Земјата во која живееме со Ахмети има име: Република Македонија


Скопје, 9 февруари, 2018 - 10:07 (META) 

Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во интервју за грчки медиум ја даде следната изјава што e невистина, оценува „Вистиномер.мк“:

Ние сме земја без име, имаме едно привремено име, ПЈРМ. Во пракса се обидуваме конечно да добиеме нормално име со преговорите што се водат – изјави Ахмети во емисијата „Историес“ на ТВ Скај.

[Извор: ТВ Алфа –  Ахмети: Ние сме држава без име…, датум: 07.02.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Али Ахмети, пратеник и лидер на ДУИ, што е во коалиција во владата со СДСМ, е очигледна невистина. Според Уставот на Република Македонија, според сите други државни документи и историски факти, сосема е сигурно дека државата во која живееме заедно со Ахмети се вика Република Македонија.

Република Македонија е прогласена за независна држава на 8 септември 1991 година врз основа на резултатите наРеферендумот за независност, а на 17 ноември 1991 година, кога е прогласен  и донесен Уставот, таа е уредена и како таква – самостојна, суверена, независна демократска држава на Македонците и на Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и на сите други граѓани што живеат во неа. Пред Референдумот одржан на 8 септември, со кој граѓаните решија да се одвојат од социјалистичка Југославија, во јануари 1991 година беше донесена Декларација за независност во Парламентот, кој, пак, беше конституиран по првите повеќепартиски избори одржани во 1990 година.

Претходно, во разни форми кои го означувале уставното уредување Република Македонија, носела различни имиња, но секогаш со зборот Македонија од конституирањето на АСНОМ во 1944 на втори август.

Впрочем, Али Ахмети е пратеник во Собранието на Република Македонија од 2002 година до денес.

Тоа што Република Македонија според соодветни резолуции на Обединетите нации денес (во последните 20-тина години) разговара за разликите околу името со Република Грција, е сосема друго прашање, исто како што е друго прашањето околу „привременото име“ за кое зборува Ахмети, а тоа е акронимот Поранешна Југословенска Република Македонија.

Овој акроним, со кој сме заведени во Обединетите нации, според документите на светската организација, е наменет само за внатрешна употреба во рамките на ословувањето во организацијата. Тоа што таквото правило не се почитува во голема мерка е резултат на моќното лоби на Република Грција, која, сепак, не успеа на 130-тина земји да им го наметне нивниот став.

Ахмети во истата емисија, според изворот, но и другите медиуми од каде што го цитираме, изразува готовност и за промена на Уставот поради барањата на Грција, но, сепак, тука нагласува дека ДУИ е подготвена да го стори тоа, со што станува јасно дека и по ова прашање има разлика меѓу коалиционите парнтери во Владата, исто како што има разлика и по прашањето за референдум на кој граѓаните би се изјасниле за решението од разговорите со Грција.

Поради погоре наведените аргументи тврдењето на Али Ахмети дека „земјата нема име“ и дека има само едно привремено име ПЈРМ, ја оценуваме како невистина.

ИЗВОРИ:


ДУИ денеска ќе решава дали ќе влезе во владата, Заев ќе побара мандат


Скопје, 27 февруари, 2017 - 11:01 (META) 

Според најавите од петокот, кога портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, соопшти дека денеска партијата треба да реши дали ќе биде дел од владата што ќе ја формира СДСМ, на кој му ги даде потписите, јавноста очекува произнесување од Мала Речица.  Партијата треба да реши дали ќе влезе во влада со СДСМ или ќе остане опозиција, која ќе дава поддршка на малцинска влада на СДСМ.

Од ДУИ уште нема најава за почетокот на седницата на партијата на која ќе се донесе одлуката.

Освен ДУИ, и Беса и Алијансата за Албанците му ги дадоа потписите на Заев.

По одлуката на централниот одбор на СДСМ во саботата, лидерот на партијата, Зоран Заев, да биде нов мандатар, социјалдемократите сè уште не дадоа официјална информација кога ќе се случи средбата со претседателот Иванов. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, за „Мета“ изјави дека кога ќе имаат повеќе информации, ќе ја информираат јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Груевски вчера обвинија дека владата на СДСМ ќе ѝ стави крај на Македонија во сегашната форма.


Преминаа ли преговорите за влада во преговори за нови избори?


Скопје, 20 јануари, 2017 - 16:00 (META) 

Фрчат партиски соопштенија за сè и сешто – за струјата, за снегот, за СЈО, за загадувањето – само не за владата.

Ни „в“ од влада не се споменува ниту во партиските соопштенија по средбите Груевски – Ахмети и Заев – Ахмети, туку само дека тие разговарале за „позициите на партиите во постизборниот период“.

Никола Груевски веќе 11 дена го држи мандатот, а досега, колку што на јавноста ѝ е познато, имал само една средба со Ахмети и два состанока на извршниот комитет на партијата на кои „му се дава поддршка“. Никој не прашува и никој не кажува на што се арчи мандатот.

Молк и во СДСМ на таа тема. Тие како да чекаат да видат каков ќе биде развојот на ситуацијата.
Партиските челници Антонио Милошоски и Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ и Петре Шилегов од СДСМ, кои деновиве излегуваат во јавноста по други поводи, како од чума бегаат од прашања за владата.

Во меѓувреме, двете партии издадоа десетина соопштенија за одлуката на СЈО да го повлече обвинението за „Пуч“.

Платформата на албанските партии околку која се разгоре полемика, како да падна во заборав, оти и таа е во врска со формирањето на новата влада.

Денеска во Куманово лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави само дека е убеден дека Никола Груевски не може да формира влада.


Атина: Ахмети доаѓа на своја иницијатива, ние сè што требаше му кажавме на Попоски


Атина, 6 јануари, 2016 - 11:57 (META) 

Посетата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Атина задутре, во Грција се најавува како дел од напорот да се најде побрзо решение за безизлезот во кој е заглавен спорот за името. Во анализа на грчкиот весник „То вима“, средбата на Ахмети со шефот на дипломатијата Никос Коѕиас се оценува како дел од грчката стратегија периодов да се најде компромисно решение за спорот.

Грчки извори за „Мета“, пак, коментираат дека посетата на Ахмети е по негова иницијатива во рамки на неговите напори да се одржат контактите со меѓународната јавност.

Нашите извори велат дека оваа средба не е некаква порака од грчката влада, ниту нејзина иницијатива и сите клучни работи што требало да бидат кажани биле разговарани со министерот Никола Попоски.

Али Ахмети со вицепремиерот за Рамковен договор, Муса Џафери, и со вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, на средбата со шефот на грчката дипломатија не одат во својство на владини претставници, соопштија за „Мета“ од македонското Министерство за надворешни работи.

Од МНР велат дека станува збор за партиска средба и оти владиниот коалициски партнер не се координирал со нив во врска со темите за разговорите.

Шефот на кабинетот на лидерот ДУИ, Артан Груби, кој исто така ќе патува за Атина, одби да даде одговор на чија иницијатива ќе се одржи средбата. На сите прашања тој вели дека „сè што треба да се знае, го има во соопштението на ДУИ“.

„То вима“ забележува дека зачестените средби на македонските политичари со Коѕиас може да се прочитаат како знаци што ги потврдуваат информациите дека грчката влада, а особено Коѕиас сметаат дека по априлските избори ќе се отвори прозорец на можности за решавање на спорот за името. Во таа насока се и информациите дека Коѕиас работи на тајни предлози за името.

„Дипломатски извори коментираат дека Коѕиас турка идеи за името што ја следат досегашната практика и се држат далеку од очите на јавноста“, пишува „То вима“.

Весникот пренесува дека посредникот Метју Нимиц е изолиран од овие нови интензивирани грчки активности околу решавање на спорот за името. На страна се чини дека е оставен и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис, иако досега двапати бил испратен тајно во Софија по налог на Коѕиас за да го испита пулсот кај бугарската влада околу идеите за решавање на спорот за името.

Како еден од можните мотиви за засилената грчка активност, весникот ја посочува загриженоста на Атина за идниот самит на НАТО во Варшава. Повикувајќи се на дипломатски извори, „То вима“ забележува дека Атина е загрижена дека на овој самит можно е да се разговара за измена на одлуката од Букурешт и да се покани Македонија во Алијансата без претходно решение за името.


Ахмети до Хан: Го поддржуваме договорот од 2 јуни


Скопје, 5 јуни, 2015 - 13:09 (META) 

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во писмо испратено од еврокомесарот Јоханес Хан, вели дека го поддржува договорот од 2 јуни.

„Би сакал да ја искористам оваа можност за да ја реафирмирам нашата цврста определба за спроведување на договорот постигнат на 2 јуни во Скопје и ќе продолжиме со конструктивниот придонес на сите нивоа за да се реши политичката криза, како и да го отвориме патот на суштинските реформи во корист на сите граѓани и на нашата земја. Истовремено, ја поздравуваме Вашата силна посветеност нагласена во Скопје за Вашето инсистирање да се постигне заеднички компромис и дека Европската унија ќе прифати договор постигнат со согласност на четирите најголеми парламентарни партии“, стои во писмото.


Фрчат оставки во ДУИ, се чека реакција на Ахмети


Скопје, 19 април, 2015 - 15:31 (META) 

За само едно деноноќие, тројца функционери на ДУИ, Шефик Дураки, Арбен Лабеништа и Хазби Лика, поднесоа оставки, двајца од раководни места во партијата и еден од јавна функција, заменик-министер за одбрана.

Незадоволен од организацијата на ДУИ, а особено од функционирањето на разграноците, Шефик Дураки, заменик-претседател на разгранокот на ДУИ во Арачиново, денеска последен од тројцата поднесе оставка од партиските функции.

Вчера, пак, чекорот го повлече заменик-министерот за одбрана Арбен Лабеништа, кој се откажа и од партиските и од јавните функции. Оставка поднесе и организацискиот секретар на партијата, Хазби Лика.

Според Рамадан Рамадани, аналитичар од „Нисма институт“, оставките од партиски функции во голем дел се очекувани и нормални при толку големи партиски проблеми во ДУИ, кои тлеат долги години.

– Но, моментот на совпаѓање на овие оставки како први оставки на режимски функционери, режим кој секој ден сè повеќе едвај се издржува целовит, ја става ДУИ во одлучувачка улога во разрешувањето на политичката криза во земјата, ако ДУИ знае тоа политички да го искористи – изјави Рамадани за новинската агенција „Мета“.

За аналитичарот Алберт Муслиу ова е ретко убава новост во нашиот политички амбиент.

– И на нивниот конгрес видов политички капацитет за такво нешто. Одлуката на Лабеништа е за поздравување затоа што даде оставка и на јавна фукција. Се надевам дека ова ќе стане принцип, затоа што ваквото однесување е европско и е за поздрав. Ова е добра можност во иднина да се почитува општествената одговорност – истакна Муслиу.

Меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ нема табу-теми, пак, е ставот на министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани, даден во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“, на прашање како функционира коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со оглед на актуелната политичка ситуација.

– И во едно семејство понекогаш се појавуваат недоразбирања меѓу членовите, така и ние понекогаш имаме случаи во коишто имаме несогласувања, меѓутоа важно е дека ние сме отворени за дијалог, дебатираме цело време и честопати низ дијалог наоѓаме решение на сите проблеми, така што нема табу-теми коишто не ги отвораме и не ги дискутираме заедно – вели Шабани.

Предност за одговор и за реакција портпаролот на ДУИ, Артан Груби, му отстапи на лидерот на партијата, Али Ахмети, кој денеска треба да има обраќање во Струга.

Груби најави и реакција на разговорот на министерката Гордана Јанкулоска со Зоран Ставрески, во кој таа за него се расфрла со погрдни зборови.


Ахмети до Хан: Неопходно е Брисел да делегира политички тим


Скопје, 23 февруари, 2015 - 13:38 (META) 

„Неопходно е Брисел да делегира политички тим засилен со правни и со истражни експерти поради тоа што ситуацијата во земјава е загрижувачка и демократските капацитети на системот се ставени пред сериозен предизвик. Тој би ги осигурал сите засегнати страни дека процесот ќе биде кредибилен и со интегритет, како и непристрасен, што е услов за успешно привршување на овој случај“, му напиша лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Тој во писмото до еврокомесарот вели дека е потребно што е можно поскоро адресирање на најголемиот проблем на нашата земја, прашањето за името, што ги држи во заложништво стремежите на нашите граѓани со можноста да ги влоши меѓуетничките односи.

„Овој спор мора да се затвори што е можно поскоро, но решението не може да се постигне без интензивното вклучување на Брисел и на Вашингтон во посредништво помеѓу Скопје и Атина. Нашите заеднички напори за да се постигне мир и да се изгради оддржлива демократија во земјава, не може да се сметаат за завршени без интеграцијата на Македонија во НАТО и почнувањето на преговорите за членство во Европска Унија“, стои во писмото на Ахмети до еврокомесарот Хан.


Мета го посети Ахмети во болница


Тетово, 21 јануари, 2015 - 14:35 (META) 

Претседателот на Собранието на Албанија, Илир Мета, денеска го посети лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во тетовската болница. Ахмети за средбата се заблагодари на својот фејсбук-профил.

„Денеска, сепак, се сретнав со мојот стар пријател, претседателот на Собранието на Албанија, иако во малку поинакви околности од предвидените“, напиша Ахмети на својот фејсбук-профил.


Курц се сретна со Ахмети во седиштето на ДУИ во Тетово


Тетово, 21 јануари, 2015 - 10:08 (META) 

Во седиштето на Демократска унија за интеграција во Тетово, лидерот на партијата, Али Ахмети, синоќа го пречека министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц.

Курц на средбата истакнал дека Австрија е пријател на Македонија и целосно ќе ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ, изразувајќи подготвеност да помогнат во овој витален процес за земјата.

За претседателот на ДУИ потребна е силна меѓународна интервенција во спорот меѓу Скопје и Атина бидејќи без надминување на прашањето за името, Македонија не може да стане членка на НАТО ниту да ги почне преговорите за членство во Европска Унија.

 


Ахмети: Враќањето на опозицијата во Собранието отвора пат за дијалог


Скопје, 25 декември, 2014 - 16:35 (META) 

Интеграцијата во НАТО и во ЕУ значи поголема стабилност за нашата земја и за регионот. Држава со поголема сигурност и стабилност е силна гаранција за добро развивање на економијата, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешното новогодишно обраќање во хотелот „Александар палас“ пред членството на партијата.

–  Оваа држава има потреба повеќе од кога и да е да биде член на овие две големи структури бидејќи тоа го очекуваат нашите граѓани. Организирањето на трета партија на Албанците во Македонија е многу штетно. Со формирањето повеќе политички партии се прави поделба и се распарчува гласот на Албанците – истакна Ахмети.

– Ние не го гледаме решението доколку им го одземеме мандатот на наште колеги пратеници. Овој мандат не го регулира прашањето туку нивното враќање во Собранието отвора пат за дијалог. Не еднаш сум кажал дека за добри идеи тие имаат партнер во ДУИ – рече Ахмети.