и незаконската и кукавичка одлука на Уставниот суд да ја затвори за јавноста утрешната седница на која судиите од тефтерчето на власта планираат да го озаконат нејзиниот криминал и бандитизам“, велат од „Ајде“.


„Ајде“ со протест и бдеење пред Уставниот суд


Скопје, 13 март, 2016 - 17:08 (META) 

Платформата за граѓанска политика „Ајде“ во вторник со почеток од 18 часот ќе организира протест и бдеење за Уставот, затоа што, според нив, уставните судии во среда, на 16-ти март, планираат експресно да ја донесат одлуката за помилување на изборниот криминал и други тешки криминали.

„Бдеењето за Уставот ќе започне со протестен марш на 15 март, во вторник, во 18 часот, пред зградата на Владата. Граѓаните ќе се упатат кон Народната канцеларија на Претседателот на државата, потоа кон Собранието на Република Македонија и на крајот ќе пристигнат пред Уставниот суд и таму ќе останат во текот на ноќта и одржувањето на закажаната седница на Уставниот суд. На ваков начин ние, граѓаните, решително и бескомпромисно ќе им порачаме на уставните судии: Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски дека мора да ја поништат одлуката за помилување и дека мора да си поденесат оставка. Тие се „гробари“ на Уставот и соучесници на власта во изборните кражби, затоа што причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ е повеќе од очигледна“, велат од „Ајде“.


Граѓански протест пред Уставен суд во 13 часот


Скопје, 5 март, 2016 - 10:37 (META) 

Платформата за граѓанска политика „Ајде“ ги повика сите слободоумни граѓани масовно да учествуваат на протест „Да го одбраниме Уставот од Уставниот суд: (Не)уставните судии ја попречуваат правдата!“, пред зградата на Уставниот суд, денеска во 13 часот.

„Ајде уште еднаш јасно и громогласно да порачаме дека ние граѓаните на оваа држава нема да престанеме да протестираме сè додека судиите што ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами и други тешки криминали не си поднесат оставка. Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, не само што се „гробари“ на Уставот, туку се и соучесници на власта во попречувањето на правдата“, велат од „Ајде“.

Од иницијативата истакнуваат дека затоа што попречувањето на правдата е сериозно кривично дело, едногласно го поддржуваат предлогот на Специјалното јавно обвинителство, тоа да биде што е можно побргу воведено и најстрого санкционирано и во правниот систем на Република Македонија.


„Ајде“ в сабота повикува на протест пред Уставен суд


Скопје, 3 март, 2016 - 10:23 (META) 

Платформата за граѓанска политика „Ајде“ в сабота повторно ги повика сите слободоумни граѓани масовно да учествуваат на протест „Да го одбраниме Уставот од Уставниот суд: (Не)уставните судии ја попречуваат правдата!“, пред зградата на Уставниот суд, во 13 часот.

„Ајде уште еднаш јасно и громогласно да порачаме дека ние граѓаните на оваа држава нема да престанеме да протестираме сè додека судиите што ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами и други тешки криминали не си поднесат оставка. Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, не само што се „гробари“ на Уставот, туку се и соучесници на власта во попречувањето на правдата“, велат од „Ајде“.

Од иницијативата истакнуваат дека затоа што попречувањето на правдата е сериозно кривично дело, едногласно го поддржуваат предлогот на Специјалното јавно обвинителство, тоа да биде што е можно побргу воведено и најстрого санкционирано и во правниот систем на Република Македонија.

„Овие пет судии се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“, кој го води Специјалното јавното обвинителство, е повеќе од очигледна. Граѓанки и граѓани, ајде, сите в сабота на 5 март, во 13 часот, да се собереме пред Уставниот суд и да порачаме:„Нема правда – нема мир!“, порачуваат од  платформата „Ајде“.


Протест пред Уставен суд: Штитат злосторничко здружение наместо човекови права


Скопје, 29 февруари, 2016 - 13:17 (META) 

Поголема група граѓани и денеска, третпат, протестираа пред Уставниот суд. Од платформата за граѓанска политика „Ајде“ доставија и писмо во кое му порачуваат на судот дека тој не треба да биде заштитник на злосторничко здружение, туку треба да биде заштитник на човековите права.

Демонстрантите фрлаа тоалетна хартија и извикуваа пароли: „Бандо криминална“, „Сиктер мафијаши“ и „Партиска држава“.

– Протестирам затоа што како граѓанин сум должен да спречам неправда. Уставниот суд треба да ја штити поделбата на власта, а не да ја крши со брзина на светлината. Сето ова се случува затоа што на злосторничкото здружение му се брза да обезбеди амнестија. Сакаат да обезбедат амнестија за тие што фалсификувале лични карти, што спречувале граѓани да гласаат, што рекле „едно ливче нека снема“, што организирале да гласаат починати лица, што вршеле поткуп со наши буџетски пари – рече Жарко Трајановски од граѓанската платформа „Ајде“.

Новинарот и активист Петрит Сарачини рече дека тие што направиле изборен криминал и заплашувале граѓани треба да бидат казнети.

– Шупливата фасада што е изградена со пари на граѓаните, зад себе крие незнаење и некомпетентност. Уставниот суд молчи за секојдневното кршење на човековите права, кое поминува неказнето. Оние петмина судии што ги надгласуваат другите и што работат според дикататот на тефтерчето, ги повикуваме да гласаат според волјата на граѓаните затоа што уште малку време остана, а граѓаните го губат трпението – рече Сарачини.


Денеска повторно протест пред Уставен суд


Скопје, 29 февруари, 2016 - 9:59 (META) 

Платформата за граѓанска политика „Ајде“ ги повикува сите граѓани масовно да учествуваат на денешниот протест точно напладне пред зградата на Уставниот суд.

„Ајде уште еднаш јасно и громогласно да порачаме дека ние, граѓаните на оваа држава, нема да престанеме да протестираме сè додека судиите што ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами и на други тешки криминални дела не си поднесат оставка. Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, гласајќи за оваа одлука, ги згазија и Уставот и правото и правдата. Нивната постапка покажува дека тие ниту го штитат Уставот ниту, пак, јавниот интерес. Тие се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ што го води Специјалното јавното обвинителство е повеќе од очигледна“, се вели во повикот од „Ајде“.

Од платформата истакнуваат дека граѓаните имаат должност „да го одбранат Уставот од (Не)Уставниот суд“!

„Во Македонија мора да има правда, почитување на законите и, пред сè, почитување на Уставот! Затоа, ајде денеска, сите да се собереме пред Уставниот суд, точно напладне! Нема правда – нема мир!“, порачаа од „Ајде“.


Во 17.30 часот, „Ајде“ со протест пред Уставен суд


Скопје, 25 февруари, 2016 - 12:27 (META) 

Граѓанската платформа „Ајде“ и денеска во 17.30 часот ќе организира протест пред Уставниот суд против одлуката на судот да ја разгледа иницијативата за измени на Законот за помилување со кои се овозможува да се помилуваат лица осудувани и гонети за изборен криминал.

„Ние, граѓаните, нема да дозволиме крадците на нашите животи, преку партиски узурпираниот Уставен суд, да си ги спасат своите злосторничко-криминални „кожи“ од издржување на заслужените затворски казни. Нема да дозволиме повторно да си поигруваат со државните институции како да се нивен личен имот или партиски разгранок. Во Македонија мора да се врати правдата, почитувањето на законите и, пред сè, почитувањето на Уставот. На судиите кои се грижат единствено за спасување на своите наредбодавци, ќе им порачаме, јасно, гласно и решително, дека тие се одговорни пред сите нас – граѓаните на оваа држава – и дека не можат и не смеат да го газат Уставот секогаш кога тоа ѝ одговара на владејачката партијата или секогаш кога ќе треба да се спасуваат криминалците во власта“, пишува во повикот за протестот.

Организаторите за денешниот протест порачуваат да се донесат тенџериња, лажици, тави, тавчиња, свирчиња, тапани, други разни тракатанци за протестот да биде поенергичен од вчерашниот.