!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Регионален министерски тим ќе ги санира штетите од кризата во „Агрокор“


Белград, 19 април, 2017 - 16:44 (META) 

Министрите за трговија и за економија на Србија, БИХ, Словенија и на Црна Гора денеска на состонок во Белград се договорија да формираат министерски тим за заедно да спречат случајот со хрватскиот концерн „Агрокор“ да биде на шетата на фирмите – ќерки во земјите од регионот.

На состанокот на ресорните министри на регионот за „Агрокор“, присуствувал и премиерот на Србија, Александар Вучиќ, кој потврдил дека Србија нема да дозволи домашните компании да трпат штета поради кризата во „Агрокор“.

Министерскиот тим секојдневно ќе разменува информации за состојбата со фирмите – ќерки на „Агрокор“ во Србија, БИХ, Црна Гора и во Словенија, а ќе се бара и разгвор со претставниците на хрватската влада, која воведе принудна управа во „Агрокор“.

Министерот за трговија и за економски односи на БИХ, Мирко Шаровиќ, по состанокот изјавил дека очекувањата на учесниците од денешниот состанок во Белград се дека сите компании на „Агрокор“ ќе бидат рамноправно третирани при финансиска стабилизација на хрватскиот концерн.

Министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ, изјавил дека Србија е во нешто подобра позиција отколку другите земји во кои „Агрокор“ има компании, бидејќи „Меркатор С“, кој вработува околу 9.000 работници е во мнозинска сопственост на словнечекиот „Меркатор“.

Тој додаде дека договорот за заедничко решение не е насочен против никого туку ќе придонесе за стабилизација на „Агрокор“.

Хрватскиот гигант „Агрокор“ кон крајот на минатиот месец потпиша предстечаен договор со банките и со другите кредитори, на кои им должи околу 10 милијарди евра, за да се направи напор да се задржи ликвидноста на компанијата. Сметките на „Агрокор“ се блокирани поради долг за даноци од околу 10 милиони евра.


Министерски состанок за „Агрокор“ утре во Белград


Белград, 18 април, 2017 - 15:14 (META) 

Во Белград за утре е закажан состанок на министрите за трговија и за економија на Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и на Црна Гора, на кој ќе се разговара за случајот со хрватскиот концерн „Агрокор“.

На состанокот, на кој не се поканети претставници од Хрватска, се очекува да се стане збор за тоа како да се задржат работните места во фирмите што се во состав на „Агрокор“, да се заштитат интересите на набавувачите и како да се спречи одлив на пари од фирмите на „Агрокор“ во регионот во матичната компанија.

Во состав на „Агрокор“, чие седиште е во Загреб, има повеќе од 60 фирми од земјите од регионот, кои вработуваат околу 60.000 луѓе.

„Агрокор“ во Србија е сопственик на фирмите „Меркатор С“, „Дијамант“, „Фриком“, „МГ Мивела“, „Кикиндски млин“ и „Нова слога“, кои вработуваат околу 11.000 работници.

Хрватскиот гигант „Агрокор“, кон крајот на минатиот месец потпиша предстечаен договор со банките и со другите кредитори, на кои им должи околу 10 милијарди евра, за да се направи напор да се задржи ликвидноста на компанијата. Сметките на „Агрокор“ се блокирани поради долг за даноци од околу 10 милиони евра.


Светски познат консултант ќе го спасува „Агрокор“


Загреб, 5 април, 2017 - 11:23 (META) 

Антонио Алварез Трети, новоназначениот извршен директор за реструктурирање на хрватскиот гигант „Агрокор“, вчера попладнето пристигна во Загреб и го претстави и својот тим, во кој е само едно лице по потекло од Хрватска, јавија хрватските медиуми.

– Нема никаква гаранција дека ќе успееме, но нема да бидам сам, имам тим што го одбрав. Ќе комуницираме со сите кредитори и компании и очекуваме напредок во целиот процес. Сакаме да создадеме отворен однос. Ќе направиме сè за да ги зачуваме работните места. Мојот прв чекор е да создадам стабилност – вели Алварез.

Хрватскиот гигант „Агрокор“, кој работи и во Србија, БИХ и во Словенија, минатата седмица потпиша предстечаен договор со банките и со другите кредитори, на кои им должи околу 10 милијарди евра, да се направи напор да се задржи ликвидноста на компанијата. Сметките на „Агрокор“ се блокирани од минатата седмица поради долг за даноци од околу 10 милиони евра.

Алварез Трети има 25-годишно искуство и е еден од водечките независни глобални советници за реструктурирање. Тој е извршен директор за реструктурирање во познатата консултантска куќа „Алварез и Маршал“, која работи низ целиот свет, а денес вработува повеќе од 2.900 луѓе во 45 канцеларии во 18 земји на четири континенти.